Интервју „The Protagonist“: Македонска алтернатива на безвременската музичка генијалност

Интервју со •
5 февруари 2014

Тројцата протагонисти во алтернативниот македоски бенд  „The Protagonist“  веќе четири години функционираат како музички состав кој со фасцинантната уметност која ја создава, во високи вертикали ги поместува стандардите за квалитетот на македонската музичка сцена. Нивната музика како и составот на бендот е со космополитски дух, без ограничувања во правецот кој го третираат, со примеси на различни музички декади, но заокружена во една сосема поинкава, автентична и толку посебна целина. Две од траките кои се наоѓаат на нивниот деби албум „No Exit Museum“  кој треба да излезе официјално оваа година, веќе имаат интернационална публика благодарение на видео записите кои често може да ги видиме на MTV Adria.  Fashionel имаше задоволство да разговара со тројцата професионални музичари: R.S Rush, Кузман и Едмонд и барем на момент да влезе во една нова димензија на нивниот музички свет.

-Иако сте релативно млад бенд кој официјално започна да функционира во 2010 година, забележителен е брзиот прогрес особено од аспект на квалитетот на вашата музичка експресија. Ретроспективно, како се развиваше вашата приказна?

R.S.Rush:

Најпрво, ви благодарам за обзервацијата што ја имате направено. Кога го основавме „The Protagonist“, првата година ни помина барајќи го и работејќи на „идентитетот“ на она што сакавме да го понудиме, а тоа подразбира  креирање на некаков концепт со филмски призвук и повеќеслојност во продукциска смисла. „The Protagonist“ не е типична приказна која нуди само ритам и мелодија, туку обработува теми кои на семи - концептуален начин се поврзуваат меѓусебно и создаваат една целина.

No Exit Museum  е албум кој има наративен редослед, но за тоа повеќе ќе зборуваме кога албумот ќе биде издаден во 2014 година.

-Вашиот деби албум No Exit Museum  го работевте заедно со едно големо име познато на сите оние кои се инволвирани во музичката индустрија, Сајмон Хејворт.  Ваквата амбициозна соработка на самиот старт, поставува ли уште поголеми предизвици за вашиот следен музички албум?

Кузман:

Соработката со Simon Heyworth е одлична и  засега  не би го менувале човекот кој многу го респектира овој бенд,  и кој со цело срце се вклучи во овој проект. Ние сме презадоволни од неговата работа и неговиот начин на мастеринг кој ни е многу близок и многу одговара на ова што го работиме. Тој е првенствено  голем професионалец, но исто така и голем пријател. И се разбира, за следниот албум се надеваме дека ќе имаме можност за соработки со уште некои звучни имиња со тоа што кругот на соработници од тој ранг со тек на време ќе го прошириме.

-Многумина ве доживуваат како најблискиот македонски производ  до Depeche Mode. Но, како вие ја дефинирате вашата музика?

R.S.Rush:

Потребата за дефиниција или пак споредба кога нешто ново излегува е во природата на самиот систем. Ние го имавме нашиот прв настап на „Роденденот на Уметноста“ vo М.К.Ц., каде изведовме еден дел од сеуште неиздадениот албум. Тие што не слушаа таа вечер не имаа споредувано со The Doors, Kraftwerk, па дури и со Pink Floyd, така да секако ни годат ваквите споредби и покажуваатколку ни е широк спектарот на музикалност, звуци, чувства, мелодичност, драма и.т.н. Но, од друга страна знае да иритира затоа што ние тргнавме на ова патешествие со еден идентитет кој сакаме допрва да стане препознатлив, кој со тек на годините ќе го градиме. Ако веќе навлегуваме во дефиниции, тогаш ние во сржта сме алтернативен бенд, кој не се ограничува ниту во музички план, ниту во инструментите кои ги користи. „No Exit Museum“ е полн со аналогно-дигитална електроника, но исто така е проследен со електрични гитари кои на многу интелигентен, креативен и атипичен начин се искористени во контекст на албумот. Во вокално лирична смисла нуди широк спектар на нарација, суштина, длабочина кој може да се почувствува и согледа во секоја песна од албумот.

 

-Сите членови на „Протагионист“ зад себе имат богата музичка историја. Ако треба бендот да го дефинираме според вашите лични профили како музичари, кои се тројцата протагонисти?

R.S.Rush:

Мојот деби албум „Around The Black“ со мојот поранешен бенд беше издаден 2008 година. Во него бев вокалист, главен лирицист и гитарист, а воедно гостуваа и музичари како што се Влатко Стефановски и Драган Даутовски. Но, се разбира, моето музичко и креативно патешествие почнува од моите рани денови, така да, сум бил дел од бендови, концерти, па и театарски претстави пред да го формираме „The Protagonist“.

Кузман има диполмирано на факултетот за музичка уметност и  заедно со Едмонд повеќе од 10 години имаат основано своја аудио и видео продукција  и имаат големо искуство и соработка со најразлични изведувачи и бендови. Уште на самите почетоци, Едмонд е поврзан со електронската музика преку експериментирање и креирање на  најразлични звуци.

 

-Покрај фантастичната музика, специфичен белег за „Протагонист“ е мултиетничкиот состав, со што несомнено испраќате позитивна порака со космополитски дух. Како публиката реагира на тоа?

Едмонд:

Соработката во бендот настана спонтано и несвесно во поглед на мултиетничноста. Нам не врзуваат заедничките погледи кон музиката и воопшто кон светот.  Живееме во XXI век кога професионалниот поглед, човечноста и креативноста е она кое го води развојот и напредокот на човештвото воопшто.

- Што следно ја предизвикува вашата амбициозност? Што е следно на вашата професионална агенда?

R.S.Rush -Кузман– Едмонд:

“No Exit Museum” ќе биде издаден во 2014 година, што подразбира промоција на истиот и многу настапи во и надвор од државата. Исто така,  планираме да снимаме уште три видео записи од овој албум и некаде во Август ќе влеземе во студио да почнеме со снимање на вториот албум, за кој веќе имаме прелиминарни концепти и теми. Така да, во секој случај не очекува една креативно исполнета и бучна година...!

 

Фото: Студио Акон

Информации за бендот: https://www.facebook.com/theprotagonistofficial

 

Објавено:
5 февруари 2014
bool(false)