Неодамна прочитав една статија во која се вели дека е потребно да го познавате педијатарот на вашето дете уште пред тоа да се роди, за заедно да ги надминете сите стравови на млади родители кои сè уште не знаат што навистина ги чека. Доктор Марина Поп-Лазарова е повеќе од педијатар. Неа ќе сакате да ја зачувате и како пријател. Како шеф на педијатрија и неонаталогија во приватната болница Ре Медика, досега им има помогнато на огромен број родители да се соочат со сите предизвици што ги носи ова ново патување, а сосема на крајот, сè за доброто на нивните најмили. Ние имавме огромна чест да поминеме едно претпладне со неа и да разговараме на многу теми што веруваме дека ќе ве интересираат, а стана збор и за 8.Март и рамноправноста на жените во нејзината професија. Таа ќе каже дека да може да бира уште илјада пати, повторно би била педијатар и дека нема поголема сатисфакција во светот од онаа да се грижиш за дечиња. Таа на сите дами им го честита празникот, а до родителите има многу апели за кои читате во продолжение.
-Да можете повторно да бирате, би ја одбрале ли истава професија?
Дефинитивно да. Некогаш во животот чудни случки одлучуваат која професија ќе ја одберете. Се случува некој склоп на околности кои ви ја детерминираат судбината. Јас сум пресреќна што можам да кажам дека цел живот работам со млада популација, на изворот на животот, со новородени деца и мислам дека нема замена за тоа што го добивате како возврат, како енергија, како сатисфакција за успешната соработка и партнерство со родителите во третманот и негата на најмладите пациенти.
-Сметате ли Вие дека мажите и жените педијатри во Македонија се рамноправни?
Апсолутно да. Тоа е вистина затоа што не можам да најдам разлика, искрено. Ни од аспект на почит, ни од професионален однос, ни од почит кон пациентите, ни од делење на правата и обврските како професиoналци. Навистина не можам да кажам дека има некаква разлика.
-Како Вие гледате на празникот 8.Март и начинот на кој се прославува кај нас?
Историски гледано, 8.Март било голема победа во времето кога жените се бореле за своето место во општеството и навистина е за респект тоа што го имаат направено тие славни жени. Мислам дека денеска е малку тривијално. Но, потребно е да постои бидејќи на тој ден некако се потсетуваме на улогата на жената во општеството, во семејството, во колективот, во еден поширок и потесен контекст. Мислам дека празнувањето на тој празник е повеќе за афирмација на жените како рамноправни чинители во функционирање на општествениот, но и семејниот живот. И во тој контекст, убаво е, и секоја жена убаво го доживува датумот кога се потсетуваме на тоа дека жената си го заслужува своето место.
-Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате секојдневно?
Мислам дека многу е важно кога ќе ја одберете професијата, да се пронајдете во истата. Ако ја чувствувате, ако ја сакате, ако сте исполнети, нема нешто што е тешко. Значи се посветувате максимално, тоа пациентите го чувствуваат и имаме многу добра взаемна соработка што мене ми е многу драго. Педијатрите треба да се партнери заедно со родителите во третманот, во грижата за здравјето на децата секојдневно, не само кога имаат проблем, туку и кога ги растат, за децата да останат здрави, среќни и задоволни. Работејќи во ординација, секојдневно добивајќи голем број пораки од родителите кои бараат совети, сето тоа е дел од здравственото просветување и морам да кажам дека 24/7, бидеќи децата не знаат кога е ноќе, дење, празник или викенд. Родителите секогаш ми велат, замислете сè се случува во петок или навечер. Замислете им реков, тоа е Марфи. Тоа е тоа со кое што мора да расчистите кога ќе одберете одредена професија, мора да се посветите, бидејќи децата имаат големи барања и се деликатни пациенти. На пример, денеска добив порака во која една мајка ме прашува што да прави, бидејќи детето земало и изело малку од нејзината пудра, друга пак ме прашува „што да правам, детето ми падна од кревет“...Тоа се ситуации кои се прилично сериозни, замислете родителите тоа го делат со вас бидејќи вие сте тие кои се грижите за здравјето на нивните деца. Навистина, ова е многу одговорна работа и предизвикот е токму тоа, да се посветите на таа работа целосно. Да го чувствувате моментот на ургентност, да му помогнете на детето, бидејќи кај децата промените се случуваат многу брзо и треба да ги следите. Да знаете што е ургентно, што не е, да ги усмерите родителите во кој момент што да сторат, како да му помогнат на детето пред сè, а потоа и на себе. Родителството е многу одговорна работа.
-Важите за еден од омилените педијатри на дечињата во Македонија... Кој е вистинскиот пристап кога „плачливо“ дете ќе влезе во ординацијата?
Ви благодарам за комплиментот, јас навистина се трудам. Почнувајќи од нашите шарени униформи кои веќе 15 години ги имаме во Ре Медика, секакви инспиративни ликови, сето тоа е дел од демистификацијата додека се воспостави контакт. Се трудиме да бидеме пријателски расположени кон децата, а тие тоа го чувствуваат. Секогаш имаме по некое чоколадо, лижавче, балони за дување, имаме сè со што малку ги дефокусираме децата и ги анимираме и притоа го завршуваме прегледот. Класичните прегледи, „седни да те прегледам“, не функционираат, особено ако детето не се чувствува добро. Секогаш мора да ја процените ситуацијата во која се наоѓа детето. Втора многу важна работа, е тоа да не ги одделувате од родителите. Тогаш ситуацијата станува уште постресна за детето. Мајката секогаш го гушка детето, таа му асистира на педијатарот во прегледот. Тогаш можете полесно да му пријдете, бидејќи се чувствува заштитено. Или со таткото, секако. Мора да има некој со кој детето ќе чувствува сигурност. Прегледот секогаш мора да се направи на начин што ќе биде најмалку трауматичен за детето.
-Кои се најголемите стравови на младите родители денеска?
Родителите секогаш некако почнуваат, знаете ние имаме едно глупаво прашање...(се смее). Не, тоа е сосема во ред, одговорноста на родителите јас комплетно ја разбирам. Знаете добивате детенце во рака, кое има 3.500 килограми, кое не знае да зборува, знае само да плаче, тоа е комуникација за сè и имате одговорност за која сте се подготвувале девет месеци. Сите очи се вперени кон вас, бидејќи вие сте мајка на детето и треба да знаете сè (се смее). Тука треба да ѝ се помогне на мајката. Дали тоа што го прави го прави добро, дали треба нешто да се корегира и да се надминат нејзините стравови и да се соочи со нив. Токму поради тоа во Ре Медика имаме едукативнаа програма за сите овие теми. Имаме и практичен дел пред да си одат дома, кога заедно со сестрите ги бањаат децата, се грижат за папокот, за очите, за хигиена на кожа, за пеленската регија...Сето тоа го правиме на најпристапен начин за да може мајките да ги „наоружаме“ со вештини за да можат сами да се грижат за нивните деца и како правилно да го прават тоа. Стравовите се реални, тука се и оправдани се, бидејќи имате тон емоции, од друга страна еден реален притисок, една психолошка напнатост, дали сето тоа ќе биде во ред и дали знам како да се справам со ситуацијата. Тоа е голема одговорност, а уште кога ќе почне да плаче, тогаш...Улогата е да бидете тука како бекап. Затоа имаме контакт со родителите 24/7, бидејќи првите четири недели се најтешки. Токму тоа им треба, некој да им каже дека е добро, дека детето не е гладно, дека грчевите се нормални...
-Почнува пролетта, сезона на алергии. Како превентивно да се справиме со оваа појава кај дечињата? Можно ли е некако да се реагира на време да се ублажат симптомите?
Говорејќи за алергиите како една од „придобивките“ на цивилизацискиот современ начин на живеење, морам да кажам дека се во пораст и статистиките тоа го потврдуваат. Докажано е дека децата кои се на мајчино млеко во првите шест месеци, го намалуваат ризикот од појава на алергии. Во семејства каде што имаме алергиска конституција, препорачуваме мајките да дојдат до шест месеци за да можеме да го намалиме ризикот од алергии. Втора работа што ја правиме е даваме хипоалергено млеко таму каде што мајките не дојат, или сè уште се во процес. Сите деца кои се родени со царски рез, добиваат хипоалергено млеко. Истото важи и за сите деца кои во семејството имаат историја на алергии. Но, секогаш и пред сè, доење. Колострумот е апсолутно многу важен за заштита и тоа не смее да се пропушти. Правиме максимално сè што можеме од стручен аспект и ги имаме тие средства, да им помогнеме на мајките да дојат, вклучително и стручна помош од персоналот. Мораме да почнеме од почетокот, а тоа е доењето.
-Со убавото време, зачестени се прошетките и активностите во природа. Колку престојот надвор е важен за развојот на детето и од кога може новороденчињата да се изнесуваат надвор?
По редот на нештата, првите неколку недели се адаптација на семејството кон бебето и обратно. Треба да си ги запознае сопствените родители, креветчето, каде се наоѓа... Тој период на транзиција воопшто не е едноставен бидејќи мајките треба да научат да дојат, почнуваат грчевите, проблеми со варењето, а тоа не е едноставен период. Тогаш, треба повеќе внимание да се посвети на семејството како целина во домот. Веќе после третата недела, може постепено да се излегува надвор и секако, треба. Имаме среќа да живееме во солидни климатски услови кои треба да се искористат. Кога најмалите се изнесуваат надвор, тоа мора да се прави постепено, по неколку минути за почеток, па се зголемува времето за детето да се навикне на тој амбиент. Ако замислите каде било, па од каде дошло во надворешниот свет, па стигнува дома и вие одма сакате да го социјализирате и да го шетате. Морате да гледате од аспект на потребите на бебето, мора да му дадете шанса да се адаптира, а кога тоа ќе се случи, тоа ќе ужува надвор. Во други околности, тоа може да биде мачилиште. Само што сте се спакувале и сте излегле надвор, детето ја вклучува „сирената“ и неутешно плаче. Мора да ги следите неговите потреби секогаш. Третиот месец е идеален период, тогаш завршуваат грчевите, доењето е усогласено, детето знае кога е гладно и веќе покажува интерес за околината. Можете да го носите во „кенгур“ кон напред и може да се социјализира. Тоа е правото време. Во однос на поголемите дечиња, престојот надвор е неизбежен. Секогаш кога имаат можност, децата секогаш треба да бидат ангажирани со физичка активност пред сè. Децата имаат многу енергија, а таа треба да се усмери некаде. Тоа секако не е со телефонот на фотелја. Дајте малку отворете им ги другите природни потреби на децата каде што ќе може да ја испразнат енергијата. Од аспект на природни потреби на децата, тие сакаат дружење, физички активности, природа....динамични се. Така се развиваат одредени вештини, затоа што играњето топка, возењето велосипед, тоа се вештини на кои мора да ги научите, тоа е моторика и координација. По редот на нештата, многу е важно да го знаете афинитетот на детето и второ да го стимулирате неговиот интерес. Само со такви вештини, детето ќе добие правилен раст и развој.
-Родителите сè повеќе ги користат електронските уреди како „бебиситерка“ во одредени моменти кога треба да завршат нешто. Колку истите му пречат на детето и како кога веќе се навикнати, да ги одвикнеме од таа навика, а да не е доцна?
Да, и тоа бесплатна „бебиситерка“. Прво погледнете ги родителите, колку често ги користат тие уреди. Јас би почнала од таму. Децата само го повторуваат она што го гледаат. Тие ве гледаат вас како родители, колку вие често сте фиксирани и не им посветувате внимание и тоа трае. Тогаш си викаат: Замислете, родителите си играат со нешто што е интересно, па нормално е и јас да сакам да видам што е тоа. Тоа е како кога ќе го седнете детето на маса и сака да проба од она што вие го јадете. Тоа е исто и со електронските уреди. Родителите мора да почнат од себе, да сфатат колку се зависни од тој уред и да сфатат колку тој им го краде нивното лично време. Ако се тоа социјални медиуми, многу е деликатно колку е тоа социјализирање добро. Многу е важно родителите прво да дадат соодветен пример. Не можете да му кажете дека ќе го сакнционирате или дека ќе му лимитирате нешто, а вие самите го користите неограничено. Децата по природа се многу правдољубиви. Тие точно ве гледаат и ве анализираат во секој момент. Од изразот на лицето, од начинот како го правите тоа, од гестот, од емоциите, верувајте, тие се „сунѓери“. Тие ќе ве изненадат кога ќе ви вратат со нешто што вие не сте биле ни свесни дека сте го направиле или сте го кажале. Јас би почнала од родителите, не од децата, искрено. Апелирам до родителите, да поведат сметка сами за себе, да видат колку се зависни од тие уреди, колку се тие дел од нивниот живот, дали им помагаат или им одмагаат и колку е тоа соодветна супституција и после ќе сфатаа колку тие му требаат и на детето. На детето му треба прегратка, игра, насмевка, му треба внимание. Тоа уредот не го дава. На детето му треба воспитување, некој да му каже што е добро, а што не. Лимитирано користење на бејби сајтови, на музика, на стимулативни игри е дел од алатките што можат родителите да ги користат за да помогнат во развојот на детето, но стимулативно и креативно и секако, контролирано. Но, да почнеме од себе.
-Кои според Вас се најдобрите развојни активности и кога е најдобро да се почне со истите?
Генерално, родителите треба да знаат дека за децата сè е стимулација и игра. Во сето тоа мора да проценат што е опасно, што е безбедно, а безбедноста треба да биде на прво место, бидејќи децата не знаат. Тие не препознаваат опасност, за нив ова е тотално непознато окружување. Родителите мора да бидат внимателни, знаете дека децата сè сакаат да видат, да допрат, децата окружувањето го сфаќаат како предизвик. Мора сите остри површини да се заштитат, сите опасности да се заштитат, мора да размислувате од аспект на детето секогаш. Апчињата на пример децата ги гледаат како бонбони, а не знаат дека тоа се опасни медикаменти. Сите тие ситуации се опасни. Родителите секогаш треба да ја перцепираат интегрално секоја ситуација во која го оставаат детето. Малку недостасува. Детето нема критериуми, тоа не знае да процени опасност, нема искуство. Тоа би било апел. Секогаш мора да размислувате од аспект на детето.
-Изминатиов период актуелна беше епидемијата со морбили и вакцинацијата. Деновиве беше објавена голема студија од Данска која потврдува дека вакцините немаат поврзаност со аутизмот како најголем страв на родителите. Какво е Вашето мислење за целата ситуација?
И нема. Досегашните студии навистина покажаа дека нема поврзаност. Мора да кажам дека имаме дечиња со аутизам кои воопшто не примиле вакцина. Не е тоа тоа. Тоа сето се појави поистоветувајќи го периодот кога аутизмот се забележува, после 12, 13 месеци кога и се дава оваа вакцина, па има некое поклопување. Аутизмот има милион различни симптоми. Тука е тој емоционален дел кога се развива детето, па се забележува одредена регресија во одреден момент. Поистоветувањето е со возраста, не директно со вакцините. Искрено, како педијатар, мислам дека мораме да ги потенцираме придобивките од вакцините од аспект на заштита на животот на луѓето, пред сè на децата кои се најподложни на овие болести. Многу често ќе кажат па знаете, ние немаме такви болести. Па да, немам зашто се вакцинираме. Многу ретко се зборува за туберкулоза, но ние имаме вакцинација која што се одвива веќе 60. 70 години. Но, во минатото тоа било сериозно заболување. За да го заштитите своето дете, постои начин што се вика вакцина. Родителите многу сериозно мора да размислат кога ја преземаат одговорноста да не го вакцинираат своето дете. Тоа е сериозна одговорност. Јас се согласувам дека детето треба да биде во добра кондиција за да може да се вакцинира. На тој начин ја објективизирате имунолошката состојба на детето и ако крвната и општа слика се добри, тогаш велиме, да ова дете може да се вакцинира. Ако реакциите се појават, сега конкретно зборувам за вакцината за морбили, ќе се појават некаде меѓу седмиот и десетиот ден. Важно е во тој период, детето да не оди во градинка, да не се меша со други деца, може да се разболи. Детето веќе се бори и реагира на самата вакцина, и тоа не му е потребно. И во однос на нус ефектите, тоа се најчесто осип и температура кои не траат повеќе од 24 часа, ништо посебно. Но, децата и во тој период изгледаат здрави. Тоа е дел што може, а и не мора да се случи. Колективниот имунитет е многу важен, бидејќи ако вие во голема мерка се вакцинирате, зборам како популација, тогаш вирусот нема да најде домаќини каде што ќе се множи. Домаќин е невакцинирано лице. И вакцинирано дете може да заболи, но многу се поблаги симптомите, многу е симболична болеста бидејќи детето има имунитет.
-Ние сме портал што се занимава со мода, па сосема накусо, како би го опишале Вашиот личен стил? Во што се чувствувате најуодбно?
Од дома не излегувам без шминка. Зборувам за минималистичка шминка секако, но нешто што ќе даде некаква боја и свежина. Секогаш треба да имате пријатен изглед сами за себе, а потоа и за окружувањето. И парфем, секако. Модата е работа која што ја оставам на оние кои се занимаваат со тоа, кои апсолутно ги почитувам и верувам во градење на индивидуален стил, односно и така и се однесувам во животот. Секогаш носам нешто што ќе ми е удобно, што во денови ја одразува мојата психичка состојба и расположение. Има денови кога сакате цвеќиња, па носите цвеќиња, има денови кога сакате нешто темно кога сакате да бидете свои и позатворени за околината и тоа е во ред за некоја изградена личност. Искрено да кажам, внатрешното чувство треба да биде одраз на она што го носите во себе и тоа треба да се негува.