пејач

„Дупла вотка“ ќе беше „Дупла ж’та“!

Интервју со
Дарио Панковски
3 октомври 2016

Кога ќе се споменат македонските евергрини од она убаво, минато време, веројатно меѓу првите на памет ќе ви дојде „Дупла вотка“ која речиси секој во земјава ја знае наизуст. Веќе некое време сакавме да направиме интервју со Дарио Панковски кој го испеа овој огромен хит, па сега некако 20 годишниот јубилеј од песната се поклопи со нашите желби. На наше изненадување, тој ни откри и дека песната за малку ќе се викала „Дупла ж'та" и ни ја раскажа вистинската приказна околу оваа нумера. Интервјуто го направивме во неговото ново омилено место „Миг 21“, каде закажавме средба и кафе во 09.30 бидејќи како што кажа, секој ден сака да ужива во сонцето и да го „фати“ денот. Како и секогаш, тој се појави во беспрекорна комбинација украсена со тренди детали кои не можете, а да не ги забележите. Ние имавме чест со него да разговараме за актуелната состојба со македонската музика, за новите приказни од неговиот живот, за љубовта, за семејството, за убавите времиња, за почетоците, за иднината... 

Уживајте! 

-Последниот албум го насловивте „Ако силно посакам“. Што Вие силно посакувате?

Реченицата „Ако силно посакам“ е една универзална реченица, една универзална мисла која би требало секој да ја знае, да верува во неа и да ја чувствува. Тоа не е некаква демагогија или некаква филозофија, едноставно мора нешто силно да сакаш и вистински да го посакуваш и да биде нешто нормално за да очекуваш и да ти се оствари. Тоа е една позитивна мисла, а јас сакав да направам еден позитивен албум, еден позитивен текст, имав една позитивна идеја во целиве овие мрачни времиња. Јас во тие времиња сакав да бидам една мала ѕвезда за малку да им дадеме надеж на луѓево дека не е сѐ така црно и сиво и дека нешто сосема мало може да го осветли сивилото.

-Ви годи ли кога ќе ви кажат дека сите Ваши песни се како сончев ден со температура од 20 степени?

Да, го знам тој твит и како не, ми годи многу. Ние всушност за тоа постиме, за тоа работиме. Кога некој без никој да го натера, ќе го напише, ќе го смисли тоа, една таква мисла ќе му дојде спонтано и тоа ќе го напише, тоа е најголема награда за секој уметник и јас им благодарам за тоа.

-Сметате ли дека денеска во Македонија има добри песни, песни од типот на Вашата „Дупла вотка“?

За жал, денеска не се прават такви песни и не можат да се прават, ни јас не правам такви. Времето е комплетно сменето, психологијата на луѓето е сменета, размислувањата ни се сменети, погледите на светот се променети. Денеска се занимаваме и се плашиме од разни глупости кои пред 20, 30 години не постоеле и не сме ги ни знаеле. Тогаш бевме многу порелаксирани и тоа е евидентно, тогаш имаше такви песни, такви убави хитови кои и денеска се евергрини. Мислам дека сѐ потешко и потешко е да се прават такви песни затоа што комплетните размислувања и времето не ти дозволуваат да се опуштиш и да размислуваш во некој позитивен правец како што порано го правевме тоа.

-Што впрочем се случува со македонската музика во моментов и како Вие ја оценувате актуелната ситуација?

Човек не може да биде паметен за таа тема...Факт е дека сите ние работиме, се трудиме, правиме авторски трудови и тие треба да бидат платени, тој труд некако мора да се вреднува. Очигледно е дека од другата страна некој го девалоризира трудот на авторите и мислам дека тоа е многу дрско и срамотно и на крајот излегува дека треба да направиш нешто сам против себе, да забраниш да ги пуштаат твоите дела за на некој да му дојде памет. Кој ќе издржи до крај и кој ќе биде попаметен, навистина не знам. Јас сум еден од авторите, ова е генерална кампања на ЗАМП, така што на крај најдобро би било кога сите би излегле од ова како победници – и авторите да ги добијат своите права и оние кои треба да плаќаат да бидат колку, толку задоволни. Мора нешто да се плати, така е секаде во светот и мора и тука да се научат дека ако сакаат да одат во Европа и во светот, мора да се плати. Светските ѕвезди живеат само и единствено од тие авторски права, а ние за жал сме далеку светлосни години од тоа. Ако авторските права ги добиваме така како што треба, на европско ниво, мислам дека тогаш ќе има многу подобри хитови, многу подобри песни, авторите подобро ќе размислуваат затоа што ќе бидат растеретени, нема да мораат да „бркаат“ спонзори за некои ситни пари и нема да бидат оптоварени прво со средствата, а после со песните. Едноставно, ако е така, тие ќе имаат како да функционираат, од што да живеат и ќе размислуваат само во уметнички правец.

-Сметате ли дека македонската музика има светла иднина?

Иднина секако мора да има, како што зборевме пред малку, мора да се размислува позитивно. Музиката секогаш постоела и ќе постои, тоа е најуниверзалното нешто што постои на планетава и нешто што секој го разбира, без разлика на кој јазик се пее. Има млади деца, и ние сме тука од постарата генерација кои сѐ уште работиме и се трудиме, така што нашата музика ќе мора да има иднина, само каква и колку ќе биде светла тоа зависи од повеќе работи. Меѓу нив е и оваа претходнава што ја зборевме за регулирањето на авторските права и за сета таа попозитивна атмосфера во државава.

-Се чувствувате ли Вие креативен како порано?

Па за жал не, барем не како порано. Се трудам, но со годините и со целото окружување околу себе имаш сѐ повеќе обврски и не можеш 24 часа да бидеш концентриран на правење на песни. Има моменти кога има инспирација и тие моменти се користат за да се направат песни, но никогаш не сум правел и не знам како се прави песна на сила. Затоа веројатно луѓето ги доживуваат моите песни така искрено затоа што никогаш не сум правел песна по нарачка.

-Вистина ли е дека Драган Б.Костиќ е „виновен“ за Дарио и „Бон Тон“?

Да, како не. Тоа беше многу одамна, некаде 79 – та ако не се лажам, кога го повикавме Драган како еден од неколкуте релевантни музички фактори во земјава да дојде на проба, нѐ слушна, ни кажа што мисли за нас, нѐ повика во емисија, нѐ инспирираше да ги снимиме првите снимки за Радио телевизија Скопје. Драган беше тој кој ни кажа дека ние свириме еден нов правец во музиката, кој тогаш се викаше „new wave“ кој во светот во истиот момент беше во неверојатен подем. Ние не знаевме што тоа значи тогаш, значи ние сме размислувале планетарно заедно со сите останати млади во светот. Во исто време во Њујорк и во Скопје и во Лондон имало некои момци кои размислувале на иста бранова должина и токму од Драган ние дознавме дека она што го правиме е тоа што во моментов почнува да се свири во светот. Значи можам да кажам дека сме биле пред времето и драго ми е што така сме размислувале. Значи тој е дефинитивно заслужен за нашата понатамошна кариера како „Бон Тон“.

-Кој е музичарот на кој Вие му се восхитувате?

Има музичари на кои им се восхитувам, но никогаш не сум имал некои идоли и да кажам дека сакам да бидам баш како нив. Со текот на годините и оние на кои им се восхитувате се менуваат. Кога бевме помали се воодушевуваме на Duran Duran, бидејќи сакавме да бидеме „шминкери“ како нив и бевме како нив само на некое друго ниво. Во светот постојат страшни музички „ѕверови“ како Стиви Вондер, како Стинг, како Тото, има и многу други кои кога ќе ги слушнеш ќе се речеш „Зошто јас воопшто се занимавам со музика кога овие луѓе постојат и прават вакви песни“, но секогаш се трудиш да бидеш подобар.

-Кој е најдобриот концерт на кој што сте биле?

Секогаш кога одиш на некој добар концерт си викаш – е ова е најдобриот концерт на кој досега сум бил. Знам дека во сеќавање ми остана еден концерт на Дино Дворник во Скопје кога и се дружевме, бевме и во Охрид. Дечкото беше одличен и прилично „откачен“ за мои стандарди, но направи еден таков концерт во Универзална за кој реков ова е човек да се „смрзне“.

-Сметате ли дека ќе го постигневте истиот успех ако се појавевте во оваа деценија?

Тоа никој и никогаш не може да го знае. Се во свое време. Најверојатно сум бил во право време на право место и сме го направиле тоа што сме можеле и јас самиот и со мојот бенд. На пример, денеска ние размислуваме поинаку од новата генерација пејачи за она што е добро, бидејќи и треба да има судир на интереси, на вкусови за да се роди нешто ново, некој нов квалитет. Нема за што да жалам и мислам дека сум бил на вистинско место во вистинско време.

-Која е тајната на успешното и среќно семејство?

Нема тајна... Треба да се има компромис, да се има разбирање, зборам и за деца и за жена. Секогаш ќе се јави по некоја „искра“ поради некои работи, поради генерациските разлики, вкусовите и слично. Јас на пример сум многу педантен, па тоа понекогаш им пречи дома, но генерално, на крајот на денот мора сите да направиме компромис, кој згрешил да признае, да се извини и на крајот да продолжиме заедно. Тука нема многу голема филозофија, едноставно го чувствуваш тоа, дали е добро или не.

-Што за Вас значи љубовта?

Љубов е чудно зборче, чудна работа...Луѓето цел живот се обидуваат да ја дефинираат, но тоа не се дефинира, тоа ти е како да сакаш космосот да го дефинираш. Тоа е нешто неопипливо, незамисливо и не се опишува, едноставно се чувствува. Чувствуваш, не може никој да те излаже дека те сака. Тоа е нешто над нас и мислам дека таа љубов што не можеш да ја опишеш, го врти овој чуден свет и прави и понатаму да функционира.

-Важите за еден од најдобро облечените мажи во Македонија...Како се грижите за стилот?

Ви благодарам за комплиментот. Не знам, тоа некако ми доаѓа спонтано. Отсекогаш сум сакал да се чувствувам пријатно, а се чувствувам пријатно кога сум фино облечен, со стил, со соодветни бои и слично. Тоа на некои луѓе им е чудно и ќе ми кажат дека најдобро се чувствуваат во тренерки, а јас не можам да им објаснам дека јас се чувствувам супер кога сум во костим со вратоврска...На пример кога одам на свадба, ќе ги видам сите „распиштолени“, со откопчани кошули, без вратоврски, а јас од почеток до крај сум онаков каков што сум дошол и тоа што го прават страшно ме нервира. Значи едноставно така јас се чувствувам убаво. Дури и кога одам на прошетка на Кеј или некаде во природа, сакам бојата на патиките да ми е соодветна со онаа на јакната или со онаа на тренерките, да имам очила за сонце и слично. Едноставно го сакам тоа и никој не ме тера.

-Сам ли ги одбирате комбинациите?

Кога јас почнував да градам имиџ на естрадава, не постоеше зборот стилист. Тогаш имаше или фризери или кројачи. Сам си го направив тој некој препознатлив за мене стил, уште тогаш сакавме да се облекуваме интересно и упадливо во сите бои, се шатиравме, се фарбавме, правевме многу експерименти кои беа во границите на некој вкус. Во текот на кариерата ми помагаше сопругата со свои совети, децава како растеа ми кажуваа нешто, но генерално, знам што ми стои и што би требало да имам на себе.

-Имате ли некое модно парче без кое не излегувате од дома?

Имам многу вратоврски, костими, модни додатоци... Можам да кажам дека обожавам накит, очила за сонце, часовници...Можам да кажам дека многу сакам и чевли, па дури сум и полош од жените (се смее). Сега сум малку посмирен во однос на тоа, но сѐ уште многу сакам детали.

-Што за Вас значи отворањето на куќата „Миг 21“?

Целата идеја беше на мојот роден брат, за кој многу луѓе не знаат дека го имам, иако јас во песната Funky Sound во 1994 – та, пеам дека имам брат кој нема појма што е кул (се смее). Toj 25 години живееше во Финска, се врати, дојде и ми предложи да отвориме нешто. Јас бев категорично против, ме убедуваше некои две години бидејќи јас не се замислував себеси во некој таков бизнис, но на крај тој во комбинација со моето семејство ме убеди, ја најдовме локацијата во срцето на градот и тоа најмногу нѐ привлече. Некако брат ми беше „виновен“ за заедно да ја започнеме оваа приказна, имавме замисла како тоа би требало да изгледа. Мислам дека ова е едно од ретките места кое е навистина урбано, градско, каде што доаѓаат луѓе од сите генерации. Ова не е место каде што ќе најдете само стари или само млади, туку на нашите забави имаме од 20 до 55 години, сите се весели и сите играат. Се трудиме да има една позитивна, пријатна атмосфера, сите да уживаат... Душата на кафулето не се купува со пари, вие можете да направите кафуле од милион евра кое ќе биде студено и нема да се чувствувате пријатно во него. Ова е буквално еден семеен бизнис, јас се грижам за уметничкиот дел, брат ми за техничкиот, синот за дизајнот, ќерката за маркетинг, за уредување и декорирање сопругата и сите имаме по некои заслуги.

-Месецов се навршуваат 20 години од издавањето на песната „Дупла вотка“. Какво значење има таа песна за Вас?

Да, точно е, по тој повод направивме и еден модерен ремикс на песната. Таа песна е посебна бидејќи најверојатно излезе во вистинско време. Музиката е моја, текстот е на Тоше Поп Симонов, а приказната е навистина интересна. Јас имам напишано еден текст за оваа песна, кој беше прилично социјален, тежок текст, но Тоше ми го фрли листот, отиде горе и напиша нов за два часа само со наслов „Дупла ‘жта“. Јас му реков дека нема шанси да ја пеам оваа песна со ваков наслов, не ми личи мене тоа. Два дена размислувавме каков наслов да има песната – виски некако не одеше, бидејќи во тоа време виски пиеја само одредени луѓе и не сакавме да биде нешто надмено, ж'та ми беше многу кафански, и на крај ја одбравме идеалната комбинација – вотка. Вотка пие секој и има за сечиј вкус и џеб. Бескрајно сум му благодарен на Тоше за тој текст.

-Каде одите после сето ова?

Не знам, не сакам да се грижам многу за тоа каде одам. Сакам да гледам денеска да биде сѐ како што треба. Не сакам да гледам многу што се случувало вчера или завчера, гледам иднината да биде ок, но не се оптеретувам што ќе правам за неколку години или месеци. Сега ми е убаво, важно ми е секој нареден ден да се чувствувам пријатно, да не морам да трчам, да брзам некаде. Ќе се трудам така и да продолжам, колку сум помирен секој ден, мислам дека ќе бидам подготвен и за нови текстови и за нови песни, а тоа е најважно за луѓево што ја сакаат мојата музика. Ќе се трудам да ги израдувам со уште некоја нова песна.

Објавено:
3 октомври 2016
object(stdClass)#456 (8) { ["nid"]=> string(5) "14764" ["ga_count"]=> string(4) "2300" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1681682400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1681682400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.300 пати