Интервју Каролина Гочева: Модните експерименти би направиле да го изгубам сопственото јас

Интервју со •
28 јануари 2014

Преку проектот „Македонско девојче“ публиката имаше можност да ја запознае во едно сосема поинакво светло. Урбаната и тренди девојка со ултра популарни поп песни пред пет години музички се насочи кон македонските музички корени и сите ги обзема со нејзините „чалгиски“,  што беа како создадени за љубов со чаша вино доцна во ноќта. Во неверојатно пријатниот разговор со неа, таа ни ги откри нејзините тајни, за тоа како се подготвува за петте концерти во претстојниот, љубовен месец февруари, во просториите на МОБ, ни раскажа дека не е склона кон промени во стилот, зашто си се допаѓа онаква каква што е и ни посочи дека уште еднаш, парчињата за концертите и ги доверува на нејзината долгогодишна пријателка Цаци Паковска. Вели, во последно време ги обожува шеширите па успеала да си купи дури осум! Дизајнерските чевли ги носи најмногу на настапите, но сепак сака да си ги гледа по дома. За ова и уште многу модни моменти разговаравме со единствената и неповторлива – македонската поп дива Каролина Гочева!

Разговорот би го почнале со она што е најактуелно за Вас, проектот  „Македонско Девојче 2“ и концертите што се најавени за истиот. Ова е втор албум со поинаков музички стил што одлично знаете да го донесете пред публиката,  кој од правците полесно се прилепува кон Вас како личност, оној во поп призвук или староградски и етно?  

-Се чувствувам подеднакво добро во секој правец, доколку ми се допаѓа песната. Изминативе две години голем дел од времето насочив кон „Македонско девојче2“ и одлично се чувствувам изведувајќи ги и уште поважно, слушајќи ги песните.

Околу пет години по објавувањето на првиот дел на „Македонско девојче“ кој постигна феноменален успех, го објавувате и продолжението. Зошто помина толкав период и дали беше тешко да се дојде до вистинските композиции?

-Цел овој период беше потребен затоа што на првиот дел му требаше доста време да се приближи до публиката и да заживее, веројатно зашто во тој момент беше потполно неочекувано да се појавам во таков стил на музика, но затоа па и денес звучи свежо. За вториот дел, публиката е веќе подготвена да ме види во тоа светло и затоа правите две песни заживеаја толку брзо.

Многумина што можеби не често слушаат музика како онаа што Вие ја гаите, знаат да кажат дека етно звуците од  „Македонско девојче“ едноставно им влегуваат во уво, па дури се и „заразни“. Други пак, ја истакнуваат автентичноста што ги потсетува на старите народни традиционални песни, но на нов модерен начин. Какви беа очекувањата кога го објавивте првиот дел, а какви се сега, дали коментарите на луѓето се ваша насока?

-Првиот пат не знаевме што да очекуваме, а и албумот го објавивме како пауза меѓу два поп албума,затоа што за мене беше една вид излет во сосема нови води, па не можевме да предвидиме со сигурност како публиката ќе реагира. После некое време, како што албумот почна да заживува, а песните ги слушавме насекаде, сама по себе почна да се наметнуваат идеите за втор дел.

Најавивте  пет концерти во месец февруари, како се подготвува една ѕвезда како Вас за турбулентните денови што доаѓаат?

-Како и за секој друг концерт, со многу работа, секојдневни проби, здрава храна, изолација од работи што можат да ме изнервираат и доволно квалитетен сон.

Пред  да го заокружиме делот поврзан за претстојните концерти, нашите читатели сигурно ќе ги интересира како ќе изгледа Каролина во МОБ, колку сценски стајлинзи се предвидени и во која модна насока ќе се движат?

-Сѐ уште е рано да откриваме. Но, сигурно мојата Цаци повторно ќе смисли нешто ново и досега невидено кај нас.

Важите за девојка чиј моден стил е вреден за почит, како оној индивидуалниот така и сценскиот. Долги години соработувате со вашата пријателка и стилистка Цаци Паковска, колку таа ви помогна да го пронајдете вашиот моден идентитет?

-Секако ми помогна многу. Цаци е еден од најдобрите познавачи на светските модни трендови и за една минута знае да направи неверојатни комбинации, а и да спојува на прв поглед неспоиви парчиња. Работиме повеќе од 10 години, а и приватно доста се дружиме и секогаш избираме стајлинзи и комбинации во кои се чувствувам добро, а мојот стајлинг приватно не се разликува премногу од сценскиот, освен што на сцена секако имаме малку поекстравагантни моменти.

За Вас никогаш не сме прочитале негативни критики околу стилот што го негувате,а медиумите ве прогласуваат за најдобро облечена естрадна личност. Секако, имате помош од професионален стилист, но колку се плашите од модни промашувања и дали сметате дека Ви се случиле?

-Секако дека ми се случиле, нормално дека и јас кога ќе видам некоја своја фотографија од пред неколку години, ми се случува да посакам да ја запалам(се смее), но секој прави грешки, тоа е потполно природна работа. Секогаш сум облекувала парчиња во кои се чувствувам добро и никогаш не сум сакала слепо да следам модни трендови.

Професијата ви налага често па патувате во странство. Која е Вашата омилена модна метропола  за шопинг и дали сте присуствувале на некоја модна недела и ревија на познато дизајнерско име?

-Не сум била на модни ревии, годинава прв пат бев на скопскиот моден викенд. Искрено, кога сум во странство, многу повеќе посетувам концерти отколку модни ревии. И се случило специјално да отпатувам некаде за да гледам некој концерт, но не и за да присуствувам на модно шоу.

Минатата 2013-та година се фотографиравте за календарот на „Пелистерка“ во едно провокативно светло. Независно колку и да се провокативни парчињата што ги носите, па дури и да сте само во долна облека, воопшто не изгледате вулгарно, кој e успешниот моден трик за таква суптилна сексапилност?

-Ви благодарам. Мислам дека не постои моден трик за тоа, едноставно, секој со својот карактер. Фотосесијата за „Пелистерка“ беше можеби и најпровокативното мое издание досега, но на крај бев многу задоволна од финалниот производ.

Fashionel  за годината што измина ве прогласи за една од припадничките на понежниот пол од македонската јавна сцена, со најдобар стил. Вешто умеете да го практикувате минималистичкиот пристап кон селекцијата на парчињата од комбинациите и секогаш вметнувате впечатливи детали. Кои парчиња и аксесоари се Вашиот заштитен знак?

-Не би знаела да кажам, можеби вие подобро би знаеле да издвоите што ми е заштитен знак, бидејќи јас мислам дека не сум се врзала за ниедно парче гардероба или аксесоар. Ок, во последно време сакам да носам шешири, па изминативе пар месеци купив осум различни бои и модели.

Дали Каролина би направила драстична трансформација, сметате ли дека една јавна личност треба да биде модно автентична или треба да експериментира за да не и досади на публиката?

-Експеримент само за да се биде интересен може да биде неуспешен експеримент. Сите промени треба да се во скад со карактерот, без разлика дали се работи за јавна личност или не. Ние правиме минимални промени, кои нема да ми пречат да функционирам нормално, а кога на пример би се потстрижала кратко и би ја обоила косата во друга боја, тоа би била промена, но во мојот случај сигурно неуспешна, затоа што тоа не сум јас.

Речиси секоја жена има одреден моден фетиш, кој е Вашиот?

-Немам ниту еден. Сакам убави работи, но не сум опседната ниту зависна од некој тип на модни додатоци и слично.

Колку ја следите македонската и светската модна сцена, кои се вашите омилени светски брендови и дали сте спремни да платите „дебело“ за одредена етикета?

-Ја следам колку што имам време, јас навистина не сум моден зависник. Секако, поради природата на мојата професија поседувам и дизајнерски парчиња, особено чевли, но иако приватно не ги носам често, туку главно на сцена и за разни фотосесии, ми претставува задоволство да знам дека си ги имам по дома, а знаеме дека секое задоволство чини доста(се смее).

Што се случува со Вашата стара облека?

-Дел подарувам, дел чувам, па чекам да се „врати“ модата(се смее).

 Важна модна препорака до сите наши читателки и ваши обожавателки, како топ совет за модерно и уникатно „Македонско девојче“?

-Само да бидат свои, оригинални, да не копираат никого и да не носат копии од дизајнерски чанти, чевли и слично. Затоа што колку и да е убава девојката, тоа потполно го уништува впечатокот.

И за крај, дали Каролина чита Fashionel  и кои содржини Ви се најинтересни?

-Секако дека читам, ми се допаѓа што ги следите сите важни настани, а сум забележала дека постојано имате интервјуа со интересни личности.

Објавено:
28 јануари 2014
bool(false)