Интервју Зорица Нушева: Секогаш носам насмевка од милион долари

Интервју со •
26 декември 2014
Актерите од Театар Комедија се покажаа како инспиративни соговорници и со својата динамика и ентузијазам дефинитивно заслужија да бидат дел од креативните четива на fashionel.mk. Со својата младост и нескротливиот дух, донесоа свежина на штиците што живот значат. Како дел од среќното и комично семејство на Театар Комедија е и талентираната млада актерка Зорица Нушева. Таа со својот шарм и дарба несебично се вложува во создавање на впечатливи ликови и токму поради одличната актерска игра, талентот за пеење и танцување сосема заслужено стана миленичка на публиката. И ако се водиме според тоа дека цело е кога има се', Зорица комплетно ја оправдува дефиницијата за сестран уметник кој лавовски владее под рефлекторите.
Која е Зорица Нушева?
-Зорица Нушева е актерка, вработена во Театар Комедија, жена на еден прекрасен човек, кој е музичар по професија, а податоците од лична карта не ги кажувам, се разбира тоа се само некакви титули, а во суштина сум човек, уметник, кој претпоставувам, секој различно ме доживува.
Твоето прво искуство на сцена?
-Моето прво актерско искуство на сцена беше во шесто или седмо одделение, не се сеќавам точно ама мислам дека се работеше за патрон празникот на училиштето, каде, покрај рециталите и хорското пеење,  јас настапив со монодрамата „Мајка Которичанка“. Тоа беше вистинско емотивно доживување за мене. За прв пат ја почувствував вистинската магија на сцената. Ја расплакав цела публика, а јас стоев позади сцена уште долго после монологот, прашувајќи се „Уф, што беше ова? Што и да беше, ми се допаѓа.“ Од импресиите на луѓето сфатив дека и на нив им се допаднало. Тогаш посакав таквите искуства да бидат неразделен дел од мојот живот.
Како се подготвуваш за секој нов театарски предизвик?
-Па има нешто заедничко во подготовките на секоја театарска претстава, меѓутоа секој лик со себе си носи свои предизвици и според тоа, и подготовките се малку поразлични. Немам посебен ритуал на подготовка на одредена улога кој го следам во текот на денот. Некако ми се чини дека секој ден е сам за себе. Се разбира, задолжително е шолја кафе пред проба, пресоблекувањето во нешто поудобно, односно нашата работна облека. Мислам дека тоа се најнормални работи. Во суштина секој ден е приказна сам за себе.
Која е најлудата работа што ја имаш направено на сцена?
-Импровизациите ги има доста и тоа е само знак за владеење на материјалот и отвореноста кон предизвиците што тој ги нуди. Не можам да се сетам на некоја многу луда работа што јас сум ја направила, ама се сеќавам на шампањот што го отвори колегата Атанас Атанасовски на сцена на 50 - тата јубилејна изведба на „Ах љубов моја“, сите бевме изненадени и со насмевки до уши.
Која е твојата девиза за среќа?
-Благодарноста, искрените чувства и способноста да љубиш, несомнено се неразделен дел од среќата. Јас работам на тоа скоро секој ден и успева. Благодарна сум што ја имам таа среќа да ги изразувам своите таленти на штиците што „љубов“ значат. Сепак, има и многу стресни моменти во нашата професија. Тогаш се трудам да ја зборувам својата вистина, без разлика колку и да ми трепери гласот и никогаш да не ја изгубам насмевката од  милион долари.
Кој театарски лик е најблизок до вистинската Зорица?
-Сè уште не сум ја одиграла улогата во која целосно се пронаоѓам, но сите ликови се дел од мене, од моето животно искуство и од мојот внатрешен интимен свет. Беба од „Ах љубов моја“ е позитивна и радосна, Инструкторката од „За секого по една“ е заљубена и упорна, Фјокла од „Женидба“ е достоинствена и интересна, Кати од „Хамлет во пикантен сос“ е страствена, Лејди Августа од „Важно е да се викаш Ернест“ е високо компетентна, силна и дисциплинирана, Хера од „Многу врева за ништо“ е нежна и пристојна, Никитината жена од „Чувството на брадата“ е самоуверена, Катја просто единствена на свој начин, а Калоника од „Лиситрата“ сензуална и харизматична... Да, секогаш се концентрирам на позитивните страни на ликовите, освен кога негативните се далеку посмешни. Сепак негувањето на некакви чувства при креирање на ликот ти го димензира и приватниот живот.
Сосема спонтано, во неврзан разговор, Зорица ни откри дека покрај професионалните ангажмани како актерка може да се пофали и со искуството како модел во една од кампањите на модната куќа Елена Лука.
-Едно од подрагоцените искуства што ги имам, ми е соработката со модната куќа Елена Лука. Среќна сум и благодарна што бев дел од новогодишната кампања пред година дена. Тимот на Елена Лука е исклучително талентиран, креативен и енергичен. Се чувствував прекрасно со нив, сите тие денови поминати во проби на модели и снимање, а дизајнерските парчиња што ги носев беа неверојатно убави, пријатни со мерка на луксуз и женственост. Секоја Нова година е неизбежно да се присетам на честа што Елена Лука ми ја направија, а за среќата да биде уште поголема, нашата соработка трае и продолжува, овојпат преку новиот театарски проект „Лисистрата“, каде последниот збор околу костимографијата го имаше токму оваа етаблирана модна куќа.
Во пресрет на празниците, актерката на сите читатели на fashionel.mk. им испрати и новогодишна порака.
-Посакувам Новата година да донесе нови прилики за радоста и соништата да цветаат во нашите животи, лудории и многу забава, посакувам година полна љубов, смеа, светлина и надеж.
Објавено:
26 декември 2014
bool(false)