ИНТЕРВЈУ Каролина Костадиноска: Психологијата на гардероберот му пристапува исто како на умот

Интервју со •
20 август 2013

Доколку научиме да го читаме речникот на модната психологија, лесно ќе ги дефинираме различните аспекти на комплексот на личноста. На оваа тема разговаравме со Каролина Костадиноска, Специјалист по Медицинска психологија, која ни образложи интересни и корисни факти од овој домен што со сигурност ќе го збогатат вашето искуство во дефинирањето на личниот и профилот на другите преку изборот на индивидуалниот имиџ.

Што вели психолошката практика и литература, колку модата има психолошко влијание врз човекот?

Релацијата помеѓу модата и психологијата е комплексна и интересна за проучување. Модата е социјално психолошки феномен, заеднички за повеќе полиња на човечките активности: архитектурата, технологијата, музиката, ентериер, уметност и др. Општо прифатено, со изразот мода денес се означува облеката како модна креација. Модата е “постојано движечки феномен кој ја опфаќа индивидуата и времето во кое таа живее со неговите специфичности”. Таа е комплексен феномен кој во исто време ги изразува: индивидуата, општеството, несвесното и личната еволуција на индивидуата. Модата е многу повеќе од збир на крпчиња обесени во нашиот плакар и нејзината улога е поприсутна во нашето надворешно и внатрешно егзистирање отколку што можеме да си замислиме. Креирањето на модата е интегрирање во едно од опозитните потреби за конформитет и новитет. Личноста сака да експериментира со нови моменти со кои ќе се одвои од толпата, но истовремено сето ова да биде прифатено и асимилирано од нејзиниот социјален контекст. Метаморфозата низ облекувањето е нешто што спонтано се појавува кај индивидуата. Таа се трансформира себе си, расте во сопствените очи и се диференцира себе си од другите. Ова диференцирање мора да одговара на социјалното опкружување каде таа припаѓа. Односно, личноста прво ги утврдува вредностите кои се традиционални, за да потоа отстапи од нив преку својот личен стил.

Гранката од психологијата која се занимава со модата му пристапува на гардероберот како што му пристапува и на умот. Каква е состојбата на нашето актуелно живеење и психичка состојба, таква е состојбата и внатре во плакарот. Кај опсесивниот карактер, фиоките се педантно подредени, линиите на кројот јасно дефинирани, додека уметниците уживаат во својот лежерен, необврзувачки стил.

Филозофијата на “направи нешто поинаку” вели: Употреби повеќе од 10% од твојот потенцијал/гардеробер! Ние постојано креираме преку нашите секојдневни одлуки, така да сите сме “мали креатори” кои создаваат креативни комбинации со секое отварање на гардероберот. Во овој процес се вклучени: индивидуалниот креативен потенцијал, нашето расположение и приликата за која креираме.

Личниот стил е одраз на нашата лична историја, интелектуално ниво, економскиот статус, карактер, професионални атрибути и друго. Модата е секогаш движечки процес, но стагнацијата може да се одвива на внатрешно ниво кај личноста и таа да се заглави во еден непроменлив стил 5-10 години, како што се заглавува човекот во своите навики на било кое поле. Модниот стил е надворешниот облик на нашето внатрешно ЈАС, ние можеме многу вешто да се забавуваме и да си играме со сопствениот стил, нема ништо опасно ако од време на време експериментираме со различни, нови моменти и излеземе надвор од комфорт зоната на познато и проверено. Креативноста привлекува уште креативност, а пак таа помага да го менаџираме стресот од динамичното темпо на живеење.

Какво е значењето на изборот на бои при дефинирањето на нашиот изглед?

Природата е облечена во палета од бои, а ние како дел од природата несомнено сме нејзин одраз. Генерално боите се поделени на топли и ладни, според нашите физиолошки и психолошки реакции на одредена боја. Топли бои се црвената, портокаловата и жолтата, додека ладни се сина, зелена и виолетова. Оваа поделба не е детерминирана културолошки, ниту со процесот на учење. Светлината директно влијае на нашиот нервен систем, а различните бранови должини, односно бои, предизвикуваат различни реакции во организмот. Црвената боја ја забрзува циркулацијата и таа ја буди нашата сексуалност, додека сината боја не носи во медитација и понирање на внатрешниот мир, зелената не одмара физички и асоцира на одмор. Психолошката улога на бојата е двонасочна. Преку боите во нашиот изглед ние комуницираме со другите невербално, ја пракаме пораката колку сме отворени, енергични, животно витални, спонтани, сериозни, депресивни, затворени, ригидни. Бојата не само што има функција да ја прати пораката до средината, туку таа делува и на самата личност која своето тело го прекрива со неа. Кога сме тажни, спонтано ја бираме темната боја која е соодветна на внатрешната психичка состојба, бидејќи облеката е нашето “продолжено јас”. Ако сакаме промена во себедоживувањето и емоционалниот статус, тогаш може бојата да ја употребиме како алката за придвижување и промена. Бојата вибрира во нас и околу нас, впрочем знаеме дека енергетските чакри и  аурата се колоритни. Првото сетило кое реагира во дел од секунда е окото, така да првите стимулации од средината на организмот ги прима во визуелен облик, овие стимулации се обработуваат во мозокот и пред ние да станеме свесни за процесот. Поради тоа, бојата е употребувана во одредени кодекси на облекување преку кои психолошки се емитуваат пораките (црн смокинг или одело за свечени приеми и официјални состаноци, тегет за пилоти, бело за доктори, портокалово за будисти итн. Значењето на боите е поврзано и со одредени временски периоди и нивните обележја (актуелно на пример жолтата боја е во тренд, додека во средниот век проститутките носеле жолти марами за одбележување на статусот). Во услови на економска криза, опасности, нејасна политика, еколошка неизвесност, боите не штитат од тагата и анксиозноста како најголемите закани за менталното здравје на популацијата.

 

Дали преку визуелниот израз се рефлектира нашата внатрешна состојба?

Индивидуалниот смисол за облекување ги рефлектира нашиот карактер и личноста. Навистина треба да знаете што носите на вас. Што и да носите потребно е да те одразува Тебе, автентичниот Ти. Облеката е израз на “Кој си Ти”? Таа говори за тоа како се чувствуваш во моментот и што сакаш да постигнеш во животот. Важно е да се чувствуваш комфорно во тоа што го носиш, бидејќи некомфорноста однадвор, придонесува за некомфорност одвнатре. Кога велам комфорност, не мислам на физичката удобност, која секако е важна, но мислам на моментот кога облеката си Ти. Др. Баумгартнер, која ја истражува модната психологија вели: Сите наши однесувања, од храната која ја јадеме, до човекот со кој имаме романса, се мотивирани од внатрешни фактори. Зошто би било поинаку со гардеробата која ја купуваме и начинот на кој ја бираме?

Потребно е само да ги освестиме нашите потрошувачки, шопинг навики и таму да ги препознаеме нашите обрасци кои ги користиме во животот. Облеката има двосмислено влијание, од внатре кон надвор и од надвор кон внатре. Таа ја рефлектира нашата внатрешна состојба преку надворешниот избор на бои, крој, стил, но може и да биде алка за промена на внатрешното расположение. Истражувањата покажуваат дека 60% жени во добро расположение го носат своето омилено парче облека, но исто така добриот крој на фустан со топли бои може да ни ја промени себеперцепцијата и да не извлече од тажното расположение. Не велам дека ефектот е долгорочен и дека облеката е антидепресив, но помага на кратки стази. Интересно е да се напомене кога личноста минува низ одредени внатрешни промени и редефинирања на подлабоко ниво, не ретко се случува и промена на стилот на облекувањето, односно, стариот стил повеќе не го поддржува новото Јас.  Ако се нурнеме малку во несвесното, нашите одлуки околу гардеробата им го кажуваат на другите тоа што ние сакаме да го сокриеме. Премногу отвори, процепи, сугерираат потреба за моќ и контрола, додека позади пренатрупаност со накит се крие проблематична финансиска состојба.

Жените кои се закопчуваат до грло, оставаат порака до шефот: Женственоста е слабост, а не моќ, женските потпетици покрај идејата да ја продолжат ставата, се несвесен обид за подесување на висината и достигнување на рамноправност со машката висина. Премногу комфорна облека кај мајките презентира чувство на вина или истоштеност, тие премногу се идентификуваат со улогата на мајка, оттуѓувајќи ги другите аспекти на личноста. Ако премногу често твојот избор се тренерките или фармерките, како најлесна опција, погледни што ти се случува во животот и внатре во тебе. Депресивните луѓе го губат интересот за надворешниот изглед и се кријат позади неутрален избор.

Какво e вашeтo видувaње вo oднoс нa слeпoтo слeдење нa трендовите: Koи луѓe се склони кон следење на моднитe актуелности по секоја цена?

Прво би сакала да го појаснам психолошкото значење на трендот( во овој текст, трендот во модната индустрија). Најновото, најдоброто, последно кое се појавува во модата и најчесто е презентирано преку fashion week, модни ревии, модни магазини – се нарекува “trend”. Мозокот ги сака трендовите, бидејки тие се експлозивен, брз бран на новитет, а нашиот мозок едноставно сака нови нешта! Од еволуциски аспект, кога се соочуваме со нови стимуланси од околината, важно за нашиот опстанок е да обрнеме внимание на дразбите и за да го процениме нивото на опаснот или бенефит кој тие ни го носат. Така да, новите дразби се препознаваат веднаш на невронско ниво и можеме да кажеме дека нашите неврони се гладни за нови дразби, односно нови трендови. Тие претставуваат некој вид награда за мозокот. Имено и процесот на учење се случува во контекст на новитетот. Кога ни се презентира нешто ново, кое не сме го виделе претходно, се активираат сите когнитивни процеси, специјални за учењето ( работна меморија, визуелно процесирање, сместување на информација во когнитивната шема). Терендовите не се само извор на новитет туку претставуваат реинвенција, рекреирање. Kaкo бојадисувањето на ѕидовите со нова бела боја или новите колоритни перничиња во домот, додавањето на нов трендовско парче во плакарот ни дозволува да ја искусиме возбудата на само-реинвентирањето. Но, истовремено се сеќаваме со негативната страна на трендовите заморното трчање по нив, постојано држење на темпото на секогаш променливото е скоро невозможно.

 

Трчањето по трендови e најчесто мотивирано од желбата да себиде прифатен, да се биде во тек со другите кaкo и да се маскира несигурноста. Иако,ние ја сакаме промената на ниво на организам, трендовите во модата , како перманентно менувачки текови не ни дозволуваат конкретна идентификација на изгледот и индивидуалните преференции. Трендот може да ја проголта личноста, претставувајки ја преку парче ткаенина која може да ја облече секој. “ Персоналниот стил “ не е слепо следење на модните трендови,туку сознание и проценка што фунционира на вашето тело и личност а што не функционира. Искористи ги деловите од трендот кои работат за тебе! Ментално изџвакај ги трендовите, плукни го тоа што не е вкусно за тебе, прими го делот кој може да го интегрираш во твојот постоечки стил! Во трендот најди ги тие моменти кои ке ви бидат во хармонија со тоа што веќе си Ти ! Модната стилистка ,Џил Маринели, секогаш ги прашува своите клиенти дали нивниот имиџ ги рефлектира нив и во која насока сакаат да се движат со облеката. Во новите трендови доминираат женственоста, јасните бои и структури –Каролина Херера, Ребека Тејлор креираат модели со идеален струк правец , којшто нашиот мозок инстинктивно го привлечува, поради асоцијацијата не само на женственоста, туку и на плодноста и здравјето враќањето на женствените линии вo модните трендови има важни социолошки импликации. Во изминатите 80-ти години од минатиот век, кога на жените им се дадоа повеќе права , привилегии ,слобода, можности за успех и независност, нивните модни избори се променија. Женствената мода беше отфрлена и жените се одлучија за “моќниот изглед” со маскулни линии со цел да одговараат на барањата на урбаната џунгла. Дури во 1969, Yves Saint Laurent, изјави дека сака да пронајде униформа за жената која ќе биде еквивалентна на машкото одело. Сето ова значи, дека модните креатори и нивната работа мора да е нужно поврзана со социолошко-културолошките аспекти на живеењето на двата пола. Модните трендови треба да извираат од потребите на популацијата, кои умешно потребите ќe ги претворат во креации за тело благо дa пушираат вo иднината, но не и детерминирачки да ја менуваат улогата или функцијата на полот, како и насилно да ја наметнуваат нивнта визија, кoja несоодветствува на актуелното глобално социјално поле. Современата жена на новиот век преку својот избор на стил и крој ja пренесува пораката” Можам да бидам женствена и моќна”, двата поларитети интегрирани во една целина.

 

Каква е релацијата помеѓу различните култури,модната етика и личниот избор?

Религијата,културата, традицијата и географската местоположба се важни варијабили во креирањето на стилот на облекување на една нација. Тие се испреплетуваат во нишки кои постајано се провлекуваат и покрај промената во модните трендови. Лесните и транспарентни колоритни фустани со отворени сандали ги задоволуваат потребите на женскиот медитеран, каде луѓето поради топлината не брзаат никаде и можат да бидат прилично женствени во сојот изглед, додека западно европејската носи позатворени и попрактични кореви адекватни за поднебјето и нејзините функцииво општеството. Се согласуваме дека кога ќе дувне ладен ветар не е практично фустанот да ни го покрие лицето. Во исламските земји каде религијата е водечко обележје на земјата, модата е диктирана од религиските кодекси и малку простор останува за индивидуален израз. Но, дури и таму личниот печат изникнува како цвет во пустина ( дезенот, варијации на нијанси, изборот на чевли).Јас сум воодушевена од една реченица на жител на Бали кој бил збунет од непотребната количина обувки која ја има современата жена во модерниот свет, едноставно ги покажал своите апостолки и изјавил: “My Four season shoes”! ( моите чевли за сите четири сезони). Неговиот стил на облекување се согласуваме дека e инициран од поднебјето каде живее,што е адекватен пример како модата е суштински поврзана со географската положба и стилот на живеење на таа географска точка , односно, етички кодекси, динамика на живеење, религиски обележја, меѓуполови релации, поделба на социјални класи и др. Ако говориме за различните култури, ќе го споменам и различното дефинирање на бојата: белата боја која во западниот свет е израз на невиност, чистота и почит, во многу азиски земји симболизира така и загуба. Хавајските шарени кошули и бермуди сместени во конференска сала бо Виена би означувале дрзкост , непочитување ,дури и ментална нестабилност

Чeстoпати првичните импресии за луѓето ги диктира нивната физичка појава. Колку според вас е точна синтагмата: Не ја судете книгата според корицата?

Личниот стил и смислата за облекување имаат свое значење во комуникацијата. Ние го користиме стилот за да упатиме порака на неколку нивоа: како форма на идентитет рефлексија на телесната слика да оставиме добар впечаток Луќето судат за неколку секунди, кои се потребни за да се формира првиот впечаток. Окото со молскавична брзина се движи од главата до петите, многу често надвор од нашата свесност.Тие го проценуваат нашиот социјален, професионален статус, нашето расположение, карактер, однесување. Пораката е пратена до соговорникот, без ништо да кажеме. Звучи прилично нефер, зарем не?Според овој прв впечаток соговорникот ке завземе одредена несвесна позиција во дијалогот со нас. Прво ги активираме предрасудите со кои нашиот Внатрешен Критичар ќе биде поприлично зафатен. Процесирањето од другата страна започнува , а ние сеуште сме со затворена уста или сме успеале да го изговориме само нашето име. Да, облеката е нашиот коверт на писмото. Но, кој би знаел која е содржината на писмото,ако не го отвориме и не го прочитаме. Бидете толерантни кон првиот впечаток, затоа што облеката не е единствената рефлексија на личноста, почекајте да стигне: тонот на гласот, мимиката, движењата, вербалниот израз, преференциите, карактерот…..почекајте да стигне Целата Личност ….не се бавите само со опаковката која секако е дел од целината , но не и самата целина.

Сведоци сме за влијанието на медиумите врз перцепцијата за сопствениот изглед, особено кај младите луѓе. Колку е позитивно или негативно тоа што медиумите пласираат одредени стандарди и дефиниции во однос на физикусот ?

Младата популација која природно се наоѓа во фазата на себедефинирање вооднос на мноштвото аспекти е прилично сугестибилна категорија во однос на модата. Нејзината суштинска одлика е прифаќањето и идентификацијата со врсничката група. Стандардите кои се наметнуваат лесно се голтаат од младата популација, која трага по “Koj/a сум Jaс”? Во недедостаток на автентичниот идентитет кој подоцна ќе се дефинира многу појасно , тие се приклонуваат кон понудените модни трендови , кои за нив доаѓаат од авторитетните модни куќи, магазини, модни метрополи. Но, модата и модните кроеви одат рака под рака со телесната конструкција за која се тие сработени. Значи, во игра влегува и телесната перцепцијата на младата личност, која во адолесцентниот период е прилично ранлива. Телесниот облик потребно е да се смести во модерното парче облека и секако телото да изгледа привлечно за околината. Сето ова е да продуцира висока самодоверба, чуство на сигурност, моќ, но од друга страна и фрустрации, загриженост, депресија, отфрленост. Пораката на супермоделите со иделани пропорции e “ Ти не си доволно добра “. Како одговорот намодните трендови со “0” конфекциски број, расте бројот на млади анорексични девојки . Доколку на оваа возраст се појават значи на индивидуализација на стилот, наспроти униформност, тогаш младата личност се одвојува од медиокритетот и започнува да го гради својот стил, кaкo што и на внатрешно ниво ја креира својата личност. Kaкo и дa e, внатрешниот процес ќе го најде надворешниот израз порано или подоцна. Сепак, општо е познато дека младата популација e најголемиот потрошувач на модна облека и модните куќи се прилично ориентирани кон оваа потрошувачка група.

 

 

 

Објавено:
20 август 2013
bool(false)