Ако некогаш имавме дневник во кој ги запишувавме нашите импресии од секојдневието, денеска неговата современа варијанта е блогот. Модните блогови што срамежливо се појавија пред неколку години, со добар менаџмент се развија во вистинска бизнис институција која донесува и одлична заработувачка. Но, пред да се размислува на финансискиот момент, есенцијата на секој моден блог е пасијата кон модата која обликувана во индивидуален животен стил станува инспирација и за другите, личниот став, умешноста да се остане свој покрај искушението на масовните трендови, креативниот дух, посветеноста...
Модната блог платформа и кај нас, се похрабро се развива и тоа е за поздрав.
Со исклучителната посветеност кон својата пасија – модниот блогерај, со нивната перманентна присутност, сериозниот пристап и впечатливиот стил, вниманието ни го привлекоа сестрите Марија и Мартина Бончаноски кои веќе неколку години своите секојдневни стилски комбинации ги документираат на нивниот блог „Inside the B World". За тоа како од идеја и страст кон модата создадоа свој виртуелен, онлајн моден дневник, за нивниот личен стил, за нивните предизвици, за актуелните тенденции читате во продолжение во нашиот разговор со Марија и Мартина.
Раскажете ни ја приказната за почетоците на „Inside the B World".
Приказната започна пред нешто повеќе од 5 години кога блогувањето се уште беше новост во светот. Како љубители на модата, решивме (срамежливо) да ги документираме нашите дневни комбинации во наш дневник, нашиот блог. На почеток не ни знаевме каде се може да не однесе и што да ни донесе блогот, доволно ни беше само некаде да ги документираме нашите инспирации.
Kои се Марија и Мартина?
Марија и Мартина се две сестри, дипломирани економисти и иако со не-толку креативна професија, секогаш жедни за инспирација, која ја документираат во фотографии.
Зошто „Inside the B world"? Има ли некој посебна причина за името на блогот?
Б е првата буква од нашето презиме, па уште во самите почетоци некако ненадејно дојде идејата за името на блогот.
Кој момент од модното болгирање најмногу ве исполнува?
Секој дел од процесот со кој се добива целиот производ по малку. Од делот на бирање на комбинацијата, што најчесто е спонтано, па изборот на локација, обработка, па објавување на фотографиите. Иако некогаш може да е проблематично да се добие саканата фотографија, крајниот производ не прави истрајни.
Што ви е најголем предизвик?
Најголемиот предизивик ни е она што некогаш започнало како хоби да не однесе некаде каде што не сме ни помислувале.
Модното блогирање на глобално ниво е сериозен бизнис. Колку ние сме во чекор со светот од тој аспект?
Не дека не постои простор и можности и кај нас тоа биде сфатено толку сериозно како што е во светот, меѓутоа се уште недостасува поголема доверба во моќта на социјалните мрежи и верувам дека постои скептицизам околку способностите на „нешколуваните" љубители на модата.
Какво е вашето досегашно искуство со соработки со домашни или странски брендови?
Во однос на соработките се водиме од правилото да прифаќаме само она што навистина би го носеле или употребувале, без разлика дали се работи за бренд од Македонија или од странство, бидејќи само така се стекнува доверба кај читателите, независно дали станува збор за облека, козметика или накит.
Како го дефинирате вашиот личен стил?
Дефинитивно се менува со текот на времето и се откриваме постојано. Меѓутоа Марија секогаш имала елегантна нота, додека Мартина покежуал.
Ви значат ли трендовите?
Да. Не ги следиме слепо, меѓутоа секогаш наоѓаме начин како да ги вметенеме во наш стил.
Што ве инспирира?
Инспирацијата е насекаде. Инстаграм е дефинитивно главниот извор на инспирација на било која тема за фотографирање. Патувањата се исто голема инспирација особено зашто се пронаоѓа нешто што не сме ни помислувале дека ќе ни се допадне.
На вашиот моден блог често може да видиме фото-разгледници од различни светски дестинации. Кои ви се омилените места што до сега сте ги посетиле и зошто?
Едногласно ќе се сложиме дека Лондон ни е последен фаворит, зашто е различен од сите други. Барем во нашите очи. Градот има елеганција и традиција која е градена со векови, која е очигледна само со чекорењето по улиците. Не занемарувајќи го исто фактот дека е светски моден центар.
Задолжителни модни парчиња за оваа летна сезона...
Дефинитивно еден од омилените летни трендови е „slip dress". Кога сме кај модните додатоци, неизбежни се очилата со рефлексивни стакла кои лично ги обожаваме како и „choker" синџирчињата.