Интервју: Петар за појадок и пауза

Интервју со •
17 декември 2014

На речиси секоја листа на желби на секој нормален човек е да направи некого среќен барем еднаш во денот. Во Метрополис радио, има дури тројца такви кои веќе шест години работат под брендот „Петар за појадок и пауза“ и прават вистински чуда на радио! Секое утро од 09 часот па сѐ до пладне, како никому ништо да не му пречи. Во овој период, голема е веројатноста да видите како луѓе се смеат сами по улица, во автомобил, автобус, на ред во банка, во канцеларија, па дури и скришно под клупа на училиште (проверено). Кога на сета таа смеа ќе им се додадат корисни информации, интересни вести, податоци и курс по српски јазик, денот секако ќе ви биде совршен! Ние имавме ексклузивна можност да направиме мега – новогодишно интервју со Петар, Ана и нивното фантастично засилување Маја, со кои зборувавме за подемите и падовите, за тоа колку е тешко да им го разубавуваат секојдневието на нивните верни слушатели, за тоа во што одат облечени на работа и секако за нивните новогодишни желби и заеднички љубови. Да не мислите дека заборавивме, ја замоливме Ана да ни ја честита Новата година на српски!

Ова е само прво во низата новогодишни интервјуа со личности што оставија печат изминатата година, што ќе имате можност да ги читате на Fashionel во пресрет на празниците. Уживајте!

По што најмногу ќе го паметите минатогодишното радио патување?

Петар: Минатата година беше особено успешна за „Петар за појадок”. Во време на инстант проекти и ѕвезди кои не успеваат да се задржат на медиумите ни по неколку месеци, луѓето сѐ повеќе ја почитуваат доследноста, константноста и постојаноста. Лојалноста исто така, која не се среќава често. Така после 6 години, „Петар за појадок” стана синоним за радио шоу кое е тука „за да остане”. Секој ден правиме многу за проектот да опстои, да биде одново интересен, да се реизмислува секојдневно, да биде забавен. Па така во 6-тата година почнавме да ги уживаме сите бенефити од таа долгогодишна љубовна врска со нашите слушатели во која ја инвестиравме секоја наша клетка и целото наше знаење и љубов. Добивме награда од „Бекстејџ” за најуспешен радио проект, го зголемивме бројот на слушатели низ целата земја за повеќе од 20%, со нашата работа успеавме да станеме клучен и сериозен медиумски партнер на други успешни компании во земјата кои со години наназад ни веруваат кога е нивното медиумско презентирање во прашање. „Петар за појадок” стана значајна платформа преку која најразлични проекти и идеи се спојуваат и развиваат. Во име на тој развој, одлучивме дел од нашите ресурси да преселиме во некоја европска метропола (Амстердам) од каде во прво лице еднина ќе можеме да сведочиме за најголемите и најважните културни, уметнички и музички настани кои му се случуваат на светот. Така, со емитувањето на 15 часа програма во живо секоја недела од две студија, Скопје и Амстердам, „Петар за појадок” нуди ексклузивен материјал кој не можете да го слушнете на ниту еден друг медиум во Македонија.

Ана: По Калина (Петрана), подмладокот на ППП. Таа е сега нашиот прв и единствен член на Унија на Млади сили на ППП.

Маја: По поканата од ППП да бидам водител на емисијата. Се разбира на слушателите им беше тешко да ме прифатат бидејќи дојдов како замена, но со упорната работа мислам дека ги стекнав симпатиите од публиката.

Колку е тешко секое утро да ги оставите проблемите дома и да бидете ултра забавни на радио?

Петар: Не секогаш ги оставаме. Нашите проблеми се најчесто проблеми и на секој просечен човек во земјава. Некултурни возачи, невоспитани деца, луѓе кои се бават со ситни измами, проблеми со администрација... Но, ние имаме можност гласно да зборуваме за нив и нешто да се смени кога ние за истото ќе проговориме. А такви примери имало многу до сега. „Петар за појадок” е борец за мали човекови победи.

Ана: Не ги оставаме. ППП е вистинска приказна... Секое утро влегуваме во студио со сѐ свое, со сите радости, стравови, љубови и животни 'дефекти'. А забавата доаѓа од нашиот нескротлив, пакосен и надмен оптимизам и храброст, со насмевка да поминеме низ сите наши процеси.

Маја: Не е тешко, на пат кон работа се исклучувам од проблемите. Со нетрпение чекам да почне смеењето.

Кон што гаите заедничка љубов?

Петар: Кон мали секојдневни човекови победи :) Кон микро херојство на секојдневно ниво. Кон мали навидум незначајни победи.

Ана: Заедничка љубов делиме за еден куп работи, најискрена љубов гаиме кон сами себе, најмногу. А после, кон вистината која се крие во сарказмот.

Маја: Кон музиката, филмот, културата.

Колку е тешко секој ден да најдете тема на која ќе говорите и при тоа, секогаш да го задржите вниманието на слушателите?

Петар: Не би го сместил тоа под опис „тешко”. За нас тоа е предизвик. Да се продуцираат 15 часа програма неделно, и секоја секунда од таа програма да биде забавна и нова за слушателите Е предизвик, но и константа работа. За нас почитта кон слушателот е императив. Не се обидуваме да го „залажеме” со некоја стара информација, или да му подметнеме некоја непромислена содржина. За секоја тема во емисијата претходно се дискутира, се прави план, се осмислуваат нови содржини, нови пристапи, се чита, се анализира. Живееме во време кога медиумите претставуваат значаен едукативен елемент во општеството и ние таа обврска многу сериозно си ја имаме сфатено. Не е доволно да се презентира само некоја „сува” информација. Ова е време на мислења, а за да изградиш мислење кон нешто, мораш прво многу да научиш за истото. Ние нудиме мислења и ставови за нештата кои не опкружуваат. Помагаме некои работи да се извадат од „под тепих” и за нив да се зборува јавно. Тоа е нашиот главен предизвик.

Ана: Темите за муабет се секојдневно насекаде околу нас. Ги има наоколу и ако добро си изострен, како што ние сме тогаш, тие ти доаѓаат сами, само треба да се отвориш со сите сетила и алатки на перцепција за да ги препознаеш. Она што е наше во она што ние го правиме, е начинот на кој им пристапуваме. Има многу работа во тоа што слушателите го слушаат во тие три часа секој ден. Многу работа, многу ние, многу читање, многу љубопитност...

Маја: Светот е многу инспиративен, секогаш има тема за разговор, а начинот на кој ние разговараме околу нив е тоа што го задржува вниманието на слушателите.

Која би била вашата алтернативна професија?

Петар: Би ги менаџирал вокално солистичките кариери на Маја и Ана (кои најверојатно ќе одговорат на ова прашање дека сакаат да бидат пејачки) :)))

Ана: Би сакала да бидам тренер на делфини. Има сѐ што сакам: вода, делфини, сонце и згодни други тренери на делфини. А можам и психолог да бидам, тоа можам.

Маја: Јас би пеела сигурно.

Што ве трогна последно?

Петар: Една порака што неодамна ја добив за роденден. Често не сме свесни колку многу нашите животи се во силна корелација со луѓето околу нас. Колку таа меѓусебна инспирација и поддршка е значајна. Оваа порака ме потсети на тоа колку некои луѓе ми значат во животот, но и обратно, што јас претставувам во нивните животи. Нема поголема среќа од таа.

Ана: Петар ми отвори и плаќа Спотифај акаунт. До солзи ти велам, до солзи...

Маја: Кога за шестиот роденден на ППП се јави слепа слушателка да ни каже дека не може да живее без нас.

Што зготвивте последно за пријателите?

Петар: Зелена салата со киноа, туна, бадеми, индиски ореви и сушени боровници.

Ана: Јас сум повеќе за јадење надвор. А и не сум добар хоуст и немам никакво задоволство во тоа да угостувам луѓе. Моите пријатели добро го знаат моето правило за гости 'Знаете сѐ каде стои, па секој си зема што сака и што му треба'... Така е поедноставно и попрактично отколку јас да висам на нозе и притрчувам наоколу на секоја нивна една желба, не?!

Маја: Сестра ми купи стан, па по тој повод јас се пријавив и направив полнета риба. Многу вкусно!

Која е вашата најголема слабост?

Петар: Ана!

Ана: Досада. Таа ме носи во еден куп неволји и искушенија. Но, од друга страна, никогаш не ми е досадно.

Маја: Семејството!

Кое е најубавото место на Планетава што сте го посетиле?

Петар: Јас љубител на урбаните средини. Ме фасцинира „намерна убавина”, смислена и организирана. Па во тој контекст сум заљубен во архитектонската организираност на Барселона, европската ширина на Лондон... но, сепак мислам дека нема поубав град на светот од Амстердам. Во секоја смисла. Како голема топка креативна енергија да лета во воздухот, а притоа секој агол на градот изгледа како од разгледница.

Ана: Сите биле регуларни до сега, ништо што ми го одземало здивот. Градови и места кои секако имале своја убавина, но ништо што мене ме оставило без да трепкам, од возбуда за да не пропуштам нешто ... Кога ќе одам во Шри Ланка, тогаш ќе ти раскажам :)

Маја: За ништо не ги давам убавините на Македонија!

Што ве лути во животот?

Петар: Сѐ! Неодговорност, себичност, лага... Не научив со поголема лежерност да ги доживувам туѓите постапки од овој тип.

Ана: Безмударство. Знам дека не постои тој збор, но би требало. И закон со ригорозна казна за безмударско однесување.

Маја: Неодговорни и расипани луѓе!

Радиото: привилегија или „злоупотреба“? Дали некогаш сте дошле на работа во пижами? 

Петар: Маја обично доаѓа како да се облекува во темница, а Ана како Бах во косата. Јас сето тоа морам да го гледам :) и така секој ден.

Ана: Привилегија. Убавина. Место каде фантазијата и музиката победуваат. Моето омилено место. А за тоа дали доаѓаме на работа во пижами, со некои мои избори за облека пижамите би биле посреќниот избор.

Маја: Јас често доаѓам со пижами на работа. На точак!

Која е најлошата одлука што сте ја донеле во животот?

Петар: Ги има многу. Ама од тоа се состои животот. Ако не згрешиш тоа значи дека и ништо не пробуваш. А ако не пробуваш тоа значи дека си закован во комфортна зона, која пак од друга страна е смрт за идеите и креативноста. Сите ние сме резултат на одлуки кои сме ги донеле. Многу сум благодарен и за лошите, затоа што од мене направиле ова што сум денес. А прилично сум задоволен од резултатот за сега. Се надевам дека ќе ги има и во иднина.

Ана: Воопшто не размислувам така за моите одлуки или избори. Ако сум решила дека нешто ќе правам, тоа значи дека во тој момент ме веселело. А се во животот е момент, затоа е важно што повеќе од нив да бидат весели.

Маја: За ништо не жалам што сум направила во животот.

Набројте една новогодишна желба?

Петар: Би сакал да научам да зборувам уште еден странски јазик. Холандски на пример.

Ана: Да стојам пред полна сала со раширени раце и сите да го извикуваат моето име. Мислам дека оваа година ќе ми се исполни, да, редно време е.

Маја: Да си легнам порано на најлудата ноќ и се разбира како и секоја година да го гледам новогодишниот концерт во Виена.

За крај, заедничка новогодишна честитка за читателите, напишана исклучиво од Ана на српски...

Ана: Сречну Нову Ј*боте!

Во продолжение, погледнете ја видео - честитката од Петар специјално испратена од Амстердам за нашите читатели!

Објавено:
17 декември 2014
bool(false)