„Ле Пасаж“

Маја Ди: Македонката што создава 3 во 1 обувки

Интервју со
Маја Доневска - Ивановска
28 ноември 2017

Сите ја знаеме онаа познатата на Мерилин Монро „Дајте ѝ ги на жената вистинските чевли и таа ќе го освои светот“.

Приказната на нашата нова соговорничка, Маја Доневска - Ивановска, или Маја Ди, како што повеќето ја знаат, како во целост да ја осликува мислата на познатата убавица.

Маја Доневска - Ивановска

Доневска создаде нов, патентиран производ, кој веќе почна да ги освојува жените ширум светот. Се работи за обувки, обединети под името на брендот „Ле пасаж“, а она што веројатно најмногу ви го привлече вниманието уште од насловот е што се работи за производ 3 во 1.

Инаку, Маја веќе 15 години живее во Канада, а неодамна беше во родното Скопје, што беше и шанса да ја оствариме нашата средба и да поразговараме.

Искрена и директна, таа со нас ја сподели приказната, за која силно верува дека ќе е успешна.

-Првичната идеја, да создадам обувки три во една, започна од пред година дена. За да се реализира, требаше првин да се патентира, па да се направи претпроизвод, а тој претпроизвод потоа да стане производ што ќе се пласира на пазарот за женски обувки. Сè што е патент, бара многу време да се направи и реализира. Но, јас многу сакав оваа идеја да успее, па одлучив да се борам до крај – вели Доневска.

А еве што значи три во едно – секој од моделите што ги гледате на фотографиите, е создаден од основа, на која има магнет, кој овозможува менување на трите различни ременчиња во понудата, со што добивате три различни обувки (односно четири ако сте љубител и на влечките на потпетица), во склад со потребите.

-Првин сакавме да направиме чевли со можност за девет варијанти, но магнетот потребен за таква изведба сè уште треба да се доработи. Затоа одлучивме да стартуваме со три, да се менува само задниот дел, односно ременчињата. Започнавме со сезона пролет-лето 2018, за да бидеме во склад со светските трендови – објаснува Маја.

Секој од моделите е комплетно рачно изработен.

-При изработката се користи италијанска кожа, а се изработуваат во Грција. Притоа, сакам да напоменам дека ништо не се работи машински. Моето гледиште, а на оние што се разбираат во ова поле е дека, рачната изработка треба да се почитува и вреднува. Сметам дека производот направен во Европа и пласиран како европски, вреди многу повеќе, отколку оној со предзнак „кинески“. Исто така, сметав дека „Ле пасаж“, како нов бренд, треба на тој начин да стартува. Но, ќе видиме што ќе каже пазарот – посочува Ивановска.

Инаку, синтагмата „Ле пасаж“ значи „премин“, а производите го нудат токму тоа – премин од еден во друг модел.

-Како некој што носи исклучително високи потпетици, првите модели ги направив токму по мој сензибилитет. Кога нешто правиме, често тргнуваме од себе, од она што нам ни се допаѓа или го носиме.  Сепак, во комуникација со луѓе, увидов дека тоа не е најдобар чекор, бидејќи јас не ги правам само за себе, туку за различни типови жени, на кои освен да им бидат привлечни за око, треба да им се и удобни. Исто така, направивме и истражување на пазарот. Тоше Јанев, кој повеќе од 30 години е во маркетинг областа, е дел од мојот тим и тој го вршеше истражувањето. Интернетот денес многу ја олеснува работата, но правевме и целни групи со жени од различна професија и возраст, од домаќинки, преку вработени во ресторан, до директорки на успешни компании. Следевме што им се допаѓа, ги задржавме елементите што им беа заеднички, вклучивме и различни мислења. Затоа, на крајот се одлучив за чевли со потпетица во француски стил, висока до осум сантиметри, во тенка и широка варијанта – објаснува Маја и додава дека во иднина ќе има и линија посветена само на оние што ги сакаат вртоглаво високите потпетици.

Иако можеби оваа приказна ви изгледа како остварување на сон, сепак била испреплетена со бројни предизвици.

-Ако си човек со идеи, најмал проблем е идејата. Пристапот што го имавме беше добар, создавањето на дел од тимот одеше лесно... Но, со што и да се занимавате, ако не го знаете начинот на производство, тогаш не правите ништо. Јас се занимавав и со ова поле, но не баш на тој начин. Бидејќи се работи за чевли што од почеток до крај се работат рачно, а не по терк, најтешко ми беше да најдам тим што ќе ги изработи според моите критериуми за квалитет. Сменив дури пет фабрики и со шестата сум конечно задоволна – посочува 38-годишната скопјанка.

Во светот на модата вели, е уште од 14-годишна возраст и не крие дека чевлите ѝ се слабост.

-Во мојот плакар има повеќе од 200 чифта женски чевли, што доволно говори за тоа каков страстен љубител на обувки сум.

Две години работи за еден познат дизајнер во Канада, каде е извршен директор на компанијата. Исуството стекнато таму, ѝ дава храброст, можност и верба да направи и нешто свое.

Со оглед на тоа дека и овде имала успешна кариера, ја прашавме дали тоа ѝ го олеснило пробивањето во странство.

-Од 2002 година сум во странство. Претходно тука две и пол години бев извршен директор на една компанија за производи од алги. Кога на 20 години ќе го достигнете врвот, што некој го достигнува многу подоцна, амбицијата ве поттикнува да ја ширите. Ние имавме убав живот тука, но едноставно овде немаше можност за поголема надградба и задоволување на моите професионални апетити. Сепак, пробивањето во странство е многу тешко. Сите што зборуваат дека им е лесно – лажат, бидејќи такво нешто не постои. Можеби ако имаат веќе договорена работа на некое високо професионално ниво, па во тој случај им е лесно. Меѓутоа, тие што заминавме млади, јас имав 22, а сопругот 28 години, и не така лесно.  Колку и да имаш искуство овде, или образование, таму тоа не важи. Што и да си бил во Македонија, таму си на минус нула, не си ниту на нула. Но, ние Балканците сме луѓе што имаме и еден “уличен“ факултет што не се плаќа со ниту едни пари и што нè прави поснаодливи од другите – ако сакаме да бидеме. Ако сакате успех – ќе успеете и таму. Ако сте мрзеливи тука, и таму ќе бидете. И тоа е тоа. Важно е што сакате да направите со себе и својот живот – потенцира Маја.

Неа ја водат амбицијата и успехот, а резултатот се и овие чевли.

- Во моментов презентирам осум модели со по три различни ременчиња. Истовремено, во Турција имаме изработка на чевли од еко-кожа, на истиот принцип, наменети за жени што имаат проблеми со нозете. Една од целите што се одлучив ова да го правам е да им овозможам на женте самите да бидат дизајнери на тоа што ќе го носат. Но, во исто време, да понудам практичен производ, посебно за бизнис-жените, кои често патуваат.  Наместо да носат десет чифта чевли, отсега ќе носат еден или два, според потребите. „Smart shoes for smart women“ е мислата по која се водиме – посочува Доневска.

Продажбата веќе започна на евроспкиот пазар, по што ќе се шири и на западниот, во Канада и Америка. Македонија, за сега не е на листата земји каде ќе бидат достапни, но не значи дека и во иднина ќе ги нема.

-Би сакала да бидат застапени и тука, но сепак размислувам и за реалната состојба. Сепак, ова не се чевли од 20 или 30 евра, туку од 150 па нагоре. Јас сум родена во Скопје, ние како народ, отсекогаш сме си биле модерни. Сме ги следеле модните трендови. Проблемот е во економскиот развој, што можеш да си дозволиш да си купиш. Последниве години слушам и гледам дека има чевли за 400, 500 денари, што во прв момент не ми беше јасно. Што спаѓа во таа цена? Како се формира? Порано немаше такви понуди. Но, економската состојба го налага тоа, а се надевам дека тој тренд наскоро ќе се смени и сите ќе имаат можност да си го купат тоа што сакаат. Затоа, маржата што би сакала да се продава тука е недостижна. Сепак, би направила чекор да ги има и овде. Инаку, пласирањето во другите земји се врши со големи дистрибутерски куќи, што работат со големи и различни брендови. Сепак, ова е нешто ново, на пазарот го нема – вели Доневска.

Присутноста на турскиот пазар и чевлите од еко кожа вели, се наметнати од актуелните трендови во модната индустрија.

-На Западот ова е апсолутен тренд и моќните лица од индустријата го бараат тоа, што е одлично и тоа од повеќе аспекти. Сега тој тренд почнува да се шири и во Европа. Но, верувајте и заработувачката има тука уддел, не само еко-свесноста, бидејќи, производството на чевли од еко-кожа е многу поевтино, отколку на оние од чиста кожа. Во Турција изработката на производи од еко-кожа е хит!  Кина ги “уби“ сите пазари во светот. Чевлите изработени во Кина изгледаат одлично, но после некое време или ногата ќе ви се распадне или чевелот со сè ногата. Но, често знаеме да судиме по изгледот и во тоа е најголемата заблуда и грешка што ја правиме – смета Маја.

Во план е веќе реализацијата и на моделите за идната зимска сезона, каде ќе има чевли со затворена петица, но и чизми, а се размислува и за невестинска колекција.

- Сакам да го оформам својот бренд „Ле Пасаж“, сакам да биде на ниво на познати светски брендови. Но, знам дека за тоа треба многу работа и силна позадина. Сепак, Тања Хил направи нешто револуционерно со чевлите на кои им ги менувате потпетиците. Јас сум уште на почетокот. Но, ќе има нови идеи, моделите ќе се надградуваат, ќе се слушаат потребите на конзументите за тоа што би сакале да видат повеќе од она што се нуди во моментот.  Животното и професионалното искуство ме научија дека една од најважните работи е трпението. Колку и да сте подготвени да истуркате нешто до крај, сè додека немате добар тим и грб да го направите тоа, тогаш ништо. Затоа во оваа приказна ја имам помошта од партнерите од Турција, Грција и Македонија. Научив дека one man show не постои и не треба да постои...Но, и за успех пречка не треба да постои, само трпение. Некој го учи тоа на помлади години, јас го научив на 38, но и тогаш е во ред – вели Маја.

Разговорот го завршивме со желба следниот пат кога ќе се видиме да разговараме за „Ле пасаж“ како веќе светски познат бренд зад кој стои Македонка.

Благодарение на ставот, амбицијата и љубовта со која пристапува и го гради брендот, Маја се надева и верува дека жените ширум светот ќе ја препознаат нејзината идеја, од жена за жена.

Впрочем, кој може подобро да разбере жена – од жена?

Ние пак, посакуваме нејзината желба да стане стварност и да посведочиме на уште една успешна приказна!

Објавено:
28 ноември 2017
object(stdClass)#485 (8) { ["nid"]=> string(5) "18017" ["ga_count"]=> string(4) "4472" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690236000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690236000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
4.472 пати