пејач

Меѓу музичарите нема другарство

Интервју со
Александар Тарабунов
19 април 2017

Убавото време минатата недела, го искористивме за дружба со младиот пејач Александар Тарабунов. На домашната публика ѝ стана миленик пред девет години, преку учеството во бугарското издание на музчкото шоу „Идол“ . Оттогаш, со мали, но цврсти чекори, го гради својот пат на македонската јавна и музичка сцена.

На нашата средба дојде со велосипед и гитара на грб.

-Периодов почнав да вежбам, па деновите ми се со тоа окупирани. Возам велосипед многу, внимавам на исхрана, па постојано си готвам. Најчесто тоа е риба, пилешко, салати... Се трудам да јадам почесто, но квалитетна храна, а со оглед на тоа дека сум гурман, најмногу од сè сакам да уживам максимално во храната – ни кажа на почетокот Тарабунов.

Инаку, покрај обврските околу физичкиот изглед, неговиот ден е исполнет и со ангажаманите во Македонската опера и балет, каде работи како втор тенор, како и пробите околу последниот проект, мјузиклот посветен на Тоше Проески, „Тајно моја“.

- Ми беше доделен главниот машки лик Филип. Ова искуство ми донесе многу, научив нови работи. Интересно беше, тоа е сосема еден нов правец. Имав можност да глумам, танцувам и да пејам. Таков ангажман бара и многу кондиција, а со таа кондиција и дикција, во што ми помогнаа искусните актери со кои ја делев сцената како Тони Михајловски, Арна Шијак, Весна Петрушевска, Дејан Лилиќ, Игор Џамбазов – вели Александар.

Но, она што посебно го радувало е позитивната атмосфера за време на подготовките.

-Актерите многу поинтересно живеат од нас музичарите, многу повеќе се дружат, разговараат за тоа што го работат. Навистина убаво си поминав, дури во одреден момент се почувствував и јас како дел од таа фела.

На прашањето, дали тоа значи дека можеби и би ја сменил професијата, ќе каже:

-Па не знам... Мјузиклите ми лежат и би го работел тоа во иднина. Добив пофалби токму од искусните актери дека имам дарба и дека добро се снаоѓам во овој жанр.

Додека разговаравме, се подготвувавме и за фотографиите што ќе имате можност да ги видите во рамки на овој разговор. Непосреден и расположен, во тоа најде одлична забава, ни раскажуваше анегдоти и како луѓето честопати имаат погрешен впечаток за него.

-Сум сретнал луѓе што сметаат дека сум арогантен, дека со мене не може да се разговара, а напротив, јас сум многу комуникативен човек. Мене не ми е проблем да застанам и со секого да направам муабет - тоа и го правам. Сакам да се дружам, моето мото е дека колку повеќе пријатели имаш, толку си побогат човек, затоа што од секого можеш да научиш по нешто – смета тој.

Сепак, вели, најмногу учи од својот татко, што одлично се надоврза и на нашето прашање, каков е Ванчо Тарабунов како татко.

-Тоа значи дека до мене имам и живеам со голем уметник, во вистинска смисла на зборот.  Тој е динамичен и интересен човек, кој многу гласно зборува, што не е лесно секогаш. Но, од него навистина научив многу работи, што на ниту едно друго место ги нема, без разлика дали се работи за музика, или воопшто животот – како да се однесувам, да донесувам одлуки...  Кај него посебно го почитувам тоа што е праведен човек и што тоа што го мисли или му пречи го кажува в лице, без влакна на јазикот. Како созревам, така градиме сè подругарски однос - раскажува Александар.

Тој додава дека често го носи на неговите настапи и дека воопшто не чувствува никаков притисок.

-Во секој град од Македонија, татко ми има макар еден пријател, и тие наши заеднички патувања ги доживувам како авантура. Има деца на познати родители што паѓаат во нивна сенка. Тоа се случува и тука во Македонија, а и надвор. Јас во ниту еден момент не почувствував дека сум во сенка на мојот татко, напротив, презимето што тој веќе го оставил ми донело повеќе, ми се отвориле врати. Но, тоа не значи дека ургирал за нешто. Јас сам се борам за своето место, а и за различни музички стилови се работи. Тој е во народната, јас во поп-рок музиката. Ми помогнало тоа што го познаваат многу луѓе. Тие ќе кажат „Еве го синот на Тарабунов“, но и ќе додадат дека „И тој е добар“...  Ако си во нешто навистина добар, тогаш нема потреба да бидеш во сенка на родителите, може само да биде плус. Тој ме научи да свирам на гитара. Ми помага во компонирањето, почнавме и заеднички да работиме песни, народни, каде што јас правам музика, а тој текстот, и веќе докажани музичари ги снимија. Ми лежи народната музика, со неа сум растен. Татко ми навистина остави многу, а мислам како растам, дека сè повеќе личам на него и го одам патат како него. И генерално, моите родители се моите херои.

Додека разговараме и се фотографираме, во позадина оди музички избор на Тарабунов. Вели, слуша сè, во што и се уверивме -од актуелни хитови, преку грчка музика, до фанк и џез. А продолжи и темата околу хероите.

- Ја имам дарбата што, на гитара и клавир можам секоја песна во моментот да ја „фатам“, а да не сум ја вежбал. Тоа ми е во главата, и многумина ме прашувале како ми успева. Повеќе слушам постара музика, бидејќи мислам дека порано се создавала поквалитетна музика. Татко ми ми даде совет -  месец дена слушај квалитетна музика, па потоа престани, тогаш ќе почнат да ти доаѓаат идеи да компонираш музика, и навистина е така.. Сакам да слушам фанк, „Вајтснејк“, „Квин“, а таму имам многу херои од кои може да се научи што е квалитет, што е музика со душа. Ние денес немаме херои, личности на кои ќе им се восхитуваме, независно дали е тоа ќе е актер или музичар или некој друг... Глуво време дојде, каде што нема ни добар филм, ги има многу, не не добри, така и со музиката. Има квантитет, но нема квалитет. Сè се прави електронски, нема душа, нема уметност – смета Александар.

Талент поседува и неговата постара сестра Христина, чие име го има и истетовирано на едната рака, но пејачот вели дека таа не сака да се експонира. Знае да запее за своја душа, ја носи во себе, но не повеќе од тоа. Сепак, не пропушта да каже дека таа му е најголемата поддршка, која е тука за него во секое време и која се гордее со секој негов успех.

Иако живее со и од музиката, сепак има и некои други соништа. Го прашавме, да не е музичар што би бил, а тука се наметна повторно темата за готвењето и неговата животна желба.

-Да не сум музичар можеби би бил актер (се смее).... Не знам... Животна желба ми е да отворам морски ресторан. До пред некое време сакав и да ја реализирам, но професионалците од оваа област ме предомислија. Би сакал да имам ресторан што ќе се вика „Европа“, и да има морски специјалитети од цела Европа. Може на некој сега ќе му дадам идеја, па и пред мене ќе го реализира, но се надевам не (се смее). Сакам да има убава музика, амбиент, да си го однесам пијаниното во ресторанот, за секој што знае во секој момент да може да засвири. Тоа да биде мое катче каде што ќе се собираат уметници, каде што ќе се дружиме со колегите. Мислам дека тоа и ни недостасува на естрадата. Постарите колеги нè опоменуваат дека не се дружиме. Не знам зошто е тоа така, такво време дојде, никој со никого не разговара. Не сме како актериве, отворени да си кажеме работи. Секој гледа да биде подобар од другиот и тоа е ок. И јас сум за конкуренција, но дајте да разговараме, да бидеме другари, за да можеме да се бориме за некои работи. Така и музиката и работите поврзани со неа ќе бидат на повисоко ниво – смета Александар.

Таа слика за ресторан и море му е во главата и кога компонира.

-Кога компонирам тогаш врне. Кога е меланхолично, кога другите се депресивни, тогаш јас емотивно се отворам... Излегува музиката од мене. Тмурното време ми влијае креативно. А уште да сум на море, би било иделано. Но, и да не сум, во главата си замислувам дека пред мене имам море, дека седам во ресторан и до мене има една гитара. Само толку. Мислам дека тогаш би ги напишал најубавите песни.

Вели, за среќа многу малку ни е потребно.

-Можете да имате сè, но ако немате со кого да го споделите, тогаш сè е џабе. Сите целиме денес кон материјалното, но всушност треба да научиме да уживаме во малите работи. Кај себе сакам што сум ведар и весел човек и умеам да се радувам.

Еден од најсреќните моменти е токму музичкиот натпревар „Идол“.

- Како во сон ми е, навистина е една од најубавите работи што ми се случиле. Многу бргу се смени сè! До вчера бев сосема „обичен“ човек и наеднаш во две држави станав позната личност, на која ѝ се случуваат многу работи. Ми се јавуваа луѓе и ми кажуваа колку многу се зборува за „Идолот“ тука. Тоа е тв-шоу што те прави ѕвезда за пет минути. Во финалето имавме можност да зборуваме со Пол Ван Дајк. И тој ни рече: „За мене е победник тој што ќе остане на нозе после ова“. Секојдневно бевме на телевизија. Те гледаа како да си светска ѕвезда, одевме со обезбедување, девојчиња врескаа, а ти се чудиш што се случува. Тогаш имав 19 години... Уште еден за мене многу среќен момент беше и  кога добив награда за песната „Кажи кој те има“. Сите ми велеа дека таа песна ќе остане, и навистина е така што ми е многу драго – открива Тарабунов.

Иако од „Идол“ помина речиси деценија, тој сè уште е во контакт со дел од луѓето.

-Контактирам со многу луѓе, повеќето од нив се дизајнери, организатори... Тие работат како роботи, вистински професионалци се. Тоа кај нас го нема. Ние сакаме да лежиме, а да биде сè совршено. Тие влегуваат од проект во проект. Се случува и со месеци да не го виделе семејството... Буквално се во една машинерија, но тоа им се враќа и финансиски и со квалитет. Мислам дека кога и кај нас продуцентите би го загреале столчето така, работите би биле поинакви во сè. „Идолот“ беше меѓу првите шоу-а и тие беа интересни за народот. Сега секојдневно излегуваат нови, со нови ѕвезди, што не ни знаеме кој каде победил, кој расплакал жири, секојдневно некаде жирито плаче... Мислам дека тие изведувачи немаат многу поддршка. Убаво е сè тоа и искуство е, за кратко време те гледа широка народна маса, но после тоа шоу е вистинската работа - да имаш уникатна музика, оденесување, изглед, да вложуваш во себе. Ако сам не направиш и не сакаш да бидеш тоа ти, никој не може – порачува музичарот.

Разговорот го завршивме со идните планови на пејачот.

-Сега треба да се работи на летен хит. Сакам многу да вложам во видео, бидејќи такво време дојде, песна без добро видео нема да пројде. За тоа планирам да работам со некој од соседството, со продукција, дали ќе биде од Бугарија или од Србија, ќе видиме, но со сериозна продукција каде што ќе знам дека за парите што ќе ги вложам ќе добијам врвен производ – вели Тарабунов.

 

Комбинации: Магнетик Груп

Paul&Shark

Реализација: Fashionel.mk

Објавено:
19 април 2017
object(stdClass)#466 (8) { ["nid"]=> string(5) "16425" ["ga_count"]=> string(4) "1125" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690927200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.125 пати