модна дизајнерка

Ивана Пиља: Кога дизајнирате, заборавете на пари

Интервју со
Ивана Пиља
28 октомври 2014

Во салонот на „T-mobile“, вчера вечер се одржа последната вечер на Моден викенд Скопје, а честа да го затвори ѝ припадна на српската дизајнерка Ивана Пиља. Ова беше несекојдневна шанса на љубителите на модата да се запознаат со модниот израз на младата Србинка која гради успешна кариера надвор од границите на Балканот. 

Дизајнерката после вчерашната ревија за Fashionel ги сподели своите впечатоци, искуства и совети до помладите колеги, кои ќе имате можност да ги прочитате во продолжение:

За прв пат сте во Скопје. Какви се Вашите први впечатоци од нашиот град и од Модниот викенд?

-Да, прв пат сум во Скопје. Сепак, првите впечатоци се врзани само за организацијата, бидејќи реакциите на луѓето сè уште не сум ги слушнала. Она што морам да го кажам е дека сум многу задоволна од организацијата. Луѓето се мошне гостопримливи овде и ми овозможија мојот престој во Скопје да биде уште подобар. Имав можност да го видам градот, дури успеавме и да направиме фотосесија пред еден од мостовите. Генерално сум задоволна со сè. Сега ги чекам и реакциите на луѓето овде, да видиме дали на адекватен начин го разбрале она што јас сакав да го раскажам со оваа колекција. Сепак, ова што јас го работам не им е блиско на сите. Можеби на прв поглед предизвикува шок, но зад колекцијата постои силна приказна, па кога ќе се поврзе со колекцијата, посетителот може да направи  комплетна слика. Можеби посетителите и не знаат која е Ивана Пиља, можеби некои од нив на Гугл пронашле нешто, сигурна сум дека има многу податоци за моите ревии, па на тој начин успеале да се приближат малку до мене и мојата работа.

Која е приказната што сакавте да ја раскажете со SEMI SONG?

-Зад секоја колекција постои приказна. Овој пат се инспирирав од јапонскиот инсект cicada, локално наречен Семи. Ме инспирираше инсектот како инсект, поради неговото тело, обликот. И генерално, во мојата работа обликот е нешто што многу ме инспирира. Покрај тоа, морам да нагласам дека за секој модел е работен уникатен принт, посебно инспириран од инстектот, само колоритите ги прилагодувавме и си игравме со боите. Значи, секој принт е уникатен и правен специјално за одреден модел, што го прави тој модел уште повеќе посебен. Всушност, секој од моделите е како мало уметничко парче, јас така и ги доживувам.

За Вашата работа се врзуваат и познати имиња како Лили Ален, Палома Фејт, Ели Гоулдинг, Сканк Ананси... Како дојде до тие соработки? Како успеавте да се пробиете и на светскиот пазар?

-Тие соработки со светски познати личности многу ми помогнаа мојот бренд да го изградам на едно повисоко ниво, кое е поблиску до купувачите, продажбата и генерално, интересот на купувачите за брендот. Така што, поради тоа сум презадоволна. Инаку, сметам дека сè започна кога мојата колекција се појави во Лондон. Тоа е град кој има бројни познати магазини, личности, стилисти, па кога на овој начин им ја приближив мојата работа, интересот тргна спонтано и тоа најнапред од разни стилисти на познати личности. Тука ќе ги набројам Палома Фејт, Лили Ален, Дита фон Тиз и многу други... Од таа гледа точка, многу е важно дизајнерот да се најде на вистинско место во вистинско време.

Сканк Анан во креација на Ивана Пиља Сканк Ананси во креација на Ивана Пиља

Ќе ја проширите ли наскоро листата на познати клиенти со уште некое звучно име?

-Сè уште не сум сигурна, не можам да ви потврдам. Не сакам да зборувам за нештата пред да се случат, пред некој да го облече мојот модел. Јас можам да кажам кој се интересира за моите модели, но тоа нема да значи ништо, затоа што тие сè уште не ги носат. Но, она што го тврдам е дека, кога сте во тој круг на луѓе и во тој свет, едноставно ништо не е невозможно. Не е невозможно да дојдете и до Бијонсе и до Ријана или до било кој со кого сакате да соработувате. Кога дизајнерот ќе понуди нешто уникатно, кога ќе се внесе себеси, инспирација и своја оригиналната идеја, не гледајќи што се случува на Fashion TV или Vogue, кога работи исклучува по свој инстинкт, тогаш му се отвораат многу врати и ништо не е невозможно. Независно дали се работи за Скопје, Белград или некој друг град. Ете, минатата недела имав ревија во Дубаи и тој пазар го сметам за многу интересен за мојата работа. Англија ми е многу важна, затоа што моите колекции треба да се базирани во Лондон, бидејќи е близок до мојот стил. Но, и Блискиот Исток е нешто на што ќе бидам фокусирана во идниот период, а и развојот на своја продажбена линија во Азија.

Дита фон Тиз Дита фон Тиз

Со оглед на соработниците и пазарите на кои се ширите, чувствувате ли некогаш товар за она што треба следно да го презентирате како Ваша креативна работа?

-Не размислам воопшто така. Секоја нова колекција е предизвик, каде треба да се победите себе и да не се повторите. Јас имам свој стил, како што некој го има во музиката или во некој друг уметнички жанр. Мојот секогаш ќе биде препознатлив. Експеримент секогаш ќе постои и никогаш нема да видите од мене ревија од класичен тип, комплетно нослива, бидејќи сметам дека пистата е сцена, како во театар. Токму од таа причина мислам дека не треба да постојат само носливи колекции, бидејќи тие секогаш можат да се видат во креативните ателјеа или дуќаните. А, тие 10-15 минути што ги имате да ја прикажете севкупната ваша визија, треба да ги искористите на најдобар можен начин и публиката да се соживее со моделите. Не само да поминат фустани за кои сите ќе речат дека се симпатични, туку да одите дури и на некоја варијанта на шок, да предизвикате реакција. Таа мора да постои, независно дали е негативна или позитивна. Ако нема реакција, тоа значи дека таа работа за која некој се мачел веќе некој подолг период, била залудна.

Дејзи Лав Дејзи Лав

Не само она што го работите, туку и Вие имате впечатлив стил. Колку експериментиравте со личниот стил низ годините?

-Кога некој би ме прашал кој е и каков е мојот личен стил, јас би кажала дека и не експериментирам многу. Но, мислам дека другите не мислат така (се смее). Сметам дека секој треба да се облекува во духот на тоа како се чувствува. Јас не експериментирам премногу со мојата облека, малку експериментирам со косата и обожавам необични чевли. Но, како и да е, мислам дека човековата различност не доаѓа од надворешниот изглед, туку од внатрешноста, па ние веројатно тоа го применуваме на нас самите, за да изгледаме (за нас) нормално, но други тоа можат да го гледаат на друг начин.

Ивана Пиља

За крај, која е Ивана Пиља?

-Која е Ивана Пиља? Што да кажам тука? Ова ми е најтешко (се смее). За колекциите би можела долго, но за ова... Би кажала дека, колку и да звучи смешно можеби, Ивана Пиља е дизајнер кој сака да го промени светот. Дизајнер кој е приземен, нормален и кој многу работеше за да дојде до тука каде што е сега, а и кој ќе работи уште многу, многу за да се надоградува. Воедно, тука би сакала да апелирам и до моите колеги, кои мислат дека “славата“ и успехот доаѓаат преку ноќ. Но, зад тоа стојат многу години напорен труд, затоа што сметам дека само трудот може да те однесе некаде. Затоа, мислам дека Ивана Пиља е вредна дизајнерка, која водена само од лична инспирација и своја уметничка визија, дојде до онаму каде што е. На овој начин, односно преку својата работа, сакам да им дадам поддршка на младите дизајнери да го работат она што го сакаат. И најважната работа – да заборават на пари. Кога дизајнираат, нека се исклучат од тој финансиски дел. Затоа што, ако мислиме на пари додека дизајнираме, тоа ќе нè однесе на некоја друга страна. Тоа нема да биде наш максимум, кој сакаме да го дадеме. Секој дизајнер мора да се вложи година, две, три неповратно, па потоа ќе дојдат и плодовите од работата. Не може никој да очекува дека нешто веднаш ќе му падне од небо или дека брзо ќе се обогати. Мора да се работи многу. Сакам да ги поттикнам младите дизајнери да бидат тоа што се и да се фокусираат на нешто уметничко, а не само на прекомерцијалното, бидејќи со тоа нема да се истакнат во морето на класика што нè опкружува.

Објавено:
28 октомври 2014
bool(false)