Ивица Маневски - „Лоши деца“: Панкот е начин на живот и борба за правата на работничката класа!

Интервју со •
29 јули 2014

Мик Џонс од популарните Clash многу одамна рекол дека панкот во неговата најчиста форма траел само 100 дена. Без разлика на тоа дали се согласувате со него или не, повеќе од јасно е дека панкот како еден вид на супкултура зад себе остава еден сосема уникатен начин на живот, идеологија, мода, стил, визуелни уметности и цел еден посебен свет. Низ годините, следбениците на панк културата докажаа дека панкот не се само мартинките, нитните, кожените јакни и „четка“ фризурите, туку дека истиот навистина е начин на живот, нешто со што живееш секој ден, нешто што го обожуваш и постоиш како дел од него. Во Македонија, тоа го докажаа и култните „Лоши деца“ како еден од најпознатите панк бендови формирани во 1997 – та година. За панкот во земјава, за поврзаноста на панкот со модата и за почетоците на бендот, но и за идните планови, разговаравме со Ивица Маневски – Жица, вокалистот на „Фаците од улицата“ како што нивните обожаватели сакаат да ги наречат.

Пред сѐ, како се споивте со останатите членови на бендот и колку всушност е тешко неколку различни карактери да се сплотат во едно и да создаваат одлична музика?

- Се споивме сосема случајно, кога сакаш таква музика, си бараш истомисленици, луѓе што слушаат и што би свиреле стрит панк... Низ годините поставата на „Лоши деца“ неколку пати беше сменета, но сепак, „Лоши деца“ продолжуваат и понатаму да свират и да постојат на панк сцената.

Какво и колкаво влијание имаа „Лоши Деца“ врз панк сцената во Македонија?

- Панк сцената во Македонија е мала, а некако со годините продолжува да се намалува бројот на луѓето кои го следат ова движење. Јас секогаш велам дека сцената и покрај тоа што не е голема како оган, добро е да има барем мало пламенче. Од времето кога „Лоши деца“ почнаа да настапуваат на сцената до денес, речиси ниту на една рака не можат да се избројат бендовите со кои почнавме да свириме во тоа време. Лоши деца сепак, и ден-денес, имаат своја публика, што донекаде само по себе кажува за влијанието што го имаат.

Кои се артистите од кои ти како индивидуа – уметник и воопшто „Лоши Деца“ како група, црпеа инспирација низ годините на постоење и сѐ уште црпат?

- Најголемо влијание и инспирација имаме од англиската "oi - street punk" сцена од 80-те години. Бендови како The Clash, Cockney Rejects, Blitz, Cock Sparrer, The Business и многу други кои за разлика од македонската панк сцена, во Англија дел од нив уште постојат и инспирираат голем број на панк фанови и групи.

Ако мораш да одбереш еден збор со кој ќе ја опишеш моменталната ситуацијата на панк сцената во Македонија, кој ќе биде тој збор?

- „Шит хепенс“.... Луѓето треба многу повеќе да слушаат музика и тоа да им биде начин на живот.

Голем дел од панк бендовите ширум светот ја следат панк модата и она што „мајката на панкот“ Вивиен Вествуд знае да го направи за нив. Колку ти следиш мода и колку вие како „Лоши деца“ знаете да се координирате во облеката пред настап?

- Вивиен Вествуд и сите слични модни дизајнери од тој ранг, црпат инспирација од она што го гледаат на улицата како панк движење. Речиси никој од бендовите што ја свират оваа музика, не се подготвува специјално за настап, сето тоа доаѓа спонтано. Панкерите имаат одредени парчиња што ги носат, но тоа не го прават поради мода или слично, туку затоа што со тоа се дополнува нивниот начин на живот.

Кои се клучните обележја на еден тврдокорен панкер?

- Ако се мисли на дел од имиџот, вообичаено секој панкер во својот дом има пар чизми, познати како Док Мартинс, маици со апликации од омилени групи, тесни фармерки или панталони на кои некогаш се додаваат прешивачи и патенти. Како други додатоци се и беџовите и нитни што може да се носат или на кожена или на тексасна јакна. Но, тоа не е секогаш како дефиниција дека секој панкер мора да ги има споменатите работи. Важно е да живееш во тој дух, бидејќи не е сѐ во облеката и во тоа како изгледаш. Во последниве години, ретко може да се видат екстремни панкери, со четки, со кожњаци, со нитни, најчесто луѓето изгледаат обично, со по некое обележје кое дава до знаење дека го живеат панкот.

Што за тебе претставува панкот?

- Панкот за мене претставува начин на живот и борба за правата на работничката класа и неправдите што системот ги нанесува врз општеството.

Имаш ли маичка од The Ramones дома?

- Имав маичка Рамонс, но лани му ја подарив на еден другар од Струга. Денес секој може да има маичка од таа или од било која друга група. На панкот изминативе неколку години се гледа како мода, па често, во брендирани продавници кај нас може да се видат маици од The Ramones или Sex Pistols. Тие се продаваат по симболична цена и се со апликации кои се прилагодени да и бидат допадливи на пошироката маса. Во времето кога јас станував панкер многу тешко можеше да се најде маичка од некој бенд и најчесно си ги правевме сами, малку подоцна ги нарачувавме од странство по многу повисока цена.

Каков е твојот личен стил? Кои парчиња се најзастапени во твојот личен плакар и што е она без што никогаш не излегуваш од дома?

- Најчесто сум во пообична варијанта, со маица од омилената група, по некој беџ, а не ги изоставам и мартинсот. Понекогаш знам да облечам и тренерки, нормално, но си го задржувам имиџот што долго време го имам. Не трошам многу пари за гардероба, а кога купувам, најмногу купувам маици.

Што е следно по „Борбата продолжува“ од 2012? Кои се вашите идни планови, може ли фановите на вашата музика да очекуваат нов албум и свирки летово?

- Моментално работиме на третиот албум. Досега снимивме само две песни од новиот материјал. Другите треба да се завршат и да се снимат во студио. Се надевам дека целиот процес ќе биде во брзо време, но не можам да прецизирам кога точно. Кога ќе го завршиме материјалот, секако планирана е и промоција на истиот, а веројатно од септември ќе направиме и концерт во Скопје.

Ако мораш да им дадеш мал совет на младите со големи соништа што во моментов свират панк во некоја гаража, што би било тоа?

- Па нека продолжат да свират, да создаваат музика и да не заборават да го живеат тоа.

Објавено:
29 јули 2014
bool(false)