Евгенија Зафировска - Македонска дизајнерка што го остварува сонот во Љубљана

Интервју со •
28 мај 2015

Веќе неколку години е на релација Љубљана - Скопје, а во моментов е во родниот град каде ја подготвува дипломската работа. Следниот месец пак, ја очекува учеството на BAFE (Balkan Art Fashion Event) во Белград. Тоа беше само уште еден од поводите да се запознаеме со младата дизајнерка Евгенија Зафировска. За новите предизвици, за разликата во образовниот систем во Словенија и Македонија, за (не)разбирањето на модата, прочитајте во продолжение:

-Од 14 до 16 јуни годинава ќе се одржи BAFE. Случајно видов дека има конкурс, па се пријавив, иако да бидам искрена, не очекував дека нешто ќе излезе од тоа. Сепак, ми беше многу мило што ме одбраа да бидам еден од учесниците и уште повеќе се радувам што конечно ќе презентирам нешто во близина на мојот роден град, каде ќе можат и мои блиски луѓе и пријатели да бидат присутни. Кога си во странство, се чувствуваш сам во вакви моменти. Затоа уште повеќе се радувам на овој настан во Белград – го започнавме разговорот со Ена.

Евгенија Зафировска Евгенија Зафировска

Ведра, насмеана и позитивна, таа дојде на договореното место со портфолио во рацете и чанта со нејзин дизајнерски потпис. Како студент на Факултетот за дизајн во Љубљана, забележав дека има солидно портфолио и уште поголем ентузијазам за тоа што го работи.

-Уште во средно училиште не ми се допаѓаше да бидам во Скопје, сакав да видам како е надвор и да се дообразувам, бидејќи сметам дека образованието надвор е подобро отколку кај нас. Во тој период беше актуелна Љубљана. Сакав моден дизајн уште оттогаш. Изработував рачен накит, баба ми беше костимограф во театар, па некако не беше неочекувано дизајнот да ме заинтересира – вели Зафировска, која потенцира дека токму овој град се покажал како одличен избор.

Ја фасцинирале гостопримливоста и срдечноста на вработените на Факултетот.

-Професорите таму се многу посветени на студентите. Во секое време се достапни. Пред да заминам, разгледав некои од програмите што ги нудат дел до факултетите тука, но не ме привлекоа. Она што сакам да го потенцирам е дека таму во текот на сите години има многу пракса. Учество на саеми, ревии, изложби, проекти... После вториот месец, нè пуштија да учествуваме во проект со креации од рециклажа, а презентацијата беше на главната улица во Љубљана. Ми се допаѓа тоа што постојано те мотивираат и те тераат да работиш. Главниот акцент е на праксата, и од тоа што ќе го научиш таму и ќе го искусиш, го подготвуваш испитот. Дефинициите и сувопарната теорија не се приоритет. Секако дека се важни, но најмногу се учи преку искуството – објаснува Евгенија.

10806400_886514394695145_3741350807999391826_n

Дипломската работа што е во фаза на завршување гласи „Развој на текстилни објекти во просторот“. Како вели, инспирација ѝ биле македонските опинци.

-Бев во Старата чаршија да го научам занаетот на изработка на опинците, и направив мултифункционални ламби и капи, кои се изработуваат од кожа и со наши мотиви – ни откри дизајнерката еден мал дел од овој нејзин труд.

А кога сме кај трудот и работата, го отворивме портфолиото и Евгенија ми раскажа за дел од успешните презентации што ѝ биле овозможени преку факултетот, како потврда за впечатокот што го носи од Словенија.

-Првата креација што ја направив во прва година, излезе во весник и беше избрана меѓу најдобрите пет. Исто така, тогаш првпат се прочитав како „дизајнерот Евгенија Зафировска“, што за мене беше многу мотивирачки. Јас сум единствена Македонка на Факултетот за дизајн и во мене имаше и малку натпреварувачки дух. Си помислив дека можеби ќе бидам запоставена, бидејќи сите други беа на домашен терен. Но, не, напротив. Таму се функционира по принципот - те вреднувам по тоа што си направил, а не по тоа од каде си, така што бев сосема рамноправна со сите. Втората креација ја претставив на ревија на крајот од првата година студии. Бев инспирирана од архитектурата во Дубаи, од една од фонтаните и хотелите таму. Чевлите ги изработувавме посебно, кај чевлар – раскажа Зафировска.

Architectural Clothing Architectural Clothing

Таа додава дека во текот на образованието успеала да совлада различни техники:

-Рачно изработував тантела. Материјалот, претежно составен од хартија, се шие одозгора со конец, па потоа се потопува во вода и се добиваат различни асиметрични форми. Повеќе е експериментална постапка, бидејќи никогаш не знаеш што ќе добиеш како резултат, во каква форма. Со тоа бев дел од Саемот за хартија во Блед. Асиметријата е доминантна во моите креации.

1 The Ice Queen

Имам една колекција инспирирана од македонските мотиви и култура, рачно везена, со која се претставив и во Загреб на „Зона 45“. За време на трите години во Словенија, благодарение на факултетот, научив многу техники. Изработувавме и Идриска тантела. Но, ја изработувавме во школото во Идрија. Тоа е еден исклучително тежок процес. Лани во јануари бев дел и од Саемот за Heimtextil во Франкфурт, со мултифункционална табуретка. Искуство имам и со Саемот за чоколадо во Љубљана  - Чокољана. Преубаво искуство, а по тој повод изработив и машка креација, што ми беше малку необично. Нефертари е уште една креација што освен во Љубљана ја претставив и во Загреб и Белград во рамки на изложба, исто така посветена на рециклажата – ги редеше ангажманите Евгенија.

From traditional to modern style From traditional to modern style

И покрај тоа што надвор има разбирање, простор и можности за начинот на кој што работи, кај нас сè уште се сретнува со прашања и чудење:

-Ни недостасува повеќе свест за модата. Ни недостасуваат саеми, настани каде што може да се претставиме. Нас што работиме надвор, овде малку чудно нè гледаат. Многу пати ме прашале, зошто ги изработувам овие работи, кога не се носливи. Тоа е уметност, јас се искажувам преку тоа, но кај нас многумина не разбираат. Тука се прашањата и за заработувачката. Додека си студент, можеш да си дозволиш креации што би ти останале за портфолио, па подоцна да правиш и нослива облека. Но, искрено, мене тие носливи парчиња не ми се предизвик. Секој може да направи носливо парче. Слабо следам овде што се случува, особено од аспект што и тоа малку што ќе го видам не ми нуди ништо ново. Тоа важи и за Моден викенд и за презентациите. Сè е веќе видено и утврдено – признава младата дизајнерка.

Hradeckega Bridge - Ljubljana Hradeckega Bridge - Ljubljana

Таа смета дека на овдешните дизајнери и луѓе од модната индустрија воопшто, им недостасува иницијатива и мотивација:

-Дизајнерите тука треба да имаат поголема иницијатива. Ние за крајната ревија на факулте, не добивме организација од факултетот. Затоа, одлучивме самите да организираме и тоа во диско. Иако на почетокот наидовме на негодување поради местото, сепак нашата одлучност, бунтовност и замисла победија. Не ни беше проблем сами да се организираме, бидејќи ни беше сосема познато како функционираат тие работи. Исто така, во Љубљана се прават размени меѓу факултетите. На пример, нас ни се обезбедуваат фотографи веднаш, без ние да се заморуваме со тоа и обратно. Ако на некој му требаат манекени или дизајнери, се развива таква врска, а со тоа и се шират контакти- објаснува Евгенија, која иако не е многу присутна во Македонија лесно го воочила недостатокот на организација и професионализам.

За себе вели дека е дизајнер што изработува авангардни парчиња облека со органски линии и тоа е нешто на што многу обрнува внимание. Моментално е насочена кон модните додатоци:

-Чанти почнав да изработувам од последната колекција Bianco, и тоа од веќе постоечки кроеви. Значи, не ги кроев посебно, туку од кроевите што ги употребив за колекцијата, изработив и чанти. Сознанието дека на сосема поинаков начин можам да дојдам до чанта, за мене беше дополнителна инспирација. Последните што ги изработив се полукружни со рачки направени од закачалки. Повторно се навратив на рециклажата, иако кај нас немаше доволно разбирање за тоа што сум го направила, особено во насока на тоа дека не можат да го носат во секоја пригода. Не сме доволно научени на рециклажа, за разлика од Љубљана и другите градови надвор, каде тоа е сосема нормално. А, ако дизајнерите не ја кренат свеста за рециклажата, не знам кој може. Тоа се носливи парчиња, не се сведува само на колекција и презентација – вели Зафировска.

Досега имала неколку соработки со блогери и таквиот начин на презентација на моделите особено ѝ се допаѓа:

-Во Љубљана блогерството е многу развиено. Ева Ана Кажич е една од најпознатите.  Таа изрази желба да носи една од моите креации од Bianco на модната недела во Париз. Сама ме исконтактира и бев навистина среќна. Во принцип, во Словенија блогерите ги сакаат многу затоа што се „нормални луѓе“, кои носат дизајнерска облека. Односно, манекенките ги сметаат за убавици и за нив тие се совршени. Поинаку гледаат кога манекенки носат нивни модел. Поблиску им е кога блогерките ги носат, бидејќи тоа е доказ дека и девојчиња што немаат манекенски пропорции можат да ги носат дизајнерските парчиња и да изгледаат убаво. И така е навистина. Манекенката позира, не го чувствува тоа што го носи. А со блогерите е сосема поинаку. Тие се радуваат на таквите соработки, особено што имаат можност и креативно да се изразат. Луѓето од Словенија одат и надвор. Не се затвораат само во Словенија. Добив покана во Ирска да одам, но не добив виза... Така се скратуваат можностите тука...- вели Евгенија.

Ева Ана Кажич во креација на Евгенија Зафировска од колекцијата Bianco Ева Ана Кажич во креација на Евгенија Зафировска од колекцијата Bianco

И без разлика на авангардноста во нејзината работа, кога е личниот стил во прашање, доминира смиреноста.

-Минимализмот е сè поприсутен во мојот стил. Со текот на време стилот се менува. Кога си во странство навистина гледаш да ти е удобно, не си оптоварен со тоа постојано да бидеш среден. Иако во работата ги сакам експериментите, во личниот стил не ги сакам воопшто, одбирам сигурни варијанти – потенцира дизајнерката.

Бидејќи е комплетно задоволна од тоа што ѝ го нуди главниот град на Словенија, ја прашавме има ли Љубљана негативни страни:

-Па и нема. Љубљана е мирна, дури некогаш и премногу, но супер за да одмориш, а има работлива атмосфера. Луѓето не те осудуваат. Ако излезеш облечен поинаку од сите други, нема да те гледаат чудно, дури нема ни да те забележат. Кај нив е тоа нормално, те прифаќаат онаков каков што си. Токму затоа и мислам дека ќе останам таму. И да не продолжам со образованието, ќе останам таму да работам. Со колешките од факултет сме во преговори да отвориме наша продавница, каде секој од нас би имал свое катче каде ќе ги презентира своите модели, но сè уште е на ниво на разговор – вели Евгенија.

Во иднина посакува свое ателје, уште повеќе изложби, учества на Модни викенди, уште поголемо искуство. Со оглед на одлучноста, ентузијазмот и љубовта со која работи, не се сомневаме дека желбите ќе ѝ станат стварност.

Објавено:
28 мај 2015
bool(false)