писателка

Исидора Бјелица: Мојот живот е моето најважно уметничко дело

Интервју со
Исидора Бјелица
26 април 2013

Интригантен лик несекојдневен за балканските простори. Истовремено ексцентричен бунтовник и елегантна дама, контроверзна и отмена, светски патник со вродена пасија за модата. Исидора Бјелица е писателка која без пандан им пркоси на табу темите со над 60 бестселери во нејзиното професионално портфолио, инвентивна дизајнерка со фетиш кон шеширите,  авангардна колумнистка и ТВ уредник. Хедонизмот е доминантна карактеристика на нејзиното животно темпо, а уметноста основен издувен вентил преку кој ја канализира својата позитивна енергија.

 


Мода,  патувања, телевизија, книжевност, драма... Вашиот животен стил навистина е една инспиративна разгледница која од аспект на обичен човек изгледа егзотично. Но, како Вие лично се доживувате себеси?

-Секој уметник има свој начин на бегство од реалноста. Мојот специфичен начин да побегнам од реалноста е пишувањето, патувањето , модата...  Го почитувам тоа што го кажал Оскар Вајлд дека мојот живот е моето најголемо уметничко дело, па оттука и таков нетипичен живот за нашето поднебје. Егзотиката е мојата определба, а искрено не размислувам многу за самата себе, туку повеќе размислувам за другите луѓе, проекти, соништа...

Како успевате сите различни аспекти на Вашиот карактер да ги склопите во една успешна компактибилна целина? Различните форми на уметност кои Ве преокупираат црпат многу енергија и бараат нејзино континуирано надополнување. Како го одржувате Вашиот креативен дух?

Пред се' така што не правам компромиси. Ниту во однос на работата, ниту  кога се работи за пријателството или љубовта.  Компромисите донесуваат единствено болест и незадоволство. Иако на Балканот постои еден голем култ на трпение и жртвување, јас ниту трпам ниту се жртвувам. Напротив, кога ќе почуствувам дека некој ме загрозува, гази или нервира, јас тоа го кажувам јасно и гласно. Од руга страна, патувањата, семејството и моите читатели се голема поддршка, но и генератор на енергија. Секојдневно добивам многу енергија и љубов и на тој начин ги полнам батериите.

 

 

Повеќе од 10 години сте еден од најинспиративните ликови во светот на балканската мода. Што беше пресудно за Вашата увертира во таа возбудлива приказна?

Ви благодарам многу на оваа преубава констатација. За мене модата е филозофија, тоа што јас го размислувам се гледа преку тоа што го носам.  Комплетно се сложувам со размислувањето на Коко Шанел:  најважно е облеката да ја синхронизирате со вашите мисли. Така, се' започна со мојот личен имиџ, а потоа луѓето се заинтересираа за моите шешири-машини за сонување што би кажал Салвадор Дали, а после сето тоа дојде и проектот ID ESOTERIC

Актуелни сте со Вашиот бренд I.D. Esoteric кој е заеднички проект со Драгана Грнчарски. Интересна е галеријата во која се изложени вашите заеднички дела, преку која на некој начин се пренесува духот на Њујорк во Белград и е уметничко сврталиште среде урбаната градска џунгла. Запознајте не' повеќе со биографската карта  на овој проект.

ID ESOTERIC е проект кој настана како резултата на заедничката потреба, моја и на Драгана Грнчарски, да покажеме дека модата е духовност која се носи... Таа не е прашање само на естетика и сексапил, туку и прашање на здравје. Го создадовме првиот светски бренд на здрави креации, дизајнерски модели кои благодарение на кристалите и магнетите влијаат позитивно на здравјето на жената. Ги нормализираат нејзините хормони, ги намалуваат стресот и нервозата.  Чекор напрет кој го направивме со следната ревија се креациите кои се модифицираат од дневни во вечерни варијанти. Нашата галерија е моето омилено катче, а верувам и за многу странски и домашни љубители на модата. Тука се изложени и моите шешири како и нашите модели. Признанието кое го добивме на последниот Fashion selection за најдобра дизајнерска ревија навистина многу ни значи, но пред се многу сме задоволни поради големиот интерес за секоја ревија на ID ESOTERIC, бидејќи се работи за сосема нов концепт на мода.

 

 

Колку постои допирна линија помеѓу Вашата страст кон модата и пишувањето? Има ли во модата доволно инспирација за Вашите книжевни дела?

Моето поврзување со модата започна токму со тоа што страсно се занимавав и со облеката на ликовите во моите книжевни дела и тоа до најситен детал. А потоа настана и првата модна култна фетишистичка книга „Мојот дедо Луј Витон” која ги соедини сите оние кои живеат и дишат за модата, па следуваше и мојот ултимативен водич „Библија за купохоличарки” кој во суштина е таен моден водич за целата планета, и тука може да ги најдете најважните модни тајни, како на пример каде може да купите Биркин без чекање, каде да купувате ефтино и квалитетно, независно на која точка од планетата се наоѓате.

Факт е дека шеширите се Вашиот фетиш. Задолжителен аксесоар во стајлингот, Ваш препознатлив заштитен знак. Во што е нивниот шарм? Што е толку заводливо токму кај шеширите?

Кога бев мало девојче, играјќи си со шеширите на мојата баба и прабаба, сфатив дека тие се наједноставен начин да се побегне од стварноста. Шеширите се најекстензивен моден детал.  Не само што се практичен начин да прикријат кога косата не ти е исфенирана, туку тие се просто јасен став во однос на животот, дека сакаш повеќе, дека сонуваш повеќе и да веруваш дека животот е повеќе од тоа што ни се нуди. Приметив дека кога жените ќе дојдат во мојата галерија и кога ги пробуваат шеширите, влегуваат во една друга димензија, се менуваат како да отпатувале во некоја далечна земја. Шеширите се есенција на женственоста и воопшто не е чудно што кралските семејства неизбежно ги носат со векови.

 

Дозволете ни да добиеме слика како изгледа Вашиот плакар. Многу богата фантазија е во прашање... Која боја, кои парчиња облека и дизајнерски потписи доминираат?

Јас ги обожавам малите црни фустани, „Макс Мара“, „Диор“...ги имам преку дваесет. Сакам и крзно и имам неколку преубави бунди, а исто така и стотина шешири од најголемите светски дизајнери. Друг фетиш ми се чантите. Жената може да има обичен фустан, но чантите се нешто што го оставаш во наследство на твоите ќерки или внуки. Најмногу ги сакам чантите на Витон и Диор, а од материјалите најмногу сакам свила. Стојам до тоа дека не сум доволно богата за да купувам ефтино. Подобро едно квалитетно парче отколку стотици крпчиња...

Покрај модата, и патувањата се Ваша незаменлива пасија. Во кариерата на светски патник сигурно сте биле привилегирани да посетите многу несекојдневни дестинации.  Дури и Вашата книга „Библија за купохоличарки” важи за моден туристички водич. Кое е најегзотичното модно парче кое сте го купиле на таквите патувања и од каде?

О да, дури три пати и формално го заобиколив светот. Таа моја љубов за егзотични парчиња започна уште во основно училиште кога носев егзотични фустанчиња што татко ми ми ги носеше од Филипините или од Мексико. Додека другите деца сакаа да изгледаат исто, јас обожавав да бидам поразлична, ја глумев Фрида Кало и гордо шетав во шарените фустани. Секогаш кога сум на пат, купувам  парче облека карактеристична за тоа подрачје, во Индија на пример тоа е Сари...Но, најмногу ги обожавам јужноамериканските фустани, бидејќи се многу весели.

Вашиот авангарден пристап и брзиот чекор пред времето Ве дефинира како личност која на еден харизматичен и суптилен начин излегува од границите на вообичаеното.  Колку домашната публика ја сфаќа Вашата уметност?

Огромен број читатели и пријатели кои ме следат на социјалните мрежи говорат дека апсолутно ме разбираат и тоа секако ми причинува задоволство, иако природно е кога ги кршите табуата и кога имате неконвенционални и авангардни ставови, да предизвикате отпор кај примитивците. За среќа сето тоа кај мене е сведено на минимум.

Не се плашите отворено да зборувате и да им се спротивставувате на табу темите. Кое според Вас е најголемото табу на денешницава?

Мојата потреба за вистината е поголема од стравот. Постојат многу табуа и постојано и одново се шокирам колку има уште  примитивни луѓе. Токму во моментот имам една таква професионална борба поради нападите врз жените, инвалидите, геј популацијата...морав да прекинам еден од  моите последни проекти.

 

Кој за Вас е најинспиративен лик од книжевната литература, а која личност од модниот свет е најблиску до Вашиот профил?

Повеќе ги сакам писателите отколку нивните ликови, Бајрон, Оскар Вајлд, Жорж Сенд тоа се моите херои. Кога модата е во прашање, најинспиративна за мене е Коко Шанел, нејзината харизма е незаменлива.

Колку ја познавате македонската модна сцена и колку сте имале искуство со неа? Дали српската и македонската мода се среќаваат на иста бранова должина или можеби се движат во различни правци?

Сум  имала прилика да ги проследам модните шоуа на неколку македонси дизајнери за време на модната недела, а и голем дел од моите обожаватели од Македонија секојдневно комуницираат со мене и ми го пренесуваат амбиентот од македонската модна сцена. Сепак мислам дека тоа не е доволно. Би сакала да имам своја ревија во Скопје и повеќе да се дружам со вашите дизајнери.

Следејќи го Вашето неуморно динамично животно темпо, сигурно сте  активно креативно ангажирани? На што работите во моментов? Кои се Ваши актуелни проекти?

Моментално ја подготвувам новата колекција за ID ESOTERICA за пролетната модна недела. Покрај тоа напорно работам и за новиот број на луксузниот „Вип трип дипломатик”, чија сум главна уредничка, а во меѓувреме активно сум посветена и на училиштето за креативно пишување.

Објавено:
26 април 2013
bool(false)