Интервју со костимографот Раде Василев: Секој танц има своја костимска „боја“

Интервју со •
17 јануари 2014

На почетокот од  неделава ви најавивме дека ќе читате целосно интервју со главниот костимограф на шоуто „Танц со ѕвездите“, Раде Василев, кој  во продолжение ни открива  многу делали околу тоа како се создава еден танчарски костим, колку време е потребно за изработка, колкав тим работи на костимографијата и со колку костими располга продкцијата. Секој викенд на тв екраните имате можност да погледнете како македонските ѕвезди учат и се натпреваруваат преку стандардните и латино танци, но целата танцова приказна не би била целосна без прекрасните костими што ги носат сите учесници, создадени со многу љубов, внимание и посветеност. Дека рацете на Василев умеат да создадат костимографска приказна, е доказ повторниот ангажман и во втората сезона на шоуто.

Ова е Ваш втор ангажман како главен костимограф на танцовото шоу „Танц со ѕвездите“. Како помина Вашето костимографско дејствување минатата сезона, а како сега, која е разликата?

-Првата сезона на Танцот со ѕвездите беше многу пријатно изненадување за мене, како некој кој е долгогодишен фан на ова светско шоу и посебна радост како костимограф. Минатата сезона, мојот тим и јас,  почнавме со многу ентузијазам  и многу брзо ги совладавме правилата на костимот за танц, а ги има доста и се ригорозни. Иако, пред тоа имав работено костими за танц, балет, корео драма, ова беше  сосема поразлично искуство, што беше само поголем предизвик. Оваа сезона пловиме лесно, во веќе познати води, со нова енергија, радост и желба да бидеме покреативни, похрабри ... Разликата е само во новите контакти, принципите, а правилата се исти. Полесно ни е на сите оваа година од причина што ни е познат теренот, минатата година истражувавме, бевме пионери во оваа работа кај нас, сега знаеме точно што функционира кај танцот или кај шоу настапот.

 Како дојде до моментот токму вие да бидете задолжен за костимите на ова интересно шоу?

-Со продуцентот Огнен Антов и режисерот Стојан Вујиќ, соработувам повеќе од 15 години, знаејќи колку голем љубител сум на ова шоу, верувам дека немаа дилеми околу изборот дали јас треба да ја работам костимографијата. Уште по првиот кафе муабет, знаевме дека ќе направиме убава работа , тие беа со максимална доверба, а јас со ентузијазам и полет за нови креации на поле на кое не сум работел дотогаш. После евидентниот успех по првата сезона, беше очекувано дека ќе бидам ангажиран и оваа втора сезона.

 За да се изработат костими за танци како што се румба, самба, валцер и други стандардни и латино танци сигурно треба едукативна поткрепа, но и љубов кон танцот. Какви се Вашите искуства, истражувања и анализи?

-Моето искуство од повеќе од 20 години и богато CV е препорака и гаранција за познавањето на овој тип на костимографија, не сум имал блиски контакти со танцот  (се смее) и лично немам претензии кон некој танц, но гледајќи ги од костимски аспект, знам дека секој танц има своја ''боја''. Со посебна радост ги дочекувам идеите , кореографиите, песните и посебно ''приказните'' кои ги смислуваат нашите професионални танчари. Секогаш имам повеќе адреналин кога има шоу и кога костимот ќе помогне во тоа.

Зад себе имате театарско искуство во однос на дизајнирањето костими, како е да се креира за театар, а како за телевизиско шоу од ваков карактер?

-Разликата меѓу театарскиот костим и овој тип на костими е различен само во правилата кои ги споменав. Некои од нив се на пример : костимот за танц мора да е лесен, да не го ограничува движењето на танчарот, да не е предолг... Правилата за танчарски костим за на натпревар се многу ригорозни, но во овој тип на претставување, имам повеќе слобода во креацијата, може да бидат послободни, попровокативни. Има некои ѕвезди кои што имаат повеќе сексапил, некои подобра техника, некои шарм и моја задача е тие квалитети да ги истакнам. Но, ова е пред се шоу.

 Минатата сезона имаше едни познати имиња што учеа да танцуваат, годинава ги имате речиси истите професионални танчари, но различни ѕвезди. Какви беа оние од минатата сезона, а кави се овие сега. Лесно ли е да се соработува?

-Не можам да направам некоја голема разлика помеѓу ѕвездите од лани и од сега од аспект на костим, повеќето, на почетокот ја имаат истата трема, бидејќи прв пат се среќаваат со сценски костим, посебно им треба време на спортистите да ја прифатат трансформацијата, додека актерите, ,пејачите и воопшто луѓето кои имале искуство на сцена или пред камери, го прифаќаат многу полесно. Костимографијата на едно  шоу од овој тип е многу важна, бидејќи помага во создавањето визија на темата или времето кое треба да се долови со точката. Тоа е всушност и тоа што најмногу ме радува, предизвик е да се направи костим кој ''припаѓа'' на некое минато време, а притоа да се изведе да биде прикладен за танц. Во секој случај соработката е лесна, професионална и со обостран респект.

Како би ја опишале разликата меѓу костимите за латино и стандарден танц и која е техниката  да создадете женски костим, да е провокативен, а сепак да не открива премногу при играта?

-Разликата помеѓу костимот за латино и стандарден танц е огромна, ако  строго се следат правилата. Но овде е дозволено, на пример стандарден танц да се игра и во мини, хеланки, боди или латино во долг фустан, се зависи каква е приказната која сакаме да ја доловиме. Имаме многу костими кои се дел од познати филмови, цртани филмови - Аладин, Мапети, театарски претстави - фантомот од операта, настапи на пејачи. Важно е костимот да го следи карактерот на танцот, да го подобри сценскиот настап  и секако да им помогне на танчарите да ''влезат во филмот'' полесно.

Колку костими моментално има шоуто „Танц со ѕвездите“ вклучувајќи ги оние од претходно, дали ќе се користат одреден парчиња од минатата сезона или комплетно се ќе биде ново?

-Минатата сезона имавме изработено и снимено точно 222  костима, за индивидуални, групни настапи или делови од костим кои помагаат во некоја кореографија. Оваа сезона досега, а сме на самиот почеток, имаме изработено околу 50 костима. Процесот на работа оди отприлика по следниот редослед:  танчарите добиваат задача, кој танц ќе го играат, избираат музика и осмислуваат концепт, како би требало тоа да изгледа на сцена. Потоа мојата асистентка и јас креираме костими, изведба , проба, украсување, морам да кажам дека сум многу горд на мојот лојален и вреден тим.

Не е лесно да се изработат толку костими, колку време беше потребно и колку луѓе работеа?

Во тимот се асистентката Фросина Настевска, главната гардероберка Маја, главната шивачка Верче, гардероберката Марија и уште две помошнички. А кроењето на костимите е моја работа. Немаме одлучено дали ќе се користат костими од мината сезона, зависи од кореографијата која ќе ја спремат танчарите. Единствениот проблем кога се изработуваат костимите е времето затоа сто имаме само 5 дена меѓу  две епизоди за изведба на 20  костими, но такви се правилата.

Колку ѕвездите во шоуто успеваат на вистински начин да ги износат и претстават костимите на сцена?

Ѕвездите кои што имале искуство со сценскиот костим , многу полесно го прифаќаат и го носат, уживаат во него, им ја подобрува самодовербата, но многу сум среќен што оваа сезона сите се многу адаптибилни и се радуваат на секој костим.

Објавено:
17 јануари 2014
bool(false)