Моника Белучи: Зрелата жена не го губи својот шарм

Интервју со •
11 декември 2014

Филмската индустрија неодамна ги брануваше медиумите со веста за новата Бонд девојка. Станува збор за жената чиј природен шарм едноставно ги плени дури и најприбирливите, италијанската актерка Моника Белучи.

Дивата се најде на насловната страна на италијанската едиција на списанието „Vanity Fair“, каде покрај прекрасните фотографии, даде и ексклузивно интервју, во кое проговори за новиот филмски ангажман, но откри детали и за приватниот живот. Интервјуто е правено во едно кафуле во Париз, каде, како што вели новинарот во интервјуто, буквално сите биле обземени од безвремнската убавина и елегантната појава на Белучи.

Имено, тема за интервјуто е најновиот филм од серијалот за британскиот таен агент Џејмс Бонд, кои ќе носи наслов „Спектра“ – кратенка за измислената тајна меѓународна организација. Снимањето на филмот чија премиера е закажана за 23 октомври 2015 година во Лондон, започнува веќе од идната недела, а режисер е Сем Мендес, кој го режираше и претходниот филм за агентот 007.

Улогата на Бонд по четврти пат ја има британскиот актер Даниел Крејг (46), а неговите партнерки овојпат се Моника Белучи и Леа Сејдо. „Негативецот“, во најновото продолжение на Џејмс Бонд ќе биде двојниот оскаровец, Кристоф Волц.

Белучи во интервјуто за италијански „Vanity Fair“, вели дека и претставува голема чест што таа е новата Бонд – дама. Имено, ова е втор случај Бонд девојката да биде повозрасна од самиот агент. Досега рекордот го држеше Онор Блекмен во филмот „Goldfinger“, која играше рамо до рамо со Шон Конери кој тогаш имаше 34 години, а таа 39. Во тоа време тоа било навистина скандалозна одлука, но меѓутоа денес возраста на жената повеќе не е табу тема. Британските таблоиди, веќе посочија на возраста на Белучи и ја нагласија разликата во годините. Имено, актерката во септември оваа година наполни 50 години, а Крејг има 46. Сепак, да се држиме до старата народна: „Жената е како вино, колку е постара, дотолку е подобра“, а Моника Белучи е синоним за многу повеќе.

На прашањата да открие нешто повеќе околу новото продолжение на Бонд Серијалот, филмот „Спектра“, Белучи е многу оскудна во одговорите и вели дека договорот ја обврзува на тајност и сега за сега не може многу да открие.

„Она што можам да ви го кажам е дека во филмот ја играм улогата на една Италијанка, по име Лучија. Со снимања почнувам во јануари, а голем дел од моите сцени ќе се снимаат токму во мојата матична земја, Италија. Инаку улогата ми ја предложи самиот Сем Мендес, кој ме покани на ручек во Лондон. Толку можам да ви откријам“, вели Белучи.

На прашањето дали некогаш помислила дека ќе биде дел од армијата Бонд – девојки,, италијанската актерка одговара дека, една актерка од нејзин калибар размислува буквално за сè. Сепак, додава дека не очекувала дека токму на оваа возраст ќе ја има честа да биде дел од Бонд семејството.

„Навистина не знам како да ти објаснам, знам само едно, дека во мојот живот важните работи доаѓаат со задоцнување. Првата ќерка ја добив на 40 години, а втората на 45, Бонд на 50. Кај мене ништо не е случајно се е веќе добро однапред смислено и договорено, само треба да почекам“, низ смеа одговара актерката и додава дека во новиот Бонд филм, се нуди еден поинаков начин на гледање на жените во шоу – бизнисот.

„Кетрин Денев, Изабел Ипер, Шарлот Рамплинг, сè сеуште активни во голем број рекламни кампањи и изгледаат неверојатно секси и заводливо и покрај фактот што се веќе во педесеттите. Зрела жена не може да го изгуби својот шарм. Ако жената достигнала одредена возраст не значи дека таа престанува да биде атрактивна, убава и посакувана, па дури и секси. Всушност, годините ни одат во прилог, верувајте ми.“

Прекрасната Белучи откри дека овој јубилеен роденден бил еден од поубавите кои ги прославила.

„Никогаш не сум била „party girl“, па родендените обично ги прославував, сама во некоја хотелска соба или филмски сет. Оваа година решив да го соберам семејството и најблиските пријатели. Уживав навистина“, открива една најубавите жени на светот и додава дека животот бил навистина убав за неа.

„Јас сум здрава и жива, ништо не ми фали, имам две прекрасни ќерки и меѓу нас циркулира една посебна позитивна енергија. Времето не учи како да ги прифатиме и убавите и лошите работи во животот и како на крајот од денот да им се радуваме на малите нешта. Колку и да звучат клише тие ‘мали нешта’ така е. Кант во една прилика вели: ‘Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене. Нема потреба од ништо друго’“.

За својата колешка во филмот Леа Сејдо, одговара дека воопшто не ја гледа како конкуренција, првенствено заради нејзините години кои се граничат со возраста на нејзините две ќерки Дева и Леона.

Во поглед на приватниот живот, актерката многу искрено говори за раскинот на осумнаесет годишната врска со Винсент Касел, за кој вели дека се во одлични односи и дека тој е навистина прекрасен татко.

„Винсент е навистина прекрасен и покрај фактот што нашата идила за среќно семејство не успеа. Додворувачи имам, но не ми се важни во моментов. Знаете во овие неколку месеци колку што сме разделени со Винсент, трагам по себе и пробувам да се пронајдам . Сега се соочувам со една поинаква слобода, ама немам намера затоа да коментирам јавно“, вели на крајот Белучи.

 

 

Објавено:
11 декември 2014
bool(false)