Интервју Тијана Трифунова: За мене хеклањето е начин на живот!

Интервју со •
14 јуни 2014

Во една прилика англискиот писател Толкин рекол дека времето може да се мери во години, но и во моменти. Да се остане доследен на еден занает кој случајно или намерно ти е пренесен како традиција или белег на она што твоето семејство го создавало некогаш и притоа да успееш да го афирмираш, модернизираш и прилагодиш како тренд во време каде технологијата го има последниот збор е навистина голем успех.

Младата дизајнерка на модни додатоци Тијана Трифунова е дипломиран преведувач/толкувач по италијански јазик и книжевност, но вистинско задоволство и целосно исполнување наоѓа во изработката на хеклан накит. Специфична техника која благодарение на огромната љубов што баба ѝ и ја всадила уште од мали нозе прераснува во нејзина професионална определба.

„Не случајно почнав да го сакам овој вид уметност. Баба ми е “кривецот” што јас и по толку многу години сè уште негувам огромна љубов и тежнеам кон хеклањето. Започнав уште како мала, на осум години. Најпрво им правев фустанчиња и џемперчиња на моите кукли, за подоцна кога имав  17 години да почнам со изработка на шалови и капи. Нормално постојано правев паузи, но на крај пак се навраќав на својата љубов кон хеклањето за денес после толку истражувања да се пронајдам во хекланиот накит“, ни откри Тијана.

Бидејќи станува збор за вистинска уметност и невообичаен начин на изработка на накит, младата креативка реши да ни ги открие тајните на оваа интересна техника.

„Колку и да се чини комплицирано и невозможно, хеклањето е лесно за совладување. Начинот на изработка се сведува на вид на конец, состав и соодветна игла за хеклање. Сето останато е имагинација, замислени делови составени во едно. До сега, ретко сум користела шеми, можеби за два или три ѓердани и само нив ги имам направено според некоја шема, а сето останато е или некоја моментална инспирација или спој на идеи после неколку дневно истражување на интернет“ раскажува Трифунова.

Дизајнерката вели дека за да изработи еден ѓердан потребни и се три до шест дена, а инспирација црпи од секојдневниот живот.

„За изработка на еден ѓердан потребни се од три до шест дена, а инспирација најчесто наоѓам во секојдневието. Природата, храната, луѓето. И најинтересно е што таквите идеи не ги ни ставам на парче хартија, едноставно веќе се во главата како целосна шема, ја земам иглата и конецот и идејата почнува да се расплетува.  Цветовите, капките/солзите, кругчињата ми се омилени и затоа до сега сите брошови и ѓердани што сум ги изработила се во таа форма“, вели креаторката.

И после четири години активно творење се уште се сеќава на првото парче накит кое го има изработено.

„Колку што се сеќавам тоа беа хеклани каро обетки и ги направив за себе, но на крај ги изложив на Фејсбук и веднаш ги продадов. Веќе четири години откако се имам појавено на социјалните мрежи творам под името ТКлолел(сега веќе La Meraviglia) и не се сеќавам да имам изложено накит кој сум го направила за себе, а некој друг да не го посака. Ќе треба изгледа за сите така да си помислувам“ низ смеа раскажува Тијана.

За неа хеклањето не е само начин на себе промоција и остварување на заработка, за Тијана хеклањето е начин на живот.

„Хеклањето од секогаш ми било хоби. Уживам во неговата изработка и секое ново парче ме прави задоволна и среќна. Во хеклањето наоѓам мир и релаксација, но пред сè се водам од предизвикот да се создаде нешто ново кое некој друг ќе посака да го поседува. Тоа е неопишливо и прекрасно чувство“ ни кажа Трифунова.

Нејзиниот накит е наменет за сите девојки кои се модерни и знаат што сакаат во животот, но и за сите оние повозрасни дами кои негуваат уникатен стил.  Еве што го прави хекланиот накит посебен.

„Морам да признам дека ретко гледам хеклан накит на македонскиот пазар (можеби грешам) така што тоа ми влева надеж дека има простор за напредок бидејќи пазарот воопшто не е заситен со ваков вид на накит. Мојот накит пред сè е модерен, урбан и колоритен. Изработен е така што најчесто личи како да е дел од самата гардероба. Кругчињата и капките солзи се мој заштитен знак“ ни откри дизајнерката.

Кога станува збор за трендовите, со оглед на специфичниот изглед и оригиналната изработка, Тијана вели дека може во својот накит трендовски да ги вклопи боите, а се останато е нејзина модна фантазија.

„Освен следењето на боите кои се актуелни во одредена сезона сè останато е моја модна приказна. Кога изработувам мини колекции целосно е ставен мојот печат односно мојата личност, моментално расположение и замисла, но исто толку уживам и во процесот на нарачка од страна на клиентот. Убаво е да се слушне и другата страна и се трудам да го спознаам нејзиниот стил за на крај да добиеме взаемно задоволство и убав производ“, одговара Трифунова.

10154311_754703324561756_6814634328177187408_n

Нејзиниот накит за сега може да се купи само онлајн, преку нејзиниот сајт „La Meraviglia“.

„ Основната идеја кога го направив сајтот беше да ги поттикнам обожавателите на накит да нарачуваат од  дома бидејќи во период од една година тотално се навлеков на онлајн купувања и сметам дека и кај нас треба истото да се практикува. Денес животот е пребрз и зошто да губиме време со саати да бараме нешто што ни се допаѓа, едноставно додека пиеш кафе со другарките или си одиш со автобус од работа, бираш што ти се допаѓа, гледаш упатство како да нарачаш, плаќаш и чекаш да ти стигне дома на врата. Сајтот “La Meraviglia” се стреми да се усоврши, бидејќи е релативно нов сајт, и колку можам се обидувам да го ажурирам, а тоа е барем два пати во неделата. Сепак не би сакала да го трупам со постови доколку немам нешто интересно и ново да споделам. Работам во Белград скоро една година како SAP консултант, а патувањето е сведено на еднаш месечно да се видам со моите најблиски. Сепак тие викенди најчесто знаат да бидат и работни и напорни, но огромната и безусловна љубов кон сè ова што работам ме прави пресреќна и не би постапила поинаку“ одлучна е Тијана.

Во иднина дизајнерката сака да се фокусира на зголемување на колекцијата накит и воведување на новитети, како и поголема промоција и афирмација на „La Meraviglia“. Не ја исклучува можноста и за организирање на изложба или настан кој ќе биде тотално во духот на креативната енергија и презентација на нејзините замисли. Ние и посакуваме среќа и уште многу успешни креации.

 

Објавено:
14 јуни 2014
bool(false)