Доколку не сте особено задоволни со моменталната ситуација на македонската музичка сцена, тогаш и вие дефинитивно треба да си набавите сезонски билети за концертите во Македонската опера и балет.
Токму таму, се живее и дише во една поинаква димензија. Еден од оние што придонесуваат за оддржливоста на таа фантастична димензија, е неверојатно талентираниот солист тенор, професор и уметнички директор на институцијата, Ѓорѓи Цуцковски.
Тој беше доволно љубезен да помине едно попладне со нас и да ни раскаже за неговите почетоци, за операта во Македонија, за љубовта на младите кон овој правец на музика, но и за неговиот секогаш беспрекорен стил и џентлменство по кое е исклучиво познат. Интервјуто го направивме во просториите на неговата матична куќа, каде го имавме и тоа задоволство да присуствуваме на една мала сесија пијано, отсвирена од мултиталентираниот Цуцковски.
Љубовта кон професијата тој ќе каже дека кај него се родила уште од најрана детска возраст. Токму поради тоа, се одлучил и за нижо музичко, но и средно музичко училиште, по што следеле академија во Скопје, специјализација во Виена и постдипломски кај Маестро Борис Трајанов.
„Никогаш не сум сакал ништо друго освен оваа професија. Јас и денеска не се чувствувам дека работам, затоа што ова е мојата прва и единствена љубов, така што можам да кажам дека сум навистина среќен од тој аспект. Вистински верувам дека одредени луѓе се предодредени да работат нешто или судбината им е креирана на одреден начин за да се занимаваат со одредена работа. Се сеќавам на најмала возраст, кога моите родители ме однесоа во тогашниот Југотон да си одберам касета и јас ја одбрав касетата со чичко Павароти и веќе на пет годишна возраст јас ги знаев сите наполитански песни од таа касета. Веќе подоцна откривме дека имам ваков капитален глас како талент, така што навистина верувам дека тоа е некоја судбинска преодредба да бидам оперски пејач“, вели Ѓорѓи.
На прашањето како се носи со сите овие одговорни професии на толку млада возраст, тој ќе каже дека секоја подеднакво му причинува задоволство.
„Од аспект што сум солист на Македонската опера и балет од 19 години, постојано сум во тек со колективот, со професијата и со самите потреби на операта како музичко сценска уметност, така што воопшто не ми е тешко i од аспект на уметнички раководител, а професор е навистина многу благодарна професија, со оглед на тоа што може да го споделите своето знаење со многу големи млади таленти. Можам да кажам дека мојот ден е навистина исполнет со професионални ангажмани од сите три аспекти и тоа навистина ми претставува задоволство затоа што секогаш кога ќе легнам навечер, знам дека денот ми бил исполнет со она што на еден начин Бог ми го дарил и можам да возвратам на својот талент“.
Со оглед на обемот и тежината на секоја негова професија поединечно, претпоставивме дека истите бараат многу откажувања во животот...
„Да, секако дека бараат. Со самото созревање човек учи како да си го негува талентот, а воедно и како да го креира својот живот. Избирате пријатели кои што имаат разбирање дека кога имате премиера, не можете да им излезете во пресрет на нивните социјални потреби. Исто така, негувањето на гласот и на телото како инструмент, бара постојана физичка активност што пак придонесува за една виталност. Слободното време првенствено го користам за потребите на организмот, а секундарни ми се социјалните збиднувања и сѐ останато“, вели Цуцковски.
Тој ќе каже дека не е човек што гледа ретроградно, па поради тоа не може да одвои еден момент од кариерата кога се почувствувал горд на себе. Но, токму затоа пак, вели дека секоја претстава за еден уметник е награда која многу значи.
„Во принцип сум многу амбициозен и секогаш барам повеќе и од себе и од останатите. Има работи на кои што сум горд, како интернационални настапи, успеси во Македонија, добри критики итн, но сметам дека многу треба да се работи за еден уметник да каже дека е задоволен. Секоја претстава за еден уметник е награда, сум имал многу претстави проследени со овации, на пример никогаш нема да го заборавам својот настап во Јапонија каде што после претставата, целиот ансамбл ме чекаше да излезам од сцената, поголем дел од нив со солзи во очите и бараа автограми и ме бакнуваа, ете тоа за еден уметник значи многу, тоа е вистинска награда“.
Во тој поглед, што е најголемиот предизвик во вашата професија?
„Најголем предизвик во нашата професија е да се победите сам себе. Вокалната техника, доусовршувањето, познавањето на странски јазици, актерската игра на сцена која што постојано се бара од нас...Најголемиот предизвик е да се победите самиот себе и сопствениот ум, да имате максимална контрола затоа што нашите претстави траат и по четири часа и вие сте постојано во борбена готовност. Потребна е максимална концентрација и максимална смиреност, што значи дека постојано наидувате на нов предизвик што во одредена претстава и одредена ситуација, треба да го победите“.
На прашањето, дали е привилегија да се биде оперски пејач и дали се заработува од професијата во Македонија, тој вели:
„Привилегија е да се работи секоја професија, и пред сѐ привилегија е да се биде човек. Сметам дека јас работам една работа што е сосема нормална како и сите останати професии, само што јас за тоа имам дарба и таа дарба сум ја препознал на млада возраст. Инаку сметам дека привилегија е самото живеење, така што постојано треба да работиме на тоа да бидеме подобри, поуспешни, попаметни... Инаку, да, се живее секаде и од секоја професија ако сте навистина добар во она што го правите“, вели Ѓорѓи.
Во однос на тоа како тој го негува гласот и дали има воопшто некои посебни техники и рутини, тој ќе каже:
„Самата техника на пеење е онаа која што не чува од оштетување на гласот. Повеќе е потребна нега на умот, нега на здравите нерви, на грижата за себе, доброто спиење... Ако можам да кажам, јас сум „себеразмазен“. Јас уживам во спа центри, во масажи, во спорт, во фитнес, така што претежно слободното време го поминувам така. Уживам во своите пријатели, семејството, и сметам дека е најголем благодет човек да има добри пријатели и пред сѐ, блиски, сродни луѓе.
Кое е најубавото место на светот што сте го посетиле и зошто?
„Кога патувам приватно, јас сум љубител на острови и на егзотични плажи, така што во моментов би ги издвоил Канарските острови и Тајланд, затоа што во принцип кога патувам, освен онаа посета по музеи и турите низ градот, најмногу уживам во диви плажи без кафулиња, без музика, значи некаде каде што можам да бидам јас и природата“.
Она што е апсолутно фасцинантно во неговата професија, се костимите што секогаш раскажуваат поинаква приказна...
„Уживам во трансформациите, затоа што тие четири часа за мене се нова димензија. Ако сте вистински уметник, треба да го доживеете ликот, што значи дека јас не сум Ѓорѓи, туку сум некој друг. Најголемата трансформација што сум ја доживеал беше во претставата „Џуџето“ од Землински, каде што јас, човек од 1.90, два ипол часа играв претстава на коленици и тие беа модри и крвави многу долг период после тоа. Можам да кажам дека искусните костимографи ме обожуваат, неискусните се плашат и бегаат од мене затоа што јас сум многу радикален и сметам дека една визуелна уметност како што е операта, треба да остави и добар визуелен впечаток кај публиката, што значи ние како уметници треба да изгледаме максимално квалитетно и издржано. Понекогаш имаме несогласувања, но брзо се решаваат“.
На кратко, поразговаравме и за тоа дали во Македонија има рафинирана публика што знае да слуша, но и за младите луѓе со исклучителен талент.
„Да, има многу рафинирана публика, постои една стара генерација која што може да напише експертиза за оперска уметност, и на мое огромно задоволство имаме многу млада публика која што редовно доаѓа на нашите претстави, а ако можат да бидат репер социјалните мрежи од типот на Фејсбук, постојат многу млади луѓе кои ми се обраќаат секојдневно за тоа колку уживале во мојата изведба и во нашите претстави, сеедно, така што мислам дека после сиот оној кич што државите во транзиција го поминуваат, кај младиот свет навистина се буди една свест за трајните вредности, и свест за духовно самозбогатување, така што можам да кажам дека сум многу задоволен. Македонија е земја која што изобилува со пејачки таленти, 50 проценти од луѓето кои што ги познавам имаат фантастични гласови, а воопшто и никогаш не пееле некаде. Сметам дека една држава која што има толку млади таленти, треба да го вреднува тоа и да го образува, затоа што сепак тоа е огледало на нашиот талент и на нашата нација.
Во однос на стилот приватно, Цуцковски ќе каже дека најмногу пари сака да троши на торби, добри часовници и чевли...
„Јас сум многу голем љубител на модата и во принцип имам, омилени брендови, продавници кои што редовно ги посетувам, при секојдневните комбинации сакам да сум опуштен, во некои да речеме стилизирани тренерки, да потенцирам стилизирани, а инаку секоја пригода налага свое облекување. Можам да кажам дека костимите или комбинациите со костими ми се секојдневие од аспект на приеми, состаноци и слично“.
За крај на интервјуто, исклучителниот уметник вели дека секој треба секојдневно да работи на својот сон и да верува во себе....
„Верувам во неколку работи, а една од нив е љубовта и сметам дека луѓето треба пред сѐ да се трудат што повеќе да чувствуваат и да се трудат што повеќе да го изразуваат тоа. Сметам дека луѓето треба да работат повеќе на себе и повеќе за себе. Совет не само до младите, туку во принцип и за сите, сметам дека секој треба да работи на својот сон и да верува во себе“.