Интервју Бранка Данчевска: Горда сум кога моите дела ќе завршат во вистински раце!

Интервју со •
17 март 2014

Младата македонска дизајнерка и производителка на накит Бранка Данчевска, веќе неколку години наназад изработува накит достоен за  почит. Таа заедно со дизајнерката Ивана Кнез е дел од модното студио „Драма“ каде се создаваат автентични модни приказни кои му даваат посебен белег на дизајнерскиот лик на Скопје. Нејзиниот накит е обожуван од страна на многу познати македонски јавни личности меѓу кои манекенки, пејачки, актерки... Бранка создава безвременски и луксузни парчиња накит, но и сосема урбани и тренди што се како создадени за лежерните секојдневни комбинации. Нејзините дела неколкупати досега пропатувале на изложби на различни локации низ светот, меѓу кои и во престижната Orozco Room на Менхетен. Оваа шармантна девојка беше  расположена да ни ја раскаже нејзината приказна за почетоците, за нејзината инспирација при создавањето накит, за техниките, но и за нејзините идни планови во развојот на нејзината лична дизајнерска приказна.

Како почна да се занимаваш со изработката на накит, од каде се собра толку голема креативност во тебе?

На 14 години донесов одлука дека ќе бидам уметник и учев вајарство, а потоа немаше назад. Продолжив да ја развивам својата креативност, изучувајќи нови техники и така се отворија нови видици и нови можности за мене. Јас растев во Старата турска чаршија и секогаш им се восхитував на излозите, но многу подоцна ја сфатив вистинската вредност на накитот.

Од каде инспирацијата за изработка на ваков вид накит, со оглед на тоа што иако има многу изработувачи на накит од филиграни, твоите некако раскажуваат посебна приказна?

Можеби целата разлика се состои во тоа што јас ја сфаќам моќта на накитот како медиум и искрено ја раскажувам својата приказна.

На која колекција/парче накит што си го изработила досега си најмногу горда?

Гордо стојам зад секое мое дело, внимавам тие секогаш да бидат издржани од сите апсекти и особено сум горда кога ќе завршат во вистински раце и така се затвора тој круг на задоволството.

Кој е најтешкиот дел при изработката на едно парче накит или таков дел воопшто и не постои?

Во изработката таков дел не постои, ама од идејата до техничката реализација патот е долг. Деребан еднаш ни кажа „Сега веќе нема тајни, секој може и атомска бомба да направи“. Сепак, најтешкиот дел е да се реализираат очекувањата на клиентите, особено кога истите се креативни и имаат некоја своја визија.

Кое беше првото парче накит што го изработи?

Не се сеќавам точно, но сигурно било некое привезоче од глина во основно училиште.

Што би ги советувала девојките да купат од твоите колекции?

За секого има по нешто, наскоро и на нова локација!

Која позната девојка има носено твои парчиња и на која светски позната дама би сакала да го видиш твојот накит?

Би ја издвоила Кристина Кецман, а би сакала да ги видам своите парчиња накит на Тори Амос.

По што се издвојуваат твоите дизајни на накит од другите во Македонија? Во што е нивната уникатност?

На моја среќа имав чест да учам од вистински учители во Македонија и Турција и да го применам нивното знаење, поддршка и критика се разбира.

За какви девојки е дизајниран твојот накит?

За сите оние што ќе се пронајдат себе си, повеќето парчиња носат порака што е одраз на моите актуелни интереси. Тежнеам кон тоа да создавам безвременски накит што ќе трае и ќе се пренесува од колено на колено.

Какви трендови во накитот ќе можеме да видиме следната сезона? Што според тебе ќе се носи најмногу?

Јас дизајнирам накит и за други компании каде што мора да се следат светските трендови бидејќи станува збор за масовно производство. За претстојнава сезона работиме на цветни мотиви, фауна и полудраги камења со светли бои.

Ако не беше изработувач на накит, денеска би била...

Физичар... квантна механика.

Кои се твоите идни планови? Има ли најава за некакви изложби во странство каде поширокиот аудиториум ќе може да се запознае со твојата работа?

Континуирано работам на неколку проекти од кои би го издвоила новиот бренд LOOM што одлично се развива и има одличен feed back од странската публика. Во меѓувреме се случи и изложбата во Њујорк, која вие ја најавивте неодамна. Работиме и на уште неколку случувања со Ивана Кнез, но повеќе детали кога ќе наближи датумот, можам само да најавам дека наскоро ќе имаме отворање на ново студио на многу атрактивна локација.

Објавено:
17 март 2014
bool(false)