ИНТЕРВЈУ Амернис Нокшиќи: Природниот изглед е незаменлив

Интервју со •
10 февруари 2014

Интервјуто го започнавме со откривање на моменталните професионални планови, за потоа да ја „разголиме“ и на приватен план. А кога покрај вас имате успешен соговорник, знаете дека ниту едно прашање нема да остане без соодветен одговор.

Колку време сте дел од Албанскиот татар и кои се вашите моментални професионални ангажмани?

Од 2004 година сум дел од Албанскиот театар. Во моментов немам ангажмани бидејќи театарот се реконструира.  Одговорните лица се ангажирани околу барање на простор каде ќе можеме да го сместиме нашиот репертоар и да продолжиме со следните проекти кои се предвидени за 2014.

Секоја улога со себе носи посебна приказна и карактер кој треба да се доживее за да се пренесе на театарската сцена? Дали Ви се случило да се поистоветите со некоја улога?

Кога спремам една улога давам се од себе или поточно речено копам длабоко во себе да најдам сличности, некогаш ги наоѓам но некогаш не, тогаш комотно си позајмувам некој лик од моето опкружување, некој лик што не е познат, со тоа што го приспособувм, така што секако дека е тоа дел од мене и нема бегање.

 Ја следите и работата на театарската и филмска сцена во Косово? Можете ли да направите паралела помеѓу нивната и онаа која преовладува во нашата земја?

Минатата година имав два интересни проекти за кои работев со актери од Косово. Првиот беше краткометражен филм на Арлинда Морина “Кројачка” за кој и бевме наградени за најдобар филм и второто снимање беше на интересен скеч со група познати комичари, а видеото на Youtube имаше над 100.000 прегледи. Во Косово многу повеќе се вложува во снимање на домашни серии и филмови. Косово има развиена домашна продукција и за разлика од кај нас што никако не можеме една добра серија да снимиме, и секако работата е многу повеќе платена од тука.

Колку награди имате добиено до сега и какво значење имаат тие за Вас?

Би лажела доколку кажам дека не ми значат, секогаш се добредојдени бидејќи се дополнителна мотивација да одам напред, но не секогаш се меродавни. Понекогаш некоја улога бара голема ангажираност и е позитивно прифатена, но ете да не е наградена. Последна награда што ја добив е во јануари 2014 на фестивалот “Флака е Јанарит” во Гњилане за главна женска улога (убаво ми тргна годината)

 Амернис Нокшиќи знае секогаш да направи успешен баланс во изгледот во зависност од потребите на настанот на кој се појавува. Ја обожава црвената боја и воодушевува со секоја појава на црвените килими. Соработува со дизајнерката Мила Кадриу, во минатото има соработувано со Кара, а беше учесник и во кампања за борба против ракот на дојката.

 Во 2012 година се приклучивте во кампањата за борба против ракот на дојката со учество на ревија на дизајнерката Афердита Пачарада. По тој повод носевте успешна маска на себе за која многумина помислија дека си стрижена ќелава. Дали ако навистина се побара тоа од Вас, би го направила?

Би го направила тоа за потребата на некоја филмска улога. Дизајнерката Афердита Пачарада која боледувала од таа болест одлучи да спроведе кампања во борба против ракот. По тој повод беа повикани поранешни мисици, манекенки од Албанија, Косово и Македонија. Кога Афердита ја сподели со мене идеата на самата ревија и дека сака да изгледаме ќелави, веднаш прифатив бидејки идеата нејзина ми беше многу оргинална и многу храбра. Јас тогаш имав пократка коса и токму затоа не се ни забележуваше дека имам маска ставено на глава. Ова беше нејзина ревија со нејзини модели и сигурна сум дека влијаеше во подигање на јавната свест кај жените за последиците на оваа болест на денешницата.

Вие сте дама на црвениот килим. Секогаш знаете да изненадите со аутфитот и да блеснете во целосен сјај. Кој се грижи за Вашиот стил?

Последниве две години соработувам со дизајнерката Мила Кадриу и тоа до соработката дојде сосема случајно. Ми се допаднаа нејзините модели и си реков дека тоа е тоа што јас го сакам. За жал тие модели кај нас нема каде да се носат освен на црвениот килим. Исто така морам да кажам дека на албанска свадба нема жена која изгледа обично, туку сите изгледаат средено од глава до петици, во впечатливи вечерни тоалети. Во однос на подготовките, Кадриу сама ја подготвува креацијата јас не влијаам со свои сугестии, може да ме праша само на пример дали за одреден аутфит сакам да има кратки, долги ракави или да биде без ракави.

 Колку време соработувавте со Кара?

Договорот со Кара траеше една година. Соработката беше успешна, убаво и весело ни беше и на фотосесиите. Позади мене стоеше еден тим на професионалци кои добро ја одработија цела кампања.

Приватно каков стил преферирате и дали сакате да експериментирате како со изборот на парчиња, така и во однос на фризурата и мејкапот?

Лежерен стил. Сакам да носам фармерки, хеланки и кошули. Сакам да експериментирам со шминка и фризура само кога имам сликање. Приватно го негувам едноставниот изглед.  Не сакам да излезам од рамките на тоа што сум јас и да носам парчиња кои не ги сакам. Јас имам изградено свој стил и не е важно дали изгледам модерно или не, бидејќи удобноста ми е секогаш во прв план. Не сакам да бидам унифицирана.

Изгледате одлично. Како го одржувате Вашиот изглед?

Во моментов не правам ништо, туку е генетиката е во прашање. На козметичар не одам. Сум била неколкупати и сум рекла повеќе не. Немам проблематична, туку чувствителна кожа и затоа мојата козметичарка кога бев бремена со првото дете ми правеше специјална крема бидејќи ниту една друга не ми одговараше. Имам доверба во неа односно во козметичкото студио Baterflay, но реално немам потреба од третмани. Се случува понекогаш да ставам само маска на лицето и тоа е се.

Дали би правеле естетски промени?

Сега засега не би направила такво нешто. Се чувствувам удобно во сопствената кожа и сметам дека брчките се дел од нас и дека говорат доволно за нас. Не знам колку сте забележале, но моментално по градот се шетаат девојки кои  личат една на друга, со зголемените усни, со затегнатите очи и дигнатите јаболчници.  Подржувам правење на естетски промени доколку се навистина неопходни и доколку придонесуваат во подигнување на моралот, но сепак природниот изглед е незаменлив.

 Дали се консултирате со Борјан во врска со изборот на аутфитот?

Ќе кажам и да и не. Многу пати ни се случило двајцата да се согласиме во изборот на комбинациите, а некогаш се консултираме. Доколку јас носам црвен фустан, тогаш тој носи црвена кравата. Си кажуваме еден на друг кога нешто не ни се допаѓа или пак се консултираме доколку не сме сигурни во изборот на конкретното парче.

Фан сте на модните додатоци и винтиџ парчињата. Кое Ви е омилено парче од Вашиот гардеробер?

 Во последно време поретко ги користам, некако се заситив од нив. Не тврдам дека нема пак да ги носам модните додатоци. Ги обожавам винтиџ парчињата, а многу често ми се случува да купам некое парче, но да не го носам.  Не сум голем шопохоличар. Кога ќе видам нешто што ми се допаѓа го купувам, но не губам саати во талкање од еден во друг бутик. Многу често се случува да заминам на шопинг во Солун, но да не купам ништо.

 Колку ги следите модните трендови?

Ретко бидејќи немам време. Модните новости ги следам само во текот на модните недели за да се информирам за одредена ревија.

Актерката е во брак со новинарот Борјан Јовановски, со кој има две прекрасни ќеркички Бора и Каја. Успешно се снаоѓа во улогата на мајка и сопруга, па добро се координира во одвојувањето на слободно време за најблиските бидејќи нејзината и професијата на Борјан немаат фиксно работно време.

Како успевате да се снајдете со улогата на мајка бидејќи тоа е улога која бара ангажираност 24/7, а сепак да успевате и професионално да градите кариера?

Со добра организација. Се трудам да си го организирам времето за да можам да ги завршам сите обврски пред 15 часот за потоа да можам да се посветам на домашните обврски и семејството. Бидејќи работата во театарот нема фиксно работно време се случува да бидам зафатена од сабајле, па повторно попладне, некогаш се случува да останеме на проба и до доцна во ноќта, но за среќа тоа не се случува често.

Колку успевате да ја скриете приватноста од јавноста и како вашите ќерки го поднесуваат фактот што нивните родители се често мета на медиумите?

Едноставно колку што е множно повеќе, ќерките се мали и се уште ништо не разбираат.

Во брак сте со новинарот Борјан Јовановски. Вие сте доказ дека љубовта не познава граници  ниту по национална, ниту по верска основа. По тој повод, бидејќи наближува празникот на вљубените, може ли да ни откриете како се запознавте и дали ќе го одбележите овој празник?

Ние не го празнуваме празникот бидејќи ден пред празникот на 13 февруари ја започнавме нашата врска и токму затоа нема потреба од одбележување на овој ден. Се запознавме на 10 годишнината на А1 телевизија во Континентал.

Благословени сте со две прекрасни ќерки Бора и Каја. Дали би сакале и тие кога ќе пораснат да ги следат стапките на своите родители или пак да изберат поразлични животни правци?

Моите и родителите на Борјан никогаш не ни се мешале во тоа што сме го одбрале и затоа изборот ќе биде нивен. Ние само може да ги поддржиме и да го кажеме нашето мислење. Тие мора сами да си одберат по кој пат ќе чекорат и по кој пат ќе бидат најсреќни.

 Кои се Вашите идни професионални планови?

Моментално немам бидејќи театарот сеуште се реконструира, но знам дека треба да заминеме во март на фестивал во Бурса Турција. Сега за сега немам некои конкретни ангажмани.

Објавено:
10 февруари 2014
bool(false)