Интервју Весна Петрушевска: Животот е исклучително краток за да се занимаваме со будалаштини

Интервју со •
7 јануари 2015

Моќта на трансформација во сите можни уметнички форми и говорењето на адекватен уметнички јазик се императив во нејзиното беспрекорно портфолио. Како и за легендарната Мерилин Монро која токму таа успеа да ја оживее на сцена на еден неповторлив и единствен начин, за неа важи девизата дека е подобро е да бидеш апсолутно смешен, отколку апсолутно досаден. Жената која создаде сопствена стратегија на свој личен идентитет кој живее заедно со неа низ годините и допира до луѓето на еден мошне непосреден и искрен начин... Миленичката на македонската публика, генијална актерка, дрска стенд – ап комичарка, одличен вокал, беспрекорен водител и Бејби Мама на три кучиња Хана, Ума и Аце и две прекрасни дечиња Кирил и Мина. Во ексклузивно празнично интервју за fashionel.mk eдинствената Весна Бејби Петрушевска.

За секој уметник – актер важи непишаното правило: театарот е уметност, филмот е пари, а телевизијата популарност. Петрушевска ја имаше честа да ги инкорпорира сите три во нејзиниот професионален живот. Сепак, вели дека радиото е нејзина прва љубов.

„Радиото е моја прва љубов. Јас уште пред да почнам со телевизија да се занимавам, од секогаш сум сакала да бидам на радио. Понудата стигна од Радио Слободна Македонија пред година дена и многу се израдував. Има една чудна магија, убаво е затоа што прво станува збор за сосема друга ментална матрица е не е исто како телевизија, како театар, не треба многу да зборуваш, да имаш доволно мерка и секогаш да ја знаеш плеј листата што ја пушташ. Инаку јас со мои 14 години почнав со театар, а веќе на 16 водев емисија на МРТВ – „Пулсирање“. Затоа можеби некако многу  многу природно ми дојдоа тие две работи да ги спојам бидејќи можев да практикувам интермедијалност, она што се вика разговор со камера и да си бидам на сцената. Она што сонував се обидов да го реализирам.  Телевизијата е точно најмоќниот медиум некогаш создаден и тоа така ќе биде оти преку телевизијата влегувате и онаму каде што не прашувате дали смеете да влезете. Во театарот се купуваат карти по слободен избор и одлуката за да дојдат да ве видат е лична, а на телевизорот може да се згреши далечинското на каналот каде што сте вие и да ве гледа некој од семејството макар и со сила. Поголем е сеирот за телевизија. Се практикува поголема  популарноста и моќ, но од друга страна колку што може да ти понуди телевизијата, толку може и да те потроши. Телевизијата исклучително многу ја троши енергијата на поединецот, на авторот и водител, во овој случај јас, но исто така знае и многу лошо да возврати. Значи неочекувано ве доживуваат на еден начин кој што не сте го очекувале. Во театар кога ќе излезете на сцена го очекувате оној производ кој што го гледаат на телевизија. Има генерации и генерации кои што растеле со мене и кога ќе дојдат во театар, првите пет минути им е шок, а после тоа другите 125 минути се прилагодуваат, но феноменот на телевизија е многу значаен за секој актер. Актерот не треба да се плаши од егзибиционизмот наречен телевизија. За жал кај не се снимаат серии, па нема друг начин да ги видите актерите. И уште една работа, телевизијата, не е привилегија на актерите, водителството телевизиско е сосема поинаков софтвер. Не може секој актер да биде водител, апсолутно тоа го тврдам“, објаснува Весна.

Богатиот актерски опус на ликови е толку голем, багажот на Петрушевска е нави ситна тежок. Прво беше жешка и секси „Мерлинка“, а денес е актуелна со реинкарнацијата на „Геле Лав“ и нормално легендарната „Министерка“.

„Министерка е веројатно поодговорна функција, не знам претпоставувам, хипотетички, вашето прашање води кон еден сублимат на одговори, а тоа значи дека министерка е многу полесно да се игра на сцена, а многу потешко е да бидеш актер реално во животот. Зошто актерството бара жртви при играњето на министерка на сцена“, вели Петрушевска и додава дека во нејзиниот сценски живот има одиграно две монодрами, една за Мерилин Монро, а другата за Геле Лав.

„Монодрамата за Мерилин Монро, ја работевме со Игор Џамбазов, тој беше режисерот и одлучив дека ми беше толку многу импонирачка целата таа приказна за Мерлинка како еден фасцинантен аспект од таа страна што се таа постигнала дека не е баш толку клише. Се работи за еден исклучителен талент особено за комедија, и затоа одлучивме со Игор да го правиме овој текст кој што можеби е и зародиш на мјузикл во Македонија, оти прв пат се прикажа претстава каде што имаше седум сонга, прв пат се издаде соундтрак, се играше многу успешно на репертоар на МНТ центар и просто ми беше многу логично да одиграм еден машки лик за кој што сонував. Мислам дека успеав, одговорно си ја завршив задачата и е исклучително голем предизвик за една жена која што се одиграла во животот, да се најде во улога и на машки лик и тоа машки од почеток до крај. Сакав да продрам во машката хемисфера од мозокот, да видам како тие функционираат на ниво на жени и многу убаво се забавував. И ден денес, кога играм ќе излезам како Геле и почнувам да размислувам како Геле што е фасцинантно за една актерка. И мислам дека ако актерот, нема револуција во самиот себе, не може ниту револуцијата надвор од себе да ја донесе како таква“, сподели актерката за fashionel.mk.

И додека „Вртелешка“ ги врти своите приказни низ етерот, во меѓувреме енергијата која ја носи Весна со себе почна да го обзема и третото око. Стартуваше и новиот проект „Вечер со Весна“, кој набрзо беше прекинат, нормално со причина.

„Заедно со Томато, го почнавме проектот „Вечер со Весна“ и го укинавме затоа што немаше маркетиншки интерес реално. Просто јас си дадов збор дека тој проект ако може да се продаде ќе оди во етер, ако не може да се продаде нема да оди во етер. Прв пат во животот не бев јас продуцент, беше, Томато продукција, и многу пријателски се договоривме дека тоа наводно нема интерес и јас не сакав повеќе да продолжам од проста причина  што доволно сум направила во својот живот, да продолжам да работам емисија за никаков надомест. Но исто така тоа ми даде за право по сиот багаж што го имам јас спакувано во животот да кажам слободно дека телевизијата  во Македонија е на исклучително ниско ниво. Гледаме српски продукции, а ниедна наша телевизија не продуцира македонска програма иако има закон, дури и надсинхронизаициите ги сметаат за македонско производство што е небулоза. И јас после овој извонреден проект продуциран, со извонредни гости во првите пет епизоди, да не се закачи ниту еден спонзор, тоа значи дека навистина сме го допреле дното од проста причина што на крајот од денот телевизијата има обврска да продуцира и да промовира програми кои што ќе ја задоволат македонската публика. Јас не мислам дека во овој момент со програмата што ја нудат сите телевизии ја задоволуваат македонската публика. Скоро најголемиот број оди на странските канали како Discovery, HBO, Animal Planet, E, History Chanel.Искрено и јас го гледам тоа. Одамна не мислам дека репер ми се некои продукции, кои што условно ги нудат на пазарот. Има актери, режисери, сценаристи, а не се продуцира, Зошто? Затоа што македонските телевизии сакаат да земаат пари од рекламни блокови, а не сакаат да ги инвестираат во друго нешто што се вика телевизија. Мислам дека кај нас сè уште многу луѓе немаат сфатено што всушност  значи телевизијата и каква алатка може да биде“, коментира Бејби.

Таа како актерка ја имала можноста да носи костими кои спојуваат епохи и претставуваат различни временски рамки. Има сменето толку многу чевли на сцена, а пред камерите и остана доследна секогаш на дамската префинета елеганција со трендовски шарм. Во продолжение еве каков е вистинскиот стил на Весна.

„Мојот стил е многу кежуал, многу лежерен. Јас многу ретко носам високи потпетици во приватниот живот, дури и кога ќе излезам, знам во кола да си оставам балетанки, зошто од носење толку многу чевли на потпетица и на сцена, грбот повеќе не ми држи.Многу сум слободоумна во креирањето на сопствениот моден пат. Сè уште сакам да бидам рок, панк и глам дива. И секогаш кога станува збор за модата мислам дека сум живеела во шеесеттите години, затоа што просто ги обожувам тие стегнати форми, широки здолништа, убави салонки, и појавата на коктел фустанот. Јас ден денес кога ги листам фотографиите на Берт Стерн од Мерилин Монро сè уште и се загледувам на креациите потпишани од Диор и на нејзините потпетици кои што ни Лубутан ги нема уште изработено. Значи сè уште се воодушевувам на тој минимализам од тоа време, на таа чистина во постапката на модниот дизајн и ако веќе би била некој официјализиран лик, би сакала да бидам некој кој е целосно дел од шеесеттите“, вели водителката и специјално за fashionel.mk. открива дека нејзин моден фетиш се кратки кожени чизмички во мотоџиски стил, кожени панталони и кожени јакни, крзнени елечиња и часовници.

Како што посочува актерката искуството и дружбата со новите пријатели од модниот портал fashionel.mk. влијаеја да почне поамбициозно да се бави со нешто што се вика македонска мода и да почне сериозно да размислувала за платформата која ја восприемала не површно, но попатно.

„Секогаш сум ја сметала модата во Македонија како нешто кое нема доволно потенцијал, но кога навлегов во целата оваа приказна, откривам толку многу млади убави дизајнери со соништа кои што тркалаат по нивната свест и кои што со тешки маки се обидуваат да изнесат своја ревија, но мислам дека, знам каде е грешката во македонската мода генерално. Грешката е што сите овие млади дизајнери погрешно постапуваат во однос на маркетингот. Или се премногу затворени, или се срамат да бидат отворени кон јавноста, или пак, лошо таргетираат публика односно она кое што нив им треба за да продуцираат после извесна една ревија и втора. Сметам дека тој момент на приод кон публиката им е погрешен. Не е дека нема модна публика во Македонија. Ако излезете на улица ќе видите трендсетерки на секој чекор. Тоа значи има луѓе кои што се бават и сакаат да бидат во центарот на модата и јас тврдам дека Македонките сакаат да се дотеруваат и уште една работа што исто така ја открив е дека има неколку имиња кои што сериозно се бават со моден дизајн, еден од нив е Елена Лука. Значи тоа ви е една империја која што е создадена „by the book“. Имате дизајнери, производство, има секоја сезона набавка на материјали, па потоа процесирање на истите па имате браинсторминг со дизајнерите, значи еден буквално барем според моите критериуми, најсериозен пристап. Има и уште две три имиња кои што се присутни со истиот концепт. Мислам дека на останатите им недостасува директно центрирање во срцето. Значи тоа сакам, само тоа и ништо друго. Тие се дисперзираат на многу повеќе платформи и се губат во она што сакаат да го реализираат, за разлика од Елена Лука која што има цел. Прави пролет-лето, есен-зима колекции, прави капсулни колекции, прави аксесоари, чевли, чанти, значи прави работи за кои досега можам да кажам дека е и пионер во оваа област. Мислам дека тоа предвесништво, кое што го носи Елена Лука, треба да биде пример и за останатите навистина“, кажа Весна.

Покрај фактот што е револуционер во својата дејност, Весна е и мајка на две прекрасни дечиња Кирил и Мина.

„Не знам како се снајдов во улогата на мајка. Ова е клише што ќе ти одговорам но, мислам дека клишето знае да биде и племенит одговор. Не е едноставно, мислам дека најголемата одговорност, на еден родител е да израсне чесно, воспитано, добро дете. Тоа е најтешката задача во нечиј живот, да бидеш, родител и да ги издржиш сите искушенија кои што ти се испречуваат на патот. Имало многу сопнувања, сум имала подеми и падови, знам да бидам многу строга во однос на тоа кога се работи за училиште, да барам од нив можеби повеќе од што треба, но нема да излажам дека јас друг живот освен работа и Кирил и Мина немам. Некако и многу свесно го одбрав патот дека доволна ми е приказната со нив, можеби самата си пресеков дека не треба да се занимавам со други работи, иако јас сум многу голем поборник за љубов, за нешто што сакам да го истерам како приказна до крај. Се од тој аспект оставам само да си дојде и да си пројде, зошто со сила убавина не бива. Се трудам да ги учам моите деца дека животот е суров и дека може да ти донесе непредвидливи ситуации со кои што мораш да се справиш. Тие се од малечки учени на вистина и само вистина, дури и понекогаш си велам зошто сум толку жестока со таа проклета вистина но, ако нешто успеам во животот да ги научам тоа е да не лажат, тоа ми е основната мисија, барем кај мене во животот. И да ти одговорам на прашањето, како се снаоѓам како родител, ќе кажам само дека никој не се родил да биде родител, учам да бидам родител“, раскажа Бејби.

Таа е моќна жена која секојдневно се бори со животот и тоа машки. МНејзиниот живот неретко беше ставен на тапет и мошне озборуван, критикуван... Сепак Весна „остро“ врати и секогаш директно одговараше на сите прашања поврзани со нејзината интима. Колку е тешко да се биде Весна Бејби – мама Петуршевска и како усшева со сите ангажмани, мајчински обврски, на своите плеќи да го носи и овој товар, читате во продолжение.

„Јас сум можеби единствена во мојата професија што немам влакна на јазикот и тоа што мислам тоа ќе го кажам особено кога се работи за мојот приватен живот. Да точно, беше и премногу изложен на јавноста и да точно е тоа дека можеш да го скриеш приватниот живот, но кога се работеше за мене просто, не можеше тоа никако да се скрие, без разлика дали било убава, лоша или сеирџиска работа. Кога ќе се разбудиш наутро и кога ќе ти биде важно здравјето на твоите деца, тогаш сите муабети кои што поминуваат не ти се важни. Јас знам дека многу од медиумите се обидоа да ме повредат со извесни наслови во 2014 година и не е проблем нека им служи на чест. Ако тоа им влече читаност, кликање, лајкови, boost post, споделувања. Јас сум среќна и за нив зошто со тоа си ја постигнале целта и напишале тоа што имале намера да напишат. Мојата приказна со претходниот живот, со таткото на моите деца е одамна завршена и мислам дека не треба повеќе да се бавиме со тоа, од проста причина што тој има сега нов живот и почнува нова приказна и јас му ја посакувам целата среќа на светот, а од друга страна пак, јас имам други планини кои што треба да ги освојам. Сето тоа справување со медиумите во последниве години барем четири, пет го хендлам на многу високо ниво, јас практично не сум емотивна, кога ќе се појави било каков наслов, не сум емотивна но сум рационална, се трудам да бидам духовита, и се она што ќе излезе како извесен напис го користам, за материјал во мојот стенд – ап. Се обидувам да бидам продуктивна, и да извлечам секогаш нешто добро од било каков напис за мене во конотација за мојот извесен приватен живот, кој што реално последниве дваесет години го немам. Јас немам приватност, не можам да излезам во кафана, и не можам да се опуштам, не можам да се гушнам со другари, зошто ќе морам после да објаснувам дека навистина ми се другари, а не нешто друго. Не паметам кога последен пат добро сум забавувала бидејќи знам дека околу мене има луѓе кои што нели гледаат и ми приоѓаат. Така да од тој аспект не сум многу ослободена и се е во името на една кауза, а таа се моите две деца, кои што не сакам да бидат повредени“, ни раскажа актерката.

Нејзина мисија е Кирил и Мина да ги научи дека сите се луѓе и дека сите се исти на овој свет. Да не се преоптоваруваат со фактот чии деца сè, затоа што секој човек е засебна приказна.

„Јас немам проблем со тоа, јас сакам моите деца сами да одлучат, но работата е што и Кирил и Мина не знаат што сакаат. Прво се мали. Мислам дека Мина е фасцинирана од театар, сега е фасцинирана од fashionel.mk и од мода, па од дизајнери, па фасцинирана е со редакција, па сака и таа да биде новинар, па ќе идеме во радио, па и таа работа и се допаѓа. Сестрана е сака да знае, истражува. Јас не сум електро – инженер, јас сум таа што сум, тоа е моето влијание, индиректно. Кирил е сосема нешто друго, него го интересираат компјутери, не се окупира многу со театар, со јавна професија. Кога оди во театар, на концерт, го интересира она што се случува позади сцената, светло, тон, сака да разговара со режисери, со костимографи, значи не сака тој да се бави со нешто што е сценска работа, просто не се ни возбудува. Кога оди на концерт го интересира светлосната рампа, не го интересира пејачот. Зошто пак, на крајот од денот сите пејачи, ги знае така да не се возбудува, ако седне со него, сите му се нормални“, додава Весна.

Како што поминува времето актерката открива дека „плескањето работи во лице на луѓето“, многу повеќе и помага, отколку што и одмага.

„Како што поминува времето, мислам дека „плескањето работи во лице на луѓето“, ми помага се повеќе и повеќе зошто луѓето знаат што да очекуваат од мене, знаат дека јас нема да ги излажам, знаат дека ќе им кажам се она што мислам и знаат дека нема да ги озборувам позади грб, буквално знаат што да очекуваат од мене и јас немам проблем со тоа. Ден денес, исто така застанувам да поддржам лик, од јавниот живот кој навистина многу работи е професионален и кој што навистина знае што сака. Покрај тоа што тие се мои пријатели, ми се многу драги, застанувам, одговорно до крај позади нив како што застанувам позади Каролина, Елена, Тијана, Тамара, значи застанувам, позади луѓе кои што навистина, се одржуваат на сцена и навистина вредно работат. Тие луѓе сакам да се во мое друштво и моја близина. А тие знаат колку јас знам да сум строга, отворена, и докрај професионална, затоа што при секој разговор јас им велам дека многу ги сакам, ама сега да позборуваме за тоа што го прават на сцена. Така се обидувам да ги менаџирам и другите работи, кои што ги работам во последно време“ вели Петрушевска.

И бидејќи ова е празнично интервју, за сите вие кои ја сакате и обожавате, но и вие кои и завидувате и мразите Весна ви порачува:

„За Нова година, освен тоа што е најмакедонска порака, само здравје и ништо друго не ти треба, јас мислам дека со многу љубов и пари ќе имаме и здравје и благосостојба. И мислам дека се она што не заморува треба да го оставиме на страна, зошто животот е исклучително краток, за да може да се бавиме со будалаштини кои што реално заради нашиот конформизам дозволуваме да ни се „пикнат“ во нашите животи. А тоа е на крајот од денот толку неважно. Да бидеме среќни, насмеани, секојдневно и да имаме убава мисла. Само така можеме да успееме“, кажа за крај Весна Петрушевска.

 

 

 

Објавено:
7 јануари 2015
bool(false)