Интервју Атанас Атанасовски: Секоја мајка би го посакала за зет!

Интервју со •
20 декември 2014

„Имам едноставен вкус. Секогаш сум задоволен со најдоброто“, рекол некогаш Оскар Вајлд. Денешниот наш соговорник комплетно соодветствува со дефиницијата на Вајлд, барем кога станува збор за неговата професија. Потврда за неговиот успех на сцена се и „Златната Бубамара“, која ја освои минатата година со еден мал условно кажан „хендикеп“ - мораше да ја дели со неговиот колега Тино, но и наградата на фестивалот „Војдан Чернодрински“, како и големиот број аплаузи и бисови по завршувањето на претставите. Динамиката и оригиналниот пристап на младиот и неверојатно талентиран актер Атанас Атанасовски, кој е дел од актерскиот ансамбл на Театарот Комедија кријат една мала тајна. Доколку за миг помисливте дека тоа е дел од специјалитетите кои се приготвуваат во кујната на Фроги во „Хамлет во пикантен сос“, се лажете. Не мора овој пат да бирате помеѓу крвав бифтек и чоколадна торта. Без разлика дали ги носи чевлите на Селпин, Гоце, Иван Кузмич Поткаљосин, Итар Пејо, Хамлет, Бернард, Ернест или Бенедикт, тој секогаш знае како да продре длабоко во сржта на ликот бидејќи негова инспирација е легендарниот Џим Кери. Обожава да зборува со фудбалска терминологија, има просечна висина за кошаркар – плејмејкер, шармантен, насмеан, позитивен, одличен актер, вработен,  – секоја мајка би го посакала за зет!  За сите  кои не можете да не го обожавате, а на наша голема чест и задоволство, специјално за fashionel.mk, прочитајте нешто повеќе за  Атанас Атанасовски.

 Кој е Атанас Атанасовски?

-Тоа дека како помал сум бил малку приглупо дете и ми направиле какво име такво и презиме за да не се бунам во градинка кога ќе ме прашал некој како се викам. Атанас..совски така ми било полесно и затоа сум Атанас Атанасовски. Ама добро звучи нели? А обратно кога ќе го ставиш уште подобро: Атанасовски Атанас. Некако така мене ми е интересно. Се шегувам, Атанас е 25 годишно момче од Скопје, кој се бави со глума и е актер, не сум актер, глумец сум, работам во Театар Комедија и тоа е. Висок сум метро осумдесет и седум – просечна висина, добра за кошаркар, за плеј мејкер. Завршив Академија за драмски уметности – дипломиран актер, средно хемиско – гимназиски смер.

Твоето прво искуство на сцена?

-Прво искуство на сцена ми е во детско – драмско студио кај Магдалена Ризова – Черних, мислам дека беше за претставата „Буре Барут“. Во Пионерски дом Карпош, изнајмувавме сцена и тогаш во салон 19 19 ми беше првото искуство.

Како се подготвуваш за секој нов театарски предизвик?

-Кога го добивам текстот, сакам прво да истражам се околу текстот, да видам кој се го има играно тој лик, ако има интервјуа со тие актери да прочитам и доколку не сум задоволен со информациите и дојдам до „кризен“ момент секогаш се прашувам: Што би направил Џим Кери во оваа ситуација? И обично ми се решаваат дилемите за и околу улогата која ми е доделена.

Што е најлудата работа што си ја направил на сцена?

-Многу рано ми ги поставуваш прашањава, 10:30 наутро е. Таа една најлуда што ја имам направено, глупаво е да ја кажам, не е за во интервју. (се смее) На 50-тата изведба на претставата „Ах љубов моја неверна“, во брканицата никој да не знае отворив шампањ и го пукнав на сцена. И бидејќи никој не очекуваше на сите што беа затекнати, лицата им беа бесценети.

Која е твојата девиза за среќа?

-Леле не знам што ми е девиза среќа. Другарите, тие најмногу ме прават среќен. Кога сум во депресија и кога нештата не одат според планот, кога сум тапа, кога немам креативност, секогаш се собираме некаде и ме релаксираат, затоа што не ми зборуваат за театар. Разговараме на други теми и некако ме дистанцираат од ова што го работам и полесно ми е така, бидејќи после подобро го согледувам проблемот и наоѓам решение за истиот.

Кој театарски лик е најблизок до вистинскиот Атанас?

-Се пронаоѓам најмногу во ликот на Бенедикт кој вели: „Ќе си останам ерген засекогаш“, ама се потсетувам на Иван Кузмич Поткаљосин кој вели: „Ете ќе почнеш да размислуваш и ќе сфатиш дека треба да се жениш“. Ова е мојата хамлетовска дилема.

 

 

 

Објавено:
20 декември 2014
bool(false)