Таа е дефинитивно едно од најпрепознатливите лица на македонската јавна сцена, модна новинарка и модел со 30 – годишна успешна кариера. Оваа сабота во рамки на Моден викенд Скопје, Снежана Сани Богдановска ќе ја промовира нејзината книга „Моите стории - мојот живот”, во која се сместени авторски текстови како модни колумни и интервјуа со еминентни личности. Неодамна направи и фотосесија преку која прати силна порака на сите жени во 50 – тите за кои ќе каже дека се поразлични и секако поубави години. Во интервјуто за Fashionel, Сани говори за денешните модели, за убавите минати времиња и оние што допрва доаѓаат, за стилот на младите, за семејството и љубовта, но и за среќата како целата поента на животот.
Уживајте!
-Наскоро ќе се случи промоцијата на Вашата нова книга. За што станува збор во истата и колку сте Вие задоволни од сработеното?
Сработеното се однесува на рамка во која се сместени авторски текстови во списанието LIFE кое се едитираше во периодот 2006 -2010, во форма на модни колумни и лајф интервјуа со наши еминентни ликови. Значи пред точно 10 години, што ја декларира книгата како симболично, пригодно јубилејна, настрана од симболиката на насловот која содржината ја носи „Моите стории - мојот живот”. Задоволството е повеќе од егзалтирачко особено зошто идејата произлезе од скромен порив да се остави барем некаков материјален белег од повеќе деценискиот безрезервен професионален влог. Но, ете израсна во сериозен проект дефиниран како прва модна литература во Македонија од првата модна новинарка која издавачката куќа Табернакул имаше доволно изострен „њух“ да ја препознае како валидно четиво за кое Ферид Мухиќ ќе рече : -„умна, елегантна и неверојатна... Извонредна, ретка, врвна книга, една од оние најретките...”
-Сметате ли дека зад себе оставате добра кариера?
Доколку се почитува фактот дека тоа не беше свесно целена, градена, насочувана и планирана кариера, но без дилема беше совесно водена, сработувана, надградувана и љубена активност со непрекинат спонтан тек во континуитет од 30 години, се чини дека е зачудувачки подобро од добра. Ако за тоа може да проговори и артефактот од полниот куфер не само како метафора во документарецот за мене, туку и буквално преполнетиот домашен куфер со списанија кои ме почестиле со присуство во нив, тоа можеби би можело да говори за солиден професионален багаж. Но, се разбира тоа не обезбедува национална пензија, а ниту пак Златна Буба Мара зошто популарноста никогаш не ми ни била императив.
-Под какви услови би прифатиле нов ангажман?
Може да се каже дека веќе го имам прифатено под истите услови како и секогаш сите мои мултиактивни ангажмани за целиот мој професионален живот. Моментниот ангажман како главен и одговорен уредник во првата македонска он-лајн телевизија, специјализирана за мода - Модел ТВ ми овозможува широк простор за маневрирање со целиот мој професионален арсенал. Перспективен медиум, доволно мудар да му понуди на аудиториумот респектибилна содржина која ја заслужува наместо инјектирање на кич-епидемија и политичка затруеност.
-Можно ли е да се направи споредба на моделите од Вашето време и овие денеска? Имаме ли денеска добри модели како тогаш?
Можно секако е, но прашањето е дали е благодарно. Секоја временска паралела го крие ризикот да прозвучи патетично, но во овој случај тоа што сведоците од тоа време носат се уште јасни слики говори речито за квалитетот на себеинвестирањето во една сосем ефемерно восприемана активност. Првиот впечаток за ПРОФЕСИЈАТА модел е дека тоа не изискува поголем интелектуален ангажман ама затоа изискува нарцисоидност во огромни количини за да може да се опстане во неа. Вистината е дека како просечен модел може да се протнат многумина со просечни параметри, но врвен модел станува само лик со карактер, персоналитет и идентитет. Само исклучоци за жал го потврдуваат ова правило. Колку пак очајно изгледаат обидите на масата девојки без базичен потенцијал е одвишно да се дискутира.
-Има ли нешто за што жалите кога е Вашата кариера во прашање? Можеше ли нешто да биде поинаку?
Секогаш можело да биде поинаку изодуван патот и секогаш има простор за мислата дека можело да биде подобро. Но тоа не е прашање на грешки, пропуштени прилики или лоши одлуки туку на обидите да се биде свој на своето. Длабоко верувам дека сѐ сe случува кога треба и без малку како треба, па и моето конкретно битисување во конкретно дадено време. И длабоко сум благодарна за тоа. Тоа што пред 30 години имав среќа да ја почуствувам убавината на благодатната професија за мене е привилегија. Исто како што ми е задоволство да еволуирам во светот во кој се чувствувам како ендемски вид во формата која денес ја имам.
-Што е она што денеска Ве инспирира и Ве тера да чекорите кон нови предизвици?
Зачудувачки, но вистинито, мотивите остануваат исти како и на почеток. И фрапантно вистинито, колку повеќе историја и аналогно помалку иднина имате, толку повеќе желба, а помалку нужност за нивно остварување чувствувате.
-Каде најмногу грешат младите при градењето на нивниот стил?
Основната грешка е дека грешат во напорот дека не треба да грешат. Сосем природно и себесвојствено е да сте во потрага по имиџ идентитетот додека се оформувате како личност детектирајки ја персоналната рамка. Екпериментирање и игра на можности е нешто што ја прави младоста убава и каде идентификација со идоли најчесто е неизбежна, но крајно проблематична во вакви матни времиња на тенденциозни медиумски манипулации кога ревулуционерноста на младешкиот жар е заменета со пасивизирано превземање на лажни кич вредности кои ги претвораат младите во потсмевливи марионети. Уште потрагично е што истото се случува и со возрасните кои би требало одамна да си го дефинираат идентитетот.
-Како би го дефинирале Вашиот личен стил?
Веројатно најточно како еклектицизам, кои некои ќе го наречат и како препознатлив моден камелеон (што е на некој начин оксиморон). Бескрајно сум благодарна на небото за благословот наречен „моќ на трансформација” кој ми овозможува беспоговорен професионализам, но и бескрајно уживање во играта со „крпчињата што живот значат”. Се надевам дека сликата е визуелна потврда дека сум во хармонија со своите зборови. Во таа смисла неконформизмот, мојата иманентна бунтовничка природа, веројатно постојано ги изневерува очекувањата, ама затоа го оправдува моето секојдневно функционирање. Рокенрол-став, вечен бунт кон стереотипите, предрасудите и отпор кон меинстримот. Барикада за контаминација на вкусот.
-Какво значење има љубовта за Вас?
Нема голема филозофија-концептот е јасен –постои љубов наспроти зло кое е блескава обвивка на стравот. Колку повеќе наоѓате начини да се справите со нереалниот и заштитите од реалниот страв толку повеќе место за љубов правите, а колку повеќе љубов чувствувате, толку повеќе слобода имате. Колку повеќе слобода имате, толку сте посреќни. Та нели среќата е целата поента на животот. Лесно како теорија, малку потешко како пракса.
-Добрата музика, особено онаа на „Леб и Сол“ е дефинитивно нешто што го одбележа Вашето време и остави спомени за раскажување. Има ли денеска толку добра музика, во што уживате со Вашето семејство?
Ако досега било вообичаено повозрасните да се искажуваат дека нивното време било подобро од курентното, а сега младите го тврдат тоа за неискусеното, а посредно предадено, тогаш тука очигледно нешто не е во ред со постилање на вредностите. Како и да е, неспорен е фактот дека „нашето време “ беше време на екплозивна креативна енергија, не само во музиката туку во секое креативно поле. Сѐ што е денес издржано како вредност е плод на тоа време. Дали благодарноста на времето беше потикнувач на енергијата на креативците или пак изобилството од исклучително надарени индивидуалци ја генерираше енергијата е помалку важно од поразителниот факт дека сѐ уште се ложиме на старото гориво наместо да ја мултиплицираме неговата моќ.
-Колку Вам Ви се важни годините? Што е поразлично во 50 – тите од претходните децении?
Толку што ми треба да застанам и да пресметам која е всушност точната бројка. А различно е, зошто сега имам повеќе мускули отколку во 20-тите, повеќе жар за надоградување отколку во 30-тите, повеќе страст за живот отколку во 40-те и улитимативен став во 50-тите дека во секој момент треба да се извлекува оптимумот од себе во секоја смисла: ментална, духовна и телесна. Дали е потребно извинување што сето тоа можеби не се вклопува во вкоравената стереотипна слика за бројката?
-Што мислите за враќањето на големите модели од 90 – тите на модната сцена денес?
Сѐ си кажува цитатот од мојата колумна :
„Се чини дека супермоделите се она што на светот на модата му е потребно сега, бидејќи тие имаат глас, персоналитет, интереси и живот кој е често пати уникатен со посебни карактеристики. Значи, со други зборови, постои нешто позитивно зад тие лица, зад косата, зад костимите за капење и видеото „Freedom”. Знаеме дека се вистински личности. Овој вид на идентитет не постои меѓу тековната култура на бланко-фаци на 15-годишните модели. Тие ниту се потполно развиени физички, а камоли емотивно или интелектуално. Со моментната неизвесна економија, денес луѓето купуваат брендови кои ги познаваат. Овие супермодели се жени кои ни се познати, затоа тие обезбедуваат доверба во потрошувачката. Добро сочуваните оргинални олдтајмери носат висока вредност затоа што се самите по себе трајна вредност“.