студент по дизајн и инженеринг на облека

Моето време допрва доаѓа

Интервју со
Медаин Аслан
24 февруари 2017

Низ содржините на Fashionel.mk досега повеќе пати сте имале можност да прочитате за работата на млади дизајнери, нивната креативност и талент. Оваа недела се упативме на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје за да поразговараме со еден студент од Институтот за дизајн и инженеринг на облека, со што, со нов циклус се надоврзуваме на досегашните објави.

Неговото име е Медаин Аслан. Разговорот го водевме во студиото на Институтот, каде студентите ги изработуваат своите креации и теоријата ја спроведуваат во пракса.

-Ова е местото каде што го поминуваме времето од утро до мрак – ни вели на самиот влез.

На почетокот ни откри дека љубовта кон модата и дизајнирањето се јавува уште од најмала возраст, а благодарение на родителите успева да ја развива на вистински начин, со соодветно образование.

- Имајќи мајка што работи секојдневно со кроење фустани, растев играјќи покрај нејзините шаблони. Кога на родителите им соопштив што сакам да студирам и со што да се занимавам во животот, беа многу среќни, особено бидејќи сум првиот од семејството што ќе го наследи занаетот. Навистина имам огромна поддршка од нив и тие се многу заслужни за тоа што јас стасав до тука – го започнува разговорот Медаин.

Инаку, со талентот на Аслан се запознавме минатата година, на годишната ревија на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека, а потоа и на групната ревија со која беа дел од последното издание на Моден викенд Скопје.

Тој потенцира дека е горд што е дел од втората генерација од новата програма на Институтот. Вели, оваа насока многу ветува, а еден од најголемите промотори на истата е професорката Лидија Георгиева, под чие менторство и се одвива работата на студентите.

- Најмногу ме интересира авангардниот дизајн. Знам дека тоа не се секојдневни креации, но ми се допаѓа вниманието што го предизвикува. Дизајнот не е само нослива облека, туку и иновативност. Важно е и од што се изработува и затоа и необични материјали ми се предизвик. Верувам дека ќе останам доследен на мојот сензибилитет и понатаму – изјави Аслан.

На споменатиот Моден викенд Скопје, како дел од поголема ревија на студентите од ТМФ, тој учествуваше со два модела.

-Еден од нив беше изработен со коса, а другиот со коноп. Идејата за фустанот со коса, беше да направам модел што ќе биде поврзан со човечкото тело. Значи, ако нешто се зема од човечкото тело (во овој случај коса), да се смета или со други зборови, да биде употребен како дел на истото тело. За изработката на овој модел беа користени 15 перики. Кај вториот модел со коноп пак, инспирација беа неколкуте лабораториски вежби, каде работевме со различни материјали. Со конопот идејата беше да се вратиме малку на потеклото, традицијата, со нешто силно, нешто што поврзува, што е едноставно, но истовремено и моќно. Конопот ги имаше тие карактеристики. Преку 120 метри коноп беа користени само во здолништето, број што кажува многу за исцрпната работа на добивање на овој модел – објаснува Медаин, кој конкретно за таа креација работел интензивно цел месец.

Со оглед дека е четврта година, го прашав што планира по завршувањето на студиите.

- Сега за сега, мојата цел е неколку годишна специјализација во некој од главните светски центри - Милано, Париз, за надградба на моето теориско и практично знаење во врска со женската облека. Повеќе ме интересира креирањето женска облека. Не дека машката не е интересна, но женското тело дозволува повеќе игра со кроевите, силуетите, деталите – смета студентот.

Иако е вљубеник во аванградниот дизајн, сепак со љубов зборува и за „класичната мода“, па затоа и не изненадува неговиот избор на идол или модна икона.

-Можеби ова ќе се смени низ годините, меѓутоа моментално се восхитувам на креациите на Коко Шанел и нејзината работа. И покрај тоа што ја сакам авангардата, ја сакам и класиката, бидејќи оттаму почнува сè – раскажува Медаин.

Класиката му е поблиска и кога е неговиот личен стил во прашање. Вели, секогаш сака да е скромно облечен, црната е една од најдоминантните бои во неговиот гардеробер, затоа што така се чувствува удобно, но особено бидејќи сета креативност и внимание сака да биде насочено кон тоа што го работи, а не кон него лично. Не е љубител ниту на модни додатоци. На раката носи кожени алки, но и еден прстен, кој за него има посебно значење.

-Тоа е подарок од личност која ме поддржува од дете, па сè до сега и затоа секогаш го носам со мене – открива идниот дизајнер.

Оттаму, го прашав и кој е најдобриот совет што некогаш го добил или го памети, или некое мото во животот, а тој вели:

-Сум добил повеќе такви, но еден од оние што најмногу ги паметам е од брат ми. После една од првите ревии на кои работев, ми кажа: „Ова е само почеток“. Денес, навистина, сметам дека моето време допрва доаѓа. Потребно е уште многу работа и јас работам за тоа време.

На испраќање, полн со благодарност, сподели со нас дека посебно е среќен бидејќи има полна поддршка и од колегите.

-Навистина многу убаво се дружиме, меѓусебно се поддржуваме. Сложни сме. Дури и на активностите надвор од факултетот, дружбата после предавањата, ако само еден од нас не може да присуствува, тогаш никој не оди. Едноставно, така е тоа кај нас – вели гордо.

На крајот, разговорот го завршивме со тоа како тој се замислува за 10-15 години.

-Ја следам нашата модна сцена и верувам дека има иднина. Сметам дека новата генерација прави нешто што порано не се практикувало толку. Треба да веруваш во тоа што го правиш и да бидеш задоволен од својата работа. И верувам дека секој ќе си го најде своето место под небото. А за мене, да се спомне моето име кај идните генерации, како еден од најдобрите дизајнери на авангардниот дизајн, ќе е доволно – вели амбициозниот Медаин.

А нам пак, не ни останува ништо освен да му посакаме среќа и остварување на соништата, на кои се надеваме ќе посведочиме.

 

 

Локација: студио на Институтот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко Металуршкиот факултет

реализација: Fashionel.mk

Објавено:
24 февруари 2017
object(stdClass)#497 (8) { ["nid"]=> string(5) "15935" ["ga_count"]=> string(4) "2623" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1689544800" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1689544800" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
2.623 пати