ТВ и радио водителка

Маша ми е најголема љубов!

Интервју со
Здравкица Милиќ
14 февруари 2017

Иако последниве неколку години е со променето презиме, ретко кој не ја препознава Здравкица како еден од омилените ликови на македонските медиуми. Таа долги години водеше една од најпознатите музички емисии во етерот и редовно, секоја сабота во 18 часот нѝ ги презентираше најновите топ листи и новитети од македонската музичка сцена. Веќе три години таа работи и живее во Србија заедно со нејзиниот сопруг и слатката ќеркичка Маша која имавме чест да ја запознаеме. Здравкица и денеска говори со жар за музиката, вели без размислување повторно би се вратила во етерот, а покрај работата и сопругот, најголема љубов денеска и е малата Маша која има исклучителен карактер. За плановите во иднина, за семејството, за најубавата улога на мајка и за тоа дали наскоро ќе се врати во Македонија, читате во продолжение на овој прекрасен љубовен ден.

Уживајте!

-Што прави Здравкица во моментов, на што работите?

Моментално работам во Србија, меѓутоа во план сум да ги откажам ангажманите таму. Работам во локално радио и на телевизија што се гледа во централна Србија. Имам своја авторска емисија, но сепак дома си е дома. Што се однесува до јазикот, добро се снајдов, но некако не можам да се вклопам во целата таа средина, сепак не можеш да ги заборавиш 33 – те години овде, а таму сум само три години. Конечно сега добив постојан престој, но најверојатно ќе се вратам во Македонија.

-Србија или Македонија?

Уф, Македонија. Србија е поголема земја, има и поголем пазар што е секако предност, но секогаш ќе бидеш странец каде и да одиш. Никогаш претходно не сум била патриот па кога ќе отидам некаде да сакам да се вратам дома, но додека не го почувствуваш на своја кожа, не знаеш. Првата година можеби и не ми беше толку тешко затоа што немав време да размислувам за тоа, се породив, Маша беше бебе, ја чував сама, но како изминуваше времето сѐ повеќе ми недостасуваа пријателите, семејството...Можам да се пофалам дека имам многу добри пријатели кои и денеска не ме заборавија и постојано сум во контакт со дел од нив.

-Тоа ли е причината што ќе се вратите дома?

Се разбира најмногу поради домашните и пријателите, но тука е и работата која што ме врзува. Работам од мои 18 години, а имав пауза само две години кога бев бремена, така што навистина се години во прашање. Не можеш туку така да оставиш и да си отидеш, барем јас така мислам. Не велам дека таму не ме прифатија добро и дека не се снаоѓам, но многу работи ме врзуваат за овде. Можеби нема веднаш да се вратам, но во следниот период дефинитивно ќе бидам почесто на релација Македонија – Србија.

-Што најмногу ќе Ви недостасува од таму?

Па пријателите најверојатно. За многу кратко време и таму стекнав добри пријатели, некако таква ми е кармата па налетав на Македонци кои живеат таму и секако најблиските на мојот сопруг.

-Какво дете е Маша?

Не знам од каде да почнам (се смее). Уште од раѓање таа е едно неверојатно хиперактивно дете. Кога беше мала, имаше грчеви пет месеци, ми велеа дека тоа брзо ќе заврши, но тоа не беше така. Потоа почнаа забите, па по нив нешто друго, потоа почна да оди и така некако постојано беше интересно. Таа е вистински карактер, многу е темпераментна и додека не го направи она што го сака, не се откажува. Инаку таа е доста паметна, многу работи знае, добро се снаоѓа, сака да јаде сама, сама се облекува, не користиме никакви помошни средства, бидејќи некако е чудо од дете. Сега сака постојано да учи нови работи, навистина е многу интересно дете.

-На кого повеќе наликува?

Физички на татко ѝ, а карактерно на мене (се смее).

-Сметате ли дека добро се снајдовте во улогата на мајка?

Па да, со оглед на тоа што таму сум навистина сама и немам никој кој ми помага, за жал. На почетокот мислев дека тоа е супер, бидејќи сам ќе одредиш како ќе ја воспитуваш, но во некои моменти е тешко. Буквално сѐ ти зависи од неа и немаш на кого да се потпреш ниту половина час. Мене сѐ ми беше ново, сменив држава, добив сопруг и дете, нова работа и сето тоа беше тешко и дури сега можам да кажам дека некако се стабилизирав, но мислам дека постојано се трудам максимално да бидам најдобра како и секоја мајка.

-Кој е најважниот совет што го добивте од Вашата мајка и кој би сакале да ѝ го пренесете на Маша?

Па мислам дека најважно е домашното воспитување и не треба да се претерува во ништо. Не треба ништо да ѝ се дозволува претерано, бидејќи понатаму ќе бара уште повеќе. Сега се трудам, а како ќе излезе, ќе видиме. Јас имам помала сестра и бевме повеќе поврзани со мајка ми, бидејќи татко ми работеше доста. Детството е некако најубав период на кој ние многу малку се сеќаваме, бидејќи тогаш сме безгрижни, за сѐ ти мислат другите, ти треба само да учиш, да ги слушаш родителите и да си играш. Советите на моите родители беа да бидеме нормални луѓе, да ги почитуваме сите, да не лажеме, да не ги злоупотребуваме луѓето. Сосема нормални вредности кои денеска за жал се сѐ поретки.

-Среќна ли сте?

Да, мислам дека не може некој да каже дека не е среќен кога до себе има човек кој те разбира, потоа, да се биде мајка е најубавото нешто, кој не пробал го советувам да го направи тоа. Тешко е, тоа е најодговорна улога, но најубава. Трето, да ја работиш работата што ја сакаш, тоа е привилегија. Кога тоа ќе го сумирам, никаде нема идеално, не го ни барам тоа, но мислам дека сум среќна.

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Маша! Му се извинувам на Војо, но тоа е така (се смее). 24 часа не си мирен. Постојано мислиш дали е гладна, дали е жедна, дали е сѐ како што треба, зошто плаче... Кога ќе станеш мајка, веќе не размислуваш за себе. Маша е на пиедестал дефинитивно.

-Има ли шанса да се направи споредба на медиумите тогаш и денес?

Медиумите сега повеќе ги следам на Интернет и мислам дека сѐ отиде во некој погрешен правец. Последен пат овде работев во Метрополис радио и знам дека и денеска функционира одлично. Радиото некако се врати на голема врата после многу години, а што се однесува до телевизиите, мислам дека ги има премногу. Поради тоа настана и таа хипер продукција. Никогаш нема да кажам зошто некој се појавува на телевизија, бидејќи тој што го вработил е виновен, а не оној кој се појавил. Мора да постојат критериуми, не може секој да се појавува, но мислам дека и самата економска ситуација си го направи своето. Некој кој е искусен и добар во својата работа не може да работи само поради тоа што некој кој ја симнал цената и е многу помалку квалитетен го работи тоа.  Тоа е еден извртен систем... Порано беше многу поинаку и имаше многу поквалитетни луѓе кои и денеска се на некои челни места на ТВ и радио. Криво ми е за весниците, но сметам дека тука Интернетот си го направи своето, иако пак ќе кажам дека парче хартија не може да го замени Интернетот.

-Зошто повеќе нема музички емисии како порано?

За тоа ми е особено криво и мене некако ме паметат по тоа. Нема ни топ листи, нема ништо, мене ми е многу жал што е така. Кога јас почнав да работам музички емисии се сеќавам дека дури и се натпреварувавме, позитивно нормално, и сите навистина се трудевме. Тогаш некако по нас ги препознаваа емисиите, ако луѓето знаеја кога е премиера и реприза на твојата емисија, тогаш ти си го постигнал она што си сакал. Јас работев во една локална урбана телевизија, а емисијата „Скај Селекшн“ ја знаеја сите и знаеја во колку часот се емитува, имаше голем рејтинг. Јас се натпреварував со националните телевизии, престиж беше да го имаш Тоше во емисија и прв да го промовира својот видео спот или албум. Беше едно убаво време, поинакви времиња беа тоа, имаше многу фестивали...Првенствено музичарите некако кренаа раце и многу ми е жал за тоа. Јас и во Србија ја третирам македонската музика и многу ми е драго кога и таму ќе ми кажат дека им се допаѓа нашата музика.

-Може ли да се промени нешто во врска со тоа?

Важи она правило – „Немој да играш ниту да пееш во Македонија бидејќи тие се најталентиран народ за тоа“, така што мислам дека тука треба музичарите малку да се погрижат околу тоа. Кога веќе би имале музика, би имало и музички емисии. Јас не се сеќавам кога последен пат сум видела музички спот, а за албум да не зборувам. Има многу квалитетни луѓе кои не работат, но секако и тие имаат свој одговор зошто е тоа така. Мислам дека треба да се врати македонската музика на голема врата. Зошто некој друг да ја слуша и третира нашата музика ако ние сами не ја негуваме?

-Има ли шанси да се направи споредба со српските и македонски медиуми?

Ќе повторам дека тоа е поголем пазар, поголема земја, многу повеќе вложуваат... Не можам да кажам дека ние немаме квалитетни водители или емисии, но со оглед на тоа дека тие се поголеми, имаат и повеќе. Таму се вртат многу пари и затоа се веројатно поуспешни и самиот пазар си го прави своето затоа што е поголем. Иван Ивановиќ е број еден ако јас се прашувам и има многу причини зашто јас го гледам.

-Би се вратиле ли Вие со некоја музичка емисија на нашите телевизии?

Па да, има сега некоја најава, мислам дека ќе се вратам на една од македонските телевизии која е нешто ново и свежо. Станува збор за магазин, не конкретно музичка емисија, но да не откривам многу... 

Објавено:
14 февруари 2017
object(stdClass)#455 (8) { ["nid"]=> string(5) "15841" ["ga_count"]=> string(4) "4839" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1685570400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1685570400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
4.839 пати