Дизајнер

Marsin – Нова креативна сила на македонската модна сцена

Интервју со
Марија Трајанова
2 септември 2016

Марија Трајанова е нова креативна сила на македонската модна сцена. Од неодамна таа почна да твори под етикетата Marsin, а своите први професионални чекори ги направи благодарение на вештините што ги стекна во Центарот за креативни курсеви „Кариера плус".

Марија Трајанова

Нејзината естетика е дефинирана преку минималистички и женствени кроеви и цели кон тоа да биде нослива и лесно компатибилна. Во разговорот со Fashionel го најави и нејзиното претставување на претстојниот Моден викенд Скопје. Во продолжение ве запознаваме со Марија.

Со оглед на тоа дека прв пат Ве запознава публиката на Fashionel, која е Марија Трајанова?

-Секогаш ми е најтешко да се опишувам и да зборувам за себе. Но ако морам, би рекла дека Марија е едноставна и спонтана личност со креативна мисла. Афинитетот кон добриот стил и уникатноста ги оценувам како вроден инстинкт и сум спремна тоа да го покажам преку своите креации.

Вие сте нова креативна сила на македонската модна сцена. Од кога постои поривот кон модниот дизајн и како почна Вашата приказна како дизајнер?

-Модата и автентичниот стил отекогаш ми беа предмет на интерес. Се започна кога не можев да го најдам тоа што сакав да го носам и од таа причина веќе десетина години претежно сама си ја дизајнирам сопствената гардероба. На тоа често добивав позитивни коментари, како и прашања од каде ми е купено парчето што го носам. Официјално првиот чекор го направив кога запишав курсеви по мода и тогаш сфатив колку навистина се чувствувам исполнето од тоа. Ставот на смела жена и гламурот ја распламтуваат мојата инспирација и надеж да се оддадам на дизајнерскиот свет. Се уште сум на почеток, но искрено се надевам дека чекор по чекор навистина ќе го реализирам мојот сон.

Каде ги стекнавте професионалните дизајнерски вештини?

-Во право време се најдов на вистинското место. Центарот за креативни курсеви "Кариера плус" е мојата матична школа. Таму се запознав со техниките за моделирање, кроење, шиење, цртање, модна илустрација, технички цртања и констукција. Бев спремна за новиот професионален предизвик, и бев опкружена со вистински професионалци кои ми помогнаа постепено да се пронаоѓам во тој свет.

Веќе имате и сопствена модна линија насловена Marsin. Која е инспирацијата за името и во кој моден правец се движите?

-Има збирка на причини кои ме асоцираа да излезам со такво име. Родена сум во месец Март. Тогаш е зародиш на пролетта, на убавото време и расцутот, што е нешто што се синхронизира со идејата на брендот. Моето име исто ги содржи првите три букви, така што тоа дава асоцијација кој стои зад оваа линија. На тоа е додадено "sin" што преведено од англиски е грев, но значењето во Марсин е да биде сладок грев, задоволство што секоја девојка, жена, дама ќе може да си го дозволи, а во исто време да не направи модна грешка.

Како би ја опишале Вашата дизајнерска естетика?

-Естетиката ми е многу важна и е дел од мојата внатрешна природа. Модниот дизајн и дизајнот воопшто го доживувам како врста уметност низ кои можам да го покажам својот стил, талент и мислење. Инспирација ми се модели кои ја следат линијата на телото и ја истакнуваат женската фигура, за жената да се чувствува самоуверено, елегантно и со софистициран сексапил.

Какви техники и материјали претендирате во концепирањето на Вашите дизајнерски идеи?

-Присутен е минимализам, чисти линии и едноставен крој. Моделите се носливи, практични и изработени од природни материјали. Особено внимание посветувам на деталите и самиот крој. Се трудам моделите да може да се комбинираат на повеќе начини.

Какво е Вашето искуство со македонската дизајнерска сцена? Се пронаоѓате ли овде?

-Уште сметам дека немам некое големо искуство. Иако по комплетирањето на курсот работев на неколку проекти индивидуално, а и во група со колеги од !„Кариера плус“. Најважно за мене е тоа што го работам некому да му се допадне. Ќе бидам пресреќна ако имам клиенти и соработници од нашава земја, но не кријам дека големата цел ми е еден ден да настапам на некои од светските модни настани и да го привлечам вниманието на лидерите од светот на модата.

Што да очекуваме следно од Вас?

Следно е да ја завршам мојата нова колекција, која планирам да биде претставена на есенскиот Fashion Weekend 2016/17 во Скопје.

Објавено:
2 септември 2016
object(stdClass)#484 (8) { ["nid"]=> string(5) "14516" ["ga_count"]=> string(4) "3336" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1681768800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1681768800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
3.336 пати