во домот на семејството Микиќ

Првата Нова година со Ена и Иво

Интервју со
Александар и Весна
29 декември 2015

Во овој празничен месец, вратите од својот дом ширум ни ги отворија Александар и Весна Микиќ. Уште невлезени, нè пречека една дрвена врата со изрезбано срце на неа, како најава за тоа што следи од другата страна на прагот.

Го поминавме дворчето и поѕвоневме. Ни отвори Микиќ, а зад него веднаш беше и Весна. Нè пречекаа како сто пати досега да сме биле кај нив. Релаксирани, расположени и пред сè свои. Или како што народот сака да каже – нормални.

Веднаш по првите чекори добредојде ни посакаа и Ена и Иво. Во почеток малку збунети, но многу лесно се прилагодија на нашето присуство  и расположени позираа пред објективот.

Инаку, во домот на семејството Микиќ нема класична дневна соба. Сè им е подредено на близнаците. Тие имаат свој простор и слобода да се движат како и каде сакаат.

- Кога почнаа да ни паѓаат, почнавме да стравуваме, затоа се потрудивме да им обезбедиме простор во кој ниту нив, ниту нас ќе нè боли главата – ни објасни Весна.

Оние што го познаваат Микиќ, велат дека тоа навистина личи на него. И додека децата си играа и позираа пред нашиот фотограф, ние се сместивме и го започнавме нашиот разговор.

Ова е нивна прва година од бракот, но велат дека нема голема разлика од тоа кога биле во врска.

- Ние претходно живеевме три и пол години заедно и прекрасно е, затоа и решивме да имаме деца – вели Весна.

-Бракот е заедница помеѓу двајца луѓе. Таа заедница би функционирала и како цимерлук, доколку ја нема љубовта. Љубовта е нешто што во секој брак треба да го има, затоа што тоа е движечка сила на целиот свет, не само на бракот. Сега за сега љубовта ни годи (се смее). Децата само ни го збогатија овој момент, ни даваат нова смисла, ново значење на целиот наш заеднички живот – се надоврза Александар.

И додека ние разговаравме, постојано се слушаше „разговорот“ меѓу шмекерот Иво, кој неодоливо потсетува на Микиќ и вистинската дама Ена, која е мала копија на мама.

Ги прашав Весна и Александар кажуваат ли по некој збор веќе:

- Тата, мама, баба... Баба или мама беше прво – се смее Весна.

- Сè уште не е оформено, се работи уште за бебешко гугање. Ама ние се „фураме“, кажа тато, кажа мама – искрен е Микиќ.

Иако сè уште се снаоѓаат во улогата на родители, велат дека сега е многу поедноставно отколку на почетокот.

- Кога се родија, на почетокот најтешко ми беше со таа тетра пелена што ја нарекуваат. Тоа не можев да го намотам. Сега искрено ги совладуам сите работи со леснотија, ништо не ми е тешко, само некогаш уморот и неспиењето прават да се чувствуваш исцрпено. И успивањето знае да биде проблем. Но, ако мене не ми оди, еве го доаѓа Микиќ и го решава проблемот (се смее). Многу често и сум сама, односно со мајка ми, бидејќи тој има често проби, некогаш и вечерни, ама ете имам сила и љубов и не можам да се пожалам – вели Весна.

На прашањето на што би сакале да ги научат децата, Микиќ е одлучен:

-Би сакал да ги научам на прави вредности. Ако успеам во тоа, ќе бидам многу задоволен. Да ги научам да имаат добро домашно воспитување, да знаат да ги препознаат правите вредности кога ќе ги видат во животот и да се стремат кон нив.

 - И да не ги разгалиме исто така – дополнува Весна.

За нивните стравови не говорат многу, бидејќи сега велат, насочени се кон децата. Како и секоја друга мајка, Весна во оваа возраст на Ена и Иво се грижи за тоа да не се повредат, да не паднат, да не голтнат нешто. Но, знае дека како што ќе поминува времето, така ќе стравува од нови нешта – каде одат, со кого се дружат итн. Сепак, со какви и стравови да се соочуваат, најважно од сè и на двајцата им е децата да им се живи и здрави.

Постои ли „поделеност“ на татина маза и мамин син, за Весна е често прашање:

- Тоа сите ме прашуваат – кого повеќе сакаш. Се чудам како можат тоа да ме прашаат бидејќи одговорот секако е дека исто ги сакам.

За тоа дека љубовта кон децата не може да се дели потврди и Микиќ:

- Кога ќе го земеш едното дете во раце мислиш него го сакаш најмногу. Потоа ќе го земеш другото и сфаќаш дека и него го сакаш најмногу. Она дете што има потреба, добива повеќе грижа во моментот. Ако на пример на едното му расте запче, кенкаво е, плаче, нормално дека со него повеќе време ќе поминеш, да го утешиш. Е затоа кога на друготот ќе му расте запче... (се смее).

Ова ќе биде првата Нова година во домот на семејството Микиќ со Ена и Иво. Возбудата не ја кријат, а ова беше совршен повод да ги прашам по што ги паметат празниците од детските денови:

- Кога бев дете, моите задолжително за Нова година купуваа природни елки. Тогаш се китеа такви. Татко ми купуваше елка до плафон, врвчето едвај стоеше, беше многу накитена. И не можев да дочекам Дедо Мраз следното утро нели, на први, да донесе пакетче. Станував прв и трчав да видам дали ме послушал во писмата што сум ги пишувал. Генерално, многу ги сакам овие празници, бидејќи почнувајќи од Св. Никола, што ни е домашна слава, па католички Божиќ, бидејќи дедо ми од на мајка ми страната го празнуваше, па од татко ми православен, постојано имаше празнично расположение. Тој период ми е во многу убаво сеќавање. Во секоја од куќите кога одевме (кај дедовците или кај моите),  беше прекрасно. Се надевам дека и моите деца ќе имаат такви убави сеќавања. Иако е студено времето, ја паметам топлата атмосфера. Многу убаво. Сега дома имаме и каминче, така што, ќе направиме да им биде како од бајките – раскажува Микиќ.

На Весна во сеќавање ѝ се бројните пакетчиња што ги добивала.

-Имав многу пакетчиња. Сите ми даваа – баба, дедо  ми, блиските роднини. Татко ми постојано ми велеше да излезам пред врата, бидејќи Дедо Мраз таму го оставил подарокот, за мене и за сестра ми. Секогаш имавме накитен дом.

Како некој што ужива во овие празници и приказната за Дедо Мраз, актерот бил многу тажен кога дознал дека вистината е поинаква.

-Тоа беше трауматично искуство. Бев во забавиште или прво одделение можеби и се расправавме. Јас бев убеден дека постои, бидејќи нели, јас лично го имав видено и правено муабет со него (се смее). Тие ми велеа дека не постои и тоа беше карање... Дојдов дома со плачење, да им кажам на моите дека не постои.

Весна пак, иако ја знае вистината, вели дека сè уште сака да верува.

-Мене толку ми е бајковита таа приказна за Дедо Мраз, што секако дека не постои, но додека таа магија се случува, ајде да веруваме.

На прагот на новата година, најчесто се сумира оваа на изминување. За нив 2015 несомнено беше и повеќе од среќна.

На прашањето, што направиле во 2015, а што им остана за 2016, Микиќ се пошегува:

-Во оваа година направивме две деца, а во следната уште две (се смее).

Иако и професионално за актерот оваа година беше и повеќе од успешна, тој со скромен тон раскажува за тоа. Затоа тука беше Весна, на вистинаки начин да го пофали, како што и заслужува.

-Тој направи многу работи. Минатата година сними и две кратки филмчиња и ги брзаше продуцентите, „ајде жена ми треба да се породи“ (се смее). Доби и „Златна бубамара“. На Микиќ му беше плодна, башка паричката се падна кај него лани.

-Да, така е... Се надевам и следната ќе ми се падне (се смее). Годинава имав премиери на филмови, што ги снимив од претходно. Снимив уште две-три филмчиња. Дел сум и од актерската екипа на претставите „Тероризам“ и „Мајсторот и Маргарита“.... – сподели Микиќ.

Александар повеќе пати досега беше прогласуван за актер со најмногу одиграни претстави. Сепак, за него предизвиците не се во наградите.

-Јас не играм за награди. Ако дојдат, добредојдени се. Играм бидејќи си ја сакам професијата и исполнет сум кога сум на сцена. Не играм за некоја цел, кога се награди во прашање.

Следната, 2016 година, ќе биде значајна за Весна бидејќи ѝ се враќа на харфата.

-2014 ми беше доста успешна. Особено втората половина. Успешно ин-витро, па стапивме во брак, па јас бремена магистрирав. Оваа 2015 година уште поуспешна бидејќи ги добивме Ена и Иво. А следната дефинитивно ѝ се враќам на харфата.

Таа љубов започнала уште во средно училиште, сосема случајно. На прв поглед.

-Во прва година требаше да се определиме за инструмент, а за харфа никој не ни знаеше дека има и таков кадар воопшто. Јас бев наставно-теоретски смер, со клавир и соло-пеење, ама соло-пеење не сакав никако. Се мислев што да правам и случајно одејќи низ ходник слушам прекрасен звук. Отидов до вратата од каде што доаѓаше звукот, тропнав, ја прашав професорката дали може да слушам. Останав таму речиси еден час и кога дојдов дома им ја соопштив одлуката – ќе свирам харфа и не само што ќе ми биде втор инструмент, туку сакам да се специјализирам понатаму. Татко ми не сакаше да слушне, затоа што прво, инструментот е премногу скап, второ е тежок за свирење. Всушност, нема лесен инструмент, но овој е мошне комплициран. Татко ми не сакаше да попушти, но и јас. На крај ме запиша и ми рече: „Ќе се мачиш цел живот без инструмент!“. Една харфа чини околу 15.000 евра. И навистина се мачев, после часови останував и до полноќ за да можам да вежбам. Се дружевме со чуварите (се смее). Но, се случи „Сенки“ и јас си купив харфа – раскажа Весна.

Во нивното семејство уметноста е во секоја пора. А креативноста Микиќ освен што ја искажува на сцена, ја искажува и обликува од дрво.

-Изработувам маски и други разни предмети од дрво. Самоук сум. Не знам од каде ми е љубовта конкретно за правење маски, едноставно имав порив да го правам тоа. Претходно ги правев од гипс, пресувана хартија, а откако го открив дрвото како материјал, ми носеше најмногу предизвик. Дрвото само по себе има некоја форма и јас само ги дообликувам работите. Кога ќе го видам, самото ми доаѓа во глава, морам да го направам. Но, не само тоа. Правам и столарски работи. Имав и една емисија, „Фати се за работа“, токму за такви работи -  маски, столчиња, плакари, лулашки – објаснува тој.

Некаде пред крајот на разговорот, ги прашав и што би си посакале еден на друг во новата година:

-Многу среќа, љубов нормално ќе добие и здравје и без секирации за децата. Исто така, на професионален план да остварува големи успеси. И патување – сподели Микиќ.

-Прво здравје, второ помалце работа (се смее). Се шегувам. Тој си ја сака професијата, филмот го сака, па следната нека му биде барем колку оваа успешна.

Семејството Микиќ ни го разубаве тој декемвриски ден. И уште по првите минути во нивниот дом ни стана јасно зошто има срце на влезната врата. Од сите предмети, ѕидови, тули зрачи љубов.

А и од нив двајца.

-Првиот збор што ми паѓа на ум за нашата врска е посветеност. Тој е многу посветен и кон мене и кон децата, огромна љубов, внимание и грижа покажува кон нас. Разбирањето е исто така едно од најважните нешта. Нашата врска е нешто најубаво - ќе каже Весна.

-Мислам дека имаме една прекрасна љубовна врска, што би сакал да потрае до бесконечност. Сè додека има љубов, која си ја даваме еден на друг, тоа е убавина. И посакувам на секој да го доживее тоа- рече Микиќ

А кон тие желби се придружуваме и ние!

Објавено:
29 декември 2015
object(stdClass)#518 (8) { ["nid"]=> string(5) "12715" ["ga_count"]=> string(5) "11625" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689199200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689199200" ["fb_count"]=> string(3) "496" }
Прочитано:
11.625 пати