Музичар

Данијела Мартиновиќ: Кога ќе преминете преку својот страв, се случуваат убави нешта

Интервју со
Данијела Мартиновиќ
29 јануари 2020

Со својата непосредност, а со светлината на голема музичка ѕвезда, Данијела Мартиновиќ е човек со кој ќе посакате да испиете кафе, да уживате во нејзиното друштво и да ја искусите таа нејзина чиста енергија, ќе посакате да ви биде и пријателка и соговорник со кој со часови ќе може да разговарате на теми, длабоки и суштински. Ние го имавме задоволството. Данијела беше во Скопје за да го најави својот концерт во рамките на нејзиното необично патување насловено „Neopisivo" како елегантен спој на музика во нов аранжман, поезија, танцување... 14 февруари во МНТ се датумот и местото на закажаната средба, меѓу извонредната уметница и нејзината публика која сега ќе има единствена можност да танцува во ритам на салса, самба, свинг, танго... на нејзините познати хитови, ама во нов аранжман. Данијела ќе каже дека таа секој ден ја слави љубовта, дека Валентин може да го честита и среде лето, ама се сложува дека ако овој ден има улога да ги потсети луѓето секој ден да ја слават најсилната емоција, тогаш таа со задоволство ќе биде дел од прказната...

Данијела Вашето следно доаѓање во Скопје ќе биде малку поинакво. Најавувате концерт на 14 февруари во рамките на турнејата „Neopisivo" кој ќе понуди ново и возбудливо доживување за публиката. По што е различен неговиот концепт?

-Моето концертно доживување на „Neopisivo" е нешто комплетно различно, нешто што досега никогаш во мојата кариера не сум го направила. Тоа е еден спој на „The best of"... Песни по мој избор. Тоа се песни со нов аранжман, во ново музичко руво и со нови инструменти како виолина, контрабас, кларинет... А исто така и во нови ритмови, како танго, самба, салса, свинг... Значи нешто целосно поинакво. Во тие делови меѓу песните, на тоа музичко патување, ги рецитирам стиховите од мојата збирка поезија. Така што тоа е истовремено и еден нов звук и едно целосно ново доживување.

Турнејата во Хрватска имаше хуманитарен карактер и тоа е уште еден нејзин значаен белег. Што вели Вашето искуство, во време на заборав на вистинските вредности, постои ли уште емпатија кај луѓето?

-Турнејата почна како хуманитарна, трите концерти во Хрватска како вовед во целата приказна беа со хуманитарен карактер. А остатокот на оваа приказна за „Neopisivo" според мене ќе трае уште долго, така што сега преминува во комерцијални концерти. И да, има уште емпатија кај луѓето. Кога ќе навлезете во таа сфера, тогаш гледате дека добри луѓе се уште има. Дека луѓето навистина во својата срж се добри, но едноставно немаат прилика тоа да го покажат или се плашат или можеби се фатени во вртлогот на својот живот за да ги задоволат своите и потребите на опкружувањето, општеството, семејството... Но, луѓето се навистина добри. Нив всушност треба само да ги потсетите на тоа колку се добри. И затоа целета оваа работа на овој проект, меѓу останатото, ми беше навистина значаен.

Вашите хитови добиваат нов аранжман и нов ритам низ оваа турнеја. Умее ли публиката да го фати новиот ритам?

-Да, да, да... Јас кога го имав концептот во мојата глава за овој проект, ми беше навистина тешко да им опишам на луѓето што е всушност тоа. Но, кога публиката дојде на концертите, реакциите беа над сите мои очекувања и над сите мои замисли. Тоа што е интересно е дека ниту еден концерт не е ист. Во секој град, во секоја сала, концертот секогаш е поинаков, а тоа зависи од самата публика. Тоа е една интеракција помеѓу мене и публиката, а врз основа на реакциите на публиката јас го одредувам смерот на концертот. И затоа секој е различен и уникатен.

Со оглед на тоа дека концертот е на симболична дата, 14 февруари кога сè е во знакот на љубовта – што е за Вас љубов? И дали во современ контекст се банализира и материјализира нејзиното вистинско значење?

-За љубов се зборува од почетокот на постоењето. Целата креација настанала од љубов. Мислам дека сè друго е несфатливо. Не се објаснува. Ние се трудиме како луѓе да дадеме дефинција што би требало всушност љубовта да значи, но мислам дека кога ќе ја допреме вистинската, правата љубов, добиваме некаков животен блесок. Во онаа вистинска смисла. А кога ќе ја допреме знаеме дека едноставно тоа е тоа. Затоа се исплаќа да се живее, да се постои и да се продолжи патот по кој одиме. Денеска во ова современо живеење, луѓето од сè прават некои материјални замисли, жвееме во општество на консумеризам и сè се пресметува преку собирање или одземање... Јас секако не сум поборник на таквот пристап, но ако тој датум служи за добро, луѓето да се потсетат барем на тој ден дека на сопругата треба да ѝ купат цвеќе или да кажат те сакам, или да и подарат внимание и обратно, тогаш мислам дека и тој датум е добар. Јас ја живеам љубовта секој ден. Јас измислувам датуми, јас денот на љубовта го честитам во среде лето или во некој небитен ден. Ја славам љубовт секој ден и тоа не е некоја излитена фраза, секој ден е Валентин. Јас едноставно така живеам.

Зошто ѝ требаше долго време на поетесата во Вас да се открие пред јавноста?

-Мислам дека за сè во животот доаѓа некое време кога е созреано. Мислам дека можете овошјето да го оберете додека е зелено, но нема да може да ги вкусите сите негови сокови. Нема да можете во целост да го вкусите бидејќи можеби ќе биде кисело, тврдо или нејадливо. Така почнав да пишувам во моменти кога тоа беше наједноставниот излез од една моја состојба... Сите луѓе кои добро ме познаваат и се мои блиски, знаат дека јас сè доживувам многу длабоко низ животот. Можеби треба работите да ги поедноставам, но јас сум едноставно таква. Тоа во животот ми даде доста тешки моменти, а од друга страна добив такво преубаво доживување на животот, така што апсолутно никогаш не би го менувала. Во еден таков предизвикувачки период во мојот живот, едноставно без размислување почнав да пишувам. А немав намера да издадам книга поезија. Едноставно пишував за себе. Како што почнав да пишувам, до денес не сум застанала. Открив еден целосно нов контнент во самата себе, на кој го извлеков својот мал брод од немирното море. И на тој континент се чувствувам толку добро што, сè она што го преживувам и што поминува низ мене, среќна сум што преку овие две мои книги поезија дојде до срцата на луѓето, кои исклучително добро ги прифатија. Никогаш не се надевав дека можеби некоја критика тоа ќе го препознае, но ете кога ќе преминете преку својот страв, се случуваат убави нешта. И критиката навистина го пофали мојот израз преку пишувањето.

Колку во денешната модерна музика има поезија?

-Денеска пазарот и во музичката индустрија е пренатрупан со сè и сешто. Но, од една страна тоа е добро затоа што вие може да одберете она што вам ви се допаѓа. Не мора тоа да биде задолжително она што е во тренд. Тоа не е индикатор дека нешто е вредно. Или помалку вредно. Трендот е нешто што моментално масата го прифаќа, но не мора да значи дека е добро и дека мора да биде наш личен збор. Има толку прекрасни млади луѓе на социјалните мрежи, на јутјуб, кои ни даваат прилика да ги видиме и слушнеме тие млади таленти. Некои од нив се развиваат во различни сфери. И навистина веќе нема гранци. Може да учиме од некои деца кои се на другиот крај на планетата, кои пеат така спектакуларно што ви се чини дека дошле од некоја сосема друга планета. Така што во денешната музка може да се најдат навистина добри стихови поезија.

Имате благородна енергија, едноставно плените и веројатно тоа често Ви го кажуваат затоа што просто е така. Кој е еликсирот на Вашата внатрешна (покрај надворешната) убавина?

-Кога ќе го спознаете она, кога навстина ќе го спознаете, а не само како збор што некаде сте го прочитале, дека ние сме толку посебни и дека секој човек е прекрасен и дека никогаш никаде нема да се повтори некој како вас... Кога навистина го сфатив тоа, а тоа најчесто се случува во моменти кога не се чувствувате најдобро, (тагата не е чувство кое се појавува без причина, тоа е врата кон нашата длабочина), кога ќе се продрете во таа длабочина, а тоа јас навистина го почувствував, дека нема навистина ништо поубаво од тоа да уживате во тоа што сте. Дека човекот е многу поголем отколку што себе си дозволува да си признае. Дека е многу помоќен отколку што се осудува да верува. Дека тој траг што може да го постави, не може да се избрише. Веројатно тоа зрачи од мене. Кога луѓето ќе ме видат во живо, ќе ми кажат вие сте многу поубава во живо отколку на слика или тв... А јас всушност мислам дека во прашање е чиста енергија. Чувствувате дека тоа што јас го носам е вистинска енергија, дека не е „фејк". Дека јас не лажам бидејќи сега тоа е модерно, што се очекува од луѓето кои се популарни. Затоа сакам да ви заблагодарам на вашите прекрасни зборови, а јас навистина ви посакувам, овој пат што јас го изодев за сето тоа комплетно да го спознаам, да го поминете и вие, бидејќи тогаш ќе ја сфатите важноста на тоа дека ништо на овој свет не е побитно од тоа да го проживеете својот ден до крај. Среќно.

Помеѓу „Magazin" и турнејата „Neopisivo" колку Данијела се трансформираше професонално низ годините? Поинакви ли се Вашите гледишта?

-Навистина многу се трансформирав. Во едно основно поимање на мојот живот, навстина сè уште сум едно разиграно девојче, навстина така го доживувам светот и тоа дефинитивно нема да се промени. Бидејќи тоа сум јас. Во однос на останатите нешта... Пребројав дека поминале точно 30 години откако јас дојдов во групата „Magazin". Дефинитивно се променив од аспект на стекнатото искуство. Тоа е она што е важно. Кога имате проживеано искуство, тогаш најчесто доаѓате до некаква мудрост, што мислам дека ми се случи. Клучно ме водеше низ мојот професионален развој, е што останав верна на моите внатрешни импулси. Имаше многу навигацја низ мојот живот, од професионален аспект, насочувања, што би требала, како би требала, да излгледам, да пеам, да се однесувам, така што сфатив дека во еден момент целосно се изгубив и дека тоа не сум јас. Па набрзо се вратив на себе. Бев многу тврдоглава, верна на себе, без оглед на тоа што многу се потсмеваа и одмавнуваа со рака на тоа. Но, кога вие самите знаете дека срцето ви е на место, тоа е единствен параметар дека го живеете своето и својот вистински живот. Порано или подоцна сè околу вас ќе покаже дека тоа што сте останале верни на себе, е единственот вистински пат , а тоа ете мене ми се случи. Моите погледи можам да кажам дека, во однос на моите колеги, се многу поразлични. Јас некако поинакво чекорев, поинаку ги доживувам работите, ретко кога кажувам дека пеењето е моја работа. Тоа е моја љубов, јас живеам во целост за тоа. И заедно со пишувањето поезија, е исполнување на сите мои соништа, во мојот најубав животен период. А тоа сигурно така ќе остане многу, многу долго.

Кое начело Ве води во професионалниот свет?

-Принципот што ме води во професионалниот свет, не е различен од оној во приватниот. Кога ќе ме запознаат луѓето, знаат дека Данијела, сега и вака, која овде вака седи и одговара на интервју и во моментот пие кафе, таа не е различна од Данијела што ја знае јавноста. Јас сум едноставно Данијела и тука и на сцена и тој дел во мене апсолутно не е променет и не се менува никогаш. А во професонална смисла, секогаш ме води тоа да бидам вистинска. Секогаш кога сум почувствувала дека во нешто не сум вистинска, јас од тоа сум се откажувала. Како на пример различни соработки кои можеби би донеле големи успеси, големи пари, но тоа мене ми било лажно... Едноставно не сум ги прифаќала. Зборувам за целиот овој перод од 30 години. Иако можеби тоа за некои други не било прифатливо, јас секогаш сум носела такви одлуки. Кога си вистински, не може да останеш сам, затоа што вистината ве носи на најдобриот можен пат.

Среќа или проклетство да се биде уметник, особено на Балканот?

-Кога сум ги читала бографиите или автобиографиите на тие големи светски музичари и уметници, сум сфатила дека сите тие правила се идентични, само што се мултиплицирани. Ќе направиш песна, па албум кој може ќе биде дебакл или пак ќе биде совршен, па некој нема да ве препознае... Така што мислам дека ние овде на Балканот не сме многу различн од остатокот на светот, само сме тука каде што сме, во рамки во кои сме зборувајќи јазик на кој може да се обраќаме на нашето говорно подрачје.

Која е Вашата најголема утеха и наспроти тоа, кој е Вашиот најголем страв?

-Најголема утеха ми е тоа што имам свое семејство, што сите ми се на број, сите се живи, здрави, присутни, сите сме на една иста маса, нема празни столчиња. Тоа ми е најголемата утеха, кога знам дека што и да се случи, семејството е тука. Имав прекрасно детство, прекрасни родители, а тоа ми е најголема утеха, кога знам дека сè уште може да си дојдам дома, да ги соблечам чевлите, да седнам во скутот на татко ми(да уште го правам тоа) да и кажам на мајка ми да ми направи супа. Тоа е од непроценлива вредност за која најчесто, прекасно сме свесни. А јас ја имав таа среќа да ме опкружуваат луѓе кои знаат да ми кажат, знаеш ли колку си среќна што се уште ги имаш твоите родители. А мојот најголем страв, се уште се учам да го прифатам терминот „конечно" дека нешто завршува, конечно заминува, конечно се збогува... Не сакам заминувања. Но, се учам, од момент во момент. Поминувам низ моите стравови, сум се соочила со тоа и сум станала подобра личност. А постојат некои нешта кои вечно ќе останат страв, додека не дојде оној вистински момент, а тој е најчесто само еден.

Со каква мисла го почнувате денот?

-Својот ден го започнувам прилично несфатливо за луѓето, во однос на тоа како тие замислуваат како би требало денот да го започне еден музичар и уметник. Јас се будам помеѓу 5 и 6 часот наутро, нормално кога немам концерти. Првите неколку часови сум во таа своја тишина, во утринска дисциплина. Ги обожувам тие утрински моменти кога целиот град сè уште спие. Наутро сум многу креативна. Знам и по неколку часови да пишувам, да бидам во тоа креативно расположение. Во тој дел од денот ги имам најубавите идеи за пишување. Во својот дневен распоред си воведов термин за утринска дисциплина, затоа што сфатив дека тогаш преубаво се чувствувам. Очигледно дека сум утрински тип на човек и сите креативни идеи ги добивам токму во тие утрински часови.

Актуелни сте и со Вашиот YouTube канал # #danijelabezfiltera. Како модерно општество се опседнавме со филтрирана и лажна слика за себе и за другите. Како Вие лично гледате на оваа генерална тенденција?

-Да, го започнав мојот јутјуб канал каде имам желба да зборувам или да интервјуирам луѓе кои се посебни. Сум запознала многу под наводници обични луѓе, кои имаат прекрасни, големи, необични животи приказни, а кои немаат прилика да ги споделат со јавноста, да ги видат и слушнат. Тоа се вистински животни приказни кои имаат навистина моќна порака и затоа сакам да се слушне за нив. Во 2020 уште поинтензивно ќе се занимавам со тој канал, затоа што имам многу сфери на интерес. Мене 24 часа ми се прекратки, би сакала денот да трае многу повеќе за да можам да го постигнам сето она што го сакам. Имам веќе неколку договорени разговори со неколку прекрасни луѓе, а паралелно ќе правам „кавери" на некои песни, на необичен начин. Тоа се песни кои не сум ги отпеала јас, но мене ми се при срце. Тоа е една моја „јутјуб" сликовница. А инаку модерното друштво дефинитивно е опседнато со „филтрите", постои многу лага, но во основата на сето тоа стои исклучиво и само страв. Кога луѓето би се соочиле со својот страв... A тоа е најчесто страв од неприфаќање, или од осуда, од тоа дека нема да се вклопат... И тогаш тие прават сè за да бидат прифатени, да им се допаднат на другите, па живеат целосно лажен живот. Тоа не би го осудила, бидејќи знам која е основата, од каде доаѓа тоа што го прават луѓето, туку едноставно би се фокусирала на тоа луѓето повеќе да ја зајакнат другата своја страна, затоа што навистина можеме многу добро да направиме. Не трошете време на осудување, туку целата сила насочете ја на креирање на нешто добро и убаво.

Која е Вашата следна адреса?

-Ден пред концертот во Скопје пеам во Љубљана, а исто така планирам да направам турнеја низ цела Словенија, а во план ми се настапи и во 5-6 градови во Македонија. Во агендата ми е и Хрватска, на неколку интересни, необични локации, бидејќи ја поддржуваат целата оваа приказна. Моето ЦД „Neopisivo" излегува кон крајот на февруари, а вклучува мои 18 преаранжирани песни, како и една нова песна „Човек без адреса" на која за прв пат се потпишувам како ко-автор на музиката и текстот заедно со Зоран Мишолонгин. Кон крајот на годината ќе ја промовирам и мојата трета збирка поезија која е веќе спремна.

Се гледаме на концерт!

 

Објавено:
29 јануари 2020
object(stdClass)#480 (8) { ["nid"]=> string(5) "23463" ["ga_count"]=> string(4) "2682" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1687212000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1687212000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.682 пати