Фросина Дамјановска: Секогаш бидете насмеани, тоа е најмодерниот аксесоар!

Интервју со •
8 ноември 2014

Во сосема пријатна и топла атмосфера во нејзиниот модернистички уреден дом, шармантната блогерка Фросина Дамјановска нѐ дочека со широка насмевка на лицето по која е и всушност препознатлива. На нејзиниот моден блог Fashion & Couture таа секојдневно објавува тренди комбинации кои се вистинска инспирација за многу девојки. Економист по вокација, вљубеничка во парчињата на Зара, колекционер на фантастичен и уникатен накит, но и на тренди парчиња на кои им дава посебен, личен печат. Таа ќе каже дека клучното парче што секоја девојка треба да го има во својот плакар оваа сезона е тесниот фустан до колена со длабок шлиц, а она безвременското во кое секојдневно ужива се дефинитивно фармерките. Единствената Оливија Палермо  ја посочува како нејзина секојдневна стилска инспирација, а ќе каже и дека од блогерството во Македонија сѐ уште не може да се заработува, но и дека нетрпеливо ја очекува новата ера кога тоа ќе се промени. Во продолжение, погледнете како изгледа светот на младата блогерка Фросина Дамјановска.

-Секогаш изгледаш апсолутно модерно, со одлични комбинации на тренди парчиња на кои им додаваш посебен шарм! Која е твојата стилска формула?

Модата се менува, она што секоја девојка треба да го поседува е стилот. Секако дека треба да се следи и модата, но секогаш треба да се потрудите новите тренди парчиња да ги комбинирате со вашиот личен стил!

-Кое според тебе е клучното парче облека што секоја модерна дама би требало да го има во својот плакар? Парче кое што никогаш нема да излезе од мода?

Постојат неколку парчиња облека што постојано се менуваат, а секогаш остануваат во мода. Фармерки - тоа е наједноставното парче облека во кое се чувствувам опуштено, а сепак модерно. Денес во тренд се фармерки со висок струк, кои лесно можат да се комбинираат со било што: бела маичка, кошула, кожена јакна, високи потпетици, патики...Мислам дека секоја жена во својот плакар треба да поседува и барем еден црн фустан.

-Која е твојата стилска икона за која ќе кажеш дека е непресушна инспирација за тебе?

Оливија Палермо – кралицата на стилот! Секогаш уникатна, со специфичен и препознатлив стил, а воедно и едноставна. Таа е мојата најголема инспирација. Тука ќе ги споменам и уредничката на јапонскиот Вог, Ана дело Русо и секако, Ријана.

Фросина на ревија на  Елена Лука Фросина на ревија на Елена Лука

-Ако оваа сезона мораш да купиш само едно, ултимативно парче облека, кое би било тоа и како би го комбинирала истото?

Тесен фустан до под колена со длабок шлиц што максимално ја истакнува женската фигура. Изгледа елегантно и секси комбиниран со кратка кожена јакна, впечатлив накит и високи потпетици.

Фросина на годинешното издание на Моден викенд Фросина на годинешното издание на Моден викенд

-Кое е она парче без кое не можеш да се замислиш себеси и она парче што најдобро те опишува?

Парчето без кое не можам да се замислам себеси се кожените панталони и впечатливиот и уникатен накит. Во последно време, ми се допаѓа и цветниот принт и белата боја.

-Како би го опишала стилот на македонските девојки? Колку тие ја следат модата и имаат чувство за добри, стилски комбинации?

Честопати слушам за униформираноста во Македонија. До некаде се сложувам со тоа, бидејќи секое ново парче што ќе излезе, го поседува секоја втора девојка. Но, во последно време во Македонија сѐ повеќе гледам девојки кои ми го задржуваат вниманието со својот стил, модерни со добро комбинирани парчиња облека. Тоа ме радува! (се смее).

-Како се грижиш за својот изглед? Кои се твоите тајни кога станува збор за негувањето на кожата и косата?

Внимавам какви производи користам за нега на кожата, бидејќи имам доста чувствителна кожа. Често одам на третмани за длабинско чистење и микродермоабразија кои ја прават кожата мека, нежна и убава.Советувам да се прави и хидратација на кожата, посебно во летниот период, за да се задржи нејзината влажност и еластичност. А кога станува збор за косата, настојувам да користам производи врз база на природни состојки.

-Што мислиш за модната сцена во Македонија? Кои се твоите омилени дизајнери чии парчиња обожуваш да ги носиш?

Далеку сме од светската модна сцена, но пред две години почнав да посетувам ревии и забележав дека македонската модна сцена станува сѐ подобра. Една од омилените македонски дизајнерки ми е Тања Кокев, имам неколку нејзини креации и сум презадоволна. Светски дизајнер што ме остава без здив е дефинитивно Балман!

-Можеме ли во иднина да очекуваме соработка со некој од македонските дизајнери или пак можеби лансирање на твоја сопствена колекција?

Себеси се гледам како успешен економист пред сѐ, но никогаш нема да се откажам од мојот блог, затоа што тоа најмногу ме исполнува. Голем дел од моето слободно време го посветувам на усовршување на мојот блог и воведување иновации на истиот. Со задоволство би соработувала со некои од македонските модни дизајнери.

-Кои се оние светски блогери на кои им се восхитуваш и од кои можеби црпиш инспирација за твојот личен блог?

Следам неколку блогерки и секој ден откривам нови Kavita, Angelica Blick, Nadia Mneimne…, но како омилена што секојдневно ја следам, можам да ја издвојам познатата шведска блогерка Kenza Zouiten.

-Може ли да се заработува од блогерството во Македонија?

Блогерите заработуваат од маркетингот на нивните блогови, од различни модни проекти како и од рекламирањето на познатите брендови од кои имаат голема поддршка. Во Македонија тоа сѐ уште го нема, но сигурна сум дека во иднина ќе се развие.

-За крај, кој е твојот стилски совет што би сакала да го споделиш со нашите читателки?

Бидете свои и спонтани, носете облека во која се чувствувата удобно и природно. Секогаш бидете насмеани бидејќи тоа е најубавиот и најмодерниот аксесоар.

Објавено:
8 ноември 2014
bool(false)