Доколку сте вљубеничка во патувањата и колоритот, тогаш голема е веројатноста во вашата колекција накит да имате барем едно парче од убавините на Александра Иванова. Доколку не, тоа е задача за ова лето. Оваа талентирана дизајнерка на накит која работи под брендот Софија Филигранска, ги исполнува и најволшебните желби на нејзините клиенти, цртајќи фантастични делови од нивните омилени градови. Најнови во нејзината колекција се инспиративните ѓердани со истата подлога што таа досега ја користи, на која овојпат смести пролетни сушени цветови што изгледаат поромантично од што и да е. Покрај за девојките, таа има и одличен избор модни додатоци и за мажи, меѓу кои и популарните колоритни, дрвени вратоврски што се толку уникатни и впечатливи што се совршен подарок за секој маж.
Во продолжение, дознајте сѐ за нејзината работа, за техниките со кои таа се користи, но дознајте и по нешто за нејзините нови парчиња и она што следно планира да го работи.
-Какви сонови сонува Александра Иванова?
Сонот е скица на реалноста...свесно сонувам...си ја создавам сама својата реалност...си ја цртам и бојам ...и ете ја..
-Го наследивте ли од некого Вашиот исклучителен талент за цртање и создавање мали богатства?
Талентот е наследство од креаторот на сѐ создадено....ние сме кокреатори ...создавачи на реалност...можеме сѐ што ќе замислиме да направиме ...ликовниот талент е некоја варијанта на тој творечки импулс што татне во нас....и вика на цел глас..направи ме (се смее).
-Какви материјали користите при изработката на ѓерданите и шик вратоврските?
За изработка на ѓерданите користам медијапан премачкан со сликарска подлога, погодна да прима боја - за мене важен елемент во изразувањето ... Боите се најразлични ..претежно фломастери, акварел и на крајот лакирање заради зачувување на бојата....и VOILA!
-За кого се наменети Вашите дизајни?
Mоите дизајни се наменети за сите кои ќе се препознаат себеси во нив...во илустрираните приказни за градовите, боите, креативниот порив, сите кои ќе помислат ,,Леле, ова е за мене направено“, сите кои ќе се насмеат широко кога ќе ги видат ....сите кои сакаат да сонуваат со отворени очи и веруваат во своите соништа...и магијата наречена живот!
-Ние сме заљубени во колоритните цртежи на прекрасните ѓердани што ги изработувате! Зошто сликате токму градови, од каде инспирацијата и почетоците на овие прекрасни дела?
Се насобираа идеи како подземни води ...и еднаш одлучив дека ќе направам сѐ што замислив, макар и во еден примерок...и се зафатив со идејата некои мои стари цртежи со градови од пред десетина години можеби, да ги ставам на едно парче накит, барем...но, тоа парче накит стана копнеж на многумина и се случи цела колекција. Јас го реализирав она за кое сонував повеќе време да го направам тоа парче со град, самите ланчиња станаа симбол на остварувањето на сонот, и тие градови кои јас ги имав цртано на почетокот, повлекоа уште многу други градови кои биле соништа на некој и станаа чекор поблиску, до тој град, до тој сон...
-Имате ли некое омилено парче што сте го создале досега на кое особено се гордеете?
Немам омилено парче. Омилена ми е состојбата во која се замислуваат и материјализираат идеите, радоста и трепетот, детска сосема...„Еве го....дааа...убаво е“...моментот, што е рамен на животот, постоењето, зошто целиот процес е креативен, значаен, кога ти замислуваш, копнееш, сакаш да направиш, па си збунет како...И наеднаш се отелотворува и ти скокаш од радост и другиот го препознава и сте соединети во среќата . За мене парчето е носител на креативниот порив сокриен во секого и инспирира секој да открие дека е дел од тоа, самиот е тоа..
-Заинтересирани ли се мажите кај нас за ваков вид колоритни пеперутка вратоврски?
Мојата слика за вратоврските е иста како и за ѓерданите и во неа може секој да се препознае. Деца сме, повикани на радост...Зошто еден маж не би бил заинтересиран за радоста на животот?
-Со каков стајлинг (облека) се комбинираат пеперутка вратоврските што ги изработувате?
Пеперутките се комбинираат со отворено срце....облечено во било што...
-Можеме ли да очекуваме наскоро да почнете да пишувате пораки на Вашите дела?
Тоа наскоро е сега веќе (се смее). Во реализација ми е колекцијата „Нослива поезија“, или „Поезија за носење“, самата сум нетрпелива за дореализацијата....Ти благодарам што ме улови во лет!
-На кои познати личности би сакале да видите некое од Вашите дела?
Сакам секој да ги носи. Најголемото откритие на секој човек е дека е единствен, неповторлив значаен....Тој кој ќе го сознае за себе тоа, сакам да ги носи, сакам секој тоа да го знае, сакамммм!
-Какви се вашите идни планови и што по вратоврските?
Излезе новата цветна колекција од истата подлога на која има композиција од собрани цветови пролетва, притиснати во книги....и прелиени со епоксидна смола која дава стаклест сјаен ефект во завршницата. Остварување на уште една идеа од списокот „Направи ме“... И секако колекцијата, „Нослива поезија“ или „Поезија за носење„ стигнува скоро.
-Каде може да се најдат парчињата од вашите колекции?
Најчеста средба на тоа кое го правам и оние кои се препознаваат во правењето ...кои и самите се тоа...е интернетот....за мене прекрасен простор...бескраен...и полна сум со благодарност зошто ни се открил и можеме во него да се шириме од тука до секаде....