Харфистка

Мерсиха Шукри: Во денешно време најтешко е да се биде едноставен

Интервју со
Мерсиха Шукри
17 април 2020

Семејството Шукри е македонски музички бренд, а Мерсиха Шукри е неговата кралица. Во духот борец, во ставот секогаш достојна, во умот со богат и бистар светоглед, а зад харфата грациозна. Дури човек и лично да не ја познава, кога ја гледате и слушате на нејзината матична сцена во Македонската филхармонија, добивате точна перцепција и чувство каква благородна енергија зрачи.

Добро познат е фактот дека таа е првиот студент на отсекот харфа на Факултетот за музичка уметност во Скопје и првиот магистер во оваа сфера во нашата земја, па експериментирањето по неразгазени патеки за неа е вообичаеност што пак од друга страна, ѝ помогнало да извојува многу животни битки во рингот на секојдневната реалност.

Фото: Маја Аргакијева

Како што ни наметнаа новите животни услови, разговорот со Мерсиха го направивме онлајн, секој од својот „карантин" разменувајќи си искуства за нашите внатрешни светови. Каков е светот на Мерсиха во изолација читате во продолжение.

Мерсиха, актуелната вонредна ситуација со својот распоред на рамки и рестрикции, му ги крати крилјата на уметникот или е дополнителна провокација да ги рашири?

-Дефинитивно провокација, за многу замислени проекти, за работа на самиот себе. Вистинскиот уметник секогаш создава уметност и кога условите можеби не се секогаш најадекватни. Периодов ни наметнува некои рамки и ограничувања во поглед на движењето и физичкото дистанцирање, но затоа имагинацијата и идеите се секогаш слободни и чекаат во некој агол за реализација.

Фото: Драган Митрески

Бизарно е како лошата ситуација, нè натера да трагаме по најчовечкото во нас, да се вратиме на есенцијалното. Солидарноста и хуманоста како да беа обезвреднети во модерното време, а новонастанатите услови повторно фрлија светло на нивната нужност. Какво е Вашето видување?

-Сметам дека новонастанатата ситуација со условите кои ги диктира е една голема опомена за целото човештво од она што е дом за сите луѓе – планетата земја. Генерално, човекот како да избега од вистинската патека на своето постоење. Во потрага и трчање за материјалното и хранење на егото и суетата, заборави на с'ржта. А тоа е мигот кој го живееме. Во тоа трчање, не ги забележа знаците на патот . И претходно сме имале опомени кои не сме ги забележувале и затоа сега создадовме, слободно можам да кажам една катастрофа. Ова време на катастрофа не' прави повеќе будни за да ја согледаме реалноста, а тоа е дека секогаш сме кршливи и дека секој е во опасност. Обично брзо и будно сонуваме правејќи планови за иднината, но кога ќе се случат моменти на опасност, тогаш стануваме свесни дека можеби и нема да има утре или иднина, дека ова е единствениот момент кој го имаме. Оваа катастрофа не' ни носи ништо ново, само едноставно не' буди. Со тоа се будат и сите оние подзаборавени нешта како хуманоста и солидарноста.

Фото: Јане Темелковски

Како изгледа Вашиот свет во изолација?

-Изолацијата во мојот живот е делумно присутна постојано. Имено, музиката поточно свирењето на инструмент бара повеќечасовно вежбање во текот на денот, а тоа подразбира изолирање во едно свое катче. Впрочем тоа го прават скоро сите уметници. Периодов кога сме изложени на поголема изолација, најмногу ми дава простор и време за работи за кои обично сум сакала да ги направам, а не сум успевала да ги постигнам. Дури се најдов себеси како ми недостига уште време за тоа. Секако на прво место е времето посветено со моето семејство. Таму е есенцијалното нешто за се' во животот. Тргнувајќи од воспитувањето како дете па се' до денес. Бројните разговори со моите родители кои секогаш имаат мудри и корисни нешта да споделат. Можноста заедно да правиме работи кои досега не сме успевале или да ги смениме на момент улогите. Пример, мајка ми да диригира, а татко ми да готви. 
Од друга страна, во мојот свет на изолација најмногу простор давам на менталната хигиена. Работам на себе. Го расчистувам товарот кој се наметнал од некои контакти и чувства кои произлегле од нив. Во тоа ми помага јогата, книгите со духовна содржина, харфата.

Фото: Бојан Стоилковски

Во овие кризни моменти, светот посведочи  колку е всушност моќна уметноста во обединувањето и солидаризацијата. Сметате ли дека беше потценета?

-Како што споменав погоре, кризните моменти нè будат. Периодов ја сфативме важноста на многу професии за кои претходно не сме ни обраќале толку внимание. Сведоци сме на бројните музички видеа кои произлегоа во овие изолирани денови. Можеби концертните сали се празни, но уметниците наоѓаат начин како да ја приближат својата уметност до аудиториумот. Иако физички оддалечени меѓусебно, сепак многу поблиску до сите љубители на уметноста, посебно музиката. Знам дека и остнатите области од уметноста најдоа начин за изразување.

Кога зборувам за уметност, би го издвоила готвењето како една една голема уметничка нишка која мислам дека најмногу беше потценета. Сведоци сме дека таа во овој период и те како се врати на голема врата и стана доста популарна.

Ако животот е една голема уметност, најмногу уметноста на живеењето беше потценета.

Шукри е бренд. Што значи тоа кога уметникот од вакво семејство треба да профилира свој личен музички идентитет?

-Во моето семејство, твориме тројца музичари. Татко ми, кој покрај својата професионална определба- контрабасот, најмногу познат по мандолинското музцирање и оркестрите кои ги формирал. Брат ми, виолинист и предагог, кој прави незаборавни и светски концерти со својот оркестар АРКО. Како најмлад член во семејството, растев покрај нив и гледав се' што прават и како ја создаваат уметноста. Кога започнав да чекорам и јас по нивните стапки, често ми велеа " тебе ти е лесно, имаш музичари во семејството или пак татко ти ќе ти помогне". За волја на вистината, еднинствената работа која сум ја добила од татко ми е само поддршка и совети за одредени работи или проблеми на кои сум наишла. И ден денес тоа е така. Точно, ние сме во роднинска врска и имаме исто презиме, но секој од нас делува на свој посебен начин и допринесува за културата во нашата земја. За жал, има случаеви кога не' ставаат сите заедно во ист кош без да ја видат и оценат нашата индивидуална работа.

Вие сте првиот студент на отсекот харфа на ФМУ. Како е да се оди по неразгазени патеки? Во еден разговор изјавивте дека Вашите студии биле еден голем експеримент...

-Токму така. Како првиот студент со кој се отвори отсекот харфа кај нас, се сретнав со низа препреки. Најпрво, затоа што немаше инструмент за да се одржува наставата и вежбањето. Секако и наставниот план по кој ќе се одвива наставата во текот на школувањето. Сето тоа беше ново за сите и на некој начин беше како еден голем експеримент. Од една страна беше навистина многу тешко бидејќи чекорев по патека која не знаев каде води, притоа пратена со безброј искушенија. Од друга страна, го сметам за благослов кој ми овозможи да се изградам како личност и уметник. Сите тие препреки и искушенија само ми даваа повеќе сила и верба во она што го правам. Можеби ми требаше повеќе време и вложување за да стигнам до одредени нешта, но ми даде и простор за да се изборам и успеам во она што го сакам. Мојата авантуристичка природа, за откривање на нови нешта ме наведе на овој пат, но љубоввта, истрајноста и напорната работа ме водеа низ сите препреки.

Каков е статусот на жените на уметничката сцена во нашата земја? Се чувствувате ли доволно и праведно вреднувани?

-Досега не сум наишла на било какво потценување гледано од женска страна. Тоа дури е и предност. Мислам дека праведното вреднување на уметничката сцена треба да биде според квалитетот пред се' како човек, а потоа и како уметник.

Фото: Маја Аргакијева

Во животот се соочивте и со лични, здравствени премрежја. Што учи човек во такви моменти на кршливост?

-Наидов на две големи премрежја во кои животот ми беше ставен во голема опасност и можност да го изгубам. Најпрво го преживувате шокот и потоа следи една голема реминисценција на се' дотогаш што сте правеле. Како едно големо будење и длабоко себеспознавање. Станувате свесни за сите оние мали нешта кои не сте ги приметувале претходно, се радувате и на најмалите ситници. Сфаќате дека сите луѓе сме исти, кршливи. Без разлика на професија, дали сме јавни личности или не, која вера, националност или раса сме – секому може да му се случи. Тука нема врски, протекции или било каков избор.

Во тие мигови, човек учи да биде благодарен за се' што има во животот. Со самото тоа и да ги цени вистинските нешта и посебно луѓето покрај себе. Раната е место каде најмногу светлина влегува. Таа светлина ми го расчисти опкружувањето , не само на луѓето туку и на мислите. Научив да се смеам повеќе, да низ шега ги поминам тешките мисли кои натежнале. Му се допаѓало некому или не, станав поискрена и со тоа ја задржав својата животна искра. Се' во животот поминува, и доброто и лошото. Секогаш се заблагодарувам на Универзумот – тој во секоја дадена ситуација ни дава онолку товар колку можеме да носиме со себе.

Колку е поблиска смртта, толку повеќе сфаќам дека животот е благослов.

Научив да имам трпение. Сите работи се сложени пред да станат едноставни.

Фото: Јане Темелковски

Што Ве храни духовно?

-Секојдневно се хранам духовно. За тоа никогаш нема доста. Само така можам да опстојам како личност.
Отсекогаш сум сметала дека духовноста ја носиме во себе. Таа не припаѓа на ниедна религија. Колку човек е повеќе духовно изграден толку повеќе сфаќа дека љубовта е единствената религија на сите нас. А таа љубов не живее ниту во џамијата ниту во црквата ниту во било кој друг свет храм. Таа живее во срцето на човекот. Самата молитва искажана на било кој јазик, доколку не е кажана од чисто срце, ја губи својата моќ.

Сакам да читам книги каде мудроста за животот е преточена во еден едноставен стил на искажување. Сепак тие се пишани од бројните искуства на самите автори. Во денешно време најтешко е да се биде едноставен.

Ги сакам патувањата. Искуставата кои се стекнуваат таму носат нова енергија. Природата секогаш ја има најубавата духовна храна. И секако музиката – таа е лек за сечија душа.

Многумина ќе кажат дека фазата во која сега се наоѓа светот е „рестaртирање". Што вели Вашиот инстинкт? На каде движиме?

-Искрено, се плашам дека ова т.н. рестартирање заради моменталната состојба во која се наоѓа светот е само моментално. Не сакам да звучи песимистично, сакам само реално да ги согледувам нештата. Од искуството досега, мислам дека човекот брзо заборава и се враќа на она што претходно го движело. Се' додека не ја научиме лекцијата, работите ќе се повторуваат. Трката за материјалните нешта никому не му носи добробит. Затоа крајно време е човекот да се сврти кон себе, посебно кон она што го носи во самиот себе. Тоа е оној момент на сегашноста кој треба да се препознае и да го води напред. Здравјето е единственото нешто кое нема цена.

Фото: Приватна архива

Објавено:
17 април 2020
object(stdClass)#478 (8) { ["nid"]=> string(5) "24043" ["ga_count"]=> string(3) "877" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690063200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690063200" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
877 пати