По долги години колективни проекти со престижни музичари од домашната сцена, виртуозот Џоле Грујовски акумулираното музичко, но и животно искуство го рефлектираше во својот прв соло албум „Reflections". Токму поради фактот што овој албум е дамнешен копнеж на авторот и музичар, ако го преслушате ќе се соочите со емоции што ќе ве однесат на различни музички фрекфенции, но преовладува џезот како звучен колор и филозофија, каде и Џоле најмногу се пронаоѓа како гитарист.
Неговиот прв соло албум беше поводот за нашиот разговор, но муабетот нè однесе на едно убаво патување низ неговата импозантна музичка кариера, почнувајќи од нижото музичко училиште „Илија Николовски - Луј" каде сега е и професор по класична гитара, па се до врвните музички проекти во соработка со имиња како Емин Џијан, Бодан Арсовски, Михаил Парушев, Симон Киселички...
-Џоле Вие сте искусен уметник, што ги осознал сите стадиуми на созревањето на еден професионален музичар. Што рефлектира „Reflections" – Вашата музичка зрелост, личните музички афинитети, некој дамнешен внатрешен порив или ....?
Џ: Името на мојот прв соло албум "Reflections" е поточно сублимат на една долгогодишна акумулација на музички па и животни искуства кои што ги стекнував во текот на животот. Како музичар минував низ различни периоди и се среќавав со најразлични стилови на музика. Додека бев студент свирев многу класична музика, а потоа почнав да навлегувам и во џезот. Во меѓувреме свирев по бендови, слушав многу музика, така што сите овие информации кои ме следеа се проникнуваат во најразлични форми и го прават амбиентот на мојот прв соло албум "Reflections".
-Раскажете ни како се создаваше „Reflections", што и покрај огромното искуство што го носите зад себе, е Вашиот прв соло албум... Може ли да ни повлечете една паралела во однос на ангажманот, теретот, но и привилегиите кога работите на соло албум во однос на тоа кога се работи на колективен проект.
Џ: Долго време бев background музичар. Свирев во многу проекти, со различни музичари во секакви формации. Додека го правев тоа сонував да имам свој соло проект, ама можеби затоа што бев окупиран со други ангажмани немав доволно време да започнам такво нешто. Главен иницијатор беше мојата сопруга, да се тргнам малку на страна и да почнам да го создавам мојот прв соло албум. За многу кратко време ги направив композициите. Мислам дека за некои недела дена напишав 6 композиции кои што мене лично ми се допаднаа. Следен чекор беше снимањето на проектот. Имињата на композициите дојдоа од кога беше испродуциран и финализиран проектот, поради тоа што сакав да имам јасна слика за тоа како звучат композициите. Во секој случај настојував насловите да бидат соодветни за звучната слика и да го поврзат насловот на целиот проект. Разликата помеѓу креирање на соло албум и работа на колективен проект е тоа што во својот албум ти си тој што е одговорен за се и го носиш целиот товар сам. А кога си дел од колективен проект добиваш задача да го сработиш тоа што некој го замислил.
-Вашето музичко образование е импозантно. Сте го започнале на отсекот за класична гитара најпрвин во нижото, а потоа и во средното музичко училиште во Скопје, продолжувате и на музичка академија како природен тек на нештата... Но, некаде измеѓу го откривате магичниот свет на електричната гитара. Помеѓу тие два паралелни универзуми, каде најкомфорно се чувствувате Вие?
Џ: Да, точно. Основно и средно образование завршив во музичкото училиште "Илија Николовски - Луј" во Скопје каде што сега работам како наставник по класична гитара, а понатамошното образование го продолжив на музичката конзерваторија "Панчо Владигеров" во Софија на отсекот за класична гитара. Уште како средношколец паралелно свирев и електрична гитара. Тогаш почнав да навлегувам и во светот на џез музиката. Меѓутоа денес дефинитивно се наоѓам некаде на граница помеѓу тие два универзуми, не сакајќи да бидам дефиниран како музичар кој свири само еден стил на музика. Ако го преслушате "Reflections" ќе најдете многу елементи од сите општо прифатливи светски музички жанрови. Меѓутоа преовладува џезот како звучен колор и филозофија и тука најмногу припаѓам како гитарист. Сепак денес мислам дека треба слободно да се гледа на музиката. Секој музичар треба да биде оригинален, да има свој ракопис и потпис.
-Ангажирани сте во бројни значајни музички проекти и бендови, сте соработувале и соработувате со ваши колеги, врвни музичари. Верувам дека секој од нив има значајна приказна. На што сте особено горд?
Џ: Работев на многу проекти во текот на мојата музичка кариера. По завршувањето на студиите во Софија почнав да работам како гитарист во Биг Бендот на МРТВ. Во меѓувреме активно свирев по клубови низ Македонија и надвор од неа. Во тоа време заедно со тапанарот Михаил Парушев и Емин Џијан го формиравме бендот "Проџект Жлуст". Подоцна со Михаил излеговме од бендот и заедно со пијанистот Симон Киселички го оформивте бендот "Sentence". Со тој проект имавме турнеја низ Македонија и просторите на екс Југославија. Во тој период почнав да свирам и во "Езгија Оркестра" на Бодан Арсовски, басистот на "Леб и Сол". Со тој проект имавме неколку турнеи од кои што најзначајни беа концертите во амфитеатрите низ Македонија. Паралелно со концертните активности бев посветен на пишување и аранжирање музика. Имам напишано доста музика, а имам издадено и неколку композиции за класична гитара. Пишував музика и за краткометражен филм, а најново е тоа што правев музика за една видео анимација која освои прва награда, а ја правеше видео продуцент од Сан Франциско. Видеото е за иднината на воздушниот сообраќај во 2030год. Но сепак особено горд сум на моето последно музичко остварување "Reflections".
-Истовремено вие сте и професор по класична гитара во нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј". Едно сосема поинаква димензија каде педагошката улога го има приматот. Какво е Вашето искуство, имаат ли слух за квалитетна музика новите генерации?
Џ: Да, наставник сум по класична гитара во "Илија Николовски - Луј". Од моето досегашно искуство можам да кажам дека секое дете е приказна за себе. Доаѓаат различни профили на деца, така да имам различен пристап според нивните можности. За среќа сеуште постојат деца кои почитуваат квалитетна музика, посветени се и сериозно гледаат на музиката како идна професија.
-Како Вие гледате на актуелната џез сцена во Македонија? Растеме, стагнираме... Во каква димензија сме сега?
Џ: Џез сцената во Македонија според мене моментално е во експанзија. Се појавија нови генерации на музичари кои сериозно свират. Постојано излегуваат нови проекти и албуми. Но, за жал кај нас не се посветува доволно внимание на културните вредности, можеби поради тоа и луѓето не се многу заинтересирани. Недостасуваат концертни сали, џез клубови... Знаете кај нас повеќе преовладуваат политичките настани наместо да се инвестира во музиката, културата, спортот... Сепак сме талентирана нација во секој поглед и вреди да се вложува.
-Вие сте гитарист, композитор, аранжер, продуцент, ама и татко. Како жонглирате помеѓу сите ангажмани и во кое поле најлесно пливате?
Џ: И покрај моите професионални обврски мислам дека доста добро се снаоѓам и во приватниот живот. Од неодамна сум и родител, така да во овој период сум малку повеќе посветен на моето семејство. Но во секој случај мојата професија не ми претставува терет, туку ми е задоволство така да правам баланс помеѓу сите работи во животот.
-„Reflections" сè уште немал официјална промоција, какви Ви се размислувањата во тој поглед и каде се гледаме следно?
Џ: Малку доцнам со промоцијата на "Reflections". Сега предстои летен период па луѓето ќе бидат по одмори, но после тоа некаде на есен планирам официјална промоција и други концерти низ Македонија и пошироко.
Photo credits - Stefan Rajhl