Интервју Марија Аслимоска: Македонска гордост како амбасадор со уникатен нос

Интервју со •
11 септември 2013

Преку нашите содржини ве информиравме за парфемот со македонски потпис на дизајнерката Тања Кокев и оттука дојдовме до конекција со девојката која го создаваше новиот парфем „Актрес“, Марија Аслимоска. Тогаш ви најавивме дека ќе читате продолжение од целосното интервју со девојката која е единствената македонска парфимерка. Марија е македонската гордост што ја стави нашата земја на официјалната мапата каде се обележани земјите низ светот што имаат едуциран парфимер и таа е единствената со македонско потеколо. Fashionel  е медиумот што за прв пат објавува интервју од оваа девојка, која со големо задоволство ни ја раскажа приказната како таа се инволвираше во оваа индустрија и ни одгатна многу дилеми околу тоа како се создава еден парфем, од процесот на берење цветови па се до полнење на шишенцата. Нејзиниот главен алат за работа е носот, живее во Франција а инспирацијата ја црпи од најпознатите „Носеви“ што досега дизајнирале формули за парфемите на Келвин Клајн, Александар Меквин, Диор, Армани, Живанши, Хали Бери и многу други. Од ова интервју ќе прочитате многу факти за парфемите што можеби досега не сте ги знаеле.

 

Кога ќе се слушне дека сте  единствена македонска парфимерка  е доста изненадувачко. Раскажете ни нешто повеќе за така наречените „Носеви“ и како вие станавте една од нив?

Да се биде " Nose"- „Нос“ прво е потребна силна љубов кон парфемите, меѓутоа и добро развиено сетило за мирис, одлична меморија и секако соодветнa едукација. Јас имав голема чест да бидам избрана во една од двете единствени школи во светот за изучување на овaa уметност, а тоа е Grasse Institute of Parfumery во Франција, каде што секоја година прифаќаат од целиот свет само 12 ученици. Тоа беше голем предизвик, ама сонот беше уште поголем за мене.

Јас сум првата Македонка која ја има посетувано оваа школа и сум многу горда, кога на завршната церемонија ја одбележаа Македонија на нивната официјална мапа како земја каде што сега постои едуциран парфимер и уживам кога можам да бидам амбасадор на нашата мала земја.

Би сакала само да објаснам дека иако во мојата професија, Носот е нашиот главен алат со кој работиме, во светот на парфемите постои разлика помеѓу некој што го нарекувате " Nose" или " Parfumer". "Nose" e master na Parfumery, додека “Parfumer” е некој што е едуциран да настане "Nose", кој тежнее кон тоа и со сета своја љубв и страст, работи да стекне богато искуство и да ја добие оваа титула. Да бидеш "Nose", не постои никаква церемонија околу оваа титула, туку е нешто повеќе што ние парфимерите меѓу нас, тивко и со восхит им го доделуваме на најдобрите во нашата професија. Јас работам напорно и со многу љубов да бидам една од нив.

 Имате професија за која искрено и малку се знае, како вие се информиравте за оваа уметност и колку е лесно достапна?

Оваа професија е навистина ретка но, пред да одлучам дека токму таа е мојот сон  и е моето животно определување, јас не познавав никој во мојата околина, кој има познавање од било што за неа. Секогаш кога ќе почнев да се распрашувам повеќе околу тоа како е да се биде парфимер, добивав обесхрабрувачки одговори:

“ Тоа е само во Франција и само за Фрзнцузи”, “Ти требаат најмалку четири години студирање хемија” , “Во тие школи се оди само по  фaмилиjapнa линиja oд кoлeнo нa кoлeнo  ” итн.

И  покрај сето ова, знаев дека парфемите се мојот животен сон и одлучив да не се предавам. Иако го погрешив  средното училиште и се стекнав со погрешна факултетска диплома, сепак морав да пробам. Немав што да изгубам, освен мојот сон. А, сонот секако дека беше голем! Се пријавив на конкурсот и отидов на тестирање во училиштето во Франција. Никогаш нема да го заборавам денот и моментот кога ми стигна писмото со кое ме известија дека сум примена!

 Велат дека „носевите“ се уметници кои создаваат уметничко дело. Како вие го објаснувате ова?

Креирање на парфем е творештво кое се надева да пробуди емоции кај оној на кого му е изложено. А според мене, било што може да пробуди ненадејни чуства кај некоја личност, да ја буди од рамнодушност, претставува некоја врста на уметност. Без разлика дали збориме за убава природа, соната од Шопен, прекрасна фотографија, добро сошиен фустан, поезија, уникатен графит или пак, уметничко дело на Монет, за мене се ова претставува уметност. А добро е познато дека некои парфеми можат да ни пробудат илјада чувства одеднаш и не само тоа.  Ако една слика зборува илјада зборови, тогаш еден мирис е составен од илјада слики. Толкава е моќта на нашето сетило за мирис.

Најважен дел од процесот на креирање на еден парфем е осмислување на приказната, која парфeмот сака да ја раскаже. Така, секој парфем прво талка во имагинацијата на креаторот.Тука му е првото место на создавање. Следниот негов чекор е во лабораторија на парфимерот. Тука парфимерот со помош на негова палета од различни миризливи ноти, се обидува да ја раскаже таа иста приказна, најверодостојно и најубаво што умее. Се разбира, битна е инспирацијата која може во многу моменти да се појави, но и во различни форми. Мене, најдрага ми е инспирацијата што ми се случи при едно патување каде што морав набрзина се' да запишам во својот мобилен телефон.

Исто така, креирањето на еден парфем не е многу далеку од компонирањето музика или пак, сликање уметност.  За нашиот секојдневен вокабулар за поимот “состојка“користиме  израз “нота“. За едноставна композиција  – “акорд“. За сложен и комплексен парфем го опишуваме како “симфонија на мириси“. Исто така, користиме различни материјали од нашата палета во контекст на бои. Некои материјали од нашата палета ги користиме кога сакаме да додадеме зелена боја во парфемот. Имаме и црвена, жолта, плава, виолетова, црна. Ако музиката и сликарството се уметност, зошто не би било и парфимерството?

Каде работите моментално и за колку парфеми досега сте дизајнирале формула?

Во моментов сум во процес на отворање на своја парфимерија во Даблин. Исто така, веќе имам понуда за нов проект. Овој пат поинаков од „Актрес’. Станува збор за многу реномиран хотел со пет ѕвезди во Даблин кој сака да ме ангажира да направам парфем за целиот хотел како нивен заштитен знак. Во меѓувреме трпеливо работам и на своја линија парфеми која планирам да ја лансирам во иднина. Во минатото сум била ангажирана за различни проекти како осмислување на парфем кој минатата година во јуни месец беше распрскуван на улиците во Grasse како дел од соработката со музејот на парфемите од таму. Тоа беше едно необично искуство за парфимер каде што во еден ден има прилика да направи еден цел град да мириса по негова желба. Некој вид на остварување на твоите најдлабоки сништа. Како што беше уживање да се создаде „Актрес“ jас, исто така уживам и во такви необични проекти. Освен тоа сум создала и формули по лична нарачка.

Градот Grasse кој мирисаше на парфемот на Марија Градот Grasse кој мирисаше на парфемот на Марија

На што мириса Марија, колку си прибирлива при изборот на оној што го ставаш на себе?

Кога се работи за парфеми, вкусот ми се менува многу често. На некои од класиците што се Chanel No5 и Shalimar, секогаш ќе им се восхитувам поради приказните и емоциите кои успеале да ги предизвикаат кај мене и многу луѓе ширум светот со години. Меѓутоа јас имам многу парфеми и ги користам во различен контекст. Зависи од тоа како се чувствувам, или пак како би сакала да ме направат  да се чувствувам. Зависи кое годишно време е, или пак каква импресија сакам да оставам на луѓето со кои се среќавам. Не би требало да се нанесува ист парфем на состанок преку ден и навечер на излегување со друштво. Впрочем, како тоа ние мирисаме, за мене е како една игра, си играме со тоа како сакаме да се чувствуваме  и каков впечаток сакаме да оставиме на околината околу нас. Јас, ете едноставно уживам во оваа игра!:)

Колку просечно заработува еден парфимер?

Бројот на парфимери во светот е многу мал и затоа нивниот личен хонорар е доста голем токму поради ова. Исто така, хонорарот  на еден парфимер зависи  од тоа колку е талентиран, колку комисии добива, дали работи за голема компанија или пак има своја линија на парфеми. Ова се битните фактори што го одредуваат хонорарот.

Колку време си надвор од Македонија, дали ти недостига и колку често ди доаѓаш дома?

Во Македонија не живеам веќе подолг период, меѓутоа немам доволно зборови за да опишам колку ми недостасува и затоа ја користам секоја слободна прилика да дојдам што почесто. Обично тоа е три пати годишно, толку ми дозволува моето слободно време, а секогаш си дозволувам едно кратко летување во Охрид во август.

Од твоите фотографии може да се види дека ги следиш едни од најакуелните настани ,а си  била близу и до голем број ѕвезди меѓу кои „носот“ на Луј Витон и „носот“ на Хермес, како ги доживуваш таквите моменти?

Тие моменти секако се интересни и ”отвораат очи”. Ние сме секојдневно опкружени со слики и вести во врска со овие познати луѓе и добиваме слика дека се нешто преубаво и неостварливо, ги анализираме, но кога ќе ги  видиш, сфаќаш дека се како и ти. Обични и стварни. Некои се само со повеќе или помалку харизма.

Марија со Жан Клауд-Носот на Хермес

Марија со Жан Клауд-Носот на Хермес

Марија со Жак Кавалер-Носот на Луј Витон кој го создава првиот парфем на Брендот Марија со Жак Кавалер-Носот на Луј Витон кој го создава првиот парфем на Брендот

 

 

Објавено:
11 септември 2013
bool(false)