Препознатливиот и уникатен дизајн, прогресивниот развој, светските стандарди во професионалниот однос кон работата, слободната креативност која ги надмина стегите на клишеата ја дефинираа Елена Лука како македонски моден бренд кој од секој аспект го оправдува ептитетот „бренд“. Но, покрај модниот дизајн по кој ја препознаваме Елена Лука, започна да функционира едно ново поглавје во оваа успешна приказна, за кое разговаравме со генералниот менаџер, Елена Пандева.
Елена Лука изминативе шест години се етаблираше како успешен македонски бренд кој функционира по теркот на светските стандарди. Неизбежен е фактот дека работите напорно и посветено, што резултираше со препознатлив имиџ на модната куќа која силно влијаеше и на созревањето на нивото на комплетната македонска модна сцена. Имате два ексклузивни продажни салони, а минатата година по повод јубилејните пет години постоење го отворивте магичното ателје специјализирано за венчаници, паралелно со лансирањето и на најголемата македонска онлајн продавница со уникатни дизајнерски парчиња. Често сте на релација Скопје-Виена, профилирајќи го и Вашиот интернационален идентитет, а во континуитет секоја година лансирате колекции кои најгласно зборуваат за професионалниот пристап и креативната слобода во вашата работа.
Периодов, освен подготвувањето на новата колекција за претстојната сезона есен-зима 2014/15, професионално сте ангажирани околу еден исклучително значаен проект кој во една целина ги спојува естетиката на модната индустрија и естетиката во архитектурата, под симболичното име Elena Luka Home. Какво е во суштина значењето на овој проект?
-Она што за мене лично е исклучително значајно во професионалниот домен е секогаш на луѓето да им се понуди избор. Да се надминат стандардите, да се излезе од клишето и да се создаде уникатен производ кој комплетно ќе ги задоволи сите човечки сетила, а пред се чувството за естетика. За да го објаснам суштинското значење на Elena Luka Home ќе повлечам паралела со тоа што веќе шест години успешно го работи Елена Лука. Модниот бренд е фокусиран на креирање нослива уметност, односно создавање на дизајнерски уникати кои визуелно ќе го дефинираат идентитетот на личноста. Во случајот на Elena Luka Home се дефинира колективниот идентитет на домувањето, односно на нашиот семеен или деловен простор. Она што треба да се потенцира е дека Elena Luka Home е дел од групацијата „Жикол“ која како градежна компанија е докажана благодарение на својот 30 годишен професионален ангажман, со тоа што Elena Luka Home одговара на потребите во доменот на изградбата и естетското дефинирање на стамбените и деловните објекти. Идејата е преку изградбата на нашите објекти кои носат препознатлив печат визуелно изразен преку оригиналните архитектонски решенија, да се рефлектира идентитетот и имиџот на луѓето кои ќе функционираат во тој простор. Па така, секој објект реализиран и потпишан од Elena Luka Home е единствена приказна која исклучително им е посветена на луѓето кои секојдневно ќе функционираат во тој простор кој ќе го чувствуваат интимно, свој и ќе биде рефлексија на нивните идеали. Таквите идеали ќе се постигнат со целосна градација на приказната-од идеја до реализација, што во старт значи дека клиентите на Elena Luka Home прво ќе добијат уникатни решенија за нивниот дом, што е еден позитивен новитет општо во македонската градежна индустрија. Следно, откако клиентот ќе направи селекција, тимот на Elena Luka Home го проектира просторот, а веќе во следната фаза имаме идеја да им понудиме на нашите клиенти уникатни парчиња мебел, декоративни елементи за домот и префинети детали потпишани од Elena Luka Home.
Според ова, колку е близок модниот сензибилитет со оној во архитектурата, имајќи во предвид дека се работи за две сосема различни уметнички гранки, но истовремено силно поврзани со јасно изразеното чувство за естетика? Во светот таквиот спој на модата со архитектурата е веќе оддамна прифатен, но во Македонија оваа компанија е прва со ваков профил?
-Убавината во уметноста, е тоа што може да ја моделираме во различни форми. Уметност е поезијата исто колку што е уметност и фотографијата, како што е и модата, а во една своја димензија и архитектурата. Elena Luka Home суштински и основно цели кон тоа да го облагороди комплетниот животен простор соединувајќи ја естетиката и функционалноста. Во модниот дизајн е присутен токму идентичниот процес-соединување на естетиката и функционалноста, но во овој случај преку уникатно парче облека, за разлика од архитектурата каде тоа сплотување е реализирано преку стамбен или деловен простор во кој поминуваме драгоцено време, а кој треба да придонесе пред се да се чувствуваме убаво, исполнето, задоволно со нашето опкружување, а од друга страна да ни го олесни и практичното функционирање. Во глобалната модна индустрија, голем дел од најпрестижните модни куќи и брендови, имаат свој пандан и во доменот на архитектурата и уредувањето на ентериерот. Во Македонија почнуваме со ваков проект кој чувството за префинета естетика, ќе го развие на едно повисоко ниво, не само во однос на индивидуата, туку во однос на нејзината релација при споделувањето на убавината со најблиските луѓе.
Како се креираше приказната за Elena luka Home? Која беше причината што го иницираше нејзиното создавање?
-Иницијативата започна од потребата да им се понуди на клиентите поразлична визија за нивното домување, односно да им се отворат богати можности околу изборот на дефинирањето на нивниот дом како значаен сегмент од нивниот животен стил. Факт е дека имаме дефицит на уникатни градби од секој аспект, како во однос на дизајнот на фасадите, така и во однос на нивниот квалитет, па потоа и архитектонското решение на целиот објект и ентериерот до најминималните финеси. Сепак, инвестирањето во дом е животна инвестиција на која треба да и се посвети сериозно внимание, па затоа наша должност е максимално професионално и сериозно да одговориме на различните потреби на нашите клиенти. А ако потребите на клиентите се различни, што е сосема природно, тогаш треба да им се понуди перспективен избор, а не да се ограничуваат со едноличност и неинвентивност.
Во рамките на уредувачката политика на компанијата, какви се услуги можат да добијат Вашите клиенти?
-Дијапазонот на услуги кои се соединуваат под името на Elena Luka Home реално е богат, издржан и стратешки прецизиран. Пред се' компанијата располага со агенти за недвижнини, специјализирани во полето на: продажба, изнајмување и посредување како и посредување при инвестиции. Исто така, нудиме услуги за управување со имот на: сопственици на деловни згради, малопродажни објекти и апартмани и станови. Паралелно, нашите клиенти добиваат и консалтинг во градежништво и надзор, развојни услуги и инженеринг поддршка.
Како проектантска куќа пак, клиентите ќе имаат можност да добијат уникатни решенија за изгледот на нивниот семеен простор, а притоа ќе се овозможи оптимална искористеност на квадратурата и стилска препознатливост која ќе биде заштитен знак единствено за Elena Luka Home. И како што спомнав и претходно нашите амбиции понатаму се развиваат во идејата да креираме и уникатни парчиња мебел и декоративни елементи кои ќе го облагородат домувањето, а ќе го носат логото на Elena Luka Home што ќе гарантира квалитет, автентичност, уникатен дизајн и префинета естетика.
Нашиот фокус во моментов е изградбата на новиот станбено-деловен објект во Аеродром, кој со сигурност ќе донесе нов сензибилитет во домашната архитектура, и ќе одговори на предизвикот на современото живеење, преку изградба карактеристична за современата архитектура во светските метрополи.
Годинава Елена Лука е прогласена и за Superbrand од страна истоимената интернационална организација која во доделувањето на овој статус се раководи според строго дефинирани критериуми. Колку ви значи ваквото титулирање и воопшто признанијата за остварените успеси?
-Секој задоволен клиент е признание за нашиот успех и секоја насмевка на луѓето со кои работиме, независно дали се наши клиенти или соработници, а главен мотиватор и стимуланс на нашиот прогрес. Меѓутоа, секако и формалните признанија се значаен показател до каде сме стигнале или со други зборови барометар на нашата професионална динамика. Искрено ми е многу драго, што според интернационалната организација која ги доделува признанијата за Superbrand сме ги задоволиле највисоките критериуми и сме ја заслужиле привилегијата пред името на Елена Лука да стои предзнак-Супер бренд. Можеби освен што е дополнителна мотивација, истовремено е и дополнителен предизвик не само да го одржуваме нивото кое сме го постигнале, туку постојано да се надоградуваме и усовршуваме, зашто сепак да си Супер бренд не е само убав епитет, туку и голема одговорност.
Паралелно со функционирањето на Elena Luka Home, стандарно одговарате и на обврските кои секојдневно ги наметнува и модната куќа Елена Лука. Во пресрет на новата сезона, есен-зима 2014/15, што може да очекуваме од новата колекција и дали ќе ја продолжите традицијата од минатата сезона на сопствена линија модни додатоци, односно чанти и чевли со потписот на Елена Лука?
За претстојната сезона паралелно работиме на две колекции со различен сензибилитет. Едната, која воедно е и официјална линија за есен-зима 2014/15 година, со себе носи една посебна енергија која креира нов правец во спојот на различни материјали, форми и стилови со елементи од рок супкултурата. Како и претходната колекција, и оваа ќе ја комплетираме со уникатни чевли односно чизми и чанти, кои ќе го носат препознатливиот печат на Елена Лука.
Втората колекција е посветена на деловните жени и ќе изобилува со модерни парчиња адаптирани на корпоративниот свет. Колекцијата е богата со парчиња облека кои се лесни за носење и комбинирање. Едни од носечките се белите кошули со пресврт на класичната јака и кошулата која се трансформира. Облеката е самодоверба, затоа оваа колекција е создадена за жена која сигурно чекори и движејќи се остава траги зад себе. Повеќе детали не би сакала да откривам, бидејќи наскоро јавноста ќе има можност да ја види комплетната слика.
Ретроспективно навраќајќи се од 2008 година до денес, кој е оној најзначаен момент што го создаде брендот Елена Лука?
-Градењето на еден сериозен бренд, независно за каква сфера се работи, не се заснова на момент туку на континуирана посветеност, макотрпна работа и постојана потрага по нов креативен извор и енергија таа креативна замисла да се материјализира. Изминативе шест години имаше многу такви „моменти“, сите перманентно надоврзани еден на друг и сите водени од една иста идеја: во секој сегмент да се оправда терминот „бренд“. Идејата почнав да ја реализирам со само неколку вработени, за денеска семејството на Елена Лука да го сочинуваат шеесетина вработени. Познатото ателје во Капиштец се надогради со уште едно специјализирано ателје за венчаници кое навистина е како сегмент од бајка, барем така го доживуваат нашите невести. Покрај тоа, го проширивме нашето присуство на пазарот со уште еден продажен салон во Скопје Сити Мол, а минатата година, по повод петгодишниот јубилеј уште повеќе му се доближивме на светот и станавме достапни за нашата интернационална публика, благодарение на најголемата онлајн продавница за уникатни македонски дизајни…. На мое огромно задоволство годинава почнавме да расплетуваме уште една многу значајна приказна, Elena Luka Home, па сумирано сето ова ветува уште поголеми амбиции за реализација во иднина, почнувајќи од сега.