Зад страниците исполнети фантастична облека, приказни раскажани преку фотографии и часови вткаени во рачната работа, се крие моќта на списанието, како од глина да ја обликува самодовербата на жената.
Повеќе од 20 години наназад, модните библии ги исполнуваа страните со статии од типот: „Како да изгубите 10 килограми за неполни два дена", додека од насловната страница ви се смешка слаба, но сепак фотошопирана манекенка во најкраткото фустанче кое некогаш сте го виделе, небаре е ремен.
Ако во 90-те се славеа Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон, Клаудија Шифер и Наоми Кемпбел поради нивната сексапилност, витост, височина и женственост, со текот на годините тој модел на имитација беше турнат од страна на списанијата, а со тоа и на дизајнерите, па го заменија со неверојатно слаби манекенки, без женственост и облини.
Дизајнерите ги извитоперија женствените симболики и убавината на женското тело, па манекенките кои на почетокот на новиот милениум и последниве десетина години ја претставуваат нивната облека, сѐ помалку наликуваа на жени, а сѐ повеќе на закачалки. За тоа се погрижија Александер Меквин и неговата колекција за есен 2009 година и Том Броун, да речеме секоја година. Ова се само двајца, а ги има многу.
Сѐ поголем број млади девојки, манекенки, почнаа да потпаѓаат во виорот на нарушувања во исхраната, обидувајќи се да држат чекор со барањата на индустријата. Таков беше и примерот на манекенката Изабел Каро, која во 2010 година почина како последица на намален имунитет предизвикан од анорексија.
И одеднаш, нештата зедоа да се менуваат како некој да го превртел песочниот часовник наопаку. Последните неколку години ги славиме облините. Ешли Грем стана редовна (речиси и здодевна) на насловните страници на магазините. Модните куќи ги користат лицата на плус сајз моделите за потребите на своите кампањи, а последните колекции безусловно имаат барем по една манекенка со вишок килограми која чекори на модната писта. И сѐ е добро.
Сега конечно се слави женското тело токму онакво какво што е. Повеќе ги нема иритирачките погледи на Гема Вард со своите 45 килограми на насловната страна во трафика, која Ве ѕирка додека купувате газиран сок и чоколадо. Нема потреба да лепите фотографија од супер модел на фрижидерот за да ве потсети дека не треба да јадете. Сега секој од нас треба да се чувствува добро со сите свои плус и минус килограми.
Но, историјата покажува дека како вид, не сме многу склони на умереност и граници. Ретко ги гледаме, а често ни се прават невидливи, па ако успеавме од анорексија да преминеме на облини, дали сме само чекор поблизу до преголем број килограми? Дали забегуваме кон другата страна на оската? Дали дебелината станува уште еден моден тренд, опасен по здравјето?
Оваа тема долги години се поставува како прашање низ редакции, особено модните. Дали правиме грешки, промовирајќи погрешна слика за тоа како треба да изгледа жената? Дали воопшто треба да има шаблон за тоа како треба да изгледа жената? И зошто да? Разговаравме со специјалист кардиолог др Емилија Лазарова, нутриционист Билјана Ристеска, социолог Ивана Драговиќ, модната блогерка Никица Ацевска и пејачката Ивона Јо за разрешување на неколку дилеми.
Ивона Јо: Секое тело заслужува љубов, почит и разбирање
Еден необично сончев февруарски ден, пејачката, Ивона Јо, на својот Инстаграм профил објави фотографија од себе, во беж свилен слип фустан на прерамки. Безброј портали за молскавичен временски период ја објавија нејзината фотографија и описот кој стоеше под неа. За уште пократко време, лавина коментари го преплавија интернетот. Некои позитивни, некои крајно негативни. Нас нѐ инспирираше да ја извадиме темава од фиока и да се обидеме да ја исцртаме онаа граница, која ако ја нема, може повторно да нѐ турне во бездна.
View this post on Instagram
„24 години поминав срамејќи се од своето тело. Имав неколку јавни испади каде говорев како се сакам себеси. Но, сега сфаќам дека исклучиво сум се лажела самата себе и сум си говорела зборови кои тогаш сум сакала да бидат точни. И сосема е океј што дел од публиката која ме следи одамна, реагира на различен начин," ни откри Ивона, во отворен разговор за нашиот сајт.
View this post on Instagram
Фактот што кога ги видела фотографиите, не си помислила колку е грда, туку се запрашала зошто толку време ѝ било потребно да сфати дека нејзиното тело е вредно и заслужува љубов како кое било друго на планетава, ја инспирирало да ги објави фотографиите.
„Сега се одлучив јавно да ги објавам фотографиите кои на почеток ги направив исклучво за себе. Кога ги видов фотографиите сфатив дека не помислив: Wow Ивона колку си грда!, туку си помислив: Зошто ми требаше толку време да сфатам дека моето тело е вредно и заслужува љубов како кое било друго тело на планетава земја? И тука настана една лична револуција и премостувања на мисли, чувства и емоции. Секое тело е убаво тело. Секое тело заслужува љубов, почит и разбирање," додава пејачката и со ова нејзино мислење веројатно би се согласила секоја жена.
View this post on Instagram
Промените не треба да се прават само затоа што „околината" така наложува
Освен пред самите себе, застануваме и пред огледалото на општеството. Критиката од одразот што другите го гледаат често е далеку поболен од она што самите го мислиме за себе.
„Самите себеси сме си најголема и најискрена поддршка. Жена со зголемена телесна маса, најпрво треба да биде силна жена, свесна за состојбата во која се наоѓа и искрена пред себе штом застане пред огледало," советува Билјана Ристеска, нутриционист. „Но, како многу важен фактор во оваа фаза мора да се спомене и надворешната поддршка. Најнапред од најблиската околина (семејство, деца, друштво, колеги, партнер), понатаму колективната поддршка базирана на институции, медиуми и непознати критичари. Колку истите можат да бидат од корист, толку повеќе во одредени ситуации нанесуваат штета!"
„Идејата која е всадена во едно општество дека една жена треба да изгледа на овој или оној начин е постојано измачување за самата жена, кое има влијание на нејзиното ментално здравје. Често жени развиваат лоша слика за себе, имаат ограничено верување, не се сакаат, а сè тоа доведува до пад на самодовербата, што потоа има влијание врз одлуки, се појавува несигурноста, страв од неуспех и грешки и тоа се манифестира во секојдневното функционирање. Промените не треба да се прават само затоа што „околината" така наложува," вели социологот Ивана Драговиќ. „Можеби магазините би требало да посветат повеќе внимание на здравјето на една жена преку повеќе интервјуа со стручни лица, разговарање за табу теми, поттикнување на жените за почести лекарски прегледи, разговори за искуства итн. Оној што може да укаже на вишок килограми или да каже совет или препорака е само стручно лице," додава таа.
Колку ти трае диетата, толку ќе ти трае и резултатот
Македонската блогерка Никица Ацева долги години била во кожата на пејачката Ивона. Денес, изгледа драстично поразлично отколку во минатото. „Мојата трансформација има долга приказна почнувајќи уште од детските денови, па сѐ до ова што сум денес. Низ годините испробував разни диети со цел да ја намалам тежината, но секоја засебно даваше краткотраен резултат, што сега сфаќам дека е логично затоа што колку ти трае диетата, толку ќе ти трае и резултатот. Сите ние толку се мачиме одреден период да си скратиме од задоволствата, за потоа повторно да ги конзумираме како награда што сме издржале без нив толку време. Откако ми се разјаснија овие работи, кога започна карантинот поради актуелната ситуација и имав доволно време да размислам што понатаму, решив целосно да го сменам мојот животен стил," вели таа.
View this post on Instagram
Според нутриционистката Билјана Ристеска, многу истражувања и податоци говорат дека самодовербата кај жените со вишок килограми е многу мала или е навистина ретка – станува збор за 2 од 25 жени. „Здравата жена е енергична жена, полна идеи и иницијативи, активна и секогаш позитивно расположена. Жените пак кои имаат тековен проблем со килограмите, почесто се депресивни, избувливи, нетрпеливи, затворени во себе, ранливи, но од друга страна многу мили, посебни и чувствителни, жени на кои им треба мала иницијатива за голема промена. Решението, како за било кој друг проблем така и за овој се наоѓа во самите нас или иницијално потекнува од нас. А доколку понатаму се настапи одговорно и свесно се дозволува вклучување и на стручни лица од посебни области. Сѐ зависи од тоа за колку големо отстапување станува збор," вели Ристеска.
Тука веќе нурнавме подлабоко во темата и побаравме мислење и од кардиолог, па Примариус др. Емилија Лазарова, специјалист интернист, субспецијалист кардиолог при Универзитетска клиника за кардиологија во Скопје ни го објасни следново: Прекумерната тежина се дефинира како индекс на телесна маса (БМИ) од 25 кг / м2 до 29,9 кг / м2 и дебелината како БМИ од ≥ 30 кг / м2. Во САД последните проценки се дека 69% од возрасните се или со прекумерна тежина или дебели, со приближно 35% дебели.
Дебела личност не може да биде здрава личност
Според др. Лазарова, дебела личност не може да биде здрава личност бидејќи, дебелината го зголемува ризикот пред сѐ од кардиоваскуларни заболувања, а и сама по себе е ризик фактор за многу други болести и состојби. „Новите студии покажале дека младите возрасни лица со прекумерна тежина почнуваат да развиваат висок крвен притисок и други проблеми со срцето што може да ги изложи на поголем ризик од развој на срцеви заболувања и мозочен удар подоцна во животот. Досега е веќе докажана причинско-последичната врска помеѓу прекумерната тежина и срцевите проблеми кај младите возрасни лица. Тоа значи дека оштетувањето на срцето може да започне долго пред срцевиот и мозочниот удар, што е забележано кај возрасни со прекумерна тежина," објаснува таа.
Како некој, кој бил од двете страни на приказната, блогерката Никица Ацева вели дека е невозможно објективно да дискутираме за одредени состојби и правилно да ги разбереме без притоа да го познаваме потеклото на проблемот, и дека клучен момент во дебатирањето е дали проблемот се должи на лошите навики во исхраната, има здравствено потекло или пак едноставно е до самата конструкција на девојката.
„Јас, која бев од двете страни на приказната, би сакала да ги охрабрам девојките кои ѝ припаѓаат на првата категорија (лоши навики во исхраната), да не го фаворизираат мотото "плус сајз е во мода", бидејќи вишокот на килограми може да биде потенцијална причина за здравствени проблеми, ако не во сегашноста, тогаш во некое идно време. По мое разбирање „Ин" е да се чувствуваш удобно во сопственото тело, но верувам дека вишокот на килограми не секогаш ја дава таа удобност (од лично искуство). Многу лесно може да се случи нештото кое го фаворизираме, од „Ин" да помине во "Аут", со сите негативни ефекти кои со себе ги носи прекумерната тежина," вели Ацева.
View this post on Instagram
„Така, генерално сметам дека горенаведеното мото не треба на големо да се пропагира без дополнителни објаснувања и да премине во фраза со негативен ефект и конотација, туку да биде позитива посветена на жени, кај кои прекумерната тежина има здравствен или генетски корен, да не се чувствуваат обесправени заради изгледот. На крајот од денот, важно е жената да знае да ги носи атрибутите со кои располага, да знае како да ги презентира во јавноста и да не дозволи навредливито однесување на околината да ѝ ја скрши самодовербата. Тежнењето да задоволиш туѓи идеали за убавина е многу погрешен пристап и мотив за да се промениш себеси. Единственото нешто кон што треба да тежнееш е најдобрата верзија од себеси."
Промената која сакаме да ја направиме секогаш започнува со моменталното себеприфаќање
Според социологот Ивана Драговиќ, а и многу од коментарите кои дадоа поддршка на храбрата објава на Ивана Јо беа во контекст да се посвети внимание на квалитети, самодовербата и самата личност.
„Не се суди човек според изглед. Сведоци сме на светски познати личности кои имаат вишок килограми, но имаат други квалитети и поради тие квалитети цел свет ги познава. И тие го живеат животот свесни за себе и што можат да направат, што носат во себе и што ги прави поразлични од останатите," потенцира Драговиќ.
Кон најдобрата верзија на себеси тежнеат и многу познати лица од светот кои и покрај своите врвни афинитети и таленти, решија да се ослободат од вишокот килограми, во корист на нивното здравје. Земете ја за пример поп дивата Адел или актерката Ребел Вилсон.
„За жал, јас не сум човек кој учи на туѓи грешки. Лично својата болка, тага и шаблони на уверување ме доведоа сега до ова размислување. Искусив како е да застанеш пред огледало и без разлика на тоа дали имаш 100 килограми или 80, да се мразиш себеси. И тоа нема никаква поврзаност со килограмите. Туку исклучиво до проблемот со кој се соочувам 24 години - Себеприфаќањето. И откако ја објавив фотографијата, наидов буквално на јавен линч од луѓе кои воопшто и не ја разбраа поентата на објавитед. Но, и со тоа сум океј. Оние на кои што им требаше поддршка, тие ја разбраа поентата и се почувствуваа дека не се сами," вели Ивона.
View this post on Instagram
„Уште пред да ги објавам фотографиите бев спремна на сѐ. Работам долго време на себе, сликите и коментарите под нив ми дадоа јасно знаење до каде сум со сопствениот разум и свест. Ми покажаа дека успешно го положив испитот кој со години го влечев како терет позади себе кој гласи: ,,Како да се ослободите од туѓите мислења". Ми покажа дека сум на добар пат кон себеприфаќање. И горда сум на себе. Никаде не напишав дека нема да одам во теретана ниту пак дека гојазноста е доблест на 21 век. Промената која сакаме да ја направиме секогаш започнува со моменталното себеприфаќање и тука би ја завршила секоја дискусија која настана под моите објави. Кој ќе ја разбере, ќе успее да најде мир и спокој со себе. Кој не, со среќа во понатамошниот живот."
Промовирањето на модели со прекумерна тежина од страна на медиумите
=
Промовирање на нездрав начин на живот
Самодовербата игра огромна улога во перцепцијата на женското тело. Многу девојчиња во адолесценцијата развиваат аверзија кон своето тело и промените кои им се случуваат, па тоа влијае на нивната самодоверба и на тоа како гледаат на себеси. Намалувањето на самодовербата се случува често и кај мајките по породувањето па неретко се поставуваат прашањата дали вишокот килограми ќе исчезнат сами по себе? Дали телото некогаш ќе ми биде како порано? И нормално, се јавува кај девојките кои имаат вишок килогами.
„Како што обично се кажува, убавината е во очите на тој што гледа. Концептот за убавина, посебно кај жената е тесно поврзан со физичкиот изглед, стилот и однесувањето. Во текот на времето тој концепт се менувал зависно од моменталните прифатени норми. Но, сметам дека е многу погрешно, дури и штетно, во последно време промовирање на модели со прекумерна тежина од страна на медиумите, бидејќи на тој начин не само што се дава погрешна претстава за убавината, туку се стимулираат младите лица да не водат грижа за својот изглед, да се хранат нездраво, да не се занимаваат со физичка активност, односно, се промовира нездрав начин на живот, под параванот на себесакање и себеприфаќање. Тоа може да има далекусежни последици на нивното здравје. Кога зборуваме за женското здравје, не може да се избегне фактот дека често причина за стерилитет кај младите е токму прекумерната телесна тежина. Дебелите жени имаат зголемен ризик на ановулативни циклуси, менструални пореметувања, неплодност и полицистичен оваријален синдром Дебелината, исто така, има негативно влијание и врз исходот на бременоста. Таа е поврзана со зголемен ризик за прееклампсија, пометнувања, гестациски диабет, компликации при раѓање, перинатална смрт, вродени абнормалности и сл," вели др Лазарова.
Нема теорија, ниту поента сите да изгледаме исто. Да сме сите слаби, со совршени пропорции. Концептот на убавина се состои во различноста и тоа е она што го прави секој човек поинаков од другите. Различноста треба да биде негувана и поттикнувана, поддржана и прифатена, макар и да значи некој килограм повеќе.
Меѓутоа треба да го држиме балансот некаде во средината на оската. Да не дозволуваме да нè повлечат стегите на анорексијата од едната страна само затоа што "сите се послаби од нас". Но, да не дозволиме ниту да отидеме на онаа другата страна на оската каде поради навредени чувства и политичка коректност се обожува дебелината.
Списанијата, медиумите, дизајнерите, познатите лица и секој оној чиј глас се слуша и има влијание, особено врз младите, треба да ја користат својата моќ пропагирајќи една единствена порака: Во ред е да се сакаме онакви какви што сме, сѐ додека таа наша состојба не е штетна по нашето здравје.