Интервју Стојна Костовска

Интервју со •
12 март 2014

Срдечна, темпераментна, максимално позитивна и харизматична. Стојна Костовска,  актерката која најмногу ја познавате по улогите во Македонските народни приказни, специјално за Fashionel ги отвори вратите од нејзиниот дом, ни ги покажа омилените парчиња од својот гардеробер, но ни ги откри и сите нејзини ставови поврзани со модата и стилот.  Госпоѓа Костовска  ја ситни шестата деценија од животот, зад себе има богато 32 годишно театарско искуство, но сѐ уште е истата жена  од која  блика младешка енергија, „извираат“ многу идеи, посветеност и одговорност, како кон нејзините најблиски така и кон себе.

Кога се договаравме за ова интервју, кажавте дека повеќе би сакале да го направиме кај Вас дома. Велите дека сте „домашарче“ и таму најдобро се чувствувате. Што за вас претставува домот и која е Стојна Костовска  што не ја знаеме зад  домашната врата?

Дома се чувствувам најпријатно, дома сум своја и мислам дека дома никој не ми може ништо, дека тука имам свој ореол и се чувствувам најзаштитена, зашто тука се мојот син и мојот сопруг. Можам да правам што сакам да примам кого сакам, можам тука да плачам,  да се смеам, едноставно тоа е мојот дом и начинот на кој живеам. Во тој дом сум мајка, сопруга и обична жена домаќинка, а штом излезам надвор, тоа е нешто сосема друго.

 Како периодов се одвиваат вашите обврски и ангажмани. Што има ново?

Нема ништо посебно ново, јас не правам планови. Повеќе пати велам, што ќе донесе животот го прифаќам. Во мојата матична куќа, Македонскиот Народен Театар, најнова улога имав во претставата „Вечната куќа“ и ми претставуваше особено задоволство затоа што тоа се случи на отворањето на новиот театар,  кој за мене, а и за моите колеги е многу значаен.Често знаеме да се пошегуваме дека гостуваме некаде надвор од земјата, зашто нели излеговме од еден руиниран центар кој си го отслужи своето. Сега влеговме во сосема друга атмосфера. Токму тие промени забележувам дека допринесоа дури и на облекувањето на публиката во театар. Таму не може да се влезе со фармерки, а буквално кога ќе ја ѕирнам публиката, гледам дека сите се одлично облечени. Секако, тука е и Хикирику, јас сум 25 години дел од проектот и тоа е моето второ семејство. Таму се: Чоре, Мешко, Кате, Ванчо, Гоце, Унџел, Ѓокица, на чело се разбира со господинот Иван Карадак. Морам да кажам дека ни недостасува Дади кој прерано почина, но и тоа е составен дел од животот каде ние не можеме да делуваме. Исто така имам и понуда за снимање во Белград и јас сум пресреќна што таму сум примена инзвонредно, изненадувачки зашто Белград има многу артисти.

Кога ќе се спомене вашето име, освен по улогите во многу тв серии, претстави во МНТ, радио скечевите на Хихирику, прво како инстантна асоцијација, многумина го поврзуваат со Македонските Народни приказни. Сметате ли дека токму тие улоги се белегот на вашата популарност?

За ова прашање најпрво мора да ви кажам една анегдота. Минатата година снимав две приказни во кои имав улога на негативка. Во ист ден ме сретнуваат две жени на пазар и велат: „ првпат ве гледаме во живо, ве молам другпат да не прифаќате лоши улоги вие сте само добрата. А јас им реков дека тоа е составен дел од мојата професија и нема тука многу простор за избор. Знаете, луѓето многу често се поистоветуваат со ликовите , па оттука и не ме чудат некои одредени случки. Јас имам снимено преку 250 приказни и да мислам дека и приказните нормално играат улога во популарноста.

 

Визуелниот говор и моќта да се прати порака од истиот кај Вас е секогаш нагласена. Негувана, модерна, уникатна , тоа се ептитетите што ги пронајдов за вас Додека истражував на интернет. Како би се опишале Вие и вашиот стил?

Според мене модата е широк поим, а стилот веќе е нешто сосем друго. Една жена не ја прави дама само облеката, туку уште многу други попратни моменти, на пример како одењето. Според мене одот е многу важен, можете да бидете преубави, но ако одот не е како што треба сметам дека туѓата визуелизација се искривува. Мојот сил на облекување би го нарекла едноставно само како сопствен и не само за гардеробата, туку генерално  во се што правам и ме опкружува. Мене не ме засегаат критики, а секој има право да му се допаднеш или не. Можеби за модните слилисти мојот стил не е модерен, но ете јас се доживувам како индивидуалец. Стилот или го имаш или не, а тој се гради од мали нозе.

Препознатливи сте и по долгата црна коса. Што претставува косата за вас?

Косата за мене е украс кај жената, но и некој нејзин знаштитен знак. Лично јас сакам долга коса, а на моја возраст со оваа должина можам да кажам дека секогаш е редовно измиена, ставам само природни масла и еднаш неделно ја масирам, а секоја вечер ја чешлам по неколку пати. Многу важана е исхраната за убава коса и нокти. Јас ете имам среќа да имам квалитетна коса, но кршливи нокти за жал.

 Дали може да дефинирате компарација помеѓу вашиот стил како актер, жената под градското светло и жената од домот и соседството?

Без разлика дали одам на претстава, во телевизија или пак сум дома, јас морам да бидам комплетно средена. Кај мене не постојат никакви оправдувања за негата и визуелниот изглед. Сите имаме разни обврски, но брем за себе секогаш мора да се има време. Кога одам во театар на премирера или пак на балет, секогаш носам свечена облека и буквално сакам фустаност да ми се влече по подот.

Кои парчиња облека доминираат во вашиот гардеробер  и има ли такви кои се препознатливи за вас без кои не би се замислиле?

Ја сакам спортската облека, а мој фетиш се фармерките и се омилено парче од мојот плакар. Сакам спортски маички и похрабри комбинации,  зашто ете мојата конституција тоа го дозволува. Но, не сум постојано во комформна облека, знам да бидам и многу елегантна, секако во зависност од пригодата. Имам различни парчиња во гардероберот, па дури и такви преработени од мене. Еден од фустаните што ви ги покажав е доработен од мене, на кој самата аплицирав везени додатоци од мојата баба. Токму затоа тој бел фустан ми е многу драг. Сакам да нагласам дека јас имам моја шивачка, тоа е Валентина Доневска,  од која јас не можам да се одделам, зашто не сакам да се облекувам униформирано. Ми се случило да ми се допадне во град некој фустан и тоа да го нацртам и да им го дадам на Валентина да го изработи по мој вкус. Резултатот секогаш ми се допаѓа многу повеќе отколку кога сум го видела моделот во продавница, а тоа посебно ме прави задоволна. Ако пак ми се случи да сакам да го купам некој одреден модел прашувам колку парчиња претходно биле продадени.

 

Фантастичниот свет на театарот овозможува една поинаква перцепција во реалноста. Колку изборот на костимографијата има влијание врз успешното доживување на театарските ликови?

Костимот секогаш говори за ликот. Кога се подготвувам за претстава и кога ќе се погледам во огледало откако целосниот сценски изглед ќе биде комплетен јас веќе сум друга, а тому костимот е тој што ја зачинува таа целосна театарска магија.

Колку таа театарска магија влијае на вашиот приватен имиџ и која е личноста чија улогата сте ја играле, а нејзиниот стил можете да го поистоветувате со Вашиот?

Јас сум Стојна Костовска, но на сцена можам да бидам Дорис Левин. Ми се случило да посакам приватно да облечам раскошни фустани од 18-ти и 19-ти век,  како оние што сум ги носела на сцена. Во претставата  „Забуни“ дело на Шекспир во режија на Димитрие Османли, јас и Игор Џамбазов игравме главни улоги. Токму таа костимографија, односно раскошните фустани посакав дури да ги  носам низ град, но секако тоа не се случи, бидејќи сметам дека погрешно ќе бев разбрана. Баш Игор ми рече „ Стојне ако го направиш тоа, ти си цар“. Одвнатре многу сакав, но ете не се случи.

Како се менуваше вашиот имиџ додека растевте од млада девојка до жена која зрее и созрева? 

Имав тетка која беше шивачка, а јас пак бев девојка што сака постојано да има и носи нешто ново.Кога бев средношколка и учев во средното фискултурно училиште, секоја недела мајка ми ќе купеше некое материјалче и ќе отидевме кај тетка ми која секогаш ги исполнуваше моите желби. Освен од фустанчињата никако не се откажував од спортските парчиња, а верувајте и до ден денес останав таква. Во однос на облеката останав жена која ја сака елеганцијата, но и комфорот.

Многумина би Ви завиделе на изгледот, како се справувате со трагите на годините?

Душевната и физичката хармонија треба да бидат едно. Годините е нормално да ги чувствувам, а пак изгледот секогаш може да лаже. Ова тешко време мора да знаете како да го издржите, а пак хармонија е таа која е пресудна за се. Знам да бидам истрајна на многу работи и верувам дека умеам и кога ми е психички тешко тоа да не се забележува надворешно.

Колку ја следите македонската модна сцена? Ве интересира ли тој сегмент од нашето секојдневие и дали можеби има одредени домашни дизајнерски имиња или модни брендови кои го привлекуваат вашето внимание?

Иако не ја следам многу домашната модна сцена, јас навистина ја почитувам работата на одредени македонски дизајнери. Лично се познавам со госпоѓата Елена Лука која има креации што ми оставиле огромен впечаток, а кога би носела нешто од неа сигурно тоа би било по мој вкус на многу поавангарден начин кој верувам дека таа ќе го изведе неверојатно.Од другите дизајнери што ми се допаѓаат би ја споменала и Антонија Ристовска , Јасмина Дракул и Лиле Корубин. Модата не ја следам, зашто таа е со многу краток здив, напрадната е многу, а треба и да имаш доволно пари за да бидеш во чекор со сите модни промени.

Како ја црпите психичката и физичката подготвеност, која е формулата за Вашата витка линија?

Јас сум физички многу активна личност и им препорачувам на сите жени особено кога се во менопауза, нека пешачат многу и да не пушат цигари. Мене Водно ми е многу блиску знам и таму да се рекреирам, па дури знам да прошетам и низ населба. Многу е лошо кога ќе се затворите дома пред телевизор, зашто енергијата што може да ви ја даде природата и физичката активност е незаменлива.

Кои ритуали за убавина се Ваш постојан апетит за да се чувствувате задоволни со самата себе?

Слободно можам да кажам дека никогаш не сум употребувала скапи креми, зашто мислам дека скапата крема не значи и добра крема. Јас имам сува кожа и употребувам бебешки креми, а омилено ми е кокосовото масло што секогаш го имам дома. Го употребувам како за телото така и за косата. Исто така многу често ги мијам забите, па дури моите блиски често знаат да ми забележат за тоа. Јас многу ретко одам на заболекар и имам многу здрави заби.

Кои се додега најслатките „плодови“ што сте ги спобрале на професионално и приватно поле?

Ќе кажам само дека досега се што сум работела, било направено со задоволство, радост и среќа, така да секој краен резултат од било што за мене претставува сладок плод чиј вкус секогаш го носам во мене.

Објавено:
12 март 2014
bool(false)