Моден бренд

Мода и архитектура: ЕЛЕНА ЛУКА на совршен начин ги спојува двете димензии на уметноста

Интервју со
ЕЛЕНА ЛУКА
31 јули 2023

МОДА и АРХИТЕКТУРА...

Модата и архитектурата заедно му даваат форма, суштина и визија на светот околу нас.

Каде што модата ја пресретнува архитектурата, креативноста и визионерството не познаваат граници. Динамичната интерпретација на линии, текстури и форми е релација меѓу модата и архитектурата толку есенцијална, што е силно присутна во секојдневието. И во времето и во просторот. И естетски и функционално.

Овие два различни света, на многу нивоа се пресретнуваат и совршено комуницираат или едноставно засновани се на заеднички постулати: уметност, знаење и технологија.

Нивната игра постојано еволуира, на неочекувани и иновативни начини, прогресирајќи од меѓусебна инспирација до функционална интеракција.

Авангардна елеганција која преку слоевите волуменозни карнери ги интерпретира несекојдневните пропорции на современата архитектура.

Модниот дизајнер ги користи ткаенините, платната и пропорциите на човечкото тело за да создаде нослива конструкција и уметничка форма. Исто како што архитектот го користи бетонот, дрвото, каменот или цементот за да креира друга димензија на истата таа уметничка форма која добива намена како објект кој што треба да оствари функција и вредност.

Кога модата е инспирирана од архитектурата, добива величествена големина. Конструкцијата станува комплексна, а пропорциите несекојдневни. Се комуницира преку слоеви, волуменозни форми, прецизни мерки, ефективна визуелизација... И токму во тоа е возбудата и безвременоста...

Раскош доловен преку перфектно изведената конструкција што ја открива женственоста со целата нејзина грациозност.

ЕЛЕНА ЛУКА – Уникатен спој на двата света кој диктира животен стил

ЕЛЕНА ЛУКА е најуникатен пример кај нас што на најсуштински начин ги спојува световите на модата и архитектурата, естетски и функционално, во една ненадминлива димензија.

Вредностите што ЕЛЕНА ЛУКА ги застапува, подеднакво ги имплементира во двата контексти кои се истовремено авангардни, иновативни, автентични, единствени.

Колку што се вонвременски модните, исто толку се безвременски и архитектонските дела на брендот. Притоа меѓусебно се инспирираат, надополнуваат и совршено функционираат во една уметничка симбиоза. Така се дефинира животен стил кој е повеќедимензионален, кој презентира став, гледиште, начин на живот, уметност која се живее и во која се живее.

Комплексноста на архитектонските дела интерпретирани во модниот дизајн на ЕЛЕНА ЛУКА, доловуваат една вонвременска величественост. Силуетите се несекојдневни, со тоа и впечатливи и смели и вечно запаметени.

Токму таа приказна во која се пресретнуваат модата и архитектурата, ја раскажува нивниот најнов моден едиторијал, по многу нешта посебен. Прогресивноста на ЕЛЕНА ЛУКА досега многупати вклучувала различни арт концепти преку кои се доловувала таа бесконечна комуникација меѓу модата и архитектурата.

Божествената тоалета во корални нијасни во која се рефлектира совршената хармонија на зајдисонцето.

Овојпат, приказната е сместена во едно урбано сценарио – на нивниот нов ексклузивен објект во изградба „CONNECT 5+" во скопската населба Аеродром.

Низ четири уникатни креации, се раскажуваат различни сцени од патувањето до конечното остварување на сонот за перфектно организиран дом. Домот што ве очекува тука, во „CONNECT5+".

Дом којшто е рефлексија на вашиот животен стил, персонализиран според вашиот карактер и прилагоден на вашите потреби. Исто како и модните креации кои одразуваат став, кои имаат таква вредност и моќ да говорат за личноста која ги носи, преку јазикот на модата.

Уметност која се живее и уметност во која се живее.

Симбол на нов и убав почеток – венчаница во која се олицетворени и меморирани спомени, желби, соништа...

Модни архитекти

Интеракцијата меѓу модата и архитектурата е „виновникот" за многу дизајнерски дела што оставаат без здив, истовремено поместувајќи ги границите на невозможното...

Многу примери во светската модна индустрија илустрираат како модните дизајнери бидуваат модни архитекти кога прават авангардни исчекори од зоната на комфор. За реализација на своите дизајнерски идеи користат неконвенционални материјали од градежништвото, геометрија или дефинираат носливи архитектонски, скулптурални форми на граница меѓу реалноста и фикцијата.

Во излозите на познатите модни куќи или на нивните модни ревии низ годините, ќе препознаете силуети инспирирани од легендарни архитектонски дела или продолжување на нивната приказна низ призма на модниот дизајн. Така архитектурата станува движечка, нослива, оживеана.

Соработката меѓу архитекти како Заха Хадид, Рем Кулхас или Френк Гери со модни генијалци како Александар Меквин, Јоши Јамамото или Исеј Мијаке, само ја потврдува таа вродена и природна врска меѓу двете уметности.

Италијанскиот моден креатор Џанфранко Фере, го носел прекарот „Франк Лојд Рајт на италијанската мода" токму поради тоа што бил споредуван со познатиот американски архитект, поради неговиот „архитектонски" пристап кон модата што подразбирало често користење на геометриски, асиметрични линии и пропорции при создавањето на неговите креации.

Пјер Карден се смета за еден од пионерите на футуристичката мода и дизајнер кој „го скршил ледот" во новата ера на просторниот дизајн. Благодарение на неговото визионерство, на сцена стапија геометриските форми, кругот и триаголникот, комбинирани со микс на традиционални и нови синтетички материјали, што подоцна создадоа неповторливи линии препознатливи во целиот свет.

Пако Рабан кој инаку е дипломиран архитект, успеа да го прошири светогледот во модниот свет, откривајќи му дотогаш невидени начини на комбинирање на атипични материјали за модниот дизајн како пластика, хартија и метал. Токму тоа му ја донесе титулата футуристички дизајнер, иако себе си се сметаше за класичар, додека за неговите современици Сан Лоран, Живанши и Карден велеше дека се барокни дизајнери.

,,Модата е архитектура. Сè е во пропорциите'', Коко Шанел наједноставно ја објаснила таа бесконечна комуникација меѓу овие две димензии на уметноста кои одново и одново ни го прават секојдневието возбудливо.

 

Објавено:
31 јули 2023
object(stdClass)#508 (8) { ["nid"]=> string(5) "30693" ["ga_count"]=> string(3) "166" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
166 пати