Поранешна тв водителка, модел, деловна жена

Мојата слобода е мојот стилски и животен печат

Интервју со
Даниела Спасовска Ѓошевска
30 мај 2016

Сите ја паметиме како една од најатрактивните водителки и модели од крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-те, која своевремено за песната „Овој град е магичен" направи видео спот за кој многумина ќе кажат дека е пред своето време. Даниела Спасовска Ѓошевска или Дени (Зона икс) сега е семејна, деловна жена и мајка на слатките Максим и Мила со кои имавме можност да се запознаеме на фотосесијата на која заедно позираа пред објективот на Fashionel.

За тоа кои се приоритетите на Дени во моментов, за нејзините професионални и семејни обврски, за времето помеѓу некогаш и денес како и за нејзиниот личен стил, разговараме во продолжение...

Јавноста Ве познава како еден од највпечатливите модели и телевизиска водителка од крајот на 90-тите години. Денеска сте семејна, мајка и сопруга. Што се случуваше со Даниела во меѓувреме?

-Токму тоа се случи: Станав сопруга па наскоро потоа и за прв пат мајка, се вработив во тогашен Мобимак во сектор продажба, станав мајка по втор пат...(се смее). И така времето си поминува... Работата како модел која повеќе може да ја наречам хоби остана во мојата глава како минато, убаво, забавно и интересно поминато време.

Пробавте повеќе професии. Покрај успешен модел, Ве гледавме и како тв водителка (сите Ве паметат по музичката емисија „Зона икс") и пејачка, а веќе подолго време сте во деловниот свет. Каде најмногу се пронајдовте себеси?

-Сите овие професии секогаш сум ги правела и извршувала со многу љубов и внимание и со многу позитивна енергија, особено водителската улога која ја имав на времето, пред повеќе од 15 години. Можеби најмногу уживав во таа професија, од едноставна причина што во таа работа бев да се наречам промотер и пионер на електронска музика (техно музика како што милуваа сите да ја нарекуваат во тоа време). Имав емисија која беше уникатна и различна секоја сезона, во која се промовираше и напредокот во техниката во смисла на изработка на најавни шпици, интерактивно презентирање на нова технологија на емисии во живо...

Би се вратиле ли пред фотообјективот или камерите?

-Можеби (се смее). Но, сега сум целосно ориентирана кон бизнис сегментот и работите кои се подинамични, во кои се бара многу ангажман, едноставно вложување и на многу енергија и финансии.

Како би го дефинирале Вашиот имиџ?

-Секогаш сум ги следела трендовите и стиловите онака како се менувале со текот на годините, но покрај тоа секогаш сум имала и храброст да облечам парчиња гардероба какви што другите никогаш не би се осмелиле да ги стават на себе. Понекогаш знам и сосема екцентрично да се облечам, понекогаш класично, понекогаш спортски... Уникатен имиџ, но секако внимавам да се прилагодам на ситуациите и пригодите - тоа мислам е најдобра дефиниција за мојот имиџ.

Кој е Вашиот заштитен стилски печат?

-Мојата слобода, храброст и можност да се однесувам, облекувам и да ги правам работите онака како што јас чувствувам и јас сакам, тоа е она што е мој заштитен и стилски и животен печат.

Колку семејниот живот и децата Ве променија?

-Семејството ми е најважното нешто во мојот живот. Среќна сум што имам прекрасен сопруг во секоја смисла на зборот и деца кои ме направија најсреќна личност на светов, така барем јас се чувстувам затоа што ги имам нив. Семејството ме направи да сум многу јака и силна, ме исполнува со позитивна енергија и со неизмерна љубов, едноставно сум пресреќна... Што човек да посака повеќе...

Што Ве прави среќна?

-Семејството на прво место секогаш и тоа во проширена варијанта, моите пријателки и пријатели. Секојдневното дружење и патувањата со нив... Ме прави среќна само помислата дека сите што ги љубам се здрави и живи... Плановите што ги правам за во иднина и тие ме прават среќна и ме исполнуваат со многу позитивна мисла и желба...

Кој е најсуштинскиот совет што им го упатувате на Вашите деца?

-Во суштина децата ми се се уште мали за посериозни совети, но уште од сега ги учам и советувам да ги живеат своите соништа и никогаш да не се откажуваат од ништо што го сакаат без разлика на препреките и на тешкотиите на кои ќе наидат за да ги реализираат истите. И секогаш да се позитивни и насмеани...

 

Соработници:

Моден бренд „Елена Лука"

Fashion group

Фризерско студио „Infinito"

Објавено:
30 мај 2016
object(stdClass)#500 (8) { ["nid"]=> string(5) "13742" ["ga_count"]=> string(4) "6408" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691013600" ["fb_count"]=> string(3) "131" }
Прочитано:
6.408 пати