Наставник по музичко образование

Машина за рециклирање што пее – Идеја на наставничката Павлинка Вељаноска за чисто училиште во кое се слуша добра музика

Интервју со
Павлинка Вељаноска
18 февруари 2022

„Кога дуваат ветрови на промени некој гради ѕидови, а некој ветерници – Јас сум со ветерниците", ова е мотото што со брзи чекори ја води напред, низ секојдневните предизвици во образовниот процес, наставничката по музичко образование во основното училиште „Гоце Делчев" во Неготино, Павлинка Вељаноска.

Таа успеа да ги соедини музиката и екологијата преку идејата во своето матично училиште да ја имплеметира иновацијата на професорот Димитрија Ангелков – Паметна канта за рециклирање, што истовремено функционира како џубокс и пушта добра музика.

Наместо паричка, ученикот во џубоксот фрла отпад, што по принцип на вештачка интелигенција, го препознава и селектира, а ученикот потоа може да си одбере и да си пушти песна од одбрана селекција фина музика од класична до рок, странска и македонска. Преку овој еко-џубокс, учениците ја развиваат својата еколошка свест за селекција и рециклирање отпад, за што генерално не се добро запознаении и информирани низ образовниот процес.

Ова е само едно, од многуте залагања на наставничката во овие 26 години колку што таа е просветен работник, за продуктивна, инспиративна и ефективна едукација која вистински ќе им пренесе знаење на младите генерации.

Нејзиниот труд не остана незабалежан и досега многупати била наградувана како добар пример за просветен работник. Неодамна го доби и престижното признание од Мајкрософт преку програмата The Microsoft Innovative Educator Expert (MIEE) која им се доделува на најзначајните едукатори-визионери на глобално ниво.

Ова беше само еден, од многуте поводи да ја контактираме наставничката Вељаноска, која во еден пријатен разговор ни раскажа за сите добри едукативни практики и за нејзините ставови и гледишта како до поголем прогрес во образованието.

Професорке Вељаноска, Мајкрософт преку својата програма The Microsoft Innovative Educator Expert (MIEE) Ве препозна како еден од најзначајните едукатори визионери за 2021/22 година на глобално ниво. На што Ви укажува ова признание, како лично го прифативте?

-Мајкрософт, во делот на образованието, има програма за едукатори во која има многу содржини со кои ги пласираат своите дигитални алатки. Со голем интерес проследив голем дел од курсевите и истовремено ги применував и во училница. Повикот за аплицирање се состоеше од проверка на знаењата и нивна примена, па така, цел процес беше заокружен со доделување на признанието Microsoft Innovative Educator Expert. Признанието ми значи многу, затоа што јас, но и група на наставници од нашата држава, сме на исто ниво со наставници од држави каде има многу поразвиени образовни системи. Уште повеќе ме радува затоа што сега сум во можност директно да ги следам новитетите, а преку мрежа на наставници од целиот свет да разменуваме примери на добри практитки. Од друга страна, чувствувам обврска моето знаење да го споделам со моите колеги и секако со моите ученици, да придонесеме наставата во нашите училишта да биде осовременета и да ги следиме и применуваме најновите дигитални иновации во нашето образованието.

Џубокс-Кантата за рециклирање, иновација на професорот Димитрија Ангелков, Вие ја имплементиравте во практичната настава и токму преку оваа идеја Ве „лоцираше" Фондот за иновации и технолошки развој. Како функционира овој еко-џубокс? Каков музички избор нуди? Како воопшто дојдовте до идејата?

-Во блиската околина на нашето училиште постојано имаше отпад кој учениците лежерно го фрлаа за време на одморите. Но, никогаш не гледав дека тие се виновни, затоа што во нашето училиште има многу добри и воспитани ученици. Проблемот го гледам во недоволно содржини од екологија во наставниот процес и целосна стратегија во овој сегмент, од најмала возраст. Но, размислував како да ги мотивирам учениците, како да се создадат навики. Од друга страна, како наставник по музичко образование, основна цел ми е да им помогнам на учениците да изградат критериуми за добра музика и сум во постојана борба сум поротив шунд музиката. Така од овие две појдовни точки настана џубокс машината. Машината функционира на принцип на вештачка интелигенција. Се фрла отпад, машината го препознава и го селектира. Со секој фрлен отпад учениците имаат можност да одберат песна од списокот, да го внесат бројот на песната на тастатурата и машината почнува со музика. Сега имаме чиста околина и слушаме добра музика. Листата на песни е внимателно одбрана и таа може да се менува и да се надополнува.

Која беше првата реакција на Вашите ученици кога им го презентиравте еко-џубоксот?

-Со учениците бевме заедно во целиот процес. Заедно го осмисливме проектот затоа што нашиот проблем беше заеднички. Со помош на колегите, во рамките на проектот, организиравме многу едукативни работилници за екологија кои учениците ги проследија со голем интерес, па почнаа да даваат свои предлози и иницијативи со што уште еднаш се потврди нивната подготвеност и акција за промени.

Интересно беше кога им ја спомнав идејата за џубокс, тие ме гледаа зачудено затоа што не знаеја за што се работи. Заедно истражувавме и им објаснив за ретро машината која е од времето на нивните родители па можеби и баби и дедовци кога немало youtube и смарт телефони. Само што овој пат паричката ја заменивме со отпад.

Од оваа временска дистанца, откако веќе помина одреден период откако кантата што пее е поставена во Вашето училиште, дали е постигнат ефектот и целта поради која и ја имплементиравте во образовниот процес?

-Да, секако. Учениците кантата ја користат редовно и се слуша добра музика за време на одморите со посебен акцент на ретро музика која тие најмалку ја слушаат во секојдневието. Но, размислуваме и за нови слични проекти како што е машина за електронски отпад. Голема придобивка од овој проект е и развивањето на свест за селектирање и важноста за околината, за што, потенцирам, учениците имаа многу малку информации.

Имате ли информации дали и други образовни институции го следеле Вашиот пример?

-Има голем интерес од колеги, посебно колеги-музичари за нашата машина и се надевам дека во скоро време ќе има повеќе вакви машини во нашите училишта за што веќе има најава за соработка. Но, посебно ме изненади интересот од колеги од странство затоа што овој проект го презентирав на европска конференција за наставници. По излагањето почнав да добивам голем број на пораки за соработка. Би издвоила професорка од Белорусија, која бараше да одобрам нашиот проект да се презентира на нејзините студенти. Па така фотографиите од учениците од Неготино кои селектираат со џубокс машина се најдоа на голем видео бим во амфитеатарот во Белорусија. Навистина сите заедно, јас и моите ученици бевме среќни и горди.

Меѓу престижните признанија со кои се потврдува Вашиот несебичен придонес како просветен работник, беше и Глобалната награда за наставници на годината, AKS Education Award. Какви критериуми треба да бидат исполнети за еден наставник да ја заслужи оваа награда?

-Номинацијата за оваа награда беше од мои колеги од нашата земја и странство. Во понатамошните селекции, потребно беше да се напишат сите проекти и награди и на крајот самоевалуација. Успешно ги поминав сите кругови по што на крајот следеше наградата. Тука би ја спомнала и наградата за најдобар наставник во регионот, преку здружението ,,An_ex_yu" каде членуваат наставници од бившите југословенски простори и каде критериумите беа дури и построги отколку на светските натпревари. Наградите се признание дека сум на прав пат, но и обврска да не застанувам. Сепак како поголем бенефит гледам на можноста дека овие награди ми отворија нови видици, пријателства, вебинари на актуелни теми, можности за нови проекти и достигнувања.

На странските организации не им е потребна мапа за да го препознаат добриот наставник. Ве пронајдоа и во една толку мала земја како нашата, затоа што личниот влог и иновацијата се главните критериуми. Но, колку нашиот образовен систем им нуди на просветните работници шанса и простор своите визии да ги реализираат во пракса?

-Неодамна, за прв пат во нашиот образовен систем имаше унапредување на наставниците, па така бев избрана за наставник ментор, што на некој начин беше признание за мојата досегашна работа, но и голем мотив за понатаму. Но, сите овие активности од претходно ги организирав самоиницијативно, па сметам дека е потребна поголема поддршка за професионалниот развој на наставниците. Исто така, според мене, потребна е поддршка за сите воннаставни активности, делот каде што учениците ќе можат да ги развиваат своите способности според афинитетите. Тие активности постојат и сега, но потребна е поголема организираност, техничка и финансиска поддршка.

Како функциониравте и функционирате со Вашите ученици во овој период полн со предизвици, особено за образовниот процес? Може ли да ни споделите некои позитивни практики што се покажаа како успешни во овие две „експериментални" учебни години?

-Изминатите две години беа голем предизвик за сите наставници и ученици. Иако наставата во училиштето не може да се замени со ништо, сепак, сите наставници се потрудија да го дадат својот максимум за наставата да се одвива непречено со далечинско учење. Но, ако се гледа светлата страна, имаше многу придобивки. Учениците преку ноќ ни станаа ученици на 21 век со здобивање на нови дигитални вештини. Исто така имаше голема можност за бесплатни обуки на наставниците за подобрување на дигиталните компетенции. Еве и сега со посебни протоколи се трудиме наставниот процес да тече а тоа ќе не направи посилни и уште еднаш да покажеме дека наставниците се подготвени за настава во различни услови. Да се надеваме дека што побрзо ќе заврши.

Во релацијата образовни институции-држава-ученици, според Вашето искуство на кој сегмент треба особено да се работи за да се зголеми еколошката свест кај младите генерации, со оглед на тоа дека загадувањето е еден од најсериозните и алармантни проблеми што нѐ засега сите?

-Потребна е промена во наставните програми каде екологијата многу повеќе ќе биде застапена. Потребна е едукација а тоа е всушност еколошко воспитување од најмала возраст.Но потребна е и промена во концептот на учење на екологија, да не се сведи на учење дефиниции, туку критичко размислување, до кај ќе стигнеме ако вака продолжиме. Треба да се осмисли стратегија, акции, делувања...Учениците се расположени за тоа, само треба иницијатива.

Која е наставничката Павлинка Вељаноска? Во што е најголемата сатисфакција во Вашата професија?

-Јас сум наставник по музичко образование 26 години и најголем благодет е учениците да ги воспитувате и образувате со музика, затоа што музиката кажува тоа што зборовите не можат да го кажат. Големо е задоволството да работам со хорот во моето училиште и со талентите кои ги има во голем број. Пред пандемијата имавме голем број на настапи, но и за време на пандемијата учествувавме на конкурси за детски песни каде освоивме награди па дури и еден настап во живо на меѓународниот натпревар ,,Душата на Русија" каде моја ученичка освои прво место. На сите ученици настојувам да им ја приближам музиката правејќи интеграција со природни науки, јазик, новинарство, секој според своите афинитети. А како да го направам тоа, ми помага следењето и примената на најновите трендови во педагогијата и дигиталните компетенции. Затоа моето мото е ,,Кога дуваат ветрови на промени некој гради ѕидови а некој ветерници". Јас сум со ветерниците...

Објавено:
18 февруари 2022
object(stdClass)#486 (8) { ["nid"]=> string(5) "27929" ["ga_count"]=> string(4) "1205" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690754400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.205 пати