ТВ емисија

Гласот кој поттикнува промени

Интервју со
Крик
2 јули 2018

Неодамна имавме можност да присуствуваме на снимањето на претпоследната за сезонава епизода на најреалната македонска емисија во последно време, „Крик“. Ако дечките се супер на ТВ, верувајте дека во живо оставаат уште подобар впечаток. Ултра позитивни, насмеани и кул и покрај сите сериозни теми кои ги обратуваат во емисиите. Деница, Давид, Бруно, Константин и Трифун се дечките кои може да ги видите во локалното училиште, во распаднатата амбуланта во вашата населба, на студентски прашања, во дом за деца со попреченост и на уште многу други места од каде треба да се пушти „Крик“. Нивните емисии за реалноста во државава и пораките што треба да се направи за да се поправи истата, наидоа на неверојатно позитивен одзив од публиката. Тие ветуваат дека ќе има уште многу освестувачки емисии, а за тоа како настанала емисијата, која е нивната цел и уште многу други интересни прашања, читате во продолжение. 

-Што ве поттикна да кренете глас преку „Крик“

Идејата произлезе од фактот што младите, секогаш за проблемите зборуваат зад затворени врати. На младите им недостига простор каде би можеле да ги искажат своите ставови, грижи и размислувања. Проблеми има и факт е дека за нив се зборува, но не на вистинското место. Апсурдно е колку младите како носители на иднината, се запоставени во ова општество. Носителите на одлуки забораваат дека младите се како цвет кој треба редовно да се храни и негува, за да роди здрав плод. Сепак, иако сме дел од заедница која не става на маргините, младите се отворени и желни за промени. Ни треба само поголема обединетост и место каде ќе може да „крикнеме“.

-Која е целта на „Крик“?

Нашата цел не е претерано амбициозна.. Ние сакаме да бидеме гласот кој ќе поттикне промени. Свесни сме дека промените во едно општество се случуваат бавно. Но, мора некогаш и некаде да се започне, а ние сме убедени дека тоа време е сега! Сигурни сме дека и малите постапки на секој поединец, во иднината, може да иницираат големи промени. Но, за да делуваме, мора и да размислуваме, да поставуваме прашања и да инсистираме на одговори. Се надеваме и посакуваме дека поголемата информираност ќе ја подигне свеста кај младите за проактивно делување во средината.

-Како реагира околината кога снимате?

Во институциите се вознемирени, случајните минувачи се љубопитни.

-Кои се топ 3 проблемите со кои сте се соочиле како млади луѓе во Македонија?

Секој од нас би можел да издвои по три и така ќе ја надминеме вашата бројка. Ние би сакале да укажеме дека младите имаат многу проблеми, а секој од нив е еднакво важен. Нашите истражувања ја оформија топ листата од приоритетните проблеми кои ги обработивме во дванаесетте емисии од нашиот проект. Сакавме да ги охрабриме младите да ни пишуваат и да ги споделуваат со нас проблемите кои ги мачат, за да можеме заедно да ги исфрлиме на површина, да станат видливи за сите. Само така ќе може да иницираме нивно решение. Факултетите и она што таму се случува, перспективите за вработување, општествената одговорност како шанса за еднаков третман се работите на кои го ставивме првиот фокус. Очекуваме интеракција од младите кои конечно ќе мора гласно да говорат за она што ги тишти.

-Се движиме ли во вистинска насока? Се менуваат ли работите?

Судејќи според она што се случува околу нас, сметаме дека работите се менуваат, се движат во подобра насока. Се надеваме дека не станува збор за еден затворен круг, туку за помасовно менување. Она што може да се почувствува кај младите е нивната непокорливост, критичност и желба за промена. Од желба, полека забележуваме дека е на добар пат да стане дело. Токму поради тоа што ние младите сме доволно луди да мислиме дека можеме да го промениме светот, веруваме дека тоа и ќе го направиме. Големите промени во општеството се резултат на генерациска замена, односно новите генерации развиваат вредности кои се различни од оние на нивните родители. Не можеме да очекуваме од постарата генерација да се промени. Промените остануваат за нас, а ние и тоа како, сме способни да ги донесеме.

-Што нè кочи за помасовен „Крик“?

Не кочи она што го кочи целото општество. Незаинтересираноста на дел од граѓаните да се вклучат и да иницираат иницијатива. Кога искуството ќе ви покаже дека вашето мислење не е доволно вреднувано и дека вие не сте оние кои може да донесете промена, логичниот исход е апатичност и летаргичност. Оваа ситуација произлезе од многуте обиди за промена низ годините, кои не секогаш ги носеа очекуваните резултати. Но, она што сите мора да го разбереме и што нас лично, ни дава надеж и отсекогаш не туркало напред, па дури и во ситуации кои не изгледале многу надежни, е фактот дека секое наше однесување и размислување, директно или индиректно влијае на идниот наш живот и оној на нашите пријатели и сограѓани.

-Што се надевате да постигнете преку „Крик“? Што досега постигнавте?

Суштината на „Крик“ несомнено е повеќедимензионална. Од една страна, емисијата беше (и сè уште е) замислена да служи како платформа преку која низа генерални и локални, социјални проблеми ќе бидат обработени. Поинаку речено, да почне да се говори за оние прашања кои ги засегаат младите, а до сега не биле посериозно третирани во медиумите. Од друга страна, Крик цели кон промоција на културниот живот во нашата држава пред пошироката публика. Тука подразбираме не само профилирање на млади културни дејци (актери, карактер дизајнери, музичари и слично) туку и посета на културни настани. Тоа е всушност и причината зошто секоја епизода е поделена на два дела: општествен и културен.

Веруваме дека вака поставената цел ја постигнавме. До сега, секоја епизода беше гледана и коментирана на задоволително ниво, проблемите станаа предмет на поширока дискусија, а креативноста на младите уметници беше изразена на начин кој е сроден кон секој поединечно.

-Како екипата на Крик се грижи за своето ментално здравје?

Се обидуваме да одржиме совршен баланс помеѓу минување време сами со себе, за полнење батерии и себе рефлектирање и поминување време со најблиските. На крај, социјалната поддршка и споделувањето на нашите мисли и чувства со оние кои се грижат, игра клучна улога во сочувување на нашето ментално здравје.

-Кој е кој во вашата екипа?

Ова прашање никогаш не знаеме како да го одговориме, бидејќи кога станува збор за толку мал тим, секој мора да работи апсолутно сè и да излезе во пресрет во секое време, да научи нешто ново и да проба да се вклопи во секоја улога, што се бара од него во моментот.

Но, кога зборуваме за тоа кои ни се примарните улоги, Давид и Деница се креатори, продуценти, истражувачи и водители. Бруно е режисер, водител, асистент на сценарио и асистент на камера. Трифун е сценарист, кинематограф, асистент на режија, графичар и човекот што во вторници не спие за да ја доврши монтажата. Константин е истражувач и водител. На страна од ова, главните монтажери се Илија Јовановски и Јосип Здравковски од Телевизија 24. Мартина Силјановска е истражувач, Мартин Манев работи на монтажа, а Јован Димитров -односи со јавност.

-Ако можете да промените една работа во Македонија, веднаш, сега, што би било тоа?

Мал број од одлуките кои ги носат оние кои имаат моќ, се релевантни за младите и може да донесат позитивна промена. Посакуваме младите да добијат свој глас и влијание врз креирањето на одлуките. Природна потреба на секој млад човек е да дејствува и да го обликува светот околу себе, намессто да се прилагодува на веќе постоечките норми. Секако, за тоа да се случи, на младите треба да им биде овозможено да бидат вклучени во носењето на одлуки и да одговараат за себе. Поголемата вклученост на младите може да донесе една нова перспектива на гледање на работите. Младите имаат малку да изгубат, тие не се плашат да кажат што мислат и не подлегнуваат на притисоци.

Објавено:
2 јули 2018
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "19449" ["ga_count"]=> string(4) "1181" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690063200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690063200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.181 пати