Покрај работните обврски во театарот, беше актуелен со учеството во шоуто “Танц со ѕвездите”, но за жал поради повреда мораше да ја прекине соработката. Васил Зафирчев е еден од ретките ликови на нашето поднебје, ѕа чие достигнување и дела се излишни сите ѕборови...
Велите дека по музиката, танцот ви е втората љубов, па во тој контекст што за вас претставуваше учеството во шоуто “Танц со ѕвездите”?
Најважно ми е дека уживав и одлично се забавував. Учев за танцот и се обидував да ги поместам сопствените предиспозиции и лимити во однос на танцот. Мислам дека најголем успех во шоуто е ако не можете да направите разлика кој е ѕвездата, а кој професионалниот танчер. Тоа ми е беше најголем предизвик.
Вие сте уметнички директор на театарот “Јордан Хаџи Константинов – Џинот” во Велес, град во кој сте роден и каде се вкрстуваат патиштата од исток кон запад и од север кон југ, какво значење има тој за вас?
Суштинско. Преку родниот град човек постојано се препознава и запознава себе си. Тој однос е животен и непрекинлив. При секое заминување родниот град го носите во себе си. Никогаш не можете да го напуштите, зошто тоа значи да се напуштите себе си. Тој секогаш ќе живее длабоко во вас. Како вечен потсетник за тоа кој сте, од каде сте, каде сте сакале да одите и каде впрочем сте стигнале на тој пат.
Од ваша гледна точка, дали уметноста во Македонија се цени или се обрнува внимание само доколку настанот медиумски добро се изрекламира?
Секаде во светот уметноста се цени онолку колку што има критична маса која може да препознае и разбере уметност. Уметноста е еманирање на конкретен и суштински важен животен став. Ако немате став, тогаш немате уметност, и на крај немате аудиториум кој може да препознае и да разбере уметност. Всушност во уметноста како и во животот воопшто се се сведува на имањето или немањето став.
Што за вас значи „штиците што живот значат”?
Свет простор во кој се манифестира талент, предодреденост, посвета и одговорност. Начин на живот. Начин на размислување, промислување и дејствување.
Кои се предностите на вашата професија?
Најголема предност е можноста да учите за животот преку неговото претпоставување на сцената.
Што за вас претставува модата и како би го опишале својот стил?
Модата е начин на еманирање на нашиот однос кон сопствената убавина. А стилот средство преку кое покажуваме кои сме и какви сме од внатре. Мојот стил одсекогаш сум го дефинирал како ултимативен минимализам на чисти линии и бои.
Омилени дизајнери (домашни, странски)?
Домашни – Розе Трајчевска и Александар Ношпал. Странски – Џон Галијано, Александар Меквин и Виктор&Ролф.
Омилени модни парчиња?
Ги има повеќе. Најважно ми е да се уникатни и да го одразуваат мојот однос кон модата, без разлика на нивниот потпис и намена.
Кои градови ве воодушевиле со архитектурата или уличниот стил?
Париз. Њујорк. Санкт Петерсбург.
Како ви започнува денот?
Ритуално. Со кафе, свежо цеден сок и задолжителна медитација.
На која претстава моментално работите?
Моментно ги играм само постоечките претстави од репертоарот на Велешкиот театар. Покрај „Онегин“, тука се „ММЕ кој прв почна“, „Шашардисани времиња“ и најновата хит комедија „Ноќите во бел сатен“. Секако и ангажманот во циклусот радио драми „Секаде театар“ на Независниот Театар „Театра“.
Големиот број награди говорат за талентот кој го поседувате, но какво значење имаат тие за вас?
Само како потврда за постигнатиот резултат во себеградењето како човек и како уметник.
Од каде ја црпите инспирацијата за вашата работа?
Од животот. Зошто инспирацијата никогаш не е врзана со таленотот, туку со внатрешниот живот на уметникот кој мора да е богат и интензивен.
Која ви е движечка сила во животот?
Вербата, посветеноста и истрајноста. Да продолжам да чекорам по мојот пат.
Долга или кратка коса?
Моментално кратка. Едноставна е и практична за одржување.
Неостварена желба или место за посета?
Земјите од Латинска Америка.
Дали луѓето ве препознаваат и што најчесто ве прашуваат/кажуваат?
Секако дека ме препознаваат. Но за мене најважно е она што го споделуваат со мене. А тоа се најчесто длабоко животни вистини кои се споделуваат само со најблиските луѓе. Драго ми е што ме сметаат за близок и што имаат чувство како да се знаеме со години.
Дали ви недостасува приватност?
Сега веќе не. Научив како да ја имам и како да ја заштитувам