Се наближува новото издание на „Таксират“, а дел од него ќе биде и групата „Београдски синдикат“. Сигурни сме дека дел од публиката ги знае уште од нивните почетоци, додека пак дел ги запознаа преку песната „Систем те лаже“, која беше олицетворение на политичката состојба на Балканот.
И генерално, нивните текстови се пресликана реалност од секојдневието. Она што нависитна треба да го знаете за живеачката, за политиката, за луѓето...
Имавме можност да поразговараме со еден од членовите на групата, Бошко Ќировиќ - Шкабо, кој уште на почетокот изрази задоволство што повторно се во Скопје, а потоа темите сами се нижеа.
-Ова не е наш прв настап на Таксират, а со тоа и во вашиот град. Минатиот пат бевме во 2013 година. Ни беше многу убаво. Некои од нас овде имаат и кумови, некои имаат доста професионални и приватни контакти... така што многу знаеме за вашиот град и го почитуваме.
Како изреагиравте кога добивте покана да бидете дел од годинашниот „Таксират“? Што ќе ѝ понудите на македонската публика?
-Ни беше многу драго што конечно се поклопија коцките да можеме повторно да дојдеме, бидејќи организаторите редовно нè викаат од таа 2013 година. И на тоа им благодарам од сè срце. А на публиката ќе ѝ понудиме вистинско синдикално рaпиште!
Некогаш беше „Братство и јединство“, што денес ги обединува државите од поранешна Југославија?
-Денес државите од поранешна СФРЈ воглавно ги обединува измамата на глобализациската пропаганда. Наместо да нè обединува свеста за заедничкото потекло и искрената желба да живееме во мир и соработка, сè повеќе нè етикетираат како некаков „регион“, како дел од јасната намера да продолжат да нè држат на периферија и од тука да црпат здравје и способност во замена за болест и отпад.
Колку чини слободната мисла денес?
-Слободната мисла никогаш немала, ниту ќе има цена. Ако инсинуирате на некои ограничувања на удобноста кои мора да ги трпи еден слободоумен човек, тогаш таа може на некој од страна да му изгледа страшна. Но, слободоумниот човек едноставно не гледа друга опција, така што ништо друго не е доволно страшно. Мислата која се продала, никогаш вистински не била ни слободна.
Сметате ли дека луѓето денес попрво би можеле да го замислат крајот на светот отколку крајот на капитализмот?
-Многумина сигурно да. Сепак, од друга страна, многумина никогаш не го ни прифатија ваквиот бездушен капитализам. Ние први веќе спроведуваме низа мерки кои го укинуваат тој капитализам.
Иако сте „Београдски синдикат“, вие всушност сте „синдикат на регионот“. Како „Синдикат“ во што би сакале најмногу да успеете?
-Најискрено, не го разбирам и не го прифаќам тој термин “регион“. Наметнување на истиот е дел од глобализациската пропаганда. Ние сме „Београдски синдикат“ и нема ништо лошо во тоа. Што има лошо во љубовта кон својот град и земјата и ширење на таа љубов низ целиот свет? Лично, најмногу би сакал да продолжиме да се дружиме и да делуваме во правец на ширење на споменатата љубов.
Често вашите песни, па и вас како група ве ставаат во различни политички контексти. Исто така, честопати бевте цензурирани, бојкотирани.. Се сменија ли работите низ годините и чувствувате ли дека сте под притисок?
-Од кога постоиме, по тоа прашање не се менува ништо, затоа што од самиот почеток се држиме до она што сме, односно до споменатата слободна мисла. За мене тоа е единствената позиција на која уметникот и смее да стои. На притисок одамна прилично отрпнавме.
Каде е уметноста во денешниот свет?
-На место на кое генерално отсекогаш била: во илегала, во шума, вон корпорациската мрежа...
Од што се плашите?
-Како и сите луѓе мислам дека најмногу се плашам од сите мои лоши чекори.
Се исплати ли денес да се ризикува?
-Ако под ризик подразбирате поместување од некоја лажно удобна позиција, единствено и тогаш се исплати да се ризикува. Животот е движење, а не стагнација.
Се сметате ли за пророци?
-„Нико од нас није пророк. Свако има неки порок. Свако је да падне моро, да би самог себе спозно.“ Београдски синдикат – „Синдикална прича“. („Никој од нас не е пророк. Секој имма некој порок. Секој да падне мораше, за самиот да се спознае“, Београдски синдикат – „Синдикална прича“).
Навистина ли ни беше подобро порано? Бевме ли ние подобри?
-Зависи. Зависи кој што работел и правел. Зависи кој што работи и прави. Зависи кој што ќе работи и прави. За искрено покајување никогаш не е доцна. За жал, никогаш не е доцна ни да се погреши.
Ќе дојде ли подобро утре? И како да останеме луѓе?
-Нема да дојде, но за него секогаш може да се избориме. Јас сум уверен дека човек се (о)станува со верба во својата добра природа, стапување во заедница со луѓе еднакви на себе и со најискрено и несебично давање во таа заедница. На моменти во животот сето тоа изгледа тешко, но верувам дека тоа е најздравиот и најприродниот след на работите.