Интервју Игор Џамбазов: Какво е тоа време во кое сме живееле ние?

Интервју со •
4 јануари 2015

IMG_9034-650x4331

Да се напише најава за него е тешко, особено што не се штедеше и се разголи пред сите нас... Се разголи на страници што секој посака да ги прочита. Сега пак, се облече. Како вели, за него започна второто полувреме од животот. А за тоа дали се смета за мудар, за младоста што му недостасува, за семејството, смртта, блузот, поразговара и со нас... За работи што можеби ги знаевте, но можеби и не - непосреден и искрен. Игор Џамбазов.

Во книгата пишувате: „Дојде време кога голиот човек стана облечен“. Време ли беше?

-Време е, време. Мислам дека можеби требаше и порано да се случи ова, „облекувањето“. Но, ете така некако се погоди во меѓувреме да влета онаа книга на мојата мачка, која ги поремети плановите за околу две години. „Облечен човек“ е стара идеја. Всушност, „Облечен човек“ се роди во истиот момент кога завршив со „Голиот човек“. Се разбира дека голиот човек еден ден ќе мораше да се облече, и ментално и физички. Убави се тие кругови во животот што се затвораат понекогаш. Еве кај мене се затвори на еден најубав, најпрецизен начин. Понекогаш има некои отстапувања, но кај мене за среќа се погоди сè како што треба. Има точно десет години од издавањето на „Гол човек“, и тие години излегоа како еден временски период доволен за да се случи облекувањето на вистински начин.

1

Се сметате ли за мудар човек?

-Па, не. Јас можеби сум мудар толку колку што е мудар мојот народ, затоа што јас црпам од него. Се дружам многу со обичните луѓе, а духот на еден народ се наоѓа во обичните луѓе. Духот на народот не сме ние што се појавуваме по телевизии, дебатни емисии, или новинарите што пишуваат... Духот на народот е далеку од нас, нешто што ние не го ни есапиме за Македонија. Некаде каде што мислиме дека нема ни луѓе што знаат да размислуваат. Ете од таму доаѓа духот и мудроста на народот. Ако сум успеал да ја соберам нивната мудрост, а тоа го правам во последните 20 години, тогаш би можело да се каже дека се сметам за мудар човек.

Во повеќе наврати изјавивте дека не размислувате за мода? Што Ве предомисли?

-Не е точно дека не сум размислувал, само не сум се гледал себеси во модата. Инаку, мислам дека не постои нормален човек на кој не му е пријатно кога е убаво облечен. Не верувам дека постои таков...Па дури и ние мажите што не се грижиме за тоа како изгледаме. Не секогаш, но во повеќето случаи...За разлика од вас жените, на кои ви е важно како изгледате и во лифт, гранапчето долу, па и на забар.. Ние бираме неколку поводи годишно за кои знаеме дека мора да изгледаме добро - на Нова година, роденден, на годишнина од брак, врска... Тоа се десетина поводи и јас во последно време дури и на тие не водев сметка како изгледам, додека повторно во мојот живот не се појави Весна Петрушевска, која пак ја наговори Елена Лука да ми помогне да не изгледам како параспур, што викаат моите рурални Македонци (се смее). И ете, сега иако сум малку „отпојќе“ неколку килограми повторно, во облините, една од девојките кои ме облекуваат ми кажа: „Добро е што сега имаш повеќе килограми, а знаеш дека добро изгледаш во новиве руби, ќе те натера да ослабиш“. И еве сега ќе видиме дали била во право...

1_92-433x650

Кои се предностите на животот после 50-тите?

-Си има и маани и предности... Во однос на предностите, една и единствена за која јас се залагам е тоа дека почнува второто полувреме од животот, ако се смета дека сто години е човечкиот живот, оној убавиот, да речеме дека во 51-вата влегуваш во второто полувреме... Па има некаква мудрост, за која и пред малку зборувавме, искуство што сум го стекнал со години – во работата, во животот... Ништо повеќе не може да ме изненади, подготвен сум на сè, од секого... Сите табуа се скршени, сите комплекси излечени... Убаво е да се живее во 50-тите години од животот, но мене ми се случува сега, како што влегувам во второто полувреме, шестата деценија од животот, да ми недостасуваат тие некои убави приказни од минатото, цели едни друштва... Да ми недостасуваат жени, случки, можеби таа носталгија за младоста, за убавото време, пријателства.. Можеби тоа е она што ми недостасува сега, но во шестата деценија од животот си го наоѓаш својот целосен мир, веројатно така и си ги продолжуваш животот. Токму затоа, јас само и зимно време седам во Скопје. Штом дојде пролетта, веднаш одам на село, каде што сум сигурен дека животот ми се продолжува, барем двојно повеќе од она што би ми се продолжил кога би бил во град.

32

Помислувате ли често на смртта?

-Па, помислувам, но како секој нормален човек... Тоа едноставно не можеш да го контролираш. И што е најважно, нема правила... Гледаме, сè почесто си одат луѓе што никогаш во животот не запалиле цигара, не пиеле алкохол, немале стресови...Не ги интересирале никакви пороци и одеднаш ќе се случи некаква трагедија, просто не ти се верува. Што знам, има некои луѓе, особено од мојата бранша што Господ ги чува, на некој чуден и необјаснив начин. Можеби и јас сум еден од тие, иако не верувам во Господ. Но, ете од некои причини и мене ме чува... Можеби поради тоа што сум се трудел да не им правам многу лоши работи на луѓето, односно, сум избегнувал ситуации кога сум можел да им направам нешто лошо. Целата деструкција што ми се јавила во животот од разно-разни причини сум ја усмерувал на својата личност. Сум си давал автогол, на некој начин. Веројатно поради тоа и покрај сите перипетии, се чувствувам добро, се трудам да изгледам добро, да работам нормални работи, некои работи што ќе останат засекогаш... Верувам дека моите книги се токму тоа, нешто што ќе остане засекогаш за идните генерации. Книги кои се сведоштво за едно турбулентно време – крајот на минатиот  и почетокот на овој, 21-ви век. И ако ништо друго, мојата генерација треба да биде среќна што живеела во едно, можеби најважно време во историјата. Време во кое нема повеќе светски војни, а тие всушност секојдневно ни се случуваат... Време на технолошки напредоци, каде што за само 72-часа се менуваат најновите типови на мобилни, лаптопи и не знам какви сè можности на пазарот. И тоа е тоа што ги менува луѓето, а истовремено ги асоцијализира, ги прави да бидат интровертни кон себе, особено младите. Тие комуницираат пред компјутер, на Фејсбук, Твитер, нема жива комуникација, нема допир, нема ништо... Овие книги тоа сакаат да им објаснат на младите, дека некогаш добро се живеело, замисли и без Фејсбук и без Твитер, мобилен телефон... Мислам дека успеав во намерата, бидејќи веќе сретнав неколку условно кажано млади луѓе, на кои многу им се допаднала книгата, иако им е сè уште чудно какво е тоа време во кое ние сме живееле...

DSC_4250-431x650

Кои се најсветлите моменти во Вашиот живот?

-Тоа е моето семејство...Ние бевме и сè уште сме едно специфично семејство, семејство на вистински уметници. Иако сестра ми не стана уметник, од самиот почеток се фати за архитектурата, сепак таа е најголемиот уметник од сите нас, бидејќи баш така боемски си го живее животот шетајќи низ светот. Еве сега додека ние разговараме таа е на пат од Тајланд, Јужноафриканска Република, потоа ќе оди на Куба и така ѝ помина животот во едно шетање. Најсветлиот момент е успехот, условно кажано, на моето семејство, почнувајќи од дедо ми Петре, па сè до сестра ми Тања... Се трудиме да позлатиме сè она што ќе допреме. Не секогаш ни успева и не е секогаш тоа така едноставно. Да речеме дека тоа е нешто по што ќе го паметам животот. Инаку, ако зборуваме за светлите моменти лично за мене, од мојата кариера, тоа би бил концеротот лани во „Борис Трајковски“, тоа беше врв на сè што сум правел, иако многумина не веруваа дека ќе се случи. Ниту пријателите ниту душманите. Јас им велев дека сум сигурен оти тоа ќе се случи, но изгледа не им беше доволно некое мое искуство. Тие се водеа по некои обични параметри, кои за нивна несреќа не важеа и за мене. Иако јас немам свој постојан бенд, немам спотови, ме нема на ниту една топ-листа, сепак народот дојде да ги слушне моите песни и не само тоа, да ги пее од почеток до крај.

1_210-650x433

Колку сте џамбаз во Слепче?

-Иххх, од глава до пети (се смее). Јас сум таму сосема друг човек. Треба да дојдете таму да видите... Да дојдеш таму да ми правиш интервју на истиве прашања ќе ти одговорев веројатно различно. Не дека ќе беше голема разликата, но сепак ќе имаше. Е таму дефинитивно не внимавам како и во што сум облечен. Во Слепче се живее чергарски, од денес-за утре. Јас се чувствувам таму преубаво. Слепче ме научи на една многу важна работа во животот, а тоа е дека навистина немам потреба од мобилен телефон. И тоа им го кажувам на сите... Ми велат, како немаш, како комуницираш? Така – ако умре некој, ќе се јават кај баба Маца, ако умрам јас - ќе кажат на вести. Секако ќе дознаете! Слепче ме научи да бегам од мобилни телефони, иако таму имам и Интернет, ме научи да се дистанцирам. Инаку, комуницирам преку мејл. Неколку пати дневно морам да влезам да видам што се случува. Така закажувам настапи, така состаноци...  Слепче ме прави сосема друг човек.

Која карактеристика ја почитувате кај мажите, а што најмногу сакате кај жените?

-Кај мажите не почитувам ништо. Навистина ние сме од друга планета, а вие од друга. Особено денес, „обичните“ македонски мажи, секојдневните личат еден на друг, како јајце на јајце. За нив животот е завршен кога ќе се роди второто дете, почнуваат да пуштаат мев. Сум го пуштил и јас, но од сосема други причини. Македонските мажи колку и да сакаат да го избегнат тоа, сепак се Балканци, во највулгарната смисла на зборот. И мене ме радува што вакви работи, како мојата книга, допираат и до најрадикалните примероци. Баш сега деновиве ми приоѓаат луѓе за кои не можам да поверувам дека воопшто во животот прочитале некоја книга. Но, оваа и некои мои претходни ја прочитале (се смее). А кај жените – мене ме импресионира вашата упорност. Она што ќе го намислите, не сте мирни додека не го остварите. Иако, понекогаш знаете дека тоа е погрешно. Но, тоа ми се допаѓа! Тоа е филм, тоа е став! Повеќе маани имаме ние. Кога бев мал мислев дека мааните се кај жените, но сега гледам дека не сум бил во право. Жените се тие што сепак го придвижуваат светот. Најголемите војни во историјата се правеле за жени. Не се правеле како денес, за нафта, моќ, за координати замислени, каде што се делат држави на салфетки во ресторани итн. Умре времето кога жената можела така да го придвижува и контролира светот. Денес е време на пластични и силиконски жени, кои сè повеќе се оддалечуваат од вистинската жена. Има примероци од женски хомосапиенси што не можам навистина да ги сфатам – зошто тоа си го прават себеси, на своето тело, организам, а не изгледаат никако подобро, изгледаат како кловнови, изгледаат смешно. Нешто што не е природно и не во своите размери, не може да биде добро.

DSC_4278

Кој е Џамбазов во блузот?

-Ако мислиш на тоа кој сум јас во македонскиот блуз, прво да кажам дека такво нешто како институција не постои. Македонска блуз сцена не постои. Јас сум можеби еден од првите, вклучувајќи ги и „Банкрот блуз бенд“ – Гиш, Пепи Ренџов и Гуру Харе кои почнаа да свираат блуз. Но, тие само изведуваа туѓи блуз композиции, а јас сум првиот што почна да создава оригинални македонски блузови и се сметам себеси и моето блуз друштво на чело со Игор Атанасовски - Харе, за некој што се погрижи денеска да има блуз сцена. Денес има блуз радио, блуз фестивал, блуз топ-листа, во секој поголем град има блуз-бендови што работат по гаражи, подруми но работат. Јас себеси се сметам за човек што има право да создава блуз композиции бидејќи пишував блуз книги и живеев на блуз начин. Значи, мораш прво да го живееш блузот, за да можеш да пишуваш блуз композиции. Инаку, никој нема да те сфати сериозно. Тоа е суштината на успехот, да го наречеме, на тој наш блуз проект. Се сеќавам на првите блуз концерти во „Универзална сала“, беше во време кога имаше само една приватна телевизија, немаше плакати, реклами, па сепак успеавме да ги наполниме салата три пати по ред. И откако се етаблиравме, луѓето денес некако станаа почитувачи на блуз. Се сметам за важна алка во блузот во Македонија, но не се сметам за татко. Не ми е ни битно. Блузерите се едно среќно-тажно друштво кое сака само тоа- да создава нови песни и да свири. Дали за тројца или 10.000 за нас е исто...

IMG_4790-650x433

Кога сте најубав?

-Не знам дали имам прецизен одговор на ова прашање (се смее). Како старее човек, сè помалку се гледа во огледало. Баш пред некој ден моите другарки ме искараа зошто во зимската резиденција во Скопје, во бањата немам огледало. Велам, имам во спална. А зошто немаш огледало? За да не се видам од сабајле (се смее). Веројатно сум најубав кога сум најсреќен. Зборувам за внатрешната убавина, оваа надворешната се прави кај добар шминкер, добар салон, ќе одиш малку на третман, ќе те напарфемираат... Јас зборувам за внатрешната убавина... Веројатно кога си растеретен од проблеми... Ма, најубав сум во Слепче, особено кога ќе се качам во горната куќа, или во самиот манастир, од каде што се гледа половина Македонија. Каде што само дишеш длабоко и си велиш, зарем е можно да биле волку умни пред 1000 години, па токму на ова место направиле манастир.

43

Што беше „ин“ а што „аут“ во годинава на изминување?

-Многу работи беа „аут“! Не сакам да зборувам за политика, за нашава работа ќе зборувам. Да речеме, скандалов со фестивалите, местенките.. Тоа мене многу ме заболе, не само заради тоа што сум директен учесник, не само заради тоа што сум засегнат и затоа што со Тамара бевме неколку пати втори и никако не успеавме да победиме... Среќен сум што конечно им се отворија очите на некои луѓе. Мора да се расчисти тоа со таа мафија. Тоа е она по што ќе ја паметам годината и навистина не ми беше добро кога дознав за тоа... Сè се случи во краток временски период. Прво беше „Макфест“, па „Валандово“ и „Скопски фестивал“ и на крај се испоставува дека сè било една голема шарена лага. Дека всушност ние сме биле само некакви пиунчиња, во некаква приказна страшна, во која не би сакал никогаш да бидам дел. Тоа е лошото по што ќе ја паметам 2014. А доброто е секако прославата што ја организирав во Слепче, односно Демир Хисар, 1.000 години од манастирот Св. Јован Претеча, 1.000 години од формирањето на населбата Слепче, 75 дена од прво демихисарско Културно лето. Дојде претседателот на државата, претседателот на МАНУ, Раде Шербеџија, Мето Јовановски, имаше луѓе што ми укажаа чест... Со надеж дека тоа ќе продолжи и од идната година... Најважно е дека голем број од големите ѕвезди сами изразија желба да бидат дел од следното Културно лето во Демир Хисар, без да прашуваат дали ќе има хонорар или не. Сестра ми дојде оваа година... Не беше тука неколку години, секое нејзино доаѓање ми е посебно, овој пат  дојде со новиот зет и беше тоа вистинско доживување... Дојде, нејзиниот роденден го прославивме во Слепче, во манастирот, верувам дека и таа оваа година ќе ја памети по Слепче и убавата дружба, што траеше недела дена.

DSC_4277

Која е Вашата новогодишна желба за 2015?

-Па ќе ја кажам онаа што ја кажувам секаде, за да останам доследен: Читајте книги, а не Фејсбук.

 

Доколку не ги искористивте претходните можности да ја набавите најновата книга на Џамбазов и тоа со посвета, неговиот книжевен маратон продолжува - утре во Рамстор Капитол, со почеток од 18 часот и во сабота во Рамстор Мол од 14 часот.

Објавено:
4 јануари 2015
bool(false)