Интервју: Борис Кралев – Да бидеме реални и директни во критиката

Интервју со •
18 декември 2014

Борис Кралев е човек кој со својот талент, шарм, искуство и скромност ќе ве инспирира да гледате на работите од поинаков аспект. Критичен, но и самокритичен.  Човек кој знае што сака од животот, цврсто стои на земја, максимално посветен на својата животна пасија, перфекционист, изградена личност како на приватен, така и на професионален план, со феноменален и уникатен стил, кој реално дава осврт за моменталната ситуација на модната сцена во Македонија. Ова е задолжително модно четиво за сите оние кои не сакаат да бидат нечија копија или жртва на балканскиот менталитет, кој е проткаен буквално во секоја сфера од животот.

За кои брендови до сега сте работеле?

- Првата моја работа беше Sales assistant  на машкиот оддел во Бенетон, за после шест месеци да ме унапредат во Visual Merchandiser за машкиот, а потоа и за женскиот оддел, вклучувајќи ја и функцијата window dresser. Потоа следеше тренингот за Сисли. Бев лично инволвиран во отворањето на бутиците на Бенетон и Сисли низ цела Бугарија и тренирање на персоналот кој беше избран како дел од тимот. Соработката со Долче и Габана дојде благодарение на сопственичката за која работев, а која беше задолжена за отворањето на нивен продажен салон, како и за Валентино и Армани. Луѓето кои беа задолжени да го поготвуваат персоналот за работа во Долче и Габана, ме вклучија и мене за да видам што точно се „готви“ во кујната на брендот. Модната индустрија е всушност моја професионална ориентација и пасија. Таа ми е секојдневна преокупација и единствена филозофија во мојата глава. Ме исполнува и среќен сум што сум меѓу ретките кои не работи, туку ужива во својата работа.

Зошто недостасуваат светски модни брендови во Македонија?

- Прво малиот пазар, недостатокот на модна култура и малата куповна моќ на граѓаните Луѓето мора да се научат дека модната индустрија е мулти - милионски бизнис, а работењето во неа значи откажување, т.е. жртвување на приватноста, за сметка на професијата. Исто така, колку и да звучи чудно, но само луѓе кои се лишени од емоција, може да просперираат во овој бизнис. Успехот се состои токму во строгоста, не се толерираат грешки и моментот кој недостасува кај нас, се обрнува внимание на деталите.

Колку е исплатливо да се биде моден блогер и дали ги следите модните недели кај нас?

- Сметам дека оние кои беа интересни и кои се издвојуваа, здосадија со нивната повторливост бидејќи за да опстанат на исто место, мора да сфатат дека треба да бидат различни и уникатни. Кај нас нема леб од таков тип на бизнис. Нашите блогери очекуваат да стекнат популарност за да бидат препознаени надвор од границите на земјата и да бидат прифатени. Не ги следам модните недели кај нас, а исклучок би направил кога ќе се постигне потребното ниво од ревиите на кои сум присуствувал во Италија. Едноставно немаме модна култура, не се создава ништо ново бидејќи се уште доминира балканскиот менталитет. Доколку човек се реши да остане во Македонија, тогаш ќе се соочи со нешто што е зарѓавено децении наназад. Пред се, погледнете ги излозите во Скопје и моделот кој презентира одредена креација, каква идеја има оној кој стои зад ова дело, дали се обрнува внимание на деталите, дали облеката е испеглана... Кај нас најчесто ова е ставено во втор план, а од друга страна и луѓето кои пазаруваат, немаат око за да ги забележат тие недостатоци. За мене излогот е лицето на еден бутик, ако тоа не ме привлече, како на друг начин ќе ме натерате да влезам внатре.

Зошто решивте да ја напуштите работата во Софија и да се вратите во Македонија?

- За десет години сметам дека научив доволно и се вратив мислејќи дека можам да придонесам и помогнам во менување на работите кон подобро. Но, сликата која ја видов тука, ме натера да се запрашам дали го направив вистинскиот избор. Мислам дека со влегување на  интернационални компании, не франшиза ќе се промени модната култура и свеста кај луѓето. Ќе се создаде конкуренција, која ќе ги натера брендовите да го променат начинот на функционирање и да сакаат секогаш да се подобри од другите.

Дали и кај нас како и во странство се потценуваат купувачите според надворешниот изглед?

- Тоа е грешна дефиниција на луѓето кои се инволвирани во модната индустрија. За мене лично нема разлика меѓу купувачите. Дури можам да потврдам дека токму спортски облечени луѓе, многу повеќе ќе ја ценат вашата услуга, за разлика од оние кои сакаат да бидат третирани како божици. Кај нас постои еднаков третман, а мене лично ми е доволно да го погледнам купувачот, за точно да знам на кој оддел да го насочам, со цел да извршам одредена продажба. Суѓестии примаат оние кои вистински сакаат да се променат. Откако се вратив во Македонија, променив имиџ на голем број луѓе кои претходно веруваа дека никогаш не би облекле одредено парче или одредена боја, но понекогаш и сум груб, со цел да ги разбудам од заспаноста. На секоја жена и велам да биде прва која ќе промени нешто, а не последна.

Зошто недостасува инвентивност во уличниот стил кај нас?

- Повторно се враќаме до нивото на култура. Едноставно немаме модна култура. Еден Италијанец се раѓа, расте и живее во духот на модата. Не сакам задкулисни игри, дајте да бидеме малку реални и директни во критиките. Кај нас тренд се смета она што ќе го промовира одредена ѕвезда. Секој си мисли дека премногу разбира и дека не смеете да му дадете одредено мислење. Дури и со луѓето со кои соработувам, ми беше неопходен период за да им ги променам размислувањата,  односно од шест месеци до година дена. Токму затоа и мојата иднина ја гледам надвор од земјата. Не сакам да го трошам моето знаење и искуство на луѓе кои тоа не го ценат и едноставно не допира до нив. По десет години, се вратив со цел нешто да променам и свесен сум дека тоа не може да се случи преку ноќ, но сепак мојата одлука е донесена.

Омилени дестинации и искуства?

- Во тој дел сум ограничен. За мене патувањата се професионални и немам време да мислам за личен живот. Професионално сум патувал многу, а местото каде би сакал да умрам е дефинитивно Париз. Престолнина во која се гледам себе си и целосно се пронаоѓам.

По што се парижанките уникатни?

- Затоа што носат едноставни парчиња. Една жена може да изгледа како вистинска дама, само со носење на бисерни обетки. Парижанките сакаат да носат бижутерија, но Италијанките на пример преку ден може и да не ги забележите, но навечер прават феноменална трансформација. Кај нас луѓето се апсолутно исти преку целиот ден и навечер . Доколку не знаете да комбинирате бои, најдобро би било стајлингот да биде сведен на максимум две нијанси. Дамите кај нас треба да сфатат дека минимализмот е многу подобро решение, од стајлингот дополнет со секакви детали, односно на тој начин промовираат кич, кој е дефитивно актуелен кај нас. Париз конкретно го сакам поради културата, луѓето знаат да уживаат. Таму ми се случи да сретнам постар пар, кои седеа на клупа, пиеја вино во кристални чаши и уживаа во глетката на Ајфеловата кула.

Како би го опишале сопствениот стил?

- Мојот стил го менувам секој ден. Се брзо ми здосадува. Работам во модна индустрија која секојдневно наметнува новитети, а тоа е и убавината на модата. Кога сум дома, преферирам кежуал стил. Кај нас најчесто парчињата ги носат луѓето, а не обратно. Луѓето треба да научат дека  кога ќе облечат нешто, треба да почувствуваат дека тоа е дел од нив, односно нивна втора кожа. Тоа е стилот за мене. Притоа парчињата не мора да бидат скапи, туку да почувствувате дека сте едно со облеката која ја носите.

Во последните неколку сезони актуелна е спортската елеганција.  Но, зошто постои поделеност околу мисењата за носењето на тренерки и патики во секојдневниот стајлинг?

- Луѓето кои остануваат дополнителни часови на работа имаат потреба од комфорност. Токму затоа и се создаваат овие линии. Пред извесно време гледав емисија во која што имаше девојки кои требаше да претстават одреден фустан. Една од девојките облече фустан кој беше Висока мода, го комплетираше со патики и кажа дека во денешно време ова е всушност Високата мода. Тоа е тоа што жената во денешно време го бара, а во минатото би било апсурдно да се помисли.

Кои модни брендови се дел од Вашиот плакар?

- Се што носам во животот ми нуди комфорност и ме прави да се чувствувам перфектно и незаменливо. Знам дека тоа е мојот стил. Не сакам да ми се наметнува мислење, пазарувам сам и сум тип на човек кој мрази да губи премногу време на шопинг. Знам што сакам, што барам и не примам суѓестии. Важно е луѓето да знаат какво парче бараат кога влегуваат да купуваат во одреден бренд. Обувките кај мене се во најголем број и на нив трошам најмногу пари. Од брендовите кои се застапени во мојот гардеробер, посебно се издвојуваат парчињата од Долче и Габана и Зара. Носам исклучително квалитетни парчиња, изработени од природен материјал, без разлика дали е кашмир, свила или лен. Имам парчиња кои буквално ги облекувам само еднаш и никогаш повеќе. Не сакам да бидам повторлив и свесен сум дека кога купувам одредено парче, дека трошам пари на облека која ќе ја носам само еднаш.

Го жртвувате приватниот живот за сметка на професионалниот. Кој Ви е движечки мотив кој Ве тера да ги исполните секојдневните обврки?

- Да не се лажеме, секој барем еднаш во животот посакал да се откаже од работата. Тоа е дел од животот. Кога сум премногу изморен, се инспириран со успесите од тековниот ден и веќе наредниот ден сум нова личност. Нема некоја посебна формула. Понекогаш знам да се опуштам со чаша црвено вино. Сакам да си дозволам убави работи приватно, бидејќи тоа ми е важно за да продолжам понатаму. Го сакам светот на Ана Винтур, сакам да бидам човек кој еден ден ќе доиктира модни правила и случувања. Таа е човек кој направи направи модна револуција со воведување на крзното за секоја зимска сезона. Најскапите парчиња кои ги поседувам се со крзно, а доколку дојде момент да направат изработка на вештачко крзно, кое ќе изгледа перфектно, би се откажал од природното крзно.

Колку работата од Вас бара постојана едукација за модните трендови?

- Има брендови кои ми се доволно да ги разгледам, за да знам што моментално се случува на модната сцена. Едукацијата е неопходна. Не сакам ексцентичност во моделите. Почитувам луѓе кои изградија империи, а таа постојано расте и без нивната апсолутна посветеност. Во последно време го следам Балман, а  неостварена желба ми е да работам за Долче и Габана но не во бутик, туку да бидам дел од целата маѓија која се случува зад затворени врати, односно во бекстејџот на модниот бренд.

Зошто етаблираните модни куќи во последно време продаваат име, наместо да промовираат модел кој би внел свежина на модната сцена?

- Модната индустрија е индустрија која се троши. Се појавува Кендал Џенер која благодарение на добриот PR на нејзината мајка, станува светски позната и го издигнува семејното име како култно на глобално ниво. Секоја чест што без тронка труд во животот, направија голема империја.

Имате желба да бидете стилист. Дали би тргнале по стапките на светските модни брендови во избор на заштитни лица за своите колекции?

- Новото е секогаш предизвик, бидејќи на светот ќе му подарите нов плод. Но сепак, сето тоа зависи од тоа колку сте моќни за да промовирате одредено име.

Дали мажите кај нас имаат чувство за стил?

- Многу повеќе од жените. Факт е дека мажите повеќе обрнуваат внимание на изгледот, а жените продаваат ефтина провокативност за една вечер, иако класата останува засекогаш. Но тоа не поминува кај секого. Кај мене кога доаѓаат девојки на интервју, внимавам во што се облечени, како се однесуваат и искуството, кое доколку го немаат, го заменувам со начинот на комуникација бидејќи во нашиот бизнис мора да знаат како да продаваат. Генерално сме луѓе кои лесно се продаваме, затоа сметам дека кога би можел Македонија би ја пренел во Холивуд, дефинитивно би биле најдобрите глумци.

Дали е неопходен дрес код во однос на професионалниот аутфит?

- Ова би го одговорил преку едноставен пример. Доколку утре би правел свадба, на поканата би напишал начин за тоа како гостинот треба да изгледа. Да, дефинитивно мора да постои.

Како би се опишале себе си?

- На прво место крајно дисциплиниран. Луѓето кои не ме познаваат сметаат дека сум арогантен. Тврд сум како во приватен живот, така и на профисонален план. Потребно е луѓето да ме научат како функционирам, а во однос на работата, персоналот да ми поверува и луѓето да видат дека јас можам и знам и дека не сум воопшто променет од самиот почеток. Професионалец и перфекционист на приватен план. Сакам кога ќе оставам одредено нешто да го најдам на истото место и можам да приметам дури ако е за милиметар поместено.  Благодарение на искуството кое го имам, можам да кажам дека можеби сум сам, но не и осамен. Имам мал круг на луѓе со кои сакам да бидам. Кај мене секој кој доаѓа мора да се најави, во спротивно, нема да дозволам да влезе. Тежок карактер сум, сакам работите да ги решавам брзо и не прифаќам не за одговор. Не и неможе во мојот речник не постојат.

Што е за Вас убаво поминат ден?

- Професиоанално убаво поминат ден е кога знам дека е завршен сто посто како што треба. Дека трудот ми донел придонеси, дека сум постигнал нешто или некој позитивно ме изненадил на работам, а лично да не сум го побарал јас. Тогаш сум среќен. Едноставно сакам моето семе да донесе плод и кога го гледам тоа, тогаш знам дека имам исполнет ден на професионален план. Приватноста ја жртвувам токму за сметка на работата. Убаво е кога го работите тоа што го сакате, но исто така професијата и финански да ве мотивира. Можеби сеуште сум во години кога не чувствувам потреба да имам сопатничка до себе, но во иднина планирам потомство, бидејќи знам дека ќе има добри гени

Дали мислите дека за триесет години колку што имате, сте се изградиле целосно или мислите дека се уште нешто Ви недостасува?

- Приватно сум задоволен од тоа што сум, а професионално знам дека имам уште голем број предизвици пред себе. Знам што можам да понудам и верувам во своите можности. Кога луѓето ќе престанат од  работите да ја гледаат само материјалната страна и кога ќе почнат прво да учат, да даваат и самите ќе добијат, бидејќи нивната работа дефинитивно некој ја следи. Најчесто кога завршувам одреден останок знам да кажам -  И не заборавајте Големиот брат ве гледа. Мора да се врати довербата на луѓето дека не работат за џабе или затоа што некој ги вработил. Генерално кај мене луѓето кои не се снаоѓаат им ја покажувам вратата, а на разделбата им кажувам дека можеби надвор таму некаде некој чека на нив, но не и овде.

Колку обрнувате внимание на негата на кожата и дали водите здрав живот?

- Обрнувам внимание на негата на кожата. Имам креми кои ми се препорачани од мојот дерматолог, а брич немам користено дваесет години. Токму затоа гледам дали кога одам на интервју, тоа претставува проблем. Работам во индустрија во која треба да сте претставителен и луѓето мора да видат дека водите сметка за својот изглед. Фризура најчесто менувам кога не сум задоволен внатешно од себе, бидејќи сакам нешто да променам. Кај мене нема средина, односно или да или не.  Наутро кога ќе станам, сакам мојот половина час време да ги имам само за себе. Прво јадам лажица мед, пијам топла вода со лимон, потоа следи кафето, а најголемата маана ми се цигарите. Егоистично се пазам себе си, особено од негативни емоции.

 Дали се информирате за модните новитети од портали и магазини?

- Секоја модно освестена индивидуа треба да се ориентира според Вог.  Тоа е библијата во модната индустрија. Откако дојдов во Македонија ,побарав портали и магазини кои ја следат модата.  Благодарение на соработката која ја имаме со Fashionel, гледам како ова е единствениот портал кај нас, кој се развива со голема брзина. Ја следам работата на модната куќа Елена Лука и Fashionel и се радувам кога има новитети. Ваша цел е да промовирате луѓе кои никој не ги знае, имаат големо искуство за себе, уникатни индивидуи кои никој до сега ги нема видено, а имаат што да кажат и понудат.

Локација: Chicago club & restaurant

Објавено:
18 декември 2014
bool(false)