„Медена земја“

Имам верба во луѓето

Интервју со
Атиџе Муратова
30 декември 2019

Ретко се случува позитивните одблесоци од Македонија да се распространат насекаде низ светот. Но, оваа 2019 година тоа му успеа на тимот на „Медена земја“. Како пчелите да ја облетаа планетата и ја оставија најубавата порака наменета токму за неа.

 И не постои друга личност освен Атиџе Муратова што може да се прогласи не само за личност на годината, туку и на деценијата.

извор: facebook.com/Honeyland

Во неа е обединето сè она што луѓето некаде по патот на новото време го забораваат – да бидат искрени, простодушни, вредни, сплотени со природата... Атиџе е олицетворение на живот каков многумина што го погледнале филмот не го познаваат, а со душа на дете.

-Атиџе како си?

-Добра сум, добра... – ми одговара срамежливо.

-Ја сакаш ли зимата?

-Зимата не ја сакам толку, повеќе сакам топло, но и без зима не бива.

„Има Господ и за тебе Атиџе“

Вака го започнуваме разговорот, додека надвор врне како што одамна не врнело. И самата не сум некој обожавател на зимата, па зборуваме за тоа како ни поминуваат деновите во студените месеци.

-Многу тешко ми поминуваат, но се трудам да се занимавам, наваму-натаму и ќе мине денот. Мислам дека оваа година, пролетта треба поубава да биде. Како што гледам.

-Како го знаеш тоа?

-Цел месец беше меко, дождливо е, пчелите поубави ќе бидат – ми објаснува Атиџе.

Никогаш не сум сретнала некој што толку ја сака природата, а ја сака бидејќи ја чувствува за своја.

-Природата е прекрасна, одиш надвор, се спушташ по ридовите, одиш кај пчелите. Кога сум во природа многу ми е добро.

извор: facebook.com/Honeyland

Со „Медена земја“ ни одржа лекција на сите дека, ако сакаме да опстанеме на планетава, да ја зачуваме и неа, а и нас, треба да научиме да оставаме половина, да делиме, наместо само да грабаме.

-На пчелите им оставам половина, за да можат да преживеат. Оти не се знае каква ќе биде зимата – објаснува Атиџе.

Да, не се знае ни зимата каква ќе е, а ни животот.

-Леле, кој да знаел дека вака ќе биде. Има и тешки моменти во животот, ама има и добри. Сите се чудат за ова што се случи, но ми викаат „Имало Господ и за тебе Атиџе“. Некни кога копаа канали од општината за вода, Аце, Томе и Зоки ми велеа „Еее Атиџе, имало Господ“. Многу се радуваа за мене. Им реков „Ајде да ве почастам кафе за водата, за мајсторите мора да има“, се шегувам малку со нив. Животот е тежок. Сега ми олесни многу. Со снимањето ми олесни. Не ми беше тешко ништо, ми беше мерак дека ме снимаат.

-Би сакала ли повторно?

-Ако се укаже шанса, може.

„Кога пеам, тагите ги заборавам...“

Желбата да ја сликаат како чекори по ридовите ѝ се исполни. Вели, на нова не помислила скоро. Барем не таква. Сега е насочена кон музиката.

-Би сакала да снимам песни. Тоа ми е сега желба...

-Како се чувствуваш кога пееш?

-Кога пеам, тагите ги заборавам. Добро ми е, многу убаво се чувствувам. Најмногу сакам македонски песни. Има една што ја испеав, моја песна. За три дена ја смислив. Од глава ми доаѓа сè, ја смислив и кога одевме за Швајцарија, таму ја испеав. Кога се вратив, во селото им ја испеав исто и ми рекоа дека многу им се допаднала. Ми викаат: „Како ти текнуваат вакви песни“. Кога беше мајка ми болна, таа сакаше да ѝ пеам. Па кога ја мислев песната, всушност мислев на мајка ми.

-На кои зборови од мајка ти се сеќаваш?

-Мајка ми секогаш ми велеше, „Оди, ќерко, шетај секаде каде што можеш!“. Кога виде дека се снимам, ми рече „Ако ќерко, прави тебе да ти биде подобро, види го светот“. И навистина стана добро. И мене и неа ѝ се исполни желбата, тоа ми остана од мајка ми... Кога одевме по светот, бев многу среќна. Но сега, со куќата сум најсреќна. Сега ми е поубаво многу. Само ми е мака што не стасав во новата куќа со мајка ми. Само тоа ми е криво. Таа не се враќа назад и животот мора да продолжи.

 

„Имам верба во луѓето“

Атиџе годинава го прошета светот. Вели, секаде било многу убаво. Но, посебно ѝ се допаднала Швајцарија.

-Мирно беше таму, природата е многу убава, поразлично е. И во Њујорк беше многу убаво. Научив да кажам „Тенкју вери мач“. Епа сега, некои работи ги разбирам кога ги кажуваат, ама не можам да вратам. Ама ова го научив, да им се заблагодарам. И „Бонжур“ знам да кажам. Инаку, албански знам, и влашки знам, убаво го знам. Секоја вечер си ги слушам влашките песни. По малку знам и да играм.

-Имаш ли желба да живееш во голем град?

-Не сум размислувала за живот така, но сум имала мерак да се прошетам. Тука ми е попознато. Кај и да одам, во роден крај да се вратам... И со луѓе сум многу добра, ме прифаќаат. Ги сакам јас луѓето, без разлика – деца или возрасни, сакам да се дружам.

-А им веруваш ли?

-Имам верба во луѓето. Но, гледам и тие во мене. Битно е да биде обострано, да си веруваме, да бидеме еден до друг.

-За што сакаш да муабетиш?

-Па за сè, ме интересира да знам како е на различни места, каков е животот таму, каков е овде, да ги споредам. Кога бевме во Турција, се здруживме со еден Босанец, кој ни рече дека многу ја сака Македонија и ми вика: „Многу те почитуваат Македонците, алал да им е“, а јас му велам, „Е такви се тие да! Ме почитуваат“, со гордост во гласот кажува Атиџе и продолжува: -Кога доаѓав денес наваму, ме сретна еден ловџија и ми вели: „Ти ли си Атиџе од „Медена земја“?, - „Јас сум“, “Дојди една “селфа“ да направиме и направивме. Прашуваше за дивеч, ама и ние не можеме да најдеме. Јас не можам да се снајдам на тој Интернет. Пишував броеви на камен, не се снаоѓам. Вие сте друго, од секогаш сте со телефони и интернет.

- А што сакаш најмногу да јадеш, да си готвиш?

-Најмногу сум по благото да ти кажам, уште од дете. Алва, сутлијаш, татлија...


„Скопје беше прочуено, секој сакаше да дојде во главниот град“

Во Скопје доаѓа од мала, но и на овие години, не поминува доаѓањето во главниот град без прошетка низ Бит Пазар.

-Од 18 години доаѓам тука. И секогаш одевме на Бит Пазар, купувавме бисери за да ги наредиме на шамиите. И нешто белегзии. Така правевме сите девојчиња. Некои купуваа и материјали, па од нив правевме шалвари. Скопје беше прочуено порано, главен град, секој сакаше да дојде... Слушавме дека купувале шалвари  за невести, па и ние доаѓавме.

-Какви сеќавања имаш ти за младоста?

-Еее, тие години нема да се вратат... Друго време било тогаш. Кога бевме деца, 15-16 години, се сеќавам како правевме кукли од дрво. И ќе земеме паричка, па со паричката ќе цртавме веѓи, усни... Што убава игра имавме тогаш... Кога ќе дојдеше пролет, од некоја тревка што ќе најдевме правевме бајрачиња. Што да ти речам... Ќе седнавме под една круша, крушите ќе паднат, па ќе ги јадеме, ќе ставевме лулашки... Во селото, многу се дружевме. Ние бевме единствени Турци, но имавме убав соживот. Ние ќе одевме на гости кај соседите за Божиќ, тие кај нас за Бајрам... Сега луѓето ретко се дружат. Но, како што гледам, малку од малку се враќа дружењето, но сепак ни блиску како порано. Денес сите имаат Интернет, телефони, а јас кога има муабет, тогаш повеќе ме интересира. И мала кога бев,стари жени кога ќе правеа муабет, јас сè ќе ги слушав и ќе дознавав од стари баби, учев и тоа уште го паметам. Така бев понапред.

извор: facebook.com/Honeyland

Не крие дека сака да се дотерува. Вели, многу убаво се чувствувала кога ја дотерувале за фестивалите. Но, освен што е вешта со рацете со пчелите и медот, таа одлично знае и да плете.

-Плетев и уште плетам. Правев и тантели везени, блузи плетам. И си ги носам. И калци плетам со китки. Уште од 12 години знам да плетам. Така било порано, момата морала да знае да плете, инаку ако не, ќе остане мома засекогаш. Сè морало рачно да се плете. Баба ми викаше: „Оваа нема да се учи“. А јас ѝ викав: „Од кај знаеш дека нема. Имам 12 години, чекај ќе се научам“. Сплети расплети, се научив, па таа ми праќаше конци од Турција. После ги купувавме од Скопје.

„И чашка вода е доволно...“

Иако е постојано опкружена со луѓе и патува, вели дека тие никогаш не ја изморуваат.

-Не, мене ме уморуваше само нервозата. Кога се нервираш, кога немаш од страна некој да ти помогне. Сега е поинаку.  Најтешко ми беше кога мајка ми беше болна. Дали за неа да се нервирам дека е во болки и мака ѝ е, дали за себе нервози да имам. Лик немав тогаш, што ќе направам си мислев... Фала Богу што Тамара беше тогаш тука... Таа се расплака, плачев и јас... Мене не ми беше снимањето тешко, други работи беа тешки, но значеше што имав луѓе со мене, што не бев сама. Кога беше болна мајка ми, имав многу секирации и си викав, „Дај боже да ми отвори некои врати, да ми олесни“. Не поминаа три дена, се појавија Љубо, Данка и Феко... Ми рекоа баш тебе те бараме. Љубо ми вика, што да ти помогнеме. Не знаев што да кажам, „И една чашка вода е доволно“, реков јас. „Знам јас што“ одговори... И почнавме да снимаме. Прво ми беше чудно, срам... Не ми беше тешко, ама не го знаев редот. ама после се навикнав. Почнавме со кошниците и почнавме да правиме муабет. Малце по малце, шест месеци, три години станаа. Како семејство ми станаа. Знаеш сега колку ми е тешко кога ќе видам кабли, шатори, останале. Тешко ми паѓа. Им реков еднаш, до два месеца ќе се знае нешто. Нешто ме тераше така да кажам. И ете се случи наградата на „Санденс“.  

-Ќе успееме ли да го сочуваме медот чист?

-Мислам дека ќе успееме. Луѓето многу добро ја прифатија „Медена земја“, се радувам медот да оди подалеку.

-А која би била твојата новогодишна честитка?

- Следниот месец ќе наполнам 56 години, посебни желби немам. Ја сакам Нова година како празник и сакам во новата година да имаме уште повеќе успех, подобар живот, да бидеме понапред, да има уште поубави работи. Да се дружиме. 

Кога макар малку би гледале низ очите на Атиџе, светот би бил многу подобро место за живеење. Ние би биле подобри. Со почетокот на 2020 сите ги очекуваме номинациите за „Оскар“ и навиваме за „Медена земја“. Но, што и да се случи, вистината е дека Атиџе веќе се запиша во историјата, а она што ѝ го должиме, и неа, и себе и на природата е никогаш да не забораваме да ја негуваме и да ѝ оставиме половина. Но, исто толку да ја негуваме и човековата природа.

Атиџе, ти благодариме!

 

Објавено:
30 декември 2019
object(stdClass)#482 (8) { ["nid"]=> string(5) "23319" ["ga_count"]=> string(5) "21692" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1683324000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1683324000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
21.692 пати