Домашна модна сцена

Македонската мода во време на пандемија: Сега е вистинска прилика да се свртиме кон домашниот дизајн

Интервју со
Македонски модни дизајнери
2 април 2020

Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата, сè уште не може со сигурност да се проектира или да се претпостави. Но, она што е сигурно е дека промените се неминовни на човечко, општествено, социјално, економско, културолошко и секое ниво од животниот циклус.

Во кругот сме сите и никој не е исклучен од ситуацијата која нè затекна и нè стави на пауза во нашиот стандарден тек. Македонската модна индустрија и домашните дизајнери директно се соочени со последиците. Ателјеата се затворени, производството не работи со полн капацитет, таму каде што условите дозволуваат продажбата се одвива онлјан, а онлајн ја следат наставата и студентите на отсеците за моден дизајн. И сето ова е ставено во рамки на неизвесност.

На прашања што непосредно ја засегаат домашната модна фела, разговаравме со неколку еминенти модни дизајнери и професори, со цел да го слушнеме нивното ангажирано размислување на темата, но и што може да научиме од ситуацијата и како тоа конструктивно да го примениме во пракса.

Наши соговорници од модната фела на темата се: професорките, модни дизајнерки и уметнци Лидија Георгиева и Јана Манева-Чупоска, професорот и моден креатор Никола Ефтимов и модните дизајнерки Ирина Тошева, Антонија Ристовска и Јована Филиповиќ, секој со свое лично искуство и видување на ситуацијата, за која сите се согласни дека ќе остави последици, но истовремено посочувајќи дека тоа треба да биде тригер што ќе иницира суштински промени.

Глобалната криза неминовно (ќе) влијае на домашната модна сцена, а со тоа неминови се и промените... Но, здравјето и основните човекови потреби се приоритет!

-Модата е визуелна последица на социополитичките настани во едно општество. Во моменти на криза, приоритет е здравјето и основните човекови потреби. Ова не е ништо ново, доволно е да ги погледнеме историските примери позади нас. Не е можно да страда целата светска економија, а кај нас да цветаат рози, но тоа не значи дека работите ќе се сопрат и ќе исчезнат. Кризата е привремена, а тоа што е перманентно е потребата за убавина, хармонија, духовна надградба. Тоа би значело дека по принципот на акција и реакција, после период на криза, многу е можно да следи некоја преродба или обнова веднаш штом повторно ќе се создадат поволни услови. Гледајте како сите уште од сега договараат разни средби и задоволства кои досега ни ги носеше животот, а можеби не ги ценевме доволно. Колку е сега прекрасна помислата на утринско кафе во некој пријатен амбиент на сонце или дружба со пријателите во било која форма, вели професорката и модната дизајнерка, Лидија Георгиева.

Лидија Георгиева

Земајќи ги предвид глобалните димензии на ситуацијата, и професорката, дизајнерка и уметница Јана Манева-Чупоска е со став дека животот ќе ни се промени во секој поглед.

- Бидејќи ова што се случува е на глобално ниво, веќе се чувствуваат кризите и на економски план. Но, не само тоа туку и воопшто конципирањето на тоа што значи мода, односно повеќе оној консумеристички аспект на модата, како ќе се применува. Едно е креативниот импут што секој дизајнер го има и тој не може да се промени, креативниот потенцијал и во криза и во нормални услови секогаш е вечен. Но, она што значи продажба и циркулирање на глобално ниво на модата, мислам дека веќе прави сериозни проблеми, а секако тоа ќе се одрази и во нашата земја. Тоа што за мене е важно е дека, ќе се смени концептот на дистрибуција на модата, на креирање , на целиот принцип што досега функционираше, ќе се промени тој т.н годишен моден календар кој беше доста прецизен. Кога се изработува колекцијата, каде треба да пристигне, на кои модни шоуа ќе се презентираат, кои се центрите... Мислам дека на сето тоа ќе остави сериозни последици, го споделува своето видување со нас, Јана Манева-Чупоска.

Јана Манева-Чупоска

Модната дизајнерка Антонија Ристовска посочува дека неизвесноста на ситуацијата го става под прашалник опстанокот на многу мали компании.

- Оваа кризна ситуација ќе го доведе во прашање опстанокот на многу мали компании, кои се всушност столб на нашата економија. Од големо значење ќе биде нејзиното времетраење. Доколку се стабилизира до крајот на мај, економските последици можеби ќе можат да се санираат во наредниот период во некоја рамка. Исто така побарувачката за одредени производи и услуги ќе го даде одговорот кон идните промени. Македонската модна сцена сè уште е кревка и оваа глобална криза ќе се одрази на нејзиниот тек. Направените колекции сега треба да го имаат својот излезен пат, но тој ќе биде одложен и сè ќе се успори. Клиентите повеќето модни куќи/ателјеа ги посетуваат за посебни пригоди и настани, свадби, матури, дипломски, и други прослави и настани. Со самото тоа што сите овие настани се одложуваат, секако ќе има влијание и врз нашиот обем на работа, вели Антонија Ристовска.

Антонија Ристовска

Модниот креатор и професор Никола Ефтимов подвлекува дека одразот на ситуацијата ќе варира во зависност од различни параметри, но и дека е за очекување криза во сите гранки на индустријата.

- Јас не сум економски аналитичар, ниту ги имам сите релевантни информации да донесам валиден заклучок, но за очекување е дека светската индустрија во сите гранки ќе преживее огромна криза, а на локално ниво дополнително ќе биде обоена со и онака финасиски нестабилната ситуција. Во однос на локалната модна сцена, нештата ќе варираат во однос на тоа дали дизајнерите работат нарачки по мерка со индивидуални клиенти, серии на готова облека, за кои пазари се наменети, колку ќе бидат засегнати од кризата во системот на снабдување со материјали итн, го сподели своето размислување и Никола Ефтимов.

 Никола Ефтимов

Модната дизајнерка Јована Филиповиќ како директно затекната, апелира на совесност во целата ситуација со цел што побрзо да излеземе од неа, а тоа клучно ќе влијае на последиците.

- Модната индустрија е само гранка од целокупната македонска економија. Сите ние кои сме во овој сектор ги чувствуваме последиците од ново настанатата ситуација исто како и сите други. Модните студиа се затворени, стопирана е моменталната работа, а нарачките се одложени за наредните месеци (со надеж дека се ова побрзо ќе заврши). Секоја глобална криза е резултат и одговор на нешто, на некоја ситуација. А после секоја криза се знае што следува, а тоа е дека ништо веќе нема да биде исто. Можеби ќе биде подобро, можеби полошо. Останува на времето да каже. До тогаш најбитно е да бидеме совесни и да се грижиме за сопственото и колективното здравје. Колку сме сите посвесни за ситуацијата во која што се наоѓаме, толку побрзо ќе излеземе од неа, упати апел Јована Филиповиќ.

 Јована Филиповиќ

Промените и директните последици во начинот на функционирање на домашната модна сцена, ги посочува и дизајнерката Ирина Тошева.

- Текстилната индустрија кај нас уште од почетокот на годината чувствува загуби од пандемијата. Многу нарачки од лон производството иако договорени, не можеа да се остварат, затоа што брендовите набавуваат материјали од Кина, каде што сè беше стопирано. Таму полека почнаа да се враќаат работите во нормала, но сега Европа е жариштето. Модната сцена е исто така на „холд". Моден викенд е одложен, ателјеата затворени, нарачките по мерка за прославите кои се обично во следниве месеци се паузирани, заради неизвесноста и директниот контакт потребен за реализација на истите, Ирина Тошева.

 Ирина Тошева

Сега го имаме најголемиот луксуз – времето

Во својот круг на делување секој од нашите соговорнци има лично искуство и акцентира различни поенти во однос на прашањето како директно кај нив се одразува глобалната состојба.

-Јас како професор, редовно ја одржувам својата работа во континуитет, интересно е искуството како се одвива креативноста на студентите кога имаат помалку надворешни фактори кои ги вадат од фокусот. Сега се дома, концентирирани се и на мое големо задовлство успеваат да продуцираат интересни содржини. Од друга страна пак, јас како дизајнер, во текот на февруари, почнав постепено да испорачувам во бутикот ВИА нови креации, но тие како и сите други мораа да затворат. Тоа што може онлајн да се сработи е во тек, но за другите работи, малку ќе паузираме, како и сите други индустрии, вели Георгиева која потенцира дека нејзината креативна работа е во постојан од и во тој контекст нема пауза.

Од позиција на професор и ректор, Манева-Чупоска посочува дека во актуелната ситуација на површина испливуваат и слабостите во есенцијалните системи на општеството, каде што припаѓа и образованието.

- Мое мислење е дека во една ваква ситуација се покажаа слабостите, а од друга страна се акцентираа потребните ресурси. Прво, здравството и образованието се докажа дека се основните темели за да функционира сè беспрекорно. Кога мислам на образование, не мислам на мојата струка. Ако имаме одлично образование, од градинка до високо образование во кое се вклучени сите професии, ќе имаме помалку проблеми. Се покажа дека имаме класично образование кое што не е спремно за онлајн настава. Ги правиме сите обиди, но не сме спремни. Не може Zoom да ни биде главната платформа каде ние ќе држиме предавања. Во овој период според мене е многу невидливо Министерството за информатичко општество, нивна работа е да понудат софтверски решенија, да речеме автохтони платформи кои ќе бидат на универзитетите. Самите универзитети не можат да го прават тоа. Според мене ова ќе биде и иднината на образованието. Ние како и сите други сме затекнати, и во моментот се снаоѓаме. Ова е и поука за сите нас, дека целиот наставен кадар од градинка па понатаму, треба да бидат едуцирани електронски да може да работат. Оваа ситуација нас не натера да размислуваме дека нешто мора да се промени. Сите бевме во доста комотна ситуација, предавална, комфорна зона и сега одеднаш се случува нешто кое не фати неспремни, го споделува својот став Манева-Чупоска.

 

Во своето ателје дизајнерката Ристовска веднаш ги применила мерките посочени од надлежните институции, ставајќи го здравјето и превентивата како приоритет.

- Пред се ова е ситуација во која сите го ставаме на прво место здравјето и неговата заштита. Првите чекори што ги направивме во ателјето беа да ги преземемe сите мерки за заштита на здравјето на вработените, согласно препораките. Веднаш потоа произлегоа еден куп прашања како ќе продолжиме понатаму. Ги преземавме сите препорачани мерки од Владата, и според нив во првата недела од ситуацијата продолживме со работа, но со ограничен и намален капацитет. Бидејќи сите веселби за овој период се одложија, нарачките по барање на нашите клиентки ги одложивме со подоцнежни датуми, освен нарачките за летните веселби. Ова е период со најголема динамика во годината, но поради неизвесностана ситуацијата последиците ќе се големи. За ситуација во која не можеме да ги предвидиме тековите, само можеме да се надеваме да заврши побрзо. Моето ателје работи повеќе од 25 години, но со ваква неизвесна ситуација се соочуваме за прв пат, го споделува своето искуство Ристовска.

 

Со оглед на тоа дека голем дел од неговата креативна работа се одвива онлајн, Никола Ефтимов во својот случај посочува дека освен во начинот на секојдневното живеење, големи промени во неговата работа нема.

- Со години реудицирав одредени активности, најнапред во готовите сезонски колекции, а потоа и во уникатните нарачки по мерка. Го променив фокусот на мојата работа, па последните години најчесто дизајнирам производи за неколку светски дизајнерски платформи. Работата е онлајн, јас го правам дизајнерското решение, а потоа специјализирани тимови од овие компании се занимаваат со производството и дистрибуцијата. Иако луѓето во светот се исплашени од вирусов, за кој има доста непознатици, сепак, продажбата продолжува. Останува и соработката со фирми кои имаат потреба од дизајнерска услуга и мојата едукативна работа, па во мојот случај, освен во начинот на секојдневното живеење, нема големи промени, вели Ефтимов.

Дизајнерката Ирина Тошева го потенцира времето кое што во овие услови го имаме повеќе на располагање од вообчаено, упатувајќи да се користи максимално рационално.

- Влијанието веќе го чувствуваме сите, независно на околината и секторот. Но, колку и да звучи парадоксално, во моментов го имаме најголемиот луксуз- времето. Време убаво и темелно да ги обмислиме следните проекти, да ги истражиме и научиме сите техники, туторијали за кои никогаш немаме доволно време или нерви, да земеме здив и сфатиме до каде сме и каде допрва сакаме да бидеме, посочува Тошева.

 

Да го преиспитаме сопственото однесување и прецепцијата на модата. Преосмислување на нејзината суштина е нужно

Дали ова тектонско поместување на светската економија, ќе резултира можеби и со нов пристап кон модата и нов систем на функционирање? Во оваа ситуација, сите наши соговорници се согласни дека треба да се извлече клучна поука во однос на нашата перцепција на модата и односот кон неа, со акцент на нејзината одржливост.

-Модниот свет глобално е веќе забавен. Модните недели одложени, продавниците со пролетни колекции, а полека и големите онлајн шопинг платформи затворени, нарачките во фабриките за следната (пред) сезона откажани, голем дел од работниците веќе отпуштени. Но, во оваа состојба сите полека разбираме што значи одржливоста. Живеејќи во изолација сфаќаме дека освен нашите основни потреби- чист воздух и вода, здрава храна, добро здравје и најблиските, сè друго изгледа претерано и непотребно. Додека седиме во домот и размислуваме како светот драстично ќе се промени, треба да го преиспитаме и сопственото однесување, особено слепиот консумеризам кој го движи модниот систем. За да бидеме одржливи како индустрија, но пред сè и како луѓе, треба да сфатиме дека одржливоста не е носење органска маица, туку начин на живот, акцентира Тошева.

 

Професорката Манева-Чупоска се надоврзува дека промени се нужни и во контекст на воспримањето на модата.

-Треба малку да ги примениме атрибутите на анти-модата. Освен овој консумеризам кој што е со огромна брзина, сите останати кои сме дел од ова, особено оние сериозни светски брендови, мислам дека сите размислуваат во таа насока... Мора да извлечеме поука заради тоа што ова не може да го заборавиме туку-така и да продолжиме со истите манири. Мора нешто да се промени, а ќе се промени. Последиците ќе се осетат дефинитивно и кај нас. Има сериозни брендови кои креираат сериозна мода, Елена Лука тука секако ќе ја спомнам како пример. Но, сите ќе ги осетиме последиците од ситуацијата затоа што сите сме дел од неа. Никој не е исклучен. Од првиот чекор на набавување материјали па понатаму во целиот тој ланец на поврзаности, секој со своја економска приказна, додава Манева-Чупоска.

 

Фокус на еколошката свест како лекција што треба сериозно да се земе во предвид, става и дизајнерката Ристовска.

- Сведоци сме дека од западните земји се наметна и веќе со години се фаворизира потрошувачко општество. Сè тоа е во прилог на големите компании што имаат масовно производство, кои се во бесконечна трка за големи профити. Се произведува сè повеќе облека која не е квалитетна во својот состав и која не е здрава за носење. Кај голем дел од популацијата забележуваме дека не се препознава квалитетот и масовно се купува неквалитетна облека.Тоа е ефтина облека која под влијание на модните трендови се купува во големи количини. Седоци сме и за големото експлоатирање на текстилните работници во тие големи компании, со лоши услови за работа и најниски плати. А познато е дека модната индустрија е една од најголемите загадувачи во светот, како последица на ова масовно произвотство. Од друга страна сè повеќе е присутна еко свеста, посебно кај младите, која со тек на време ќе биде сè погласна. Целата криза предизвикана од Ковид-19 ќе ја засили (се надевам) еко свеста на секое ниво. Сè тоа може да ги движи работите кон оддржлива мода и слоу фешн. А тоа ќе значи: Имај помалку - тоа е повеќе! Им порачувам на сите да бидат посовесни во купувањето, да не потклекнуваат на мини-трендовите кои ги има се повеќе и повеќе, да ги читаат етикетите на парчињата кои ги купуваат, да ги претпочитаат дизајнерите и секако, особено во овој период да купуваат од македонски произвoдители, упатува апел Рстовска.

 

Професорот Ефтимов посочува на фактот дека онлајн продажбата е во постојан пораст и дека тоа е еден од сегментите кои што ја креираат големата слика на индината на модната сфера.

- Ги следам светските годишни извештаи за продажба во модата во различни категории, продажба на луксузни производи заедно со модните итн, па добро познат факт и заклучок дека онлајн продажбата е во постојан пораст и дека е нешто што нема алтернатива. На долгорочни патеки, неизбежно ќе биде преосмислувањето на самата суштина на модата, особено во делот на масовното производство и од зоната на лесно достапен хир, ќе треба да се започне со размислувањето за задоволување на потреби. Ова прашање не е поврзано само со актуелната ситуација, туку и со екологијата, а со тоа и нашето опстојување на планетата, затоа што овој масовен сегмент на модната индустрија е еден од најголемите загадувачи. Во процесот на производство, а потоа и брзото консумирање на производите се создава голема количина ѓубре, професорот Ефтимов ја потенцира клучната улога на еколошката свест.

 

Дизајнерката Филиповиќ практично се осврнува на непосредните промени што веќе се видливи, а не ја исклучува и можноста дека оваа ситуација ќе отвори прашања за нови форми на работа, комуникација и промовирање во модниот сектор.

- Не знаеме колку ќе трае моменталната ситуација, а воедно и не знаеме колкав ќе биде економскиот удар од сето ова. Сите се надеваме дека последиците нема да бидат фатални, меѓутоа никој не може ниту да гарантира, ниту пак да знае. Еве да речеме дека за месец, два ќе заврши (во најдобро сценарио), ќе се отворат границите, луѓето ќе почнат да одат на работа и светот ќе почне да се раздвижува. Но, тоа не значи дека синџирот на снабдување веднаш ќе почне да функционира или дека брендовите (пред се малите бреднови) ќе имаат доволно „кеш флоу" за да ги платат добавувачите, кириите па дури и да прават колекции. Така да неизбежно е дека многу од работите ќе мораат да се сменат на глобално ниво, а и кај нас. Веројатно ќе мораме да најдеме нов начин на работа и промовирање, нов начин на комуникација со клиентите па дури можеби и нов тип на презентирање на колекциите, Филиповиќ ги сподели со нас своите претпоставки.

 

Амортизација на ударот... Сега е вистинско време квалитетот да дојде над квантитетот

Како да се амортизира ударот? Комплексноста на ситуацијата бара повеќеслојна и повеќестрана ангажираност во реакцијата. Решенијата не се ниту едноставни, ниту краткорочни, но за ефект потребна е нивна реална и практична имплементација.

- Ударот може да се амортизира со добро осмислени владини политики, а на долгорочни патеки со промени во навиките на потрошувачите и производителите, е мислењето на Никола Ефтимов.
Професорката Лидија Георгиева ја издвојува важноста на здравата духовна и ментална состојба што се есенцијални за конструктивно делување потоа.

-Со активен, позитивен став, отвореност и флексибилност кон промените кои ги носи оваа состојба. Во овие моменти е многу важно да се одржува свежа и здрава духовна состојба, само на тој начин ќе бидеме подготвени за конструктивна реакција, а потоа и акција. Секако дека убаво ќе ни дојде на сите кога работите ќе се вратат во нормален тек, но тоа ќе биде некој нов нормален тек, ќе треба ние самите да го редефинираме, вели Лидија.

 

Ситуацијата да се искористи и како можност за „ресетирање" што ќе донесе и нова енергија со која може да се „возврати ударот", е опцијата што ја посочува Ирина Тошева.

-Многумина на ова гледаат како можност да се „ресетираат", да го модернизираат секторот, разгледувајќи и опции како да се префрлат на повеќе еколошки и општествено одговорни начини на работа. Сега е вистинско време квалитетот конечно да дојде над квантитетот.

Професорката Јана Манева-Чупоска повикува дека сега е приликата што треба да се искористи за да се свртиме кон домашното производство.

- Сега е моментот, кога цел свет разбра колку сме зависни од Кина, да се повикме на сопствените економии и сопственото производство. Барем во нашите рамки и во нашите услови, можеме повеќе да размислиме што е тоа македонска мода. А условите апсолутно ги имаме. Не е фрлање пари ако креирате македонска мода, мора поголема храброст од инвеститорите. Да се вложи, а не да се шие лон заради тоа што тоа е најбезбедна комфорна зона. Ете сега гледаме како пазарот е прекинат. Стратегијата треба да биде да се насочат ресурси на домашниот пазар. Според мене, од оваа ситуација треба да се извлечат доста поуки и треба да се внимава на тоа што значи квалитетен производ, и да се излезе од таа „шематизирана", комфорна зона. Модата за мене секогаш била револуција и ова мора да претрпи сериозна мисија. Мода не е само да се купува во продавница кинеска роба, туку мора да се промени целиот пристап. Квалитетни материјали, еко материјали, одржлива мода и тоа што може да се искористи во моментов е онлајн продажбата, вели професорката.

 

Системската економска поддршка од државата би бил еден сегмент кој би помогнал во амортизирањето на последиците од кризата.

- Тешко е да се предвидат текот на настаните и промените кои доаѓаат со нив. Работиме во отежнатите услови,а дел од тимот работи од дома. Доколку ситуацијата потрае, тешко ќе го амортизираме економскиот удар. Доколку се реализираат предлог мерките од Владата за економска помош на приватниот сектор кој е погоден од ситуацијата со вирусот, секако дека ќе направи амортизирање на ударот. Сите ние мали приватни субјекти со години дотираме во буџетот, и во оваа ситуација помошта би ни била од огромно значење за да можеме да се справиме со кризата и да продолжиме да работиме и понатаму, е размслувањето на Антонија Ристовска.

Дизајнерката Јована Филиповиќ даде свое хипотетичко сценарио и предлог решенија како последиците од тековната ситуација би можеле да се олеснат.

-Најпрвин ќе треба да се соочиме со реалноста таква како што е. Да пробаме да ја разбереме и прифатиме. Да сфатиме дека не сме сами во ова, туку напротив сите заедно и колективно треба да си подадеме рака и да си помогнеме. Сега ни е шансата да се преструктуираме, да пробаме да сфатиме кои се вистинските животни вредности и да му дадеме шанса на ова мало парче земја првин да преживее, па после и да оживее. Културно, уметнички и секако.

Ќе ни треба поддршка и од државата, барем наредниве неколку месеци додека трае целата криза. Затоа што во спротивно може да останеме и без тие неколку мали и средни приватни модни претпријатија кои и во нормални услови едвај успеаат да ги исплатат сите давачки.

Брендовите на големите модни корпорации можеби ќе станат помалку релевантни, и ќе почнат да се ценат малите брендови, модни дизјанери, занаетчии. Тие од кои што всушност почнало сè. Можеби конечно и ние ќе ја разбереме вредноста на локалните уметници, артисти и дизајнери, и ќе почнеме да купуваме Македонски производи и дизајни, јасно потенцира Јована.

Македонските модни дизајнери во моментов немаат свој синдикат или асоцијација која би ги застапувала исклучиво нивните интереси...

Како одговор на кризата, деновиве сме сведоци дека во светот се екипраат различните здруженија и синдикати кои ги застапуваат интересите на дизајнерите и модните брендови и како такви директно реагираат кај властите за конкретни мерки за поддршка на секторот. Во нашата земја иако досега и пред повеќе години имало повеќе обиди за создавање на различни форми на здруженија на макеоднските модни дизајнери, сепак во моментов нема такво тело или асоциација кои би ги застапувале нивните заеднички интереси, што ни потврдија и нашите соговрници.

-Тука има неколку сегменти. Тука државата мора да направи некоја листа на брендови и дизајнери кои се декларираат како македонска мода и даваат придонес кај нас, на кои што апсолутно треба да им се помогне. Кај нас постои кластерот за текстил, кој до сега коректно си ја врши работата. Но, што се однесува за тело кое што ги заштитува интересите на модните дизајнери кои што работат самостојно, за жал не постои. Здружението Македонска модна формација за жал повеќе не функцонира, а беше одлична идеја.  Од друга страна не владее и оној колективен дух. Треба да се формира здружение на модни дизајнери преку кое ќе може да го споделат својот интерес. Мојот апел е дека недостасува креирање на кластер за моден дизајн, како што е кластерот за текстил кој морам да признаам дека добро функцонира затоа што си ги штитат своите интереси како индустрија, а сега треба да се особено гласни, апелира професорката Манева-Чупоска.

Дизајнерот Никола Ефтимов посочува дека треба да се конкретизираат критериумите како основна појдовна точка во создавање на некоја форма на здружение кое ќе ги застапува интересите на модните дизајнери.

-За да се содаде некое репрезентативно тело, најнапред треба да расчистиме со критериумите за валоризација, да се направи објективен преглед на ситуацијата на локалната модна сцена (што е поинакво од индустрија, особенно од услужната текстилна индустрија) и да се зацртаат заеднички цели и визии за развој. Во светот модната индустрија е сериозен економски фактор, таа ги полни националните буџети и е под заштита на законската регулатива. Во наши услови ние сме далеку од тие позиции, нашата сцена е во знакот на формирање. Тоа не е страшно по себе, таа фаза треба да се изоди, но треба соодветно да се реагира на сите предизвици, вели Ефтимов.

Креативен бум на домашната модна сцена како одговор на кризниот период?

Низ историјата на човештвото многупати до сега се покажало дека во периодот на криза, во време на социо-политички и општествени бранувања, настанале најмаестралните уметнички творби со непроценлива вредност. Креативното будење и процветување со сиот свој капацитет, не е исклучено и на нашата домашна модна сцена имајќи го во предивд нејзинот богат потенцијал.

-Сетете се на бумот на оптимизам и свежиот здив кој го донесоа музиката, стилот и боите кои преовладувале во периодот на 50ти и 60ти години од минатиот век и како што веќе истакнав, на секоја акција постои реакција, тое е основен, природен принцип, длабоко всаден во човековата природа, вели професорката Георгиева.

 

Со своите студенти професорката Манева-Чупоска интензивно, иако во вонредни услови, работи на нова ангажирана модна колекција директно инспирирана од новата ситуација.

А дизајнерката Филиповиќ сега го користи најголемот луксуз, кој во вообичаени услови секогаш недостасува, времето.

- После бура секогаш доаѓа сонце. Сакам да верувам дека целата оваа ситуација ќе не порасне како луѓе, а воедно и како уметници и креативци. Во животот на неколку наврати научив дека најкреативните нешта и дела се создаваат со најмалку ресурси и можности. Го користиш тоа што го имаш во моментот. Тоа што ние сега во моментот го имаме е време. Конечно време за да се свртиме кон самите себеси, да поразговараме сами со себе и да се чуеме. Време да бидеме со блиските, време да се инспирираме и да твориме. Така да, да, верувам дека ќе се случи креативен бран како резултат и одговор на претходно настанатата ситуација. Не само кај нас, туку насекаде во светот.

Креативците во секоја ситуација наоѓаат инспирација, а токму во нивните дела се рефлектираат и глобалните промени. Дизајнерката Ристовска го користи периодот како инспирација за следната колекција.

-Дизајнерите во својата основа создаваат од ништо – нешто, и никогаш не се знае што умот може да издизајнира. Секако дека поединци ќе се издвојат со свои идеи што ќе ги понудат во новото пост-кризно време на глобално и домашно ниво. Секоја ситуација е инспирација за дизајнерите. Од секогаш можеле да се видат светските промени преку колекциите на дизајнерите, како што е пример популизирање на панталоните од страна на Шанел, како последица на фактот дека многу жени се приморани да почнат да работат додека мажите се приклучиле во Првата светска војна. Јас овој период на успорување на целиот свет го користам како инспирација за следната колекција, резимира Антонија.

Предизвиците се пред нас. Сега е време да го искористиме сиот потенцијал и ресурси со кои располагаме за да им одговориме. Последиците никој не може да ги проектира и невозможно е да се предвиди резултатот од целата ситуација, од проста причина што целиот свет се соочува со непознатото. Но, ова е и фаза во која може да создадеме и основа за нов почеток во кој алтрузимот ќе го замени егоизмот, квалитетот квантитетот, а конструктивноста ќе застане пред ирационалното...

 Новинари: Марија Крстова, Јулија Илијевска

Објавено:
2 април 2020
object(stdClass)#478 (8) { ["nid"]=> string(5) "23909" ["ga_count"]=> string(4) "1342" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1685397600" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1685397600" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.342 пати