ИНТЕРВЈУ Росица Мршиќ: Македонка меѓу петте најдобри дизајнери во светот

Интервју со •
1 август 2013

 

Автентичен дизајнерски израз, суптилен авангарден стил и кохерентност во колекциите се првите референци што асоцираат на работата на дизајнерката Росица Мршиќ. Школувана на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Утрехт, Холандија и на Школата при Уметничкиот институт во Чикаго, САД, оваа модна авторка веќе пет години создава под сопствено име. По претставување на колекцијата инспирирана од култниот филм „Метрополис“ на Фриц Ланг на последното издание на Fashion Weekend Skopje, таа стана актуелна со номинацијата за најдобар меѓународен дизајнер на изборот Интернационални бугарски модни награди EIRENE 2013 и освојувањето на наградата за најдобар дизајнер за регионот на Европа и Русија. Следеше финалното гласање по кое Мршиќ стигна до петтото место меѓу девет финалисти, специјална награда за најголем број на гласови од обожавателите на Фејсбук, како и серија на бенефити како на пример награден фонд кој ќе ѝ овозможи претставување по две сезонски колекции во следните пет години на Бугарската модна недела, награда за организирање дипломатски прием во Софија во чест на Македонија и на Мршиќ, организирање трговски состанок и работилница со дизајнерски консултации, како и изложбен салон во рамките на Модната недела во Пловдив. Интернационалната модна сцена веќе е запознаена со работата на Росица Мршиќ, Таа во последниве години продава во Виена, Цирих, Софија, Дубаи, но секако дека учеството на натпреварот EIRENE 2013 резултира и со зголемен интерес за нејзините креации од различни делови на светот, што дополнително значи и поконкретен пробив во светската мода.

 

Росица Мршиќ Росица Мршиќ

 

Периодов беше актуелна со изборот за најдобар меѓународен дизајнер на Интернационалните бугарски модни награди. Како всушност се најде во конкуренција за овие награди?

Главната цел на натпреварот International Bulgarian Fashion Award EIRENE 2013 е да промовира, поддржи и соработува со домашни и со меѓународни модни дизајнери кои имаат потенцијал за креативен и комерцијален развој. Наградите овозможуваат висок степен на мониторирање и финансиска помош за квалитетна презентација на модни настани во Бугарија и меѓународни размени во повеќе од 19 земји за сите дизајнери финалисти во последниот круг на гласање. Пријавувањето за учество беше направено по пат на апликација и селекција од стручно жири, чии бодови имаа голем удел во финалните резултати, а останатите бодови беа сумирани резултати од јавното гласање преку Фејсбук.

Во првите етапи беше прогласена за победник за Русија и Европа, а во финалето во конкуренција на девет дизајнери го освои и петтото место, ама имаше и некои други награди...

Вториот круг на гласање го дефинираше победникот од секој регион, а последниот круг гласање ги позиционираше деветте финалисти. Секој од финалистите покрај вкупниот број поени, беше оценуван според различни категории (жири, јавно гласање, придонес за бизнис развој и моден дизајн) и според нив и дополнително позиционирање на дадената категорија. Ова овозможи финалистите да добијат и дополнителна награда, бодување за дадената категорија. Јас ја добив специјалната награда за најголем број гласови од фановите на Фејсбук.

 

Гласањето и бодувањето  траеше три месци и се одвиваше во неколку етапи Гласањето и бодувањето траеше три месци и се одвиваше во неколку етапи

 

Се оценува последната колекција или целокупната работа на еден дизајнер? 

Секој дизајнер на натпреварот се пријавува со својата целокупна работа и врз основа на оценување на истата добива поени од стручното жири, како и од јавното гласање.

Што понатаму за тебе ќе значи ова? Што вушност следи после гласањето?

Освоеното место значи сезонска промоција на колекција два пати годишно во наредните пет години на модни настани, како и други активности поврзани со промоција, подршка и развој на модниот бренд.

 

Јелкица Поповска како модел и стилист во фотосесијата со моделите на Росица Мршиќ, а фотографиите се на Биљана Ќосева Јелкица Поповска како модел и стилист во фотосесијата со моделите на Росица Мршиќ, а фотографиите се на Биљана Ќосева

 

Натпреварот е одлична платформа другите да ја видат твојата работа, но и да се запознаеш со работата на другите дизајнери. Каков е твојот впечаток за колегите конкуренти? 

За време на учеството на натпреварот имаше зголемен интерес за мојата работа од различни делови од светот. Се разбира дека бев љубопитна да ја проследам работата на дизајнерите со кои учествувавме на овој натпревар. Добро е кога може да се видат толку различни аспекти на творење на едно место, а притоа сите да ги поврзува иста цел и мотив.

Дали после овој избор сметаш дека ќе ти се отворат нови можности за твое дизајнерско присуство во регионот, но и подалеку? 

Една од целите на натпреварот е да се промовира работата на секој дизајнер финалист. Учеството на натпревари е важно за секој дизајнер, но вистинската заслуга и повод за проширување на сопствената работа потекнува од сработеното.

Како дизајнер веќе некое време си присутна и на меѓународната сцена, каде во моментов ги продаваш твоите колекции? 

Продажбата во други земји е значајна за да се согледа колку се прифатливи креираните парчиња од консументите од различни култури. Колекциите веќе неколку сезони се продаваат во Бугарија, Швајцарија, Австрија и Обединетите Емирати.

 

Креациите на Росица Мршиќ веќе се продаваат на неколку места во светот Креациите на Росица Мршиќ веќе се продаваат на неколку места во светот

 

Што всушност е потребно да се позиционираш и да успееш на светската сцена? Колку тебе ти е амбиција тој пробив надвор? 

Од моето искуство, за позиционирање на светската модна сцена треба да се има производ кој говори глобално, добра идеја и одлична реализација. А најважно е да се познава потребата на клиентите за да се знае до каде можат да се поместуваат границите на креативноста.

 

 

Позната си по тоа што имаш кохерентни колекции и препознатлив дизајнерски израз, што е она ти е постојана инспирација при креирањето?

Тоа што е постојано е желбата за создавање и пронаоѓање нови начини на искажување, а останатото е потпомогнато од дефинирани концепти и теми при создавање на секоја колекција.

 

 

Објавено:
1 август 2013
bool(false)