Музичар

Девојката која растура на бас гитара

Интервју со
Маја Капсарова
26 април 2017

Во пресрет на Светскиот ден на џез музиката, имавме привилегија да поминеме неколку супер забавни часови со Маја Капсарова – музичар, професор, басистка, вистинска личност по овој повод, која додека беше пред нашиот објектив, нѐ „наполни" со информации околу историјата на џез музиката. Она што е особено интересно за неа е нејзината бесконечна љубов со бас гитарата. Една е од ретките девојки од Македонија која свири бас гитара, ама истовремено и виртуоз на истата. Со само 11 години прв пат настапила на сцена заедно со нејзиниот бенд, а целиот нејзин живот е поврзан со музика – џез, рок, фанк, соул...

Ве запознаваме со оваа исклучително талентирана девојка.

-Која е Маја Капсарова?

Музичар. Наставник по професија, басист и пејач по желба. Вљубена сум во природата, сакам да патувам, да јадам добра храна и да уживам во сите убави нешта што ни ги нуди животот.

-Ја паметиш ли твојата прва средба со бас гитарата?

Ја паметам. Тоа беше црвена бас гитара. Бев толку мала што сè уште не ја знаев разликата помеѓу гитара и бас гитара. Се чудев зошто има само 4 жици и зошто се толку дебели. Нешто необјасниво ме привлече кај неа, многу повеќе од гитарата со 6 жици на татко ми. Откако ми објасни за каква гитара станува збор и која е нејзината функција, посакав веднаш да можам да ја свирам. Татко ми ми ги нацрта 4-те жици на лист хартија со секој тон на секое поле и така почнав да ги учам. Веќе на 11 години свирев со мојот прв бенд.

-Потекнуваш од семејство кое има изострен вкус за музика. Имаше ли тоа влијание врз оформувањето на твојата личност, а понатаму и твојата професионална определба?

Секако. Уште како дете бев сигурна дека музиката ќе биде мојата професија во животот, благодарение на мојот татко. Покрај него бев опкружена нонстоп со музика, со музичари, инструменти и сето тоа беше многу интересно за мене, дотолку што посакував цел живот да бидам на сцена, да настапувам.

-Како и каде професионално се профилираше како музичар?

Моето прво стручно образование започна во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов" во Штип, а по две години се префрлив во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј" во Скопје. По завршувањето на средното образование, се запишав на студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на наставно-теоретски отсек, каде што дипломирав во 2012 година. Паралелно со студиите, редовно имав настапи, свирки и концерти со разни бендови и ансамбли. Моментално работам како наставник во своето приватно музичко училиште „My Music", каде што сега јас им ја создавам сликата за музиката и љубовта кон неа на моите ученици, што според мене е многу одговорна и благородна работа.

-Невообичаено ли е да си девојка бас гитариста на нашево поднебје?

Па да, кај нас има предрасуди дека басот е машки инструмент. Сепак по светот има многу жени што „растураат" на бас гитара, па дури и на контрабас. Иако некои басисти сакале да ми дадат до знаење дека жена не може да свири бас добро како маж, поради одредени причини, мене тоа дополнително ме мотивира да го докажам спротивното. Јас го сметам тоа како привилегија, баш поради тоа што е реткост. Според мене секој може да свири на кој било инструмент и ги охрабрувам сите, без разлика на полот, да научат да свират на инструментот што го сакаат.

-Имаш и твои авторски песни?

Да, првата моја авторска песна „На трева зелена" излезе минатата година. Во моментов се снима друга моја песна, која ја направив пред 6-7 години и досега е изведувана само во инструментална верзија, а сега ќе добие и своја верзија со вокал. Третата песна е на повидок.

-Нешто повеќе за бендовите чиј член си...

Со текот на годините бев член на неколку бендови, што подразбира и различен стил на музика и искуство со различни луѓе. Почнав со рок бенд, со кој најголемиот дотогашен успех го достигнавме на 12 години како гости на концертот на Игор Џамбазов во универзална сала. Тоа за нас беше остварување на детскиот сон. За жал тој бенд не функционираше уште долго, нашите патишта се разделија. Кога почнав да живеам во Скопје, станав член на друг бенд со кој свиревме фјужн, комбинација на повеќе музички стилови – funk, jazz, acid jazz, soul, latino. Овој бенд траеше повеќе години и во него се менуваа доста музичари. Сега моментално имам свој бенд „My Soul Session", свириме funk, soul и jazz музика. Со овој бенд ги снимаме и моите авторски песни. Морам да спомнам дека сум и дел од женскиот биг бенд - „New Spark Jazz Orchestra" - Balkan Women in Jazz, кој се состои само од жени, од повеќе земји низ Балканот и за мене овој оркестар е едно посебно доживување. Заедно имавме концерти во неколку градови низ Македонија, во Србија на новосадскиот џез фестивал, во Белград и во Црна Гора.

-Си соработувала со големи имиња, на ниво на култни, во џез музиката... Какви се впечатоците и искуството?

Секој музичар си е приказна за себе. Многу е убаво кога имаш можност да настапуваш со различни музичари, бидејќи од секој можеш да научиш нешто ново и да стекнеш ново искуство. Со секој нов проект и креативноста е на повисоко ниво.

-Кои музичари имаа најголемо влијание врз дефинирањето на твојот личен, музички вкус?

Тука први би ги издвоила Стинг и Есперанза Спалдинг, поради тоа што се басисти и пејачи истовремено, како и јас. На некој начин тие се мои идоли. На мојата топ листа секојдневно се наоѓаат и Антонио Карлос Жобим со своите бескрајно убави песни, коишто никогаш нема да ми здосадат, Бил Еванс со својот меланхоличен џез и Стиви Вондер, којшто ме расположува секогаш кога ќе го слушнам.

-Кои се твоите актуелни професионални ангажмани или проекти во најава?

Како што спомнав и претходно, моментално со мојот бенд работиме на мојата старо-нова песна „Немирен град", која треба да излезе секој момент. Веројатно откако ќе биде готово аудиото, ќе снимаме и видео за неа. Освен редовните настапи низ Македонија со „My Soul Session", работам и на други проекти со други бендови, кои не би сакала да ги откривам пред време. Кога ќе биде сè готово и спремно, вие ќе бидете меѓу првите што ќе дознаат за тоа.

 

Стајлинг: Fashionel

Комбинации: Магнетик груп (Max&Co)

 

Објавено:
26 април 2017
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "16498" ["ga_count"]=> string(4) "2875" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689976800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689976800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.875 пати