Драган Тапшанов: Се плашам за својот живот кога ја гледам смртта директно во очи!

Интервју со •
5 февруари 2015

Драган Тапшанов е 27 – годишно момче од Скопје кое одамна ја има напуштено својата комфорна зона! И додека за многумина далечните места како Камбоџа, Непал и Виетнам се нешто сосема непознато, Тапшанов секојдневно открива дел од нивната егзотичност и посебен шарм. Авантурист по природа и фоторепортер по вокација, неговиот блог и Инстаграм профил се целосно исполнети со  поинакви фотографии што секогаш раскажуваат различна приказна. За себе ќе каже дека е „дечко со капа, ранец, камера и пасош“, што се чини дека се основните карактеристики на сите авантуристи – светски патници. Неговата омилена мисла што го движи во сите моменти со кои се соочува на патувањата, е дека суштината на фотографијата е да ја прикаже душата, а не насмевката. Во неколку реченици за Fashionel, тој раскажува дел од неговите фантастични патувања и говори за тоа како секогаш ги одбира вистинските моменти за фотографирање на егзотичните места што ги обожува. Доколку се прашувате дали авантуристите како него се плашат од нешто, и тоа ќе го дознаете во продолжение! За момент, заборавете на дневните обврски и погледнете ги фасцинантните фотографии на талентираниот Дадо Тапшанов!

Кој е Дадо Тапшанов?

„Драга Тапшанов” - Дечко со капа, ранец, камера и пасош.

Целта на твојот блог...

Се надевам дека моите фото проекти ќе бидат инспирација за сонувачите да се разбудат и почнат да ги реализираат соновите.

Какви приказни носиш од твоите патешествија во Камбоџа, Непал и Виетнам?

Овие три држави се само дел од местата кои сум ги истражил, но најголемите авантури сум ги имал таму. Снежни бури на Хималаите во Непал, мистериозни и темни пештери во Виетнам и соочување со дивиот свет на Камбоџа се моменти кои ми го имаат сменето животот.

Која приказна најмногу те трогнала, а која најмногу те усреќила?

Приказната за малиот Пемба од Госаикунда на Хималаите во Непал и трите сестри што ги запознав кога три дена бев изгубен во џунглите на Камбоџа.

Зошто велиш дека фотографијата служи за да ја долови душата, а не насмевката?

Моментот кога ќе успеете да уловите една човечка душа со вашата камера сте создале моќна фотографија, фотографија која раскажува една животна приказна од која насмевката е само дел.

Се плашиш ли од нешто?

Се разбира! Се плашам за својот живот кога ја гледам смртта директно во очи, кога се возам во непалски автобус низ Хималаите по карпест пат и од прозорот гледам провалија од 300м +, кога треба да му се приближам на номад со горка нож за да го фотографирам, а не сум сигурен дали ми одобрил или не, кога треба да искачам 1000м низ снежна олуја … но фотографијата која можеби се крие зад тој ризик што треба да го превземам е тоа што е посилно и ми помага да го надминам стравот.

Кој е предизвикот да се видат, доживеат и вкусат различните традиции, култури, вкусови и начини на живот со кој секојдневно се соочуваш?

Предизвикот да се ризикува, да се истражува, да се документира, да се учи низ светот, е генератор на мојата инспирација, тоа е Wanderlust.

Кој е твојот следниот врв за освојување?

За наколку дена летам за Оман каде ќе работам на проект „Идентитет: Трибализам и Ибадизам”, таму сигурно ке одвојам неколку денови за искачување на Хаџар.

Објавено:
5 февруари 2015
bool(false)