Суперхикс

На новите генерации им се „продаваат“ погрешни херои

Интервју со
Петар Младеновски
11 декември 2017

На 15-ти декември сите ќе Рампарарамизираме во малата сала на Вип арената „Борис Трајковски" каде Суперхикс ќе ја заокружат оваа за нив успешна година, со еден мега опуштен супер концерт.

Задолжително понесете си го позитивното расположение и вашите најдобри „танцови" способности, песните и онака ги знаете од прва до последна строфа и се гледаме на концерт!

Во меѓувреме поразговаравме со Пеце, кој покрај тоа што ни откри детали за концертот во петок, ни направи и една кратка ретроспектива на 2017 година, а ни најави и дека веќе почнале да заокружуваат датуми за турнеи за 2018 година.

Уживајте во интервјуто во продолжение:

Каква беше 2017 за Суперхикс?

-Сосема ок! Неколку концерти, фестивал во Дрезден, Нов албум на ЦД, а подоцна и на нашиот прв Винил. Спот за „Луда главо" и за „Мојот дом". Конечно поголем соло концерт во Скопје... Сосема ок!

Годинава ќе ја заокружите со рампарарамизирачки концерт... Како ќе го „спакувате" овој предновогодишен подарок за вашите фанови?

-Ќе го спакуваме со сите салтанати. Со групата ВИЗИЈА како локална поддршка, со многу гости, посебно светлосно шоу и ефекти и ќе претрчаме и преку новите и преку старите хитови со 2 и кусур часовно шоу и жур!

Концертот го организирате под слоганот „Рампарамизирање со хероите на многу генерации". Кој е твојот став, имаат ли херои денешниве млади генерации? А кои се хероите на твојата генерација?

-На новите генерации им се "продаваат" погрешни херои... За жал онаа машина за пропаганда која ги величела истите со години и им отстапила толку многу (непотребен) простор на нашите медиуми, успеа во намерата од нив да направи „херои". Тешко ќе оди повратот во нормала. Инаку се беше поинаку во „мое време". Нашите херои беа Рамонс, Клеш, Нирвана, Леб и Сол , Дарко Панчев, Бојан Крижај, Металика...

Во октомври направивте промоција на винилното издание на „Underground Evergreens". Слуша ли сѐ уште нашата публика винили и како вашите фанови го прифатија овој „ретро" потег?

-Слуша одреден број од нашата публика винили ама слуша пасионирано и посветено! Тоа се тие неколку стотици консументи на винилот кои би дале се за омилениот албум да го имаат на плоча. Потегот не е воопшто „ретро" според мене... Винилот се врати на голема врата и се продава на годишно ниво пак во неколку стотици милиони копии. Нашиот винил е во специјална едиција објавен со само 150 колор винил изданија (портокалов винил) и 350 од регуларните на кои фановите им се израдуваа.

Кои се твоите омилени винил изданија?

-Ramones-Leave Home, Dance Crase- 2 tone Ska Compilation, Clash-London Calling, Elvis Costello-The best of, Dire Straits-Brothers in Arms, Pixies- Doolittle.

Пеце ти годинава беше учесник на трибината „Рокенролот како саундтрак за новото Министерство за култура на РМ" на која се отворија повеќе прашања меѓу кои и она за положбата на рок - музичарите на домашната сцена. Има ли некое суштинско подобрување после оваа иницијатива?

-За сега нема никакво поместување, но да оставиме малку простор и време му дадеме шанса на новиот состав во Министерството за култура да поработи на оваа состојба па повторно ќе ти одговорам за една година од сега. Најтрагична е ситуацијата со телевизиите ... За жал таму нема простор повеќе ни за рокери ни за попери ни за никого од домашната сцена. Резервирани се за трубо фолк изведувачи од соседството.

А каков е „саундтракот" на едно просечно македонско секојдневие?

-Ќе испееш едно кафе сабајле, ќе се потрудиш некако да го „отсвириш" месецот со сите проблеми и радости кои ги носи, на крајот на денот ќе „испееш" неколку ракии и ете ти еден просечен македонски „саундтрак".

Почнавте ли да заокружувате датуми за концерти во календарот за 2018?

-Во план се мини евро турнеја некаде во април и еден многу интересен „биг бендовски" проект за истиот период од годината..ама не би откривал премногу и предвреме.

Што нема да посакаш за претстојната година?

-Болести, сиромаштија, војна, зли мисли, алчност, ниски вредности, турбо фолк, природни катастрофи...

 

Објавено:
11 декември 2017
object(stdClass)#451 (8) { ["nid"]=> string(5) "18105" ["ga_count"]=> string(3) "461" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1680732000" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
461 пати